Самиот термин „ревизија“ етимолошки потекнува од латинскиот збор „revidere“ што преведено значи „да се испита“, „да се изврши преглед“ и од новолатинскиот „revisio“ , што значи „повторно да се прегледа“, „одново да се погледа“, „уште еднаш да се види“ заради испитување и просудување.

Ревизијата најкратко може да се дефинира како инспекција и верификација на точноста на финансиските податоци и извештаи. Таа е систематски процес на објективно прибирање и оцена на докази поврзани со извештаите за економските настани и резултати, со цел да се потврди степенот на кореспондентност помеѓу постоечките извештаи за работењето и однапред утврдените критериуми и да се дистибуираат добиените резултати до заинтересираните страни.

Видови на ревизија

уреди

Според објектот на испитување

уреди

Ревизија на финансиски извештаи

уреди

Како што е познато сметководството претставува процес на евидентирање, класификување, сумирање и известување за резултатите од финансиските трансакции во форма на финансиски извештаи. За разлика од него ревизијата на финансиските извештаи утврдува дали тие извештаи се изработени во согласност со општоприфатените сметководствени стандарди. Може да се каже дека овој вид на ревизија на корисниците на ревизорските извештаи им нуди независно и објективно мислење за вистиноста и чесноста на презентираните податоци во финансиските извештаи на претпријатијата кои им се клиенти. Овој вид на ревизија се смета за многу значајна активност во процесот на донесување на деловни одлуки за алоцирање на економските ресурси и успешно раководење на бизнисот.

Во фокусот на интересирање се базичните финансиски извештаи: билансот на состојба, билансот на успех и извештајот на парични текови. Во овој поглед должност на менаџментот е да ја чува сметководствената евиденција и да ги подготви финансиските извештаи во согласност со општоприфатените сметководствени стандарди (што во Македонија се Меѓународните сметководствени стандарди и Меѓународните стандарди за финансиско известување).

Одговорноста на ревизорот од друга страна се сведува на испитување на презентираните финансиски исвештаи, сметководствената евиденција и релевантните докази прибавени од разни извори, со перманентно следење и респектирање на стандардите за ревизија, со цел да утврди да извештаите се составени во согласност со сметководствените стандарди и врз основа на тоа да даде свое мислење.

Ревизија на усогласноста на постапките

уреди

Со овој вид на ревизија се утврдува степенот до кој ревидираниот ентитет ги следи стандардите или правилата воспоставени, создадени или донесени од страна на повисоките авторитети, договорите, законската регулатива или писмената согласност. Во оваа дефиниција, повисоки авторитети се врвниот менаџмент, кој е обврзан да ги вгради стандардите во политиката и постапките на деловниот ентитет со изработка на посебни упатства и прирачници. Оваа ревизија се фокусира на испитувањата на усогласеноста на постапките со одделен сет од стандарди или правила, така што на пример целта на ревидирањето може да биде лимитирана само на постапките на лицата задолжени за продажни активности и на усогласеноста на нивните постапки со пропишаните услови за продажба.

Ревизија на работењето

уреди

Тоа опфаќа систематско испитување на активностите на целото претпријатие или само на дел од него од аспект на тоа колку ефикасно и делотворно се користат ресурсите. Како што знаеме менаџерите се задолжени да донесуваат одлуки во насока на зголемување на ефикасноста и делотворноста. Ефикасноста е прикажана со односот помеѓу влезот (инпут) и излезот (аутпут) во претпријатието, па секое зголемување на излезот во однос на влезот значи и зголемување на ефикасноста. Од друга страна делотворноста го означува успехот на претпријатието во остварувањето на поставените цели. Делотворноста и ефикасноста во секој сучај треба да се следат со цел менаџментот да знае дали нивните одлуки се правилни или не. Затоа примарната цел на ревизијата на работењето е да ги оцени перформансите, во идентификување на подрачјата кои имаат потенцијал за одредено подобрување и во развивање на препораки за нивно реализирање.

За разлика од другите два вида на ревизија кај кои стандардите кои се употребуваат за следење на усогласеноста, кај ревизијата на работењето овие стандарди се тешки за определување. Основната тешкотија е да се одредат мерливи критериуми кои ќе бидат користени за оцена на делотворноста и ефикасноста.

Судска ревизија

уреди

Ова е понов вид на ревизија која се појавила како резултат на зголемениот број измами, грешки и нерегуларности инкорпорирани во финансиските извештаи на претпријатијата клиенти. Нејзина примарна цел е да ги открие или да ги спречи активностите кои доведуваат до вакви измами или нелегални активности, кои можат да се сретнат во финансиските извештаи. Овој вид бележи значаен пораст, посебно во делот на финансиите во претпријатието.

Според органот кој го спроведува испитувањето

уреди

Надворешна ревизија

Надворешната ревизија претставува сплет на активности за испитување и оценување на реалноста и објективноста на финансиските извештаи на претпријатијата, кои се спроведени од страна на компетентни, независни, надворешни и овластени лица со цел да оформат и изразат поддржано мислење во извештај за извршената ревизија. Спроведувањето на оваа ревизија е поврзано со постоењето на информации презентирани во верифицирана форма и со одредени стандарди, според кои ревизорот треба да ги оценува информациите.

Ревизија се спроведува врз објективни информации како што се квантитативните, но и врз субјективни информации како што е делотворноста на компјутерскиот систем и ефикасноста на производните активности. Поради ова критериумот за оценување зависи од видот на информации, односно дали истите се субјективни или објективни. За разлика од објективните чии стандарди се сметководствените принципи и стандарди на пример, кои се веќе утврдени, за субјективните информации се користи друг приод. Поточно веќе е практика клиентот и ревизорот да изнајдат компромис при одредување на овие стандарди пред започнување на ангажманот.

Без разлика на тоа што е современ тренд да се додаваат повеќе вида на услуги во склоп на надворешната ревизија, таа сепак се изедначува со ревизијата на финансиските извештаи.

Најбитниот елемент на оваа ревизија е ревизорот да биде надворешно лице, за да демонстрира апсолутна независност од менаџментот на компанијата при изразувањето на своето мислење.

Овој вид на ревизија се појавува со појавувањето на акционерските друштва, заедничката сопственост и одделувањето на сопственоста од управувањето. Надворешниот ревизор се става во состојба да ги штити интересите на сопствениците преку прикажување на точна слика за финансиската состојба на претпријатието.

Веќе со закон е пропишано дека секое претпријатие што има акции треба да се регистрира на берза и со тоа мора да изврши надворешна ревизија. Надворешната ревизија е потребна за да ѝ даде на јавноста точна изјава за финансиската позиција на компанијата. Ова се прави најмалку еднаш годишно од страна на сметководители кои не се постојано вработени во компанијата. Ревизорите се осигуруваат дека компанијата ги следела правите сметководствени процедури во нејзините финансиски извештаи и податоци. Тие ги споредуваат моменталните финансиски извештаи со оние од минатата година за да утврдат дали извештаите се доследно пресметани. Ако не се тогаш тие претставуваат извртена слика за финансиската позиција на компанијата. Ревизорите исто така ја истражуваат состојбата на ставките од активата за да видат да не се зголемени, и обврските и капиталот да не се намалени.

Кога ревизорите се задоволни со сметките на компанијата тие издаваат извештај со кој потврдуваат дека веруваат во точноста на билансот на состојба, билансот на успех и ддруги податоци кои ја претставуваат финансиската позиција на компанијата. Потоа овој извештај се објавува во годишниот извештај на компанијата.

Интерна ревизија

уреди

Надворешните ревизори при вршење на ревидирањето на извештаите на компанијата со цел да спроведат брза, ефикасна и финансиски рационална ревизија, во најголем дел ги користат податоците од внатрешната ревизија.

Оваа ревизија настанала како резултат на потребата на современото претпријатие да воведе сопствен облик на надзор со цел да го испита системот на контроли, што ги вршат сите вработени како составен дел на своите работни обврски, да ја открие ефикасноста на овие контроли, слабите точки на нивните функционирања и да предложи мерки за нивно елиминирање. За разлика од претходните две ревизии кои законски се регулирани, интерната ревизија во законската регулатива во Република Македонија не е опфатена. Интерната ревизија пред сè му служи на менаџментот.

Литература

уреди

Повеќе за оваа тема може да се најде во „Ревизија“ од Зорица Божиновска Лазаревска, 2004 Скопје