Ѓакон

свештенослужителско звање

Ѓакон (грчки: διάκος) — свештено лице што му помага на свештеникот при богослужба. Припадник на најнискиот од трите чина во црковната хиерархија [1]. Во христијанската црква оваа позиција е главно поврзана со некој вид на служба на Бога. Иако во минатото имале позначајни улоги, денес се главно само помош при литургиите.

Грчки ѓакон во црквата на Рождеството Христово во Витлеем

Историја

уреди

Ѓаконите се спомнуваат уште од апостолско време. Имено, бидејќи апостолите се наоѓале на чело на црквата, нивната прва и основна служба била проповедање за Исус Христос и неговото учење. Но, кога бројот на ученици се зголемил, а грижите околу управувањето на црковните општини се намножиле, апостолите предложиле да се изберат посебни луѓе кои ќе ја преземат грижата околу административните и други работи: „Не е праведно ние да го оставиме Божјото слово и да служиме околу трпезите. Затоа, браќа, изберете меѓу себе седум мажи, со добар углед, полни со Светиот Дух и мудрост, на кои ќе им ја довериме таа должност, а ние и натаму ќе им се оддадеме на молитвата и на службата на словото.” (Дап. 6,2-4). Тогаш избрале седуммина (Стефан, Филип, Прохор, Никифор, Тимон, Пармен и Николај), кои црквата ги нарекува ѓакони.

Во почетокот на христијанството, во апостолско време, во црквата служеле и постари, набожни жени наречени – ѓакониси (грчки: διακονίσσαι). Со текот на времето, оваа служба исчезнала. Ѓаконите пред сѐ имале литургиска и катихетска функција, но во некои случаи вршеле и мисионерска служба и проповедале (Дап 7,2; 8,5).

Ѓаконите во Римокатоличката црква

уреди

Во средниот век, важноста на ѓаконот во католичката црква се намалува, а тој станува втор од трите „повисоки редови“ (субѓакони, ѓакони и свештенство). Оттогаш, ѓаконот е само асистент на свечената литургија. Но, на Запад, за разлика од источните цркви, ѓаконот може редовно да крсти и да присуствува на венчавка. Вториот ватикански совет им дава можност на бискупите да ја обноват институцијата траен ѓаконат. Во многу цркви на Запад, трајните ѓаконати одамна се прифатени како реалност. Покрај тоа, субѓаконатот бил укинат, а ѓаконатот станал првиот ред во кој може да се зареде.

Секој свештеник прво станува ѓакон, а потоа свештеник. Во поново време, црквата ракоположува за ѓакони и женети мажи кои доживотно остануваат ѓакони и не можат да станат свештеници. Секој ѓакон може да крсти, да венчава, да погребува, да проповеда и да ги причестува болните. Не може да служи света миса да се измери, да исповеда и да дели помазание на болните, служби кои му припаѓаат на свештеникот.

Ѓаконите во православните цркви

уреди

Ѓаконот во православните цркви е свештенослужителски чин и почетен степен на црковната ерархија, посветен со хиротонија. Ѓаконот е ракоположен од епископот, а во богослужбите им помага на епископите и презвитерите. Службата на ѓаконите се нарекува ѓаконија (грч. διακονία), но тој збор се наоѓа во Новиот завет не само како значење на службата на ѓаконот (Рим 12,7), туку и како воопштено значење на службата (Евр 1,14), службата на пророците, апостолите (1 Тим 1,12; Дап 1,17). Постојат ѓакони во световниот (мирски) и монашки ред (јероѓакон), со почесните титули – протоѓакон за мирскиот, и архиѓакон, за монашкиот.

Ѓаконова одежда

уреди

Одеждата на ѓаконот се состои од: орар, стихар и нараквици.

Наводи

уреди
  1. Велковска, Снежана; Конески, Кирил (2006). Толковен речник на македонскиот јазик. III. Скопје: Институт за македонски јазик„Крсте Мисирков“. ISBN 978-9989-640-70-4.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди