Оваа статија е за глумецот. За неговиот татко, види Роберт де Ниро Сениор.

Роберт де Ниро
Де Ниро во 2011 година на Филмскиот Фестивал во Трибека на премиерата на Клубот Бенг Бенг
Роден(а)Роберт де Ниро, Јуниор
17 август 1943(1943-08-17)(81 г.)
Њујорк Сити
НационалностАмериканско и Италијанско
ДржавјанствоАмериканско и Италијанско
ЗанимањеГлумец, режисер, продуцент
Активен период1959—денес
СопружникДајен Абот (1976 — 88)
Грејс Хајтауер (1997—денес)
РодителиРоберт де Ниро,Сениор (починат)
Вирџинија Адмирал (почината)

Роберт де Ниро Јуниор (роден на 17 август 1943 година) — американски глумец, режисер и продуцент. Се смета дека е еден од најдобрите глумци на својата генерација. Неговата прва поголема филмска улога беше во филмот Полека Удирај Го Тапанот, во 1973 година. Во 1974 година, го играше младиот Вито Корлеоне во Кум 2, за којашто улога доби награда за најдобар спореден глумец.

Неговата долгогодишна соработка со Мартин Скорсезе започна во 1973 година со филмот Злобни Улици, а Де Ниро доби награда за најдобар глумец за улогата на Џејк ЛаМота во филмот од 1980 година, Разгневениот Бик. Исто така тој беше именуван за награда за своите улоги во филмовите на Скорсезе, Таксист (1976 г.) и ‘Рт на Стравот (1991 г.). Исто така, беше именуван за својата глума во филмовите: Ловец на Елени на режисерот Мајкл Чимино од (1978 г.) и Будење на Пени Маршал (1990 г.).

Доби четири номинации за наградара Златен Глобус за најдобар глумец во мјузикл или комедија: Њујорк, Њујорк (1977), Пред Полноќ (1988), Анализирај го Ова (1999) и Запознај ги Родителите (2000).

Ран живот

уреди

Роберт де Ниро е роден во Њујорк, син е на Вирџинија Адмирал, сликарка, и Роберт де Ниро постариот, абстрактно експресионистички сликар и вајар. Таткото на Де Ниро имаше италијанско и ирско потекло, а неговта мајка водеше потекло од Англија, Германија, Франција и Холандија. Неговите италијански прабаба и прадедо Џовани Ди Ниро (оригиналното презиме беше Ди Ниро а не Де Ниро) и Анџелина Меркурио, емигрираа од Ферацано, во провинцијата Кампобасо, Молизе, а неговата баба од таткова страна Хелен О’Рајли, беше внука на Едвард О’Рајли, имигрант од Ирска.

Родителите на Де Ниро, кои се запознале на часови по сликарство кај Ханс Хофман во Провинстаун (Кејп Код), Масачусетс, се развеле кога тој имал 3 години. Де Ниро пораснал со мајка му во соседството Мала Италија во Менхетен, и во Гринич Вилиџ. Неговиот татко живееше недалеку и Роберт поминуваше многу време со него додека растеше. Тој го посетуваше ПС 41, основно училиште во Менхетен, до шесто одделение, а потоа продолжи во приватното средното училиште Елизабет Ирвин Хај, повисокото училиште на училишната куќа Литл Ред, за седмо и осмо одделение. Беше примен во средното училиште за музика и уметност во деветто одделение, но го посетуваше само кратко време, префрлајќи се во средно училиште. Го започна своето средно образование во приватното училиште МекБарни, го посетуваше приватното училиште Родс Препаратори, но никогаш не го заврши. Го нарекуваа „Боби Милк“ („Боби Млеко“), поради тоа што беше блед, се дружеше со група деца на улиците на Мала Италија, од кои некои му останале пријатели до денес. Но, правецот на неговата иднина веќе бил познат по неговото деби на 10 години, играјќи го Плашливиот Лав во училишната претстава Волшебникот од Оз. Покрај тоа што со глумењето се ослободуваше од тремата и срамежливоста, Де Ниро исто така навлезе во филмовите, и го напушти средното училиште на 16 годишна возраст за да започне со глума. Де Ниро студираше глума на Конзерваториумот Стела Адлер, студиото ХБ како и на глумецското студио на Ли Стразберг.

Почетна филмска кариера

уреди

Првата филмска улога на Де Ниро во соработка со Брајан Де Палма беше во 1963 година,на 20 годишна возраст, кога се појави наспроти својата пријателка Џил Клејбур во Свадбена Прослава, сепак, филмот не излезе до 1969 година. Доби значително внимание за неговата улога како бејзбол играч кој е на умирање во Полека Удирај Го Тапанот (1973). Истата година, ја започна продуктивната соработка со Скорсезе кога играше улога за паметење како ситен силеџија Џони Бој, покрај Харви Кајтел (Чарли) во Злобни Улици (1973). Во 1974 година, Де Ниро играше централна улога во филмот на Френсис Форд Копола, Кум 2, глумејќи го младиот Вито Корлеоне, претходно одејќи на аудиции за улогите на Сони Корлеоне, Мајкл Корлеоне, Карло Рици и Поли Гато во Кум. За својата изведба доби награда за Најдобар спореден глумец, иако наградата ја прими Копола, бидејќи Де Ниро не беше присутен на доделувањето на Оскарите. Стана првиот глумец кој добил Оскар зборувајќи главно странски јазик, во овој случај, повеќе сицилиски дијалекти (иако имаше неколку реплики и на англиски). Де Ниро и Марлон Брандо, кој го играше постариот Вито Корлеоне во првиот филм, се единствените глумци кои добиле Оскари, за играње на истиот замислен лик.

По соработката со Скорсезе во Злобни Улици, успешно продолжи и понатаму да работи со режисерот во филмовите како: Таксист (1976), Њујорк, Њујорк (1977), Разбеснетиот Бик (1980), Кралот на Комедијата (1983), Добри Момчиња (1990), ‘Рт на Стравот (1991) и Казино (1995). Исто така, тие настапија заедно во Виновен Според Сомнение и ги позајмија своите гласови за анимираниот филм Приказна за Ајкулата.

Таксист е од особено значење за кариерата на Де Ниро; неговата неверојатна изведба како Тревис Бикл го одведе до слава и засекогаш го поврза името на Де Ниро со познатиот монолог на Бикл: „Мене ми зборуваш?“ , кој во голем дел, Де Ниро го импровизираше. Во 1976 година, Де Ниро заедно со Жерар Депардје и Доналд Сатерленд, се појави во епското биографско проучување на животот во Италија пред Втората светска војна,од страна на Бернардо Бертолучи, Новеченто (1900), видено низ очите на двајца италијански другари од детството од спротивните страни на општествената хиерархија. Во 1978 година, Де Ниро го играше Мајкл Вронски во добро прифатениот филм за војната во Виетнам, Ловец на Елени, за кој беше именуван за Најдобар глумец во главна улога.

Подоцнежна филмска работа

уреди
 
Де Ниро во 1988 година за време на својата турнеја во Њујорк

Пофален за својата посветеност кон улогите, потекнувајќи од неговото минато во системска глума, Де Ниро накачи 27 килограми и научи да боксува за својата улога како Џејк ЛаМота во Разбеснетиот Бик, крцкаше со забите во „'Рт на стравот“, живееше во Сицилија за „Кум 2“, работеше како таксист неколку недели заради филмот Таксист, и научи да свири на саксофон за „Њујорк, Њујорк“. Брендот на Де Ниро за системско глумење вклучува секаква екстремна тактика за која тоа смета дека е неопходна со цел да се извлече најдобра изведба од оние со кои тој глуми. На пример, за време на снимањето на Кралот на Комедијата, тој упати мноштво антисемитски епитети кон колегата Џери Луис со цел да се подобри и потврди гневот кој го прикажува ликот на екранот. Според списанието Пипол, техниката беше успешна. Луис се присетува: „Заборавив дека таму имаше камери... Сакав да го задавам Боби“.

Стравувајќи дека станал типична икона за мафијашки улоги, Де Ниро започна да глуми во некои комични улоги кон средината на 80-тите години, и исто така и таму имаше голем успех, како во филмовите: „Бразил“ (1985), комедијата „Полноќна трка“ (1988), „Анализирај го ова“ (1999), „Запознај ги родителите“ (2000) и „Запознај ги Фокерови“ (2004). Други негови филмови се: Вљубување (1984), „Мисија“ (1986), „Ангелско срце“ (1987), „Недопирливи“ (1987), „Добри момчиња“ (1990), „Будење“ (1990), „Жештина“ (1995), „Фан“ (1996), „Спијачи“ (1996), „Војна против вистината“ (1997), „Џеки Браун“ (1997) и „Ронин“ (1988). Во 1997 година, заедно со Харви Кајтел, Реј Лјота и Силвестер Сталоне, глумеше во криминалистичката драма „Полициска територија“, каде имаше споредна улога. Во 1993 година, исто така, глумеше во „Животот на ова момче“, заедно со тогаш младите глумци Леонардо Ди Каприо и Тоби Мегваер. Во тоа време, му беше понудена улогата на Мич Лири во филмот „На огнената линија“, заедно со Клинт Иствуд. Сепак, поради поклопувањето со снимањето на „Приказна од Бронкс“, тој ја одби улогата, а ја доби Џон Малкович, кој доби „Оскар“ за улогата. Де Ниро подоцна ќе се повика на филмовите „На огнената линија“, „Валканиот Хари“ и „Силата на магнумот“, филмови на Иствуд, во филмот „Праведно убиство“. Во 1995 година, Де Ниро глумеше во полицискиот акционен трилер на Мајкл Ман, „Жештина“, заедно со колегата и долгогодишен пријател, Ал Пачино. Двојката привлече големо внимание од обожавателите, бидејќи двајцата беа споредувани еден со друг за време на нивната кариера. Иако Пачино и Де Ниро глумеа во „Кум 2“, во филмот не се појавија заедно во иста сцена. Де Ниро и Пачино се појавија заедно уште еднаш во криминалистичкиот трилер „Праведно убиство“.

Во 2004 година, Де Ниро го позајми гласот за Дон Лино, негативецот во анимираниот филм, „Приказна за ајкулата“, заедно со Вил Смит. Исто така, повторно ја играше улогата на Џек Бернс во „Запознај ги Фокерови“, а играше и во „Ѕвезден прав“. Сите филмови имаа успех на бокс-офисот, но добија измешани критики. На промоцијата на Приказна за Ајкулата, Де Ниро рече дека тоа било неговото прво искуство со позајмување на глас, за кое рече дека било прекрасно.

 
Де Ниро со Мет Дејмон во Берлин во февруари 2007 година на премиерата на Добриот Пастир

Де Ниро мораше да ја одбие улогата во филмот Покојните (Мартин Шин ја доби улогата) поради обврски за подготвувањето на "Добриот Пастир". Тој рече: "Сакав. Посакувам да можев, но го подготвував Добриот Пастир толку многу, така што немав време. Се обидував да најдам начин за да глумам додека го подготвувам. Едноставно, не беше возможно“. Тој го режираше Добриот Пастир (2006) и глумеше заедно со Мет Дејмон и Анџелина Џоли. Филмот исто така го соедини повторно со Џо Пеши, со кого глумеше во Разбеснетиот Бик, Добри Момчиња, Приказна од Бронкс, Беше Еднаш во Америка и Казино. Во јуни 2006 година, беше изјавено дека Де Ниро ја донирал својата филмска архива – вклучувајќи сценарија, костими, и прибор – на Центарот Хари Рансом на Универзитетот на Тексас во Остин. На 27 април 2009 година, беше изјавено дека колекцијата на Де Ниро во Рансом Центарот е отворена за истражувачите и за јавноста. Де Ниро рече дека работи на нов проект со Мартин Скорсезе. „Се обидувам всушност да работам... (сценаристот) Ерик Рот и јас и Марти работиме на сценариото сега, обидувајќи се да го завршиме“.

Де Ниро има добиено два Оскари за најдобар глумец за улогата во Разбеснетиот Бик и за најдобар спореден глумец во Кум 2. Де Ниро и Марлон Брандо се единствените глумци кои добиле Оскар за ист лик. Брандо го доби играјќи го повозрасниот Вито Корлеоне (иако ја одби наградата) во Кум, додека Де Ниро подоцна ја доби наградата играјќи го младиот Вито во Кум 2. Брандо и Де Ниро заедно се појавија единствено во филмот Плен (2001 година). Де Ниро всушност беше на аудиција за улогата на Сони во првиот дел на Кум, но улогата му беше доделена на Џејмс Кан. Кога Кум беше во пре-продукција, режисерот Френсис Форд Копола, се сети на аудицијата на Де Ниро и му ја даде улогата на младиот Вито Корлеоне. Де Ниро е еден од само пет луѓе кои добиле Оскар работејќи со странски јазик, зборувајќи речиси исклучително сицилиски јазик, со само неколку фрази на англиски јазик.

Де Ниро најави дека ќе се појави во филмската верзија на Мајкл Кемпбел,за серијата на Би-Би-Си, Раб на Темнината во 2010 година, заедно со Мел Гибсон, сепак, тукушто пристигна за да снима, Де Ниро се повлече од сцената поради разлики во креативноста. Потоа беше заменет од Реј Винстон. Тој се појави како сенаторот Џон МекЛафлин во акциониот филм, Мачета, во режија на Роберт Родригес и Итан Маникис. Де Ниро глумеше во трилерот Стоун (2010), заедно со Едвард Нортон и Мила Јовович. Продолжението на Запознај ги Родителите (2000) и Запознај ги Фокерови (2004), Мали Фокери, во кој учествуваат Бен Стилер, Овен Вилсон, Блајт Данер, Тери Поло, Дастин Хофман и Барбра Стрејсенд, излезе на 22 декември 2010 година.

Филмски режисер

уреди

Во 1993 година, Де Ниро дебитираше како режисер со филмот Приказна од Бронкс. Филмот, напишан од Чаз Палминтери, беше за бурното детство на Палминтери во Бронкс. Де Ниро се согласи да го режира филмот откако гледаше авангардна монодрама на Палминтери. Де Ниро исто така го глумеже Лоренцо, возачот на автобус кој се бори да го држи својот син подалеку од локалниот мафијаш Сони, кој го игра Палминтери. Де Ниро не режираше сè до 2006 година, кога го режираше Добриот Пастир, каде што глумеа Мет Дејмон и Анџелина Џоли. Добриот Пастир го отсликува почетокот на ЦИА, каде Дејмон игра еден од врвните контра-разузнавачки агенти за време на Втората светска војна и Студената Војна. Де Ниро има мала улога како генерал Бил Донован, кој го воведува ликот на Дејмон во светот на контра-разузнавањето.

Нови проекти

уреди

Во 2011 година, Де Ниро ќе се појави во акциониот филм Убиствена Елита заедно со Џејсон Стетем и Клајв Овен, и во филмската адаптација на романот, Мрачните Полиња, со Бредли Купер, во режија на Нил Бургер.

Триесет и четири години по филмот на Бернардо Бертолучи, 1900, Де Ниро ќе учествува во една од три епизоди од филмот Мануале Д’аморе 3, со Моника Белучи, во режија на Џовани Веронези. Де Ниро е приврзан да глуми во претстоечкиот проект Ирецот, кој ќе го режира Мартин Скорсезе,а исто така ќе играат Џо Пеши и Ал Пачино. Според изданието од јули 2010 година на списанието Гурмет, Де Ниро е во преговори со меѓународно признат готвач, Наталиа Џибладзе, да отвори сè уште неименуван ресторан во Менхетен под своето лого Трибека. Тој неодамна беше во Малезија, и додека имаше ручек со сопругата на малезискиот Премиер, побараа од него да отвори малезиски ресторан во Алор Сетар, Кеда, Малезија. Во јануари 2011 година, Си-Би-Ес го презеде пробната криминална серија, Почетници.

Личен живот

уреди
 
Де Ниро со својата сопруга Грејс Хајтауер во 2010 година на Филмскиот Фестивал во Трибека

Де Ниро, кој живее во градот Њујорк, инвестираше во соседството ТриБеКа во долен Менхетен уште од 1989 година. Исто така има станови на источниот и на западниот дел од Менхетен и имот во Марблтаун во северен Њујорк. Неговите главни потфати вклучуваат: создавање на филмското студио ТриБеКа Продакшнс; популарниот Трибека Филмски Фестивал; Нобу и ТриБеКа Грил, која ја поседува заедно со развивачот Пол Волис и продуцентот од Бродвеј, Стјуарт Ф. Лејн, Хотел Гринич, кој се наоѓа во Трибека, и ресторанот во хотелот, Локанда Верде, формално познат како Аго, кој го води главниот готвач и ко-сопственик, Ендру Кармелини.

Де Ниро и неговата прва сопруга Дајен Абот имаат син, Рафаел, поранешен глумец кој сега работи со недвижности во Њујорк. Де Ниро исто така ја посвои ќерката на Абот од претходна врска, Дрена. Понатаму, има синови близнаци, Џулијан Хенри и Арон Кендрик, зачнати со вонтелесно оплодување и родени од сурогат мајка во 1995 година, од долгогодишната вонбрачна заедница со поранешната манекенка Туки Смит.

Во 1997 година, Де Ниро се ожени со својата втора сопруга, Грејс Хајтауер, во нивниот дом во Марблтаун. Нивниот син Елиот се роди во 1998 година. Хајтауер во 1994 година се појави во епизода од серијата ЊЈПД Блу, а своето деби во филм го имаше во Скапоцено во 2009 година. Во февруари 1998 година, за време на снимање во Франција тој беше приведен на испрашување од француската полиција девет часа, а потоа беше испрашуван од судија во врска со проституциска мрежа. Де Ниро негираше каква било вмешаност, велејќи дека тој никогаш не платил за секс, „...а дури и да сум платил, тоа не е криминал“. Судијата сакаше да зборува со него откако неговото име беше споменато од една од колгерлите. Во интервју за францускиот весник, Ле Монд, тој рече: „Никогаш нема да се вратам во Франција. Ќе ги советувам моите пријатели да не одат во Франција“, и “пратете ја вашата Легија на Честа назад до Амбасадорот, што е можно побргу“. Француските судски извори велат дека глумецот е потенцијален сведок, а не осомничен.

Во 2003 година на Де Ниро му беше откриен рак на простатата, иако потполно се опорави. Де Ниро требаше да добие италијанско државјанство на Филмскиот Фестивал во Венеција во 2004 година. Сепак, Синовите на Италија протестираа со италијанскиот Премиер Силвио Берлускони, велејќи дека Де Ниро го уништил имиџот на Италијанците и Итало-Американците, често играјќи ги нив во криминални улоги. Министерот за Култура на италија, Џулијано Урбани ги одби приговорите, а церемонијата се презакажа за октомври во Рим. Повторно се појавија контроверзии кога Де Ниро двапати по ред не се појави на закажаниот термин во медиумите тој месец во Италија, за што Де Ниро ги обвини „сериозните проблеми со комуникацијата“ кои не беа „соодветно средени“ на крајот велејќи, „Последното нешто што сакам е да навредам некого. Јас ја сакам Италија“. Државјанството му беше доделено на 21 октомври 2006 година, за време на финалето на Римскиот Филмски Фестивал. Де Ниро е регистриран во избирачката област Молизе, италијанската татковина на неговите прабаба и прадедо. Де Ниро е поддржувач на Демократската партија,а гласно го поддржа Ал Гор на Претседателските Избори во 2000 година. Де Ниро јавно го поддржа Џон Кери на Претседателските Избори во 2004 година. Во 1998 година тој лобираше против отповикување на Претседателот Бил Клинтон. Де Ниро исто така беше раскажувач на 9/11, документарен филм за нападите од 11 септември,2001 година, прикажана на Си-Би-Ес а центрирана на снимките направени од Џулс и Гидеон Нодет, кои се фокусираа на улогата на пожарникарите по нападот. За време на промоцијата на својот филм Добриот Пастир со Мет Дејмон на 8 декември 2006 година, Де Ниро беше запрашан кој би сакал да го види како Претседател на САД. Де Ниро одговори: „Па, има двајца: Хилари Клинтон и Обама“. На 4 февруари 2008 година, Де Ниро го поддржа Обама на митинг во Изод Центарот во Њу Џерси пред Супер Вторникот.