Улица на мрачните бутици

„Улица на мрачните бутици“ (француски: Rue des Boutiques obscures) — роман на францускиот писател Патрик Модијано, објавен во 1978 година од издавачката куќа „Галимар“ од Париз. За него, Модијано ја добил најпрестижната француска книжевна награда, „Гонкур“. Инаку, Модијано им го посветил делото на мртвиот брат Риди и на татко си.[1]

СодржинаУреди

Осврт кон делотоУреди

„Улица на мрачните бутици“ е шестиот роман на Модијано во кој тој повторно се зафаќа со егзистенцијалните прашања од неговите претходни дела. Романот е организиран низ сеќавањата распоредени околу главниот лик, кој е погоден од амнезија и поради тоа се наоѓа во потрага по сопстевниот идентитет. Амнезијата како книжевна постапка е веќе користена во литературата и пред Модијано, а тој ја применува на противречен начин: времето на амнезијата на главниот лик е отстрането од приказната, но со својата разурнувачка последица се провлекува низ неа. Со таквиот заплет, личноста е препуштена на непостојаноста на туѓуте сеќавања. Притоа, повеќеслојните метафори на Модијано се покриени со талогот на лесната приказна. Во таа мисла, романот може да се сфати како алузија на улицата на среќавањето на римските комунисти, која е само една попатна адреса на главниот лик заостаната во најдлабоките сеќавања, но која отвора бројни други потраги од кои настануваат другите глави на романот. Притоа, секоја глава е ново нејасно полусеќавање, отежнато од прашања и проблематични траги, најчесто туѓи. Меѓутоа, Ги Ролан, во потрагата по себе, е опкружен со интересна приказна која може да спореди со оние на Сименон. На тој начин, книжевната постапка на Модијано мајсторски ѝ помага на фабулата: приказната е толку полесна и поподвижна, токму поради тоа што е исткаена од овие несигурни сеќавања. Покрај тоа, таа е уште поубава поради тоа што е раскажана низ богата низа од слики при што некои од нив постепено се претвораат во симболи. Таков е случајот со сликата која се повторува низ приказната и така ја стекнува функцијата на рефрен: старата кутија со фотографии во која завршува сè откако од сеќавањата ќе исчезнат имињата на личностите од фотографиите, причините зошто се нашле на нив итн.[2]

НаводиУреди

  1. Izabela Konstantinović, „Patrik Modiano“, во: Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 23.
  2. Izabela Konstantinović, „Patrik Modiano“, во: Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 12-14.