Курбиново
Курбиново — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на источниот брег на Големото Преспанско Езеро.
Курбиново | |
Поглед кон селото | |
Координати 40°59′07″N 21°04′06″E / 40.98528° СГШ; 21.06833° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Ресен |
Област | Долна Преспа |
Население | 101 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7318 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 23022 |
Надм. вис. | 950 м |
Курбиново на општинската карта Атарот на Курбиново во рамките на општината | |
Курбиново на Ризницата |
Потекло на името
уредиВо врска со името на ова село, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е посесивно, произведено од личното име Курбин или Корубин, или ако наставката „-ово“ е секундарен (во структурална функција), можно е за своја основа Курбиново да ги има именките со истоветното значење „корубино“, „коруба“ или „кора“.[2]
Денешните курбинци пренесуваат преданија кои значително не отстапуваат од констатациите на Пјанка. Едно предание кажува дека нивното село името го добило по некојси мештанин (ајдук или војвода) Корубин, а според друго (кое е помалку веројатно) името се врзува со некојаси елементарна непогода (водена стихија), кога луѓето биле присилени да се спасуваат со корита (корублини) и според трето, Курбиново името го добило по зборот „курбан“ (давање жртва) кога некогаш во минатото курбинци биле присилени на такво нешто заради спас од разбојнички банди.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото е сместено на 2 километри од североисточното крајбрежје на Големото Преспанско Езеро, во подножјето на планината Баба, односно нејзиниот разгранок Голема Чука, лево од патот Макази-Маркова Нога (македонско-грчка граница). Сместено е на надморска височина од околу 950 метри.[2] Селото е оддалечено 17 километри од градот Ресен.[3]
Курбиново е преместено село. За негова претходна положба се спомнуваат месностите: Стара Ливада и Долга Ливада, на кои постојат остатоци (црквата „Св. Ѓорѓија“, темели од куќи и гробишта). За времето и причините на преместувањето нема податоци ниту други сознанија.[2]
Курбиново се граничи со следниве села: со селата Рајца и Грнчари на север, со подрачјето на Општина Битола (во тој склоп со селото Маловиште) на исток, со Сливница на југ, со Претор на југозапад и со Асамати на запад.[2]
Атарот на Курбиново се простира на површина од 1350 хектари (околу 13,50 км2) и зафаќа ридско-планинско, во повисоките места обраснато со листопадна шума (даб, бука, дрен, леска и др.). На месностите Згриљас, Краиште и Ветро Кладенче околу 1960 година е засаден бор. Од вкупната површина на атарот, 218,6 хектари се обработливо земјиште, 306,2 хектари пасишта и 787,3 хектари шуми.[2][3]
Низ атарот на селото тече Курбинска Река, која никогаш не пресушува, но нејзиниот водотек во летниот период значително се намалува, посебно од кога дел од изворите на реката се зафатени со водоводот на Курбиново, Асамати и Претор со туристичката населба.[2]
Курбиново е село од собран тип со околу 40 куќи, обновени или новоизградени, со балкони и тераси. Околу куќите постојат уредени дворни места во кои се сместени стопанските и други објекти (штали, плевни, магацини, гаражи и др.). На куќите преовладуваат белите фасади. Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на три маала: Горно Маало (источниот, повисокиот), Средно Маало (средишниот) и Долно Маало (западниот, понискиот дел на селото).[2]
Историја
уредиКурбиново е старо христијанско село во кое отсекогаш живееле православни Македонци. Под различен облик на името (Курбин, Курбино, Корбиново, Курбиново) се спомнува во повеќе извори од различни периоди.[2]
Во XIX век, Курбиново се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.
До 1912 година, Курбиново било под турска власт, а тој склоп и беговски чифлик. Активно земало учество во подготовките и текот на Илинденското востание со своја востаничка чета. За војвода на Преторската, Рајчанската, Курбинската и Сливничката чета се спомнува Јонче Стасовски (од с. Љубојно). Во текот на востанието, курбинци поминале шест недели во бег и имало 6 загинати.[2]
Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во еден период од војната (1916-1918), курбинци биле евакуирани во селата Грнчари и Рајца. Во оваа војна, курбинци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни, а цивилите често биле ангажирани за изградба на утврдувања.[2]
По завршувањето на Првата светска војна, Курбиново повторно се нашло под српска власт. Во ова време, Курбиново било во состав на општината Подмочани.[2]
Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во тоа време, во селото имало италијанска војска и карабињери. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Загинале двајца жители.[2][4]
Селото Курбиноцо со задружен дом се стекнало во 1950 година, со водовод и со електрична енергија во 1959, со телевизиски прием во 1965, со телефонски приклучоци во 1990 година. До изградбата на водоводот со кој се зафатени изворите Грубанец и Копотливо курбинци вода пиеле од чешмичето „Буклинка“ во месноста Бучалиште.[2]
Стопанство
уредиКурбинци во минатото својата издршка ја обезбедувале преку поледелството и сточарството. Во рамките на поледелството најмногу сееле жито (’рж, пченица, овес, јачмен, пченка), саделе градинарски култури (пиперки, домати, лук, кромид, зелка, праз, компири и др.) и доста одгледувале лозја и јаболка. Во рамките на сточарството најмногу одгледувале волови, овци, кози, коњи и друго.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во текот на своето постоење, Курбиново го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 42 семејства (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта); во 1889 година, 30 куќи и 258 жители (С. Верковиќ).[2]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Курбиново имало 200 жители, сите Македонци христијани.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Курбиново имало 232 жители.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Курбиново се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 30 куќи.[7]
Курбиново е мала населба и во 1961 година броела 229 жители, а во 1994 година 122 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Курбиново имало 137 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 101 жител, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 200 | 232 | 223 | 219 | 229 | 248 | 182 | 183 | 122 | 137 | 101 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
уредиДенешниве курбинци се потомци на следниве семејства: Бојчевци, Видиновци (доселени од Маловиште околу 1750 година), Гелевци, Диновци, Јовановци, Јовевци, Јанковци, Костиовци, Савевци, Ставревци, Стерјовци, Талевци и Трајчевци.[2]
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:
- Староседелци: Ристановци (14 к.) и Ѓелевци (11 к.)
- Доселеници: Јанчевци (1 к.) доселени се од селото Сливница; Котевци со Видиновци (3 к.) доселени се од селото Маловиште кај Битола пред повеќе од 250 години се доселил Ѓорге и го основал влашко маало; Крстиновци (1 к.) доселени се пред 1915 година од селото Сливница.[13]
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Подмочани, во која покрај селото Курбиново, се наоѓале и селата Асамати, Горна Бела Црква, Грнчари, Долна Бела Црква, Езерани, Козјак, Подмочани, Претор и Рајца. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Подмочани, во која влегувале селата Асамати, Грнчари, Курбиново, Подмочани, Претор и Рајца.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1658 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на селски дом.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 98 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[16]
- Каштино — населба и топилница од доцноантичко време;
- Кула — тврдина од средниот век;
- Кули — населба од хеленистичко време;
- Курбиново — населба од римско и доцноантичко време;
- Рајчинец — населба од средниот век;
- Рекиње — топилница од доцноантичко време;
- Св. Атанасиј — црква од средниот век;
- Св. Ѓорѓи — некропола од средниот век; и
- Св. Крстовден — базилика од старо христијанско време;
- Цркви[17]
- Црква „Св. Јован Крстител“ — главната селска црква;
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главната и единствената црква на Курбиновскиот манастир;
- Манастири
Редовни настани
уреди- Ѓурѓовден (6 мај) — општа селска слава
- Мала Богородица (21 септември) — црковно-народен собир од 1956/57 година
Личности
уреди- Нестор Иванов (1879-?) — македоно-одрински ополчанец, борбена чета на 6 охридска дружина;[18]
- Панде Динов Илијовски — македонски револуционер од ВМОРО.[19]
Иселеништво
уредиДо 1949 година македонски иселеници од селото има во Скопје (1 семејство), Бугарија (4 семејства) и во САД (2 семејства).[13]
Галерија
уреди-
Стара градба во селото
-
Зачувана архитектура низ селото
-
Улица во селото
-
Главната селска црква „Св. Јован Крстител“ пред селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 175–181. ISBN 9789989920554. Посетено на 8 март 2017.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 169. Посетено на 8 март 2017.
- ↑ Загинати: Јонче Георгиевски и Крсте Гелевски.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 15.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 8 март 2017.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ 13,0 13,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 293.
- ↑ . Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том II, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)