Осигурување е еден облик на управување со ризик, првенствено насочен кон намалување на финасиските губитоци. Осигурувањето е пренос на ризикот од осигуреникот врз осигурително друштво, со плаќање на премија за осигурување.

Рекламен плакат на холандска осигурителна компанија од 1900–1918 г.

Основна логика на осигурувањето

уреди

Основна идеја која лежи зад Осигурувањето е поврзување на ризикот на повеќе осигуреници во еден фонд, така законот на веројатност т.е. законот на големите броеви обезбеди да само релативно мал број на неповолни настани навистина се оствари во една година. Со тоа, трошокот на тој мал број на настани може да биде лесно поднесен од страна на голем број на осигуреници.

На пример, поединци знаат дека ризикот од пожар во нивниот дом е мал, но се плашат од истото зошто последиците би биле многу неповолни; затоа спремни се да платат осигурување против пожар; Осигурителните друштва примаат иплати на премии зошто знаат, врз основа на статистика, дека кај голем број на осигуреници ќе се случат мал број на пожари; поради таквиот низок ризик и осигурителната премија за пожари обично е ниска.

Осигурувањето, избегнувањето, ублажувањето и преносот на ризик, ја намалуваат неизвесноста кај поединци или организации. Со осигурувањето се овозможува интелигентно управување со ризикот, со постигнување на стабилност и развој.

Историја на осигурувањето

уреди

Во кодот на Хамураби напишан околу 1754 година п.н.е. стои дека доколку трговец е нападнат на територијата на Вавлион, власта ќе се погрижи да му ги надомести трошоците. Тоа и претставува основата на осигурувањето – надоместок на штета.

Начелата од кодот на Хамураби се развиле и распространиле во антиката. Така настанале осигурителните заедниците во Грција околу 800 п.н.е.  Тие врз заемна основа ги надоместувале загубите што настанувале при превоз на море. Секој член на заедниците вложувал одредена сума можел да бара оштета доколку се случи штета.

Надградба на овие заедници биле бродските заедници во Персискиот Залив. Тие му набавувале нов брод на сопственикот чиј брод ќе потонел.

Пресвртница е комерцијалното осигурување т.е. формирањето на специјализирани компании коишто заработуваат при осигурувањето. Првата комерцијална компанија е основана во Бриж, Белгија. Најпрво мала белгиска банка нудела осигурување на добра. Банката потоа во 1310 година се трансформира и станува првата осигурителна компанија.

Првите самостојни договори во осигурувањето настанале во почетокот на XIV век во Џенова, Италија.  Со појавата на овие договори, првпат ѝ е дадена јасна и недвосмислена правна форма на економската содржина на осигурувањето. Ова дало силен поттик тоа да стане значајна важна стопанска дејност.

За да ја намалат опасноста на која се изложени, подучени од искуството, соптвеницие на бродови земале осигурување. Во ова осигурување влегувал само еден мал дел од вредноста на одредената стока. Тие истовремено земале во осигурување и дел од вредноста на други стоки во други бродови кои пловеле по различни мориња. На тој начин се овозможувало обезбедување во случај да пропадне едниот брод или стока, да ги компензираат своите загуби со големите заработувачки. Ова претставувало прво свесно организирање на ризичните заедници меѓу лица изложени на лични опасности на разни места и во различно време од страна на едно лице.

Во 1575 Британскиот парламент ја основал комората за осигурување – Chamber of Insurance.

Многу важен настан за развојот на осигурувањето е пожарот во лондон во 1666та година кој поттикнал да се основаат мноштво осигурителни компании. Од тука почнуваат и зачетоците на познатата Лојд од Лондон.[1]

Во текот на 19 век со развојот на статистиката и актуарската математика доаѓа до огромен развој на осигурувањето. Ова доведува до воведување на нова законска регулатива, пензиски систем како и развој на Реосигурување. Реосигурувањето[2] претставува предавање на ризикот од страна на осигурителната компанија на друга компанија на комерцијална основа.

Видови осигурување

уреди

Основни видови

уреди

Според светската пракса во осигурувањето, а и македонското законодавство, Осигурувањата се делат грубо на 2 вида:

  • Животно осигурување (осигурување на животот, рентно, дополнително осигурување со осигурување на живот, доброволно пензиско осигурување и др.) и
  • Неживотно осигурување (осигурување од последици на несреќа, осигурување на моторни возила, каско осигурување, на имотот, од пожар и други опасности, осигурувања од одговорност и др.)

Класи на осигурување

уреди
 
Филијалата на Германското здравствено осигурување (ДКВ) во Гетинген, Германија

Сите видови на осигурување според македонското законодавство официјално се поделени во 23 класи (чл. 5 од Законот за Супервизија на Осигурувања - 27/2002), и тоа:[3]

  1. Осигурувањето од последици на несреќен случај - незгода (вклучувајќи индустриски повреди и професионални заболувања), во случај на смрт или нарушување на здравјето поради повреда, покрива: исплата на осигурената сума во еден целосен износ; исплата на осигурената сума во рати; комбинација на исплати од претходните два случаи; исплата поради повреди, нарушување на здравјето или смрт на патници.
  2. Здравственото осигурување покрива услуги кои не се покриени со задолжителното здравствено осигурување: еднократен паричен надомест за инвалиднина; надомест на трошоците за болничко лекување; комбинација на плаќањата од претходните два случаи.
  3. Осигурувањето на моторни возила (каско) ги покрива штетите за:моторни возила со сопствен погон, освен шински; влечни патни возила.
  4. Осигурувањето на шински возила (каско) ги покрива штетите настанати на шински возила.
  5. Осигурувањето на воздухоплови (каско) ги покрива штетите настанати на воздухоплови.
  6. Осигурувањето на пловни објекти (каско) ги покрива штетите настанати на речни или езерски пловни објекти.
  7. Осигурувањето на стока во превоз (карго) ги покрива штетите или губиток на стока во превоз, вклучувајќи го багажот, без оглед на видот на транспортот.
  8. Осигурувањето на имот од пожар и природни непогоди ги покрива штетите или губитоци на имот (освен штетите на имот предвидени со точките од 3 до 7 од овој член) во случаи на: пожар, експлозија, луња, природни непогоди освен луња, земјиште што тоне или се лизга.
  9. Други осигурувања на имот ги покрива штетите или губитоци на имот(освен штетите на имот предвидени со точките од 3 до 7 од овој член) поради град или мраз, и други штети освен оние од точка 8 од овој член (на пример во случај на кражба).
  10. Осигурување од одговорност од употреба на моторни возила.
  11. Осигурувањето од одговорност од употреба на воздухоплови ги покрива штетите настанати од употреба на воздухопловот вклучувајќи ја одговорноста на сопственикот.
  12. Осигурувањето од одговорност од употреба на пловни објекти ги покрива штетите настанати од употреба на пловните објекти вклучувајќи ја одговорноста на сопственикот.
  13. Општо осигурување од одговорност го покрива осигурувањето од други одговорности освен оние од точките од 10 до 12 од овој член.
  14. Осигурувањето на кредити покрива: ризик од неплаќање (ненавремено плаќање) поради неликвидност или други околности; извозни кредити и други ризици во врска со извозот, трговијата и инвестирањето на странски и домашен пазар; кредити со отплата на рати; хипотекарни и ломбардни кредити; земјоделски кредити, и други кредити и заеми.
  15. Осигурување на гаранции ги покрива и директно или индиректно гарантира за исполнувањето на обврските на должниците.
  16. Осигурување од финансиски загуби ги покрива финансиските загуби кои се јавуваат како резултат на: ризик при вработување; недоволен приход (општо); временски неприлики; загубен приход; непредвидени општи трошоци; непредвидени трговски трошоци; загуба на пазарната вредност; загуба на рентата или приходот; индиректни трговски загуби освен оние наведени во претходните случаи; други финансиски загуби (освен трговски), и други видови на финансиски загуби.
  17. Осигурување на правна заштита ги покрива трошоците за правна помош и судски спорови.
  18. Осигурување на туристичка помош (патничко осигурување) за лица кои се соочуваат со проблеми при патување или други случаи на отсуство од дома или од постојаното место на живеење.
  19. Осигурување на живот (освен она наведено во точките 20-23 од овој член) опфаќа осигурување во случај на доживување, осигурување во случај на смрт, мешано осигурување на живот, рентно осигурување и осигурување на живот со поврат на премии.
  20. Осигурување на брак или породување.
  21. Осигурување на живот во врска со удели во инвестициони фондови, кога осигуреникот го презема инвестициониот ризик во однос на промена на вредноста на инвестиционите купони или други хартии од вредност на инвестиционите фондови.
  22. Осигурување на тонтина (здружение на рентиери), е осигурување на лица здружени со цел заеднички да ги капитализираат уплатените влогови и соодветно на тоа да ги дистрибуираат акумулираните средства помеѓу лицата кои достигнале одредена возраст, или пак помеѓу корисниците на осигурувањето на починатите лица.
  23. Осигурување на средства за исплата, се заснова на актуарски пресметки при што во замена за еднократни или периодични уплати осигурените лица добиваат побарувања со одредено времетраење и износ.

Осигурувањето во Македонија

уреди

Правна рамка

уреди

Целиот систем на осигурување во Македонија правно е заснован врз Законот за супервизија на осигурувањето, како и други поединечни закони, подзаконски акти и имплементација на легислативата на ЕУ од областа на осигурувањето.[4] Договорот за осигурување е договор во кој договарачот на осигурувањето се обврзува врз начелата на заемност и солидарност да здружува определен паричен износ во друштвото за осигурување (осигурувач), а друштвото се обврзува, ако дојде до настан што претставува осигуран случај, да му го исплати на осигуреникот или на некое трето лице надоместокот, односно договорената сума.[5]

Контрола на државата и регулирање на пазарот

уреди

Главна регулаторна државна институција која го контролира целокупниот пазар на осигурување во Македонија е Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).[6] Агенцијата за супервизија на осигурување е основана како независно регулативно тело со надлежности и овластувања да се грижи за законско и ефикасно функционирање на пазарот на осигурување, со цел заштита на правата на осигурениците и корисниците на осигурителните услуги. Законските надлежности на Агенцијата се однесуваат на:

  • Спроведување на супервизија над друштвата за осигурување, осигурителните брокерски друштва, друштвата за застапување во осигурувањето, осигурителните брокери и застапници, правните лица кои се поврзани со друштвата за осигурување и Националното биро за осигурување, како и
  • Издавање и одземање дозволи, согласности и лиценци, изрекување супервизорски мерки, донесување подзаконски акти и давање предлози за донесување на закони, членување во меѓународни асоцијации од областа на осигурувањето, соработување со други надзорни органи и поттикнување на развојот на осигурувањето.

Осигурителни друштва во Македонија

уреди

Според македонското законодавство, осигурителните компании се строго поделени на оние коишто работат со животно и оние коишто работат со неживотно осигурување. Притоа, компанијата која работи со животно нема право да работи со неживотно осигурување - и обратно.
Во 2015 година, на осигурителниот пазар во Македонија работеле 15 друштва, од кои 14 биле во доминантна странска сопственост. Притоа, странскиот капитал учествувал со 92,2% во вкупниот капитал на осигурителниот сектор. Во 11 друштва, како доминантни сопственици биле осигурителни друштва со седуште во ЕУ. Заклучно со вториот квартал на 2015 година, во осигурителните друштва работеле 1.818 вработени. Во осигурувањето работеле и 30 осигурително-брокерски друштва, 11 друштва за застапување, три банки делувале како застапници во осигурувањето и 950 лиценцирани осигурителни застапници (агенти).[7]

Друштва за животно осигурување

уреди

Заклучно со јануари 2019, постојат пет друштва со лиценца за животно осигурување:[8]

Во 2015 година, на осигурителниот пазар во Македонија работеле четири друштва за осигурување на животот.[7]

Друштва за неживотно осигурување

уреди

Во 2019 година, друштва имале лиценца за неживотно осигурување:[7][8]

  • „АДОР Македонија - Скопје-Виена Иншуренс Груп"
  • „Триглав Осигурување АД“
  • „Сава осигурување АД Скопје“
  • „Евроинс Осигурување“
  • „ВИНЕР - Виена Иншуренс Груп (неживотно)“
  • „Еуролинк осигурување“
  • „Граве“
  • „Уника“
  • „Кроација осигурување - Неживот“
  • „Осигурителна полиса“
  • „Халк Осигурување“

Осигурување на животот

уреди

Во 2016 година поголем замав започнало да зема осигурувањето на животот кога инвестицискиот ризик паѓа на товар на осигуреникот, познато како unit-linked осигурување. Во Македонија, овој вид животно осигурување за првпат се појавило кон крајот на 2015 година, кога биле склучени 325 договори со вкупна премија од полиси во износ од 7,71 милион денари, а веќе во 2016 година биле склучени 1.466 договори со брупо-премија од полиси во износ од 57,46 милиони денари. Овој тип осигурување претставува еден вид долгорочно штедење, каде парите на осигуреникот се инвестираат во разни хартии од вредност, но ризикот останува на товар на осигуреникот.[12]

Здравствено осигурување

уреди

Во 2013 година, друштвата за осигурување започнале да нудат нова услуга - доброволно здравствено осигурување, кое сè уште има скромно значење на македонскиот пазар на осигурителни услуги. Така, во 2016 година биле склучени 1.300 договори за здравствено осигурување, а бруто-приходот од премии за осигурување изнесувал 45,22 милиони денари. една година претходно биле склучени само 368 договори, со бруто премии од полиси во износ од 6,37 милиони денари.[13]

Банкоосигурување

уреди

На 29 октомври 2012 година, за првпат една македонска банка (Охридска банка) добила дозвола да врши застапување во осигурувањето. Оттогаш, уште две други банки станале дистрибутивен канал за продажба на осигурителни полиси, нудејќи банкоосигурување. Тоа е спој на кредит и ризико осигурување на животот, каде во случај на смрт на корисникот на осигурувањето, осигурителната полиса се винкулира во корист на банката. Притоа, ако корисникот на кредитот умре или се соочи со траен инвалидитет пред рокот на враќањето на кредитот, тогаш друштвото за осигурување го исплаќа останатиот дел од кредитот. Во 2013 година, банките продале вакви полиси во вредност од три милиони денари, во 2014 година тој износ пораснал на 11,8 милиони, во 2015 година достигнал 39,4 милиони, а веќе во 2016 година изнесувал 122,15 милиони денари.[12]

Остварувања во осигурителниот сектор во Македонија

уреди

Во 2014 година, осигурителните друштва во Македонија оствариле бруто-премија од продажба на полиси во износ од 7.629.423.000 денари, од кои 88,36% или 6.741.094.000 денари биле во секторот на неживотно осигурување, а 888.329.000 денари во животното осигурување. Притоа, најголем износ на наплатени премии имало друштвото „Триглав“ - 1.144.928.000 денари (пазарно учество од 16,98%), а потоа следувале: „Македонија“ со 867.763.000 денари и „Винер“ со 703.263.000 денари. Инаку, најголем дел од премиите за неживотно осигурување отпаѓал на задолжителното осигурување на автомобилите (3.542.856.000 денари), по што следувало осигурувањето на имотот (917.290.000 денари), каско-осигурувањето на автомобилите (690.130.000 денари), осигурувањето од незгода (580.807.000 денари) и осигурувањето на имотот од пожари и други незгоди (460.685.000 денари). Во структурата на каналите на продажба, најголем дел зафаќала директната продажба преку друштвата за осигурување (48,82%), потоа следела продажбата преку осигурително-брокерски друштва (22,77%), на продажбата преку агенти (застапници) отпаѓале 14,5%, продажбата преку друштва за застапување во осигурувањето опфаќала 10,71%, а другите дистрибутивни канале учествувале со 3,2%.[7][14]
Во делот на животното осигурување, најголемо пазарно учество имало друштвото „Кроација“ - 43,32% (384.706.000 денари), а на второто место било друштвото „Граве“ со пазарно учество од 41,83% (371.554.000 денари) и по нив следувале: „Винер“, „Уника“ и „Македонија осигурување“. Степенот на пенетрација на осигурувањето, мерено според учеството на бруто-премијата од полиси во бруто-домашниот производ, изнесувал 1,45%, што било речиси исто како и претходната година (1,44% во 2013), додека степенот на густината изнесувал 3.694 денари по глава на жител.[7][14]
Заклучно со 2014 година, вкупните средства на друштвата за осигурување изнесувале 16,42 милијарди денари (18,25% повеќе од 2013 година), со што осигурителнито сектор учествувал со 3,56% во вкупните средства на финансискиот сектор во Македонија. Притоа, вкупниот капитал на осигурителните друштва изнесувал 5,18 милијарди денари (11,19% пораст во однос на 2013 година), а маргината на солвентност изнесувала 1,15 милијарди денари. Во 2014 година, осигурителните друштва оствариле добивка по оданочувањето во износ од 342 милиони денари при што дури 340 милиони произлегувала од неживотното осигурување. На крајот од првата половина на 2015 година, осигурителните друштва од неживотното осигурување имале издвоено технички резерви во износ од 7,45 милијарди денари (14,2% повеќе од 2014 година), со што тие го исполниле законскиот минимум. Претходно, во 2011 година, осигурителните друштва од неживотното осигурување имале технички резерви од 96,1% во однос на законскиот минимум, додека степенот на исполнетост на законските резерви изнесувал во 2010 година само 75%. Друштвата за животно осигурување имале резерви од 2,40 милијарди денари (101,6% од законскиот минимум).[7]

Во 2016 година, осигурителниот сектор во Македонија остварил приход од продажба на полиси за осигурување во износ од 8,72 милијарди денари, што претставувало пораст од 5,34% во споредба со 2015 година, кога приходот од премиите изнесувал 8,28 милијарди денари. Притоа, во неживотното осигурување, приходот од премии изнесувал 7,43 милијарди (7,18 милијарди во 2015), а кај осигурувањето на живот бил остварен приход од премии во износ од 1,29 милијарди (1,10 во 2015). Во текот на 2016 година, осигурителните друштва склучиле 1.292.748 договори за осигурување, т.е. пораст од 7,74% во споредба со 2015 година, кога биле склучени 1.199.860 договори. Истата година, вкупниот капитал на друштвата за осигурување изнесувал 5,54 милијарди денари, а маргината на солвентност изнесувала 1,34 милијарди денари (1,11 милијарди кај неживотното и 223 милиони денари кај животното осигурување), со што капиталот на осигурителните друштва бил 4,13 пати поголем од маргината на солвентност.[15] Од гледна точка на видовите производи, најзначајна категорија била задолжителното осигурување од автоодговорност, со остварена премија од полиси во износ од 3,86 милијарди денари (учество од 44,22% во вкупниот приход од продадени полиси), а потоа следувале: осигурувањето на имот (1, 55 милијарди денари или учество од 17,83%), доброволното осигурување на патничките возила (8,7%), осигурувањето од незгода (7,63%) итн. Трета најголема класа осигурување, со учество од околу 15% во вкупниот приход од полиси било осигурувањето на животот. Во оваа класа, најголем дел заземало традиционалното осигурување на животот (73,82%), потоа следувало осигурувањето на животот во случај на доживување (8,27%), ризико-осигурувањето (5,56%), осигурувањето на животот кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот, т.е. unit-linked (4,45%) и дополнителното осигурување на животот (7,89%).[16]

Во 2017 година е остварена бруто полисирана премија (во понатамошниот текст: „БПП”) во вкупен износ од 8,99 милијарди денари, што претставува раст од 3,10% во однос на БПП остварена во 2016 година (2016: 8,72 милијарди денари). Во делот за неживотно осигурување е остварена БПП во износ од 7,55 милијарди денари (2016: 7,43 милијарди денари), односно раст од 1,56% во споредба со 2016 година. Кај осигурувањето на живот e остварена БПП во износ од 1,44 милијарди денари (2016: 1,29 милијарди денари), што претставува раст од 11,95% во однос на 2016 година.[17]

Наводи

уреди
  1. Митески, Стефан (2019-07-10). „Историја на осигурувањето“. Bits of insurance. Архивирано од изворникот на 2019-07-10. Посетено на 2019-07-10.
  2. Митески, Стефан (7/07/2019). „What is reinsurance“. reinsuranceweekly.com. Архивирано од изворникот на 2019-07-11. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  3. Законот за Супервизија на Осигурувања, 27/2002[мртва врска]
  4. Закон за супервизија на осигурувањето, Службен весник на Република Македонија, број 27/2002.[мртва врска]
  5. Никола Главинче, „Законски решенија во врска со осигурувањето на живот“, Економија и бизнис, година 19, број 233, ноември 2017, стр. 60.
  6. Мрежно место на Агенцијата за супервизија на осигурување
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 7,5 Дарко Блажевски, „Пазарот на осигурување во Република Македонија“, Економија и бизнис, година 18, број 208, октомври 2015, стр. 50-53.
  8. 8,0 8,1 АСО - Регистер на Друштва за Осигурување
  9. „Официјална страница на: ГРАВЕ ад Скопје“. Архивирано од изворникот на 2010-06-12. Посетено на 2010-12-28.
  10. „Официјална страница на: КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ - ЖИВОТ ад Скопје“. Архивирано од изворникот на 2011-01-08. Посетено на 2010-12-28.
  11. Официјална страница на: ВИНЕР ЛАЈФ ад Скопје
  12. 12,0 12,1 Климе Попоски, „Осигурителниот сектор во Македонија бележи раст и покрај нагласените неекономски ризици“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 53-54.
  13. Климе Попоски, „Осигурителниот сектор во Македонија бележи раст и покрај нагласените неекономски ризици“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 54-55.
  14. 14,0 14,1 „Осигурителните компании лани оствариле 7,6 милијарди денари премија“, Дневник, година XIX, број 5754, сабота, 30 април 2015, стр август
  15. Климе Попоски, „Стабилност на пазарот на осигурување во Република Македонија и грижа за осигурениците“, Економија и бизнис, година 19, број 227, мај 2017, стр. 84.
  16. Климе Попоски, „Осигурителниот сектор во Македонија бележи раст и покрај нагласените неекономски ризици“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 52-53.
  17. Блажевски, Дарко (јуни 2018). „Пазарот на осигурувањето во 2017“. МК Осигурување.

Надворешни врски

уреди