Финансиски посредници
Финансиски посредник (англиски: Financial Intermediary) е финансиска институција којашто ја врши својата функција на тој начин што позајмува средства од суфицитните економски единици (оние кои имаат вишок финансиски средства) и потоа им дава заеми или купува хартии од вредност од дефицитните економски единици (оние на кои им се потребни финансиски средства).
Функции на финансиските посредници
уредиФинансиските посредници извршуваат неколку важни функции:[1]
- трансформација на обемот: Финансиските посредници прибираат финансиски средства во мали износи од голем број штедачи, а одобруваат заеми во поголеми износи; на тој начин, тие ги задоволуваат потребите и на малите штедачи и на фирмите на кои им се потребни поголеми финансиски средства.
- рочна трансформација: Финансиските посредници прибираат финансиски средства со краток рок на достасување и од нив одобруваат заеми со подолги рокови на достасување.
- трансформација на ризикот: финансиските посредници им нудат на штедачите финансиски инструменти со многу низок ризик (на пример, депозити), а тие финансиски средства ги употребуваат за давање заеми со повисок ризик.
Во теоријата, првото објаснување на појавата на финансиските посредници и на нивната предност во однос на директното позајмување се темелело на трансакциските трошоци. Имено, при директното пренесување на финансискиет средства од штедачите кон должниците постојат неколку видови трансакциски трошоци, како:[2]
- трошоци на барањето (search costs): Секој економски агент кој има вишок финансиски средства прави трошоци за да пронајде друг економски агент кој има потреба од финансиски средства; притоа, тој треба да собере информации за економскиот агент кому се потребни средствата, а двете страни се соочуваат и со трошоци околу склучувањето на договорот за позајмување на финансиксите средства.
- трошоци на верификацијата (verification costs): Економскиот агент кој има вишок финансиски средства мора да ја анализира оправданоста на проектот што сака да го преземе економскиот агент кому му се потребни средствата.
- трошоци за надгледување (monitoring costs): Откако ќе биде склучен договорот за финансирање, позајмувачот прави трошоци за надгледување на должникот, со цел да се обезбеди дека тој навистина ги користи финансиските средства за вистинската намена.
- трошоци за извршување (enforcement costs): Ако должникот не се придржува кон договорот, тогаш позајмувачот има трошоци за да го принуди должникот да ги изврши своите обврски.
Притоа, ако трошоците на финансиските посредници се помали од вкупните трошоци на двата економски агенти (оној со вишок финансиски средства и оној кому му требаат финансиските средства), тогаш економски е оправдано трансакцијата да се изврши со финансиски посредник наместо непосредно меѓу двата економски агента.[3]
Појавата на финансиските посредници може да се објасни и на друг начин: Ако потрошувачите се несигурни дали во иднина ќе имаат доволно финансиски средства за да ја финансираат својата потрошувачка, тогаш тие треба да чуваат резерва од ликвидни средства. Меѓутоа, портфолио-теоријата покажува дека вкупната ликвидносна резерва на финансискиот посредник е помала од збирот на резервите на поединечните потрошувачи. Најпосле, постоењето на финансиските посредници може да се објасни и со асиметричните информации меѓу штедачите и должниците: Имено, оној кој бара финансиски средства на заем знае повеќе за својот проект отколку оној кој ги позајмува средствата; овие асиметрични информации предизвикуваат две појави - морален хазард и погрешна селекција, кои ја намалуваат ефикасноста на директното позајмување на финансискиет средства, т.е. финансиските посредници, поради специјализацијата и експертизата, се подобро способни да се справат со овие проблеми.[4]
Видови финансиски посредници
уредиФинансиските посредници се делат на три категории: депозитарни институции (банки), институции за договорно штедење и инвестициски посредници.[5]
Депозитарни институции
уредиДепозитарните институции се финансиски посредници кои прифаќаат депозити од поединци и од институции и кои одобруваат кредити. Овие финансиски институции имаат посебно значење, бидејќи тие се вклучени во процесот на создавање на депозитите кои се значајна компонента на понудата на пари. Во овој вид институции спаѓаат комерцијалните банки и т.н штедно-кредитни институции: штедно- кредитни асоцијации, штедилници и кредитни унии.
Комерцијални банки
уредиОвие финансиски посредници прибираат парични средства така што на поединците и на институциите им нудат трансакциски депозити, штедни депозити и орочени депозити. Потоа, банките ги употребуваат овие пари за да одобруваат комерцијални, потрошувачки и хипотекарни кредити и да купуваат хартии од вредност.
Штедно-кредитни здруженија и штедилници
уредиОвие депозитарни институции прибираат парични средства преку штедни депозити (често наречени „удели“) и преку орочени и трансакциски депозити. Во минатото, овие институции биле ограничени во своите активности и најмногу одобрувале хипотекарни заеми за домување. Со текот на времето, ваквите рестрикции во нивното дејствување се намалиле, со што се намалила разликата помеѓу овие депозитарни институции и комерцијалните банки.
Кредитни унии
уредиОвие финансиски институции вообичаено се многу мали кооперативни институции за кредитирање, организирани за одредена група: членови на унија, вработени на конкретна фирма итн. Прибираат финансиски средства преку депозити наречени „удели“ и најчесто одобруваат потрошувачки кредити.[6]
Институции за договорно штедење
уредиИнституциите за договорно штедење, како што се осигурителните компании и пензиските фондови, се финансиски посредници кои прибираат финансиски средства во периодични интервали на договорна база. Договорните посредници склучуваат договори со своите клиенти заради штедење и/или финансиска заштита од загуба на животот, или сопственоста. Поради тоа што можат да предвидат со разумна точност колкави суми ќе треба да исплаќаат во годините што следат, тие не мораат да се грижат во толкав степен како депозитарните институции од брзо губење на паричните средства. Како резултат на ова, ликвидноста на средствата не е толку значајна тема за нив, како што е за депозитарните институции и тие имаат тенденција да ги инвестираат своите фондови во долгорочни хартии од вредност, како: корпоративни обврзници, акции и хипотеки.
Друштва за животно осигурување
уредиКомпаниите за животно осигурување ги осигуруваат луѓето од финансиски ризици (финансиски загуби) по настаната смрт и продаваат ануитети (годишни исплати на доход по пензионирање). Тие принираат парични средства од премиите што луѓето ги уплатуваат врз основа на полисите за осигурување и тие средства ги употребуваат најмногу за купување обврзници и хипотеки. Исто така, тие купуваат и акции, но се соочуваат со ограничувања во однос на износот на акции што може да го поседуваат.
Осигурителни друштва за пожари и несреќи
уредиОвие компании ги осигуруваат имателите на полисите од кражби, пожари и несреќи. Тие се многу слични на компаниите за животно осигурување, прибираат парични средства преку премиите за нивните полиси, но се изложени на поголема можност за загуба, ако се случат големи несреќи. Поради оваа причина, тие ги употребуваат своите парични средства за купување на поликвидни средства отколку компаниите за животно осигурување. Во најголема мера, тие купуваат општински обврзници, корпоративни обврзници и акции, како и хартии од вредност од централната влада.
Пензиски фондови и владини пензиски фондови
уредиПриватните пензиски фондови и државните и локалните пензиски фондови обезбедуваат пензиски доход, во форма на ануитети, за вработените кои се опфатени во пензиски план. Пензиските фондови прибираат средства преку придонесите од работодавците и вработените; тие придонеси или автоматски се одбиваат од нивните плати или, пак, ги уплатуваат доброволно. Најголемиот дел од активата на пензиските фондови се состои од корпоративни обврзници и акции.[7]
Инвестициски посредници
уредиИнвестициските посредници нудат хартии од вредност кои можат да бидат држани неограничено време како долгорочна инвестиција, или да бидат бргу продадени кога клиентот сака да си ги врати средствата. Како за договорните, така и за инвестиционите посредници, се тврди дека нивните приливи и одливи на средства можат да бидат полесно предвидливи, отколку финансиските текови на депозитните посредници. Тоа им овозможува на овие институции да ги минимизираат кусорочните, ликвидни инвестиции и да се фокусираат на подолгорочни инвестиции со повисоки приноси. Оваа категорија на финансиски посредници ги вклучува финансиските компании,инвестициските фондови, инвестициските фондови на пазарот на пари и инвестициските банки.[8]
Финансиски компании
уредиФинансиските компании прибираат парични средства преку продажба на комерцијални записи (краткорочни долговни инструменти) и преку емитување акции и обврзници. Потоа, тие им ги позајмуваат прибраните парични средства на потрошувачите, наменети за купување добра (како мебел и автомобили) и реконструкција на домовите или за малите бизниси. Некои финансиски компании се основаат од страна на корпорациите, со цел да им помогнат во продажба на добрата. На пример, „Форд мотор кредит компани“ им одобрува кредити на потрошувачите кои купуваат автомобили од марката „Форд“.
Инвестициски фондови
уредиОвие финансиски посредници стекнуваат фондови преку продажба на акции на голем број поединци и ги користат приходите од таквата продажба за набавка на диверзифицирани портфолија на акции и обврзници. Инвестициските фондови им овозможуваат на акционерите да ги здружат нивните средства со што ќе можат да ја исползуваат предноста на пониски трансакциски трошоци при купување на големи блокови на акции и обврзници. Исто така, инвестициските фондови им овозможуваат на акционерите да поседуваат подиверзифицирани портфолија од портфолијата што тие би ги имале во друг случај. Акционерите можат да ги продадат (претворат во пари) акциите во било кој момент; но, вредноста на овие акции ќе биде детерминирана од вредноста на хартиите од вредност што ги поседува инвестицискиот фонд. Бидејќи таа вредност значително флуктуира, и вредноста на акциите на инвестицискиот фонд флуктуира, исто така; затоа, инвестициите во инвестициски фондови можат да бидат ризични.
Инвестициски фондови на пазарот на пари
уредиОвие финансиски институции ги имаат одликите на инвестициски фонд, но исто така, тие во извесна мера функционираат како депозитарни институции, бидејќи нудат депозитни сметки. Како повеќето инвестициски фондови, тие продаваат акции за да стекнат парични средства што понатаму ги користат за купување инструменти на пазарот на пари, кои се и безбедни и многу ликвидни. Потоа, каматата од овие средства им се исплаќа на акционерите. Клучна одлика на овие фондови е фактот дека акционерите можат да пишуваат чекови на основа на вредноста на нивниот удел. Всушност, акциите во инвестициски фондови на пазарот на пари функционираат како чековни депозити на основа на кои се исплаќа камата. Овие фондови постигнале извонреден раст од 1971 година наваму, кога првпат се појавиле.
Инвестициски банки
уредиИнвестициската банка, и покрај нејзиното име, не е банка или финансиски посредник во вообичаената смисла на зборот; односно, оваа институција не прима депозити за потоа да создаде заеми од нив. Наместо тоа, инвестициска банка е друг вид посредник што им помага на корпорациите да издаваат хартии од вредност. Најпрво ја советува корпорацијата кој вид хартии од вредност да емитува (обврзници или акции); потоа ѝ помага во продажбата (underwriting) на хартиите од вредност преку тоа што ги откупува по однапред одредена цена и ги препродава на пазарот. Инвестициските банки, исто така, дејствуваат како деловни менаџери при спојувањето и преземањето на фирмите.[9]
Наводи
уреди- ↑ Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 34-36.
- ↑ Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 36-37.
- ↑ Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 37-40.
- ↑ Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 40-42.
- ↑ Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - Второ дополнето и изменето издание, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2009, стр. 47.
- ↑ Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банкарство и финансиски пазари - превод на осмото издание, Магор ДОО Скопје, Скопје , 2010, стр. 39-40.
- ↑ Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банкарство и финансиски пазари - превод на осмото издание, Магор ДОО Скопје, Скопје , 2010, стр. 40-41.
- ↑ Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - Второ дополнето и изменето издание, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2009, стр. 48.
- ↑ Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банкарство и финансиски пазари - превод на осмото издание, Магор ДОО Скопје, Скопје, 2010, стр. 42.