Оперативна група за финансиски акции или ФАТФ (англиски: Financial Action Task Force, FATF) - меѓународна организација за определување дејствија за спречување на перење пари и на финансирање на тероризам, формирана во септември 1989 година на самитот на групата „Г7“.

Организација и активности

уреди

ФАТФ е врвна меѓународна институција која поставува стандарди во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот. Задача на оваа група е да ги развива и поттикнува националните и меѓународните политики за спречување на перење пари. ФАТФ ги поставува стандардите преку воспоставување препораки, а ефикасната имплементација на препораките на ФАТФ ја поттикнува стабилноста на националните финансиски системи.

Првите препораки ФАТФ ги утврдил во 1990 година за подоцна тие да бидат ревидирани неколкупати. Последните ревидирани препораки биле донесени во февруари 2012 година. Од вкупно 40 препораки, последните пет се однесуваат на меѓународната соработка. Според 36. препорака, земјите треба веднаш да преземат чекори за целосно да станат членки и целосно да ги имплементираат Виенската конвенција од 1988 година, Конвенцијата од Палермо од 2000 година, Конвенцијата на Обединетите Нации против корупцијата од 2003 година и Конвенцијата за финансирање на тероризмот од 1999 година. Онаму каде што е применливо, земјите се охрабруваат да ратификуваат и да спроведат други релевантни меѓународни конвенции, како: Конвенцијата на Советот на Европа за компјутерски криминал од 2001 година, Меѓуамериканска конвенција против тероризам од 2002 и Конвенцијата на Советот на Европа за перење пари, претрес, заплена и конфискација на приноси од криминал и финансирање на тероризам од 2005 година.

ФАТФ брои 35 членки и две регионални организации, и тоа: Аргентина, Австралија, Австрија, Белгија, Бразил, Канада, Кина, Данска, Финска, Франција, Германија, Грција, Хонгконг, Исланд, Индија, Ирска, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Луксембург, Малезија, Мексико, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Португалија, Русија, Сингапур, Јужна Африка, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Турција, Обединетото Кралство, САД, Европска Комисија и Совет за соработка на Арапските Држави во Заливот (Саудиска Арабија, Кувајт, Бахреин, Оман, Катар и Обединетите Арапски Емирати).[1]

ФАТФ дејствува и во друга насока, односно го набљудува напредокот на државите членки во имплементацијата на утврдените препораки, ги идентификува државите кои не ги имплементирале препораките и произведуваат ризик од перење пари и финансирање на тероризам. На секој состанок, ФАТФ објавува „Јавно известување“ за државите кои имаат стратешки недостатоци во системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризмот.[2]

Препораки на ФАТФ за борба против перењето пари

уреди

Оперативната група против финансиски дејствија на перење пари дава 40 препораки за борба против перењето пари[3]:

  1. Секоја земја треба без одложување да преземе конкретни чекори за имплементација на Виенската конвенција и нејзино ратификување
  2. Законите за тајност во финансиските инситуции треба да бидат донесени на начин кој нема да го попречува имплементирањето на препораките
  3. Меѓународна соработка и заемна правна помош при истражување, гонење и екстрадиција во случај на перење на пари, кога е можно
  4. Секоја земја треба да преземе мерки за криминализирање на перењето пари од трговија со дрога како што е поставено во Виенската конвенција
  5. Секоја земја да го криминализира перењето пари кои потекнуваат и од други кривични дела не само од трговија со дрога
  6. Кривичното дело перење пари треба да се однесува на лицата кои знаеле за таквите активности
  7. Корпорациите вовлечени во перење пари треба како правен субјект да преземат кривична одговорност заедно со раководството
  8. Земјите треба да усвојат мерки со кои ќе овозможат конфискување на имотот стекнат со перење пари или наменет за перење пари
  9. Препораките од 12 до 29 треба да се применуваат и во небанкарските финансиски институции
  10. Земјите да се обидат да ги наметнат овие препораки и пошироко на останатите институции, а не само на финансиските
  11. Да се избере работна група која ќе ја истражи можноста за составување на минимален список на небанкарски финансиски институции и други професии кои ќе се справуваат со финансиските субјекти согласно со препораките
  12. Финансиските институции не смеат да имаат анонимни сметки или сметки под фиктивни називи, туку тие треба да се идентификуваат со документ за идентификација или со друг веродостоен документ
  13. Финансиските институции треба да преземат разумни мерки да обезбедат информации за вистинскиот идентитет на клиентот на чие име е отворена сметката или извршена трансакцијата, доколку постои сомневање за тоа
  14. Финансиските институции треба најмалку пет години да ги чуваат податоците за трансакцијата на начин да можат веднаш да им ги обезбедат бараните податоци на соодветните органи, ако тие ги побараат
  15. Финансиските институции треба да обрнат посебно внимание на сите комплицирани, невообичаени, големи трансакции и шеми на трансакции кои немаат видлива економска и правна цел
  16. Ако финансиските институции се сомневаат дека средствата потекнуваат од криминални активности треба да им биде дозволено или наметнато тоа сомневање да го пријават до надлежните органи
  17. Финансиските институции, нивните директори и нивните вработени не треба и не смеат да ги предупредат своите клиенти кога информациите што се однесуваат на нив се пријавени кај властите
  18. Пријавувањето на своите сомневања од страна на финансиските институции, без разлика дали е доброволно или задолжително, треба да биде во согласност со инструкциите дадени од страна на компетентните органи
  19. Во земјите во кои известувањето не е задолжително, а финансиската институција се сомнева во дејствувањето на клиентот и избере да не го пријави, во тој случај треба ја прекине соработката со тој клиeнт и да ги затвори неговите сметки
  20. Финансиските институции треба да развијат програма против перењето пари и таа треба да вклучува: воспоставување интерни политики, процедури и контроли, назначување соодветни вработени на менаџерски позиции и соодветни процедури на контрола при врaботување нови лица, постојана програмa за обука на вработените, правење ревизија за тестирање на системот,
  21. Финансиските институции треба да обрнат посебно внимание на бизнис-односите и трансакциите со лица, компании или финансиски институции од земји во кои воопшто или недоволно се применуваат овие препораки
  22. Финансиските институции треба да осигураат дека гореспоменатите принципи се применуваат во сите филијали и подружници во странство во обемот кој го дозволуваат локалните закони и регулативи, особено во оние сместени во земји во кои воопшто или недоволно се применуваат овие препораки
  23. Групата признава дека треба да се пручи изводливоста на мерки за откривање и следење на готовината на границите, предмет на строги заштитни мерки, со цел да се обезбеди правилна употреба на информациите без притоа да се попречува слободното движење на капиталот
  24. Земјите треба да ги земат предвид изводливоста и корисноста од системот во кој банките, финансиските институции и посредници ќе ја известуваат централната национална агенција за сите домашни и меѓународни трансакции, предмет на строги заштитни мерки со цел да се обезбеди правилна употреба на информациите
  25. Земјите треба да охрабруваат општа употреба на помодерни и побезбедни техники на управување со готовина во насоки на истиснување на готовинското плаќање и фаворизирање на безготовинските трансакции
  26. Органите надлежни за надзор на банките, финансиските институции и посредниците треба да се погрижат дека надгледуваните институции имаат соодветни програми за заштита од перење пари
  27. Треба да се назначат соодветни органи кои ќе обезбедат ефикасна примена на препораките и во другите професии кои работат со готовина различни од финансиските институции преку административни регулативи и надзор
  28. Надлежните органи треба да им дадат насоки на финансиските институции да го препознаат сомнителното однесување на своите клиенти
  29. Надлежните органи треба да ги преземаат сите неопходни правни и регулативни мерки за заштита од преземање на финасиските институции и нивно потпаѓање под контрола на криминални групи и нивни соработници
  30. Државната администрација треба да размислува за евидентирање на меѓународните готовински текови барем во вкупни износи со цел собирање на информации за проценка на одливите и приливите од различни извори во странство
  31. Меѓународните органи, како Интерпол или Царинскиот совет за соработка, треба да ја преземат одговорноста за собирање и понатамошно ширење на информации до надлежните органи за најновите достигнувања во перење на пари и техниките за перење пари. Националните органи надлежни во различни полиња треба да ги пренесат овие информации до финансиските институции во своите земји
  32. Земјите треба да направат напори да ја подобрат спонтаната или бараната меѓународна размена на податоци за сомнителни трансакции и поедини или субјекти поврзани со ваквите трансакции. Секако, размената на податоци треба да биде во согласност со одредбите за заштита на приватноста и лични податоци
  33. Земјите треба да осигураат, на билатерална или мултилатерална основа, дека различните стандарди на знаење на националните дефиниции нема да влијае на можноста и волјата на земјите за пружање меѓусебна правна помош
  34. Меѓународните корпорации треба да бидат поддржани од мрежа на билатерални и мултилатерални договори и спогодби засновани на општо раширени правни концепти, со цел да обезбедат практични мерки за влијание врз најшироката можна рамка за заемна помош
  35. Земјите треба да ја поддржат примената на меѓународните конвенции како на пример одредбите од конвецијата на Советот на Европа за конфискација на заработките од кривични дела
  36. Да се охрабрува и поддржува соработка при спроведување истраги меѓу соодветните надлежни органи на земјите
  37. Да се воспостават процедури за заемна помош во однос на кривични прашања со употреба на задолжителни мерки вклучувајќи обезбедување податоци од финансиски институции и лица, пребарување на лица и објекти, запленување и обезбедување на докази за перење пари и нивна употреба во истрагата и обвинувањето за перење пари и слични активности
  38. Да се формира орган кој ќе преземе навремени акции на барање на странските земји за идентификување, замрзнување, одземање или конфискување на заработките или друг имот во вредноста на заработките од перење пари и други поврзани криминални дела
  39. Координација на активностите за гонење – во интерес на правдата, а со цел да се избегне конфликт на надлежности, треба да се размисли за пронаоѓање и примена на механизми за одредување на најпогодното место за судско гонење на обвинетите во случај кога судското обвинение е во повеќе земји. Исто така, треба да постојат и спогодби за координирање на одземање и конфискување на заработките и можна поделба на конфискуваните средства.
  40. Земјите треба да воспостават процедури за екстрадиција на лицата обвинети за перење пари и други обвинувања поврзани со перење пари.

Препораките на ФАТФ можат да се поделат во четири групи: препораките 1-3 содржат општа рамка, препораките 4-25 се однесуваат на зајакнување на финансиските и нефинансиските институции во борбата против перењето пари - препораките 26-34 се однесуваат на зајакнување на контролните и судските институции во борбата против перењето пари, препораките 35 -40 се однесуваат на меѓународната соработка.

Наводи

уреди
  1. „www.fatf-gafi.org (пристапено на 4.3.2018)“. Архивирано од изворникот на 2015-09-19. Посетено на 2018-03-04.
  2. „www.ufr.gov.mk (пристапено на 4.3.2018)“. Архивирано од изворникот на 2017-03-17. Посетено на 2018-03-04.
  3. International standards on combating money laundering and the financing of terrorism & Proliferation, THE FATF RECOMMENDATIONS, Adopted by the FATF Plenary in February, Paris, 2012.