Горно Чичево
Горно Чичево — село во Општина Градско, во околината на градот Велес.
Горно Чичево | |
Поглед на еден од старите јавори на самото сретсело во Горно Чичево | |
Координати 41°33′12″N 21°51′42″E / 41.55333° СГШ; 21.86167° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Градско |
Население | 10[1] жит. (поп. 2021)[2]
|
Пошт. бр. | 1420 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 29083 |
Надм. вис. | 372 м |
Горно Чичево на општинската карта Атарот на Горно Чичево во рамките на општината | |
Горно Чичево на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото Горно Чичево се наоѓа во југозападниот дел на Општина Градско, под североисточната падина на планината Клепа, чиј атар се допира со територијата на Општина Росоман.[3]
Горно Чичево е ридско село, расположено на надморска височина од 480 метри.[3] Сместено е на составот на потоците Извор и Струма во подножјето на ридот Скрка.[4] Селото има убав изглед бидејќи е опколено со доста дрвја и тоа тополи и брестови, а од родните дрвја има доста ореви, сливи и бадеми, додека на сретселото има јасика и два големи јавора[3] коишто се своевидна природна знаменитост на селото.
На сретселото се наоѓаат три чешми и повеќе бунари, така што населението користи чешмарска и бунарска вода.[4] Водните извори во Горно Чичево се многу издашни и штедри, па од нив е спроведена водата за селото Долно Чичево во кое има изградено резервоар кај селската црква.[5] Од градот Велес селото е оддалечено 25 километри.[3] Горно Чичево е село од збиен тип поделено на 4 маала кои ги носат следните имиња: Чепишовско, Миновско, Рибарско и Поповско Маало.[4]
Горно Чичево има заеднички атар со соседното село Долно Чичево.
Историја
уредиПотекло и значење на името
уредиЗа потеклото на имињата на селата Горно и Долно Чичево постои следната легенда. Во првата половина на XVII век во селото Росоман живееле тројцата браќа Јане, Петре и Стојан кои поради тоа што немале доволно земја за да опстанат, Петре и Стојан се решиле да заминат и да се занимаваат со чување на овци при што тие одбрале место со добри пасишта и извори на атарот на денешните чичевски села.[4] Петре го направил своето бачило во месноста каде што е сега селото Горно Чичево, а Стојан своето бачило го направил малку подолу каде што сега се наоѓа Долно Чичево.[4] Поминало доста време, а браќата не можеле да се видат со својот брат Јане, па неговата ќерка која што многу ги почитувала своите чичковци го натерала татка си да одат на гости кај нив.[4] Кога стигнале таму, чичковците многу се израдувале што на гости им дошол братот, а посебно внуката заради што многу богато ги нагостиле, а таа пак на враќањето на сите кои ги сретнувале само им повторувала дека се враќаат од „чичевото имање“ заради што местото било наречено Чичево.[4] Бидејќи едниот чичко живеел погоре местото го нарекле Горно Чичево, а за другиот чичко кој живеел подолу местото го нарекле Долно Чичево.[4] Веродостојноста на ова предание не може да се потврди со оглед на тоа дека во двете места нема родови со потекло до Росоман кои се основачи на селата.
Села со имиња Горно и Долно Чичево има во околината на градот Требиње во Босна и Херцеговина близу до тромеѓето со Црна Гора и Хрватска, но не се знае дали тие имаат некаква врска со двете истоимени села кај Градско во Македонија, која е можно да настанала по големите преселби по Австриско-турската војна на крајот на XVII век во 1689 година. Село со име Чичево постои и во крајниот јужен дел на Бугарија.
Стопанство
уредиСеланите на Горно Чичево се занимаваат со земјоделство и сточарство и сите работат на свои имоти.[4] Обработливото земјиште се наоѓа под селото, односно полето е заедничко со Долно Чичево при што тоа зазема голема површина, но е доста сиромашно со вода, имајќи само две чешми — Озор и Поројница.[4] Наводнувањето е многу подобрено благодарение на изградбата на браната и вештачкото езеро кај Подлес (Подлешко Езеро) од страна на некогашниот велешки ЗИК „Лозар“. Пашата се наоѓа над селото во реон побогат со вода, а познати пасишта се: Манастирско, Голема Орница, Чупчовец, Горниците, Спаса, Капеш, Калето.[4]
Според податоци од 1957-1960 година, селото Горно Чичево располагало со 200 хектари обработливо земјиште и сточен фонд од 9 коњи, 8 кобили, 2 ждребиња, 6 мазги, 35 магариња, 48 волови, 37 крави, 7 телиња, 303 овци, 91 јагне, 14 овни и 376 кокошки, а во селото имало 5 воденици и 5 изградени казарници за варење на ракија.[4]
Во 1948 година била основана задруга под името „Страхил Гигов“, а подоцна таа била припоена со задругата во Долно Чичево под заедничко име „Славе Јорданов“ — паднат борец во НОВ.[4] Во своите најдобрите времиња во Горно Чичево се одгледувале 200 говеда, 500 овци, 70 коњи и 40 магариња.[4]
Денес, стопанството и дејностите со кои се занимаваат жителите на Горно Чичево се малку подизменети. На обработливото земјиште за потребите на ЗИК „Вардар“ - Градско најмногу се сее жито и тоа пченица и јачмен како и сточна храна за потребите на свињарската фарма „Агрија“ која се наоѓа веднаш крај патот под Долно Чичево. Жители на селото или иселеници од Градско кои имаат имоти во Горно Чичево се занимаваат со лозаро-овоштарство односно со одгледување на праски, кајсии, винова лоза кои се користат за свежи за извоз во странство (Русија) или за произовдство на ракија.
Од градинарските култури во селото се малку застапени одгледувањето на пиперки, патлиџан (домати), кромид, лук во дворовите за сопствени потреби. Околината е поволна и за сточарство, па така во овој предел на зимување се носат стадата овци на ЗИК „Вардар“ - Градско од западна Македонија, тука е и козарската фарма „Мечкоец“ на познатиот водител Миленко Неделковски, како и свињарската фарма „Агрија“ од Велес, а се напасува и крупен добиток како крави, волови и телиња од ЗИК „Вардар“. Постојат и повеќе пчелни сандаци.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Населбата е мала и е доведена во фаза на раселување,[3] поради постојаното огромно намалување на бројот на жителите. Така во 1961 година селото броело 210 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 40 жители, македонско население.[3] Сепак, во селото, денес, има едно постојано населено македонско семејство со мали деца.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[6]
Според пописот од 2002 година, во селото Горно Чичево живееле 22 жители, сите Македонци.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 10 жители, од кои 9 Македонци и 1 Албанец.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 310 | 400 | 309 | 254 | 210 | 163 | 85 | 51 | 40 | 22 | 10 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]
Родови
уредиСелото Горно Чичево во целост е населено со Македонци од православна христијанска вероисповед. Најстари македонски родови коишто го основале Горно Чичево на почетокот на XVII век водат потекло од некогашните блиски села Капеш, Кошарите, Долно Чичево се: Чепишовци доселени од Капеш, Поповци (слават Свети Атанасиј), Будимци (слават Св. Никола) и Таневци (слават Свети Ѓорѓија) сите три рода се доселени од ваковот Кошарите од каде избегале од турските зулуми влечејќи ги своите куќи кои биле плетени од прачки и мачкани од кал.[4] Други родови се: Миновци, Бонџевци, Кимевци (слават Свети Никола), Ѓуровци (слават Св. Богородица Пречиста). Останати доселени македонски родови во Горно Чичево се: Алексовци и Ефтовци (слават Митровден) доселени во средината на XVIII век од Костурско во Егејска Македонија, како занаетчии - ѕидари ко играделе куќи во целата околија, Рибарци (слават Св. Никола) се доселиле од кавадаречкото село Рибарци, Сековци (слават Св. Никола) се доселиле од Двориште, Шијаковци (слават Св. Никола) се доселиле во 1845 од Градско, а по потекло биле од Крајници од каде што избегале од арамии, Нацевци (слават Митровден) се доселиле исто така во 1845 од кавадаречкото село Ресава, Богатиновци и Андреовци (слават Св. Никола) се доселиле во 1850 од кавадаречкото село Сирково, Мавровци (слават Св. Богородица Пречиста) се доселиле во 1850 од Долно Чичево, а потеклото им е од Капеш, Смилковци (слават Митровден) се доселиле во 1872 година од овчеполското село Преод.[4]
Самоуправа и политика
уредиСелото се наоѓа во Општина Градско, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес, додека во периодот по војната од 1955 до 1962 година селото било во рамките на некогашната општина Градско.
Во периодот 1952-1955 година, селото се наоѓало во тогашната Градска општина, во која покрај Горно Чилево се наоѓале и селата Виничани, Водоврати, Градско, Долно Чичево, Подлес, Убого и Уланци. Самата Градска општина била дел од Титоввелешката околија. Во периодот од 1950-1952 година, селото било дел од тогашната Општина Долно Чичево, во која покрај Горно Чичево, се наоѓале и селата Водоврати, Долно Чичево, Крушевица и Подлес.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 2221 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на приватен објект.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 11 гласачи.[13]
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[14]
- Црква „Св. Спас“ — главна селска црква
- Манастири
- Чичевски манастир — манастир сместен на пола пат помеѓу селата Долно и Горно Чичево, изграден во XVII век
- Споменици
- Гробишта и спомен-обележје на загинатите 200 бугарски војници од 5. полк на 11. дивизија загинати во 1915 година (Прва светска војна). Петтиот полк од 11. дивизија бил командуван од потполковникот Борис Дрангов од Скопје.
Личности
уреди- Илија Касев — македонски револуционер;
- Христо Ќулумов — македонски просветен деец;
- Страшо Ончев — македонски писател.
Галерија
уреди-
Селски сокак
-
Стара селска куќа
-
Селска чешма
Наводи
уреди- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 82. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 4,13 4,14 4,15 Ончевски, Страшо (1995). Монографија за селата Горно Чичево и Подлес. Велес: Графичар. стр. 13–35.
- ↑ Според кажување на мештани. Забележале Марио Шаревски и Тони Ристовски на 8 декември 2015
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
уреди- Горно Чичево на Ризницата ?