Црква „Св. Софија“ — Охрид

црква во Охрид, Македонија
(Пренасочено од Св. Софија (Охрид))

Света Софијакатедрален црковен храм во стариот дел на градот Охрид во југозападниот дел на Република Македонија. Посветена е на Христос како Божествена Премудрост т.е. Св. Софија. Оваа црква претставува еден од најзначајните знаменитости во Македонија со нејзината средновековна архитектура и фрески.

Црква Света Софија
Црквата Света Софија, од воздух.
Основни податоци
МестоОхрид, Македонија
ПрипадностМакедонска православна црква
Архитектонски опис
Архитектонски стилвизантиски
Завршенран XI век

Ова е една од најголемите средновековни цркви на овие простори. Во еден долг временски период таа била соборна црква на Охридската архиепископија, која својата црковна власт ја протегала на територијата на север од Дунав, до албанските брегови на запад и до Солунскиот Залив на исток.

Покрај нејзиното значење како знаменитост, внатрешноста на црквата и нејзиниот двор и колонада претставуваат важно место за одржување на културни збиднувања како концерти и драмски претстави.

Историја

уреди

Рана историја

уреди

Црквата Света Софија е подигната по големата мисија на Св. Кирил и Методиј врз темелите на стара сакрална градба. Најверојатно таа служела како катедрала уште во времето на цар Самуил, кој кон крајот на X век својата престолнина ја пренел од Преспа во Охрид. Според други извори пак, на истото место во времето на царот Самуил постоела црква, која од непознати причини била разурната. Времето на изградбата не може точно да се утврди, бидејќи не е зачуван ниту еден натпис што би упатувал на тоа. За денешната црква се споменува дека била изградена (или обновена) за време на архиепископот Лав, кој во времето од 1035 до 1056 година се наоѓал на престолот на црквата. Овој истакнат црковен поглавар станал ктитор на сликарската декорација на Света Софија.

Првобитно црквата имала само една главна купола, а во XIV век било изградено раскошното надоврешно предворие. По својата првобитна форма таа им припаѓала на трокорабни базилики со трансепт, купола и галерии на бочните бродови. Уште во XI век имала и припрата, а над северното и јужното одделение на олтарот биле формирани посебни капели. Вака оформениот објект, скоро три века подоцна, во времето на архиепископот Григориј, добил припрата- градба која го презентирал врвот на архитектонска култура во Македонија од XIV век. Издолжената припрата е концепирана во хоризонтала, со портик во приземјето и галерии на катот, а на северната и јужната страна од Григориевата галерија се креваат посебни одделенија со кули.

Отоманска историја

уреди
 
Црквата и нејзиното окружување во 1863 г.

Во втората половина на XV век црквата била претворена во џамија и тогаш биле извршени најголемите измени. Сите фрески биле покриени со вар, куполата на црквата е струшена и срамнета со покривот, додека пак старата олтарна мермерна преграда со пластична декорација била отстранета, и од мермерот во наосот кон југозапад е подигнат мимбар, а над северозападните кубиња подигнати се минариња.[1]

Кон средината на XIX век во Охрид престојувал истакнатиот руски славист Виктор Григорович. Епохално откритие на славистот Виктор Григорович било пронаоѓањето на ракописите на „Опширното житие“ за св. Климент Охридски од охридскиот архиепископ Теофилакт од XII век и на Краткото житие за св. Климент Охридски од архиепископот Димитриј Хоматијан од XIII век во охридската црква Св. Богородица Перивлепта.

Во текот на 1912 г. била користена како складиште за оружје.

Современа историја

уреди

Веднаш по Втората светска војна биле преземени мерки, овој споменик да се зачува од натамошно пропаѓање. Во 1949 година започнало чистењето на фреските, кои биле варосани од Османлиите. Истовремено било извршено и нивно копирање за изложбата „Средновековната уметност на народите на Југославија“ која се одржало во палатата Шајо во Париз.

Во текот на систематските работи со кои раководеле експертите на Заводот за заштита на спомениците на културата на Македонија, кои започнале во 1951 година, а завршиле по шест години, биле откриени сите фрески и истите заштитени од натамошно пропаѓање. Од јужниот ѕид биле симнувани според најновите конзерваторски методи што се применувале во Италија.

Со помош на специјални рамови повторно биле враќани на нивните места. Ова симнување на фреските било потребно за да не се оштетат при враќањето на јужниот ѕид, кој бил навален 60 см, така што постоела опасност од негово уривање. Враќањето на ѕидот било извршено 1953 година на најсовремен начин.

Фреските биле исчистени и конзервирани, а покрај тоа биле извршени и архитектонски зафати. Живописот на оваа црква бил од врвен дострел во средновековното сликарство во Македонија и пошироко. Тоа е времето кога Охрид бил под непосредна власт на Цариградската патријаршија. Станува збор за најзначајните зачувани делови на византиското монументално сликарство. Ктиторот на живописот, архиепископот Лав, еден од најобразованите луѓе во тоа време, непосредно влијаел при изборот на композициите што се насликани во XI век.

Внатрешноста на црквата е зачувана со нејзините фрески од XI век, XII и XIII век, кои го претставуваат врвот на византиското фрескосликарство во своето време. Главниот дел од црквата е изграден во XI век, додека надворешните надоградби се изградени по наредба на архиепископот Григориј I во XIV век.

Фрескопис

уреди

Повеќе од шеесетина насликани фигури на најистакнати патријарси, епископи и ѓакони се распоредени на долните површини на сите делови во олтарскиот простор. Најбројни и најугледно место, во централниот дел на олтарот, се ликовите на поглаварите на Цариградската патријаршија: Свети Василиј Велики, Свети Јован Златоуст и Свети Григориј Богослов, насликани во долниот појас, меѓу прозорите на главната апсида.

Фигурите на шестемина римски папи се насликани во бочниот простор на ѓаконикот; со тоа се одразува односот меѓу Цариградската и Римската црква, пред расцепот во 1054 година. Во тоа време, Леон, ктиторот морал да предвиди и римски папи, затоа што тие биле заедница, иако уште во 1025 година започнале кавгите меѓу Цариград и Рим. Од овие римски папи досега се идентификувани само четворица. Тоа се Климент, Григориј, Силвестар и истоименикот на ктиторот, Леон. Според научните сознанија единствено во Света Софија, во најголемата галерија на архијереи во светот, насликани се заедно шестмина римски папи, а таков случај не бил познат во византиската уметност и во уметноста на словенските земји[2].

Во помал број овде се застапени и претставници на Александриската, Ерусалимската и Антиохиската патријаршија, на Кипарската архиепископија и на старите угледни малоазиски епископии. Меѓу овие великодостојници се и ликовите на словенските просветители — Св. Кирил Филозоф, Св. Методиј и нивниот ученик Св. Климент Охридски - на јужниот ѕид од ѓаконикот.

Галерија

уреди

Св. Софија како мотив во уметноста

уреди

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Цркви во Првата Охридска парохија“. Дебарско-кичевска епархија. Архивирано од изворникот на 2014-06-20. Посетено на 2011-01-28.
  2. http://www.kralemarko.org.mk/default-mk.asp?ItemID=44936E01158B7244B469BD30E8F8FBFA
  3. Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 28.

Надворешни врски

уреди

41°6′43.52″N 20°47′38.81″E / 41.1120889° СГШ; 20.7941139° ИГД / 41.1120889; 20.7941139