Претор

село во Општина Ресен

Претор — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на североисточното крајбрежје на Големото Преспанско Езеро.

Претор

Поглед кон викенд-населбата на селото и Големото Преспанско Езеро

Претор во рамките на Македонија
Претор
Местоположба на Претор во Македонија
Претор на карта

Карта

Координати 40°58′46″N 21°03′42″E / 40.97944° СГШ; 21.06167° ИГД / 40.97944; 21.06167Координати: 40°58′46″N 21°03′42″E / 40.97944° СГШ; 21.06167° ИГД / 40.97944; 21.06167
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Долна Преспа
Население 116 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7318
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23034
Надм. вис. 992 м
Слава Мала Богородица
Претор на општинската карта

Атарот на Претор во рамките на општината
Претор на Ризницата

Потекло на името

Во врска со името на ова село, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е топографско префексално име и објаснува дека коренот „тор“ има повеќе значења (трло, пат, речно корито и друго). Во овој случај ја истакнува веројатноста дека се јавува последното значење: пре - тор (село положено „преку река“) во однос на селото Сливница (Преторска Река).[2]

Денешниве преторци и нивните предци, името на селото го поврзуваат со поимот „претоварување“ (претовар). Во врска со ова постои предание дека некогаш, кога се пренесувала стока по овие патишта, на ова место се вршело претоварување (претовар, претоар) на карваните и по тој поим подоцна селото го добило името Претор. Покрај ова, постојат и кажувања кои името на селото го доведуваат во врска со латинскиот поим „претор“, кој во Стариот Рим означувал, прво, висок чиновник кој управувал со работите на внатрешниот поредок и правото, а подоцна првенствено претставник на највисоката судска власт. Ова го поткрепуваат со постоењето на повеќе археолошки наоѓалишта од римскиот период.[2][3]

Според историчарот Антолјак, можно е името Претор да настанало по изразите од Самоилово време, со кои била означена царската телесна гарда, која можеби на тоа место имала свој логор.[2]

Географија и местоположба

Селото е сместено во југозападниот дел на Македонија, на североисточната страна од Големото Преспанско Езеро, во една од западните пазуви на планината Баба, односно на нејзиниот разгранок Гарван, од десната страна на патот Макази-Маркова Нога, оддалечено 38 километри југозападно од Битола, во близина на патот Битола - Ресен - Охрид. Сместено е на надморска височина од околу 880 метри.[2][4]

Претор било преместувано во минатото. Како претходна местоположба се спомнува некое место покрај брегот, а можеби и во водите на езерото. Се пренесува дека тоа се случило негде во текот на XVIII век, кога населбата била уништена од војските на Али-паша Јанински, а можеби и од надојдените води на езерото.[2]

Претор се граничи со следниве села: со селата Асамати и Курбиново на север, со Курбиново повторно на исток, со Сливница на југ и со водите на езерото на запад.[2]

Атарот на Претор се простира на површина од 394 хектари (околу 3,94 км2) и зафаќа рамничарско и ридско-планинско земјиште, обраснато со листопадна шума (даб, бука, јавор, брест, леска и др.) и дополнително засадени површини на бор, на месноста Веќе (околу 1950 година). Од вкупната површина на атарот: 177,2 хектари се обработливо земјиште, 49,3 хектари пасишта и 145,8 хектари шума.[2][4]

Низ атарот на селото и во неговата непосредна близина тече Преторска Река (кај месното население позната и под името Преторка), која никогаш не пресушувала, но со зафатот на нејзините води за потребите на водоводот и настапот на долготрајната суша, последниве дваесетина година целосно пресушува. Во минатото на нејзе работеле 7 воденици во кои жито мелеле повеќе села, дури и оние од Мала Преспа.[2]

Претор е убаво уредено село од собран тип со околу четириесетина куќи, старите обновени (реновирани, приградени, доградени, надградени), а има и новоизградени. Околу куќите најчесто се простираат обработливи површини со овошни или зеленчукови насади и уредени дворни места, во кои се изградени стопански и други објекти (магацини, фурни, гаражи, тремови, штали, плевни и др.).[2]

Историја

Претор е старо христијанско село во кое отсекогаш живееле православни Македонци. Под различен облик на името (Претол, Преторче и Претор) се спомнува во повеќе извори од различни периоди.[2]

До 1912 година, Претор било под турска власт, а тој склоп и беговски чифлик. Претор тешко го поднесувал отоманското ропство поради што уште пред Илинденското востание биле преземени одредени вооружени акции. Подоцна, активно се вклучило во подготовките и текот на востанието. Четата на ова село земала учество во нападот на село Асамати (7 август 1903 година). За нејзин војвода се споменува Јонче Стасовски (од с. Љубојно). Загинале шест жители.[2]

Во XIX век, Претор било село во Битолската каза, нахија Преспа, на Отоманското Царство.

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во еден период од војната (1916-1918), цивилното население било евакуирано во селата Рајца и Грнчари. Во текот на војната, преторци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни. Загинале седум жители.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Претор повторно се нашло под српска власт. Во ова време, Претор било во состав на општината Подмочани.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во тоа време, во селото имало италијанска војска, која била сместена во неколку куќи и четири бункери. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година.[2]

Со систем за наводнување селото се здобило во 1958 година, со електрична енергија во 1959, со водовод во 1960, со телевизиски прием во 1965, со асфалтен пат во 1981 и со телефонски приклучоци во 1988 година.[2]

Стопанство

Преторци својата издршка секогаш ја обезбедувале преку поледелството, сточарството, занаетчиството, рибиловот и печалбарството. Во рамките на поледелството најмногу се одгледувало жито (’рж, пченица, јачмен, пченка и др.), потоа грозје и овошје. Преданијата говорат дека најстарите овошни градини во Преспа биле подигнати во Претор уште во 1848 година. Во определени периоди се произведувало и тутун. Во рамките на сточарството (кое значително е намалено) се одгледувале овци, кози, крави, волови, коњи и друго. Во склопот на занаетчиството имало ковачи, воденичари, ѕидари, казанџии, шивачи, дуќанџии и друго. Повремено се занимавале со риболов. Денес, основно поледелска гранка е овоштарството (јаболка).[2]

Туризам

Претор е познато и како туристичко место. Во периодот од 1930 до 1936 година тука било првото летувалиште на Еврејската заедница во Македонија. Денес, постои детско летувалиште и зимски рекреативен центар со повеќе објекти и викенд-населба со околу 3000 легла. Туристичките објекти се изградени во периодот на шеесеттите и седумдесеттите години на XX век на југозападната страна на селото, покрај брегот на езерото.[2]

Сепак, Претор со години наназад се соочува со сериозни проблеми, поради кои вообичаено е одбегнувано од македонските и странски туристи. Местото се соочува со проблеми со водоснабдувањето, а поранешните најпосетувани работнички одморалишта сега се напуштени.[5] Целосно запустени се камповите на некогашната битолска кожарница, трикотажата „Пелистер“, „Транскоп“, некогашниот Завод за платен промет, „Макошпед“, „Македонија пат“, одморалиштето на Црвениот крст, како и уште низа други се под клуч и само ја нагрдуваат сликата во Претор.[5]

Население

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948245—    
1953246+0.4%
1961220−10.6%
1971234+6.4%
1981190−18.8%
ГодинаНас.±%
1991174−8.4%
1994153−12.1%
2002142−7.2%
2021116−18.3%

Во текот на своето постоење, Претор го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 47 семејства (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта); во 1863 година 15 христијански куќи (Ј. Хан); во 1889 година, 18 куќи и 154 жители (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Претор имало 138 жители, сите Македонци христијани.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Претор имало 184 жители.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Претор се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 32 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[9]

Селото е мало и во 1961 година броело 220 жители, до кои 218 биле Македонци, а двајца жители биле Срби. Во 1994 година, бројот се намалил на 153 жители, од кои 149 Македонци, тројца жители Срби и еден останат.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Претор имало 142 жители, од кои 138 Македонци, 3 Срби и 1 останат.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 116 жители, од кои 110 Македонци, 5 Срби и 1 лице без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 138 184 245 246 220 234 190 174 153 142 116
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови

Претор е македонско село.

За селото Претор се пренесува предание дека настанало од два рода: Суџовци и Ќосевци, доселени од различни места со различни семејни слави. Подоцна, селото се ширело и со нови доселеници. Денешниве преторци се потомци на следниве семејства: Босилковци (доселени од Сливница во 1918 година), Бибевци (доселени од Сливница во 1890 година), Дојдановци (доселени од Сливница), Суџовци - Јоновци (староседелци), Наумовци (доселени од Сливница во 1918 година), Парговци (доселени од Орово во XVIII век), Несторовци (доселени од Туминец), Симовци - Јаневци (доселени од Туминец во XVIII век), Ќулумовци и Штранговци (доселени од Туминец).

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

Суџовци (3 к.) староседелци или со непознато потекло; Килимановци (5 к.), Бибевци (2 к.), Штерјовци (2 к.), Чешковци (1 к.), Наумовци (7 к.) и Босилковци (4 к.) сите се доселени од селото Сливница; Пилајковци (9 к.) доселени се од селото Туминец; Парговци (3 к.) доселени се од селото Орово во Егејска Македонија. Го знаат следното родословие: Никодин (жив на 52 г. во 1949 година) Наум-Петре, основачот на родот кој се доселил.[16]

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Подмочани, во која покрај селото Претор, се наоѓале и селата Асамати, Горна Бела Црква, Грнчари, Долна Бела Црква, Езерани, Козјак, Курбиново, Подмочани и Рајца. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Подмочани, во која влегувале селата Асамати, Грнчари, Курбиново, Подмочани, Претор и Рајца.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1654 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на селски дом.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 147 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости

 
Поглед на гробјанската црква „Св. Архангел Михаил“
Археолошки наоѓалишта[3]
Цркви[19]

Редовни настани

Личности

Наводи

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 252–259. ISBN 9789989920554. Посетено на 12 јануари 2017.
  3. 3,0 3,1 Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  4. 4,0 4,1 4,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 244. Посетено на 12 јануари 2017.
  5. 5,0 5,1 „Претор помеѓу традицијата и сегашноста“. Утрински весник. Скопје: МПМ Македонија. 28 мај 2009. Посетено на 28 јануари 2017.[мртва врска]
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 15.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 12 јануари 2017.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. Русиќ, Бранислав. Преспа-Претор. Архивски фонд на МАНУ АЕ 86/2в.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  21. . Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том II, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  22. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  23. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Надворешни врски