Пјер Мешен
Пјер Франсоа Андре Мешен (француски: Pierre François André Méchain; 16 август 1744 – 20 септември 1804) — француски астроном и геодет кој заедно со Шарл Месје одиграл важна улога во изучувањето на длабоконебесните тела и кометите.
Пјер Мешен Pierre Méchain | |
---|---|
Пјер Мешен | |
Роден(а) | 16 август 1744 Лан |
Починал(а) | 20 септември 1804 Кастељон де ла Плана, Шпанија | (возр. 60)
Националност | Французин |
Полиња | астрономија |
Установи | Париска опсерваторија |
Познат по | длабоконебесни тела комети метар |
Живот
уредиМешен е роден во Лан, Пикардија. Татко му се занимавал со уметничко обликување на таваници и украсно малтерисување. Се покажал како надарен во математиката и физиката, но морал да го прекине школувањето поради недостиг на средства. Сепак, неговата склоност кон астрономијата била забележана од Жером Лаланд, со кој се спријателил и кој го ангажирал како коректор на неговото дело „Астрономија“. Му обезбедил работа како помошник-хидрограф во картографскиот завод на морнарицата во Версај, каде ги провел 1770-тите изработувајќи хидрографски карти на морски површини и брегови. Околу 1774 г. се запознал и спријателил со Шарл Месје. Истата година го издал својот прв астрономски труд, обработувајќи го затскривањето на ѕвездата Алдебаран од Месечината во облика на мемоар за академијата на науките.
Во 1777 г. се оженил со Барба-Тереза Маржу и добил два сина: (Жером и Огистен) и една ќерка. Во 1782 г. Станал член на Француската академија на науките и работел како уредник на стручното списание Connaissance des Temps („Познавање на времето“) од 1785 до 1792 г., каде, меѓу другото, за првпат е објавен списокот на Месјеови објекти. Во 1789 г. станал член на британското Кралско друштво.[1]
Учествувал во Англо-францускиот земјомер (1784–1790) кој имал за цел по тригонометриски пат да го одреди точното растеојание помеѓу Париската и Гриничката опсерваторија. Проектот бил иницијатива на Џовани Доменико Касини, кој заедно со Мешен и Адриен Мари Лежандр ги посетил Довер и Лондон за да ги надгледува работите. Тројцата воедно го посетиле и астрономот Вилијам Хершел во Слау.
Со неговите земјомерни способности, Мешен работел на карти на северна Италија и Германија, а од 1791 г. извршил важни геодетски испитувања, утврдувајќи го јужниот дел на меридијанскиот лак на Земјината површина помеѓу Динкерк и Барселона. Овој премер потоа послужил како основа за нова единица за должина — метарот. Проектот наишол на голем број потешкотии поради тековната Француска револуција и новоизбувнатата Пиринејска војна помеѓу Франција и Шпанија. Бил притворен во Барселона под сомнение дека инструментите му се наменети за воени цели, а имотот во Париз му бил одземен од Јакобинската диктатура. Подоцна бил пуштен на слобода во Италија, и во 1795 г. се вратил дома.
Мошне интересно во тој проект е тоа што Мешен не бил уверен во точноста на неговите мерења поради незадоволителниот исход при проверката на географската должина на наоѓање по пат на астрономско набљудување. Мешен, со колегата Жан Батист Жозеф Деламбр имал намера да го определат растојанието од полот до екваторот како десет милиони метри (десет илјади колометри). Ова е потврдено кон крајот на XX век со мерења од сателити, покажувајќи дека растојанието изнесува точно 10.002.290 метри.[2] Малата грешка (отстапка) изнесува вкупно 2.290 метри, или 0,23 милиметри на секој метар[3] — малку повеќе од пречникот на човечкото влакно. Поради посебните залагања во научната работа, Мешеновата грешка не влијаела на конечната вредност на метарот, ниту пак на утврдената должина на меридијанот.[4]
Во 1799 г. бил назначен за директор на Париската опсерваторија.
Во 1804 г. се вратил во Шпанија, сомневајќи се во точноста на неговите мерења на Динкиршко-барселонскиот лак. Таму се разболел од жолта треска и починал во градот Кастељон де ла Плана.
Откритија
уредиМешен открил 25 или 26 длабоконебесни тела (зависно од тоа дали се брои M102).
Расеано јато Збиено јато Маглина Планетарна маглина Остаток од супернова Галаксија Друг
Месјеов бр. | NGC/IC-бр. | Име | Откриен | Вид објект | Оддалеченост (исг) | Соѕвездие | Привидна величина |
---|---|---|---|---|---|---|---|
M63 | NGC 5055 | галаксија Сончоглед | 14.6.1779 | галаксија, спирална | 37.000 | Ловечки Кучиња | 8,5 |
M72 | NGC 6981 | 30.8.1780 | јато, збиено | 53 | Водолија | 10,0 | |
M74 | NGC 628 | 9.1780 | галаксија, спирална | 35.000 | Риби | 10,5 | |
M75 | NGC 6864 | 27.8.1780 | јато, збиено | 58 | Стрелец | 9,5 | |
M76 | NGC 650, NGC 651 | маглина Мал Тег | 5.9.1780 | маглина, планетарна | 3,4 | Персеј | 10,1 |
M77 | NGC 1068 | Кит A | 29.10.1780 | галаксија, спирална | 60.000 | Кит | 10,5 |
M78 | NGC 2068 | 1780 | маглина, дифузна | 1,6 | Орион | 8,0 | |
M79 | NGC 1904 | 26.10.1780 | јато, збиено | 40 | Зајак | 8,5 | |
M85 | NGC 4382 | 4.3.1781 | галаксија, леќеста | 60.000 | Береникина Коса | 10,5 | |
M94 | NGC 4736 | 22.3.1781 | галаксија, спирална | 14.500 | Ловечки Кучиња | 9,5 | |
M95 | NGC 3351 | 20.3.1781 | галаксија, пречкеста спирална | 38.000 | Лав | 11,0 | |
M96 | NGC 3368 | 20.3.1781 | галаксија, спирална | 38.000 | Лав | 10,5 | |
M97 | NGC 3587 | маглина Був | 16.2.1781 | маглина, планетарна | 2,6 | Голема Мечка | 9,9 |
M98 | NGC 4192 | 15.3.1781 | галаксија, спирална | 60.000 | Береникина Коса | 11,0 | |
M99 | NGC 4254 | 15.3.1781 | галаксија, спирална | 60.000 | Береникина Коса | 10,5 | |
M100 | NGC 4321 | 15.3.1781 | галаксија, спирална | 60.000 | Береникина Коса | 10,5 | |
M101 | NGC 5457 | галаксија Вртимушка | 27.3.781 | галаксија, спирална | 27.000 | Голема Мечка | 7,9 |
M102 | (неутврдено) | ||||||
M103 | NGC 581 | 3–4 1781 | јато, расеано | 8 | Касиопеја | 7,0 |
Независно открил уште четири, за кои не занел дека веќе се откриени од други астрономи, и ги ставил во Месјеовиот каталог: M71 — откритие на Жан Филип де Шезо во 1740-тите; M80 — откриен од Месје две недели претходно и M81 и M82 — првично откриени од германскиот астроном Јохан Елерт Боде.
Мешен има уште шест други откритија кои се сметаат за „почесни Месјеови објекти“, ставени на списокот во XX век:
Месјеов бр. | NGC/IC-бр. | Име | Откриен | Вид објект | Оддалеченост (исг) | Соѕвездие | Привидна величина |
---|---|---|---|---|---|---|---|
M104 | NGC 4594 | галаксија Сомбреро | 11.5.1781 | галаксија, спирална | 50.000 | Девица | 9,5 |
M105 | NGC 3379 | 24.3.1781 | галаксија, елиптична | 38.000 | Лав | 11,0 | |
M106 | NGC 4258 | 7.1781 | галаксија, спирална | 25.000 | Ловечки Кучиња | 9,5 | |
M107 | NGC 6171 | јато, збиено | 20 | Змијоносец | 10,0 | ||
M108 | NGC 3556 | 19.2.1781 | галаксија, пречкеста спирална | 45.000 | Голема Мечка | 11,0 | |
M109 | NGC 3992 | 12.3.1781 | галаксија, пречкеста спирална | 55.000 | Голема Мечка | 11,0 |
Ја открил и NGC 5195 — придружната галаксија која ја сочинува забележителната галаксија M51 (Вител).
Мешен никогаш немал намера да набљудува длабоконебесни тела. Како и Месје, бил заинтересиран само за каталогизација на објекти кои може да се помешаат со комети; со ваквите потфати, станал втор по важност откривач на комети во своето време, по самиот Месје.
Сам открил вкупно осум комети и бил сооткривач на уште три .[5]
Самостојнио откриени:
- C/1781 M1 (Мешен), 1781 I
- C/1781 T1 (Мешен), 1781 II
- C/1785 E1 (Мешен), 1785 II
- 2P/Encke, откриен во 1786 г.
- C/1787 G1 (Мешен), 1787 I
- 8P/Tuttle, откриен во 1790 г.
- C/1799 P1 (Мешен), 1799 II
- C/1799 Y1 (Мешен), 1799 III
Како сооткривач:
- C/1785 A1 (Месје-Мешен), 1785 I
- C/1792 II Грегори-Мешен, 1792 II
- C/1801 Pons (Пон-Месје-Мешен-Бувар), 1801 I
Треба да се има на ум дека само две од именуваните се поврзани со периодични комети кои имаат пресметани орбити и во ниеден случај не бил набљувач при нивната пресметка, што значи дека по таа потесна дефиниција (вообичаена од XIX век наваму), Мешен не е откривач на ниедна од тие девет.
Оставнина
уредиНа 24 јуни 2002 г. во негова чест наречен е астероидот 21785 Мешен, откриен од чешкиот астроном Милош Тихи во опсерваторијата „Клет“ на 21 септември 1999 г. под привремената назнака 1999 SS2.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Library and Archive“. Royal Society. Посетено на 6 August 2012.
- ↑ Alder, Ken, The Measure of All Things: The Seven-Year Odyssey and Hidden Error that Transformed the World (2002, NY, The Free Press) стр. 7; во книгата е дадено подробно образложение за макотрпните потфати на Мешен и неговите усилби да ги исправи или прикрие грешките во пресметките. Причината за отстапувањето во должинските пресметки не е сосема јасна, но можеби се должи на атмосферските пореметувања при набљудувањето не ѕвездите близу јужниот хоризонт.
- ↑ Alder, Ken, The Measure of All Things: The Seven-Year Odyssey and Hidden Error that Transformed the World (2002, NY, The Free Press) prologue, page 7.
- ↑ Alder, Ken, The Measure of All Things: The Seven-Year Odyssey and Hidden Error that Transformed the World (2002, NY, The Free Press) chapter 11, pages 291–324.
- ↑ „Maik Meyer. Catalog of comet discoveries“. Архивирано од изворникот на 16 July 2008. Посетено на 2008-05-15.
Надворешни врски
уреди„Пјер Мешен“ на Ризницата ? |
- Биографија на Пјер Мешен — SEDS (англиски)
- Оконор, Џон Џ. и Едмунд Ф. Робертсон. „Пјер Мешен“ - Архив „Историја на математиката“ на MacTutor (англиски)
- Улогата на Мешен во настанокот на метарот Архивирано на 3 јануари 2011 г. (анимација) (француски)