„Изгубениот кварт“ (француски: Quartier perdu) — роман на францускиот писател Патрик Модијано, првобитно објавен во 1985 година од издавачката куќа „Галимар“. Авторот ѝ го посветил делото на неговата сопруга Доминик.[1]

Содржина

уреди

Еден јулски ден, во Париз пристигнува познатиот англиски писател на криминалистички романи, Емброус Гајз. Всушност, неговото вистинско име е Жорж Декер, кој пред дваесет години се преселил во Лондон, а потоа го променил името и зел британско државјанство. Тој доаѓа во градот со цел да потпише договор за издавање на неговите дела на јапонскиот пазар. Додека во хотелската соба ја прелистува својата тетратка од младоста, тој наоѓа едно дамнешно писмо од неговиот париски пријател, адвокатот Даниел де Рокроа, кој подоцна извршил самоубиство. Всушност, токму Рокроа своевремено го наговорил да замине во Лондон и да започен нов живот. Поттикнат од писмото, Гајз ја посетува Гита Ватје, соработничка и животна сопатничка на Рокроа. Таа треба да отпатува и му го отстапува станот на Рокроа при што му дава папка со полициски досиеја која Рокроа ги оставил за него. Гајз почнува да ги чита досиејата во кои има материјали за едно убиство, а во нив има информации кои се однесуваат и на него, како и на некои негови поранешни пријатели. Во една прилика, Гајз случајно се среќава со Робер Карпантјери, поранешниот шофер на покојниот филмски режисер Жорж Мајо, кој бил пријател на Гајз додека живеел во Париз. Карпантјери му кажува дека Мајо не е мртов и утредента тие следат еден автомобил низ улиците на Париз, а Карпантјери тврди дека возачот е токму Мајо. Заинтересиран од настанот, Гајз сака пак да се сретне со Карпантјери, но тој исчезнал без трага.[2]

Кога Гајз се враќа во својот стан, решава да остане во Париз уште 15 дена и почнува да ги запишува сеќавањата од времето додека живеел во градот: Кога имал 20 години, во еден планински хотел, тој ја запознал госпоѓата Кармен Блен, вдовицата на еден богат човек, на која ѝ ги донел куферите во нејзиниот дом во Париз. По долго чекање, таа најпосле го примила во својот стан и оттогаш почнал редовно да ја посетув. Така започнало неговото дружење со Даниел де Рокроа, Гита Ватје, Жорж Мајо, брачниот пар Хејворт и уште неколку луѓе, кои биле пријатели на Кармен. Една ноќ, Гајз се јавува во агенцијата за изнајмување автомобили и така случајно се среќава со Филип Хејворт, кој е шофер на лимузината. Тој му кажува на Гајз дека Кармен умрела пред пет години. Додека се вози низ Париз, Гајз се присетува на една заедничка ноќ мината со Хејворт пред 20 години, кога запознал една млада девојка. Една ноќ, девојката го повикала веднаш да појде во станот на Хејвортови, а таму Гајз бил сведок на ужасна глетка - девојката убила еден маж. Тој веднаш ја извлекол од станот и ја однел во еден хотел, а истовремено, решил да раскрсти со лошото друштво и да го напушти Париз. Откако завршува со пишувањето, Гајз ја наоѓа адресата на таа девојка и утредента ја среќава пред нејзината зграда.[3]

Осврт кон делото

уреди

„Изгубениот кварт“ претставува роман во романот, зашто во себе содржи детективска приказна која непредвидено се претвора во криминалистичка. Како и другите дела Модијано, и овој роман има надворешна видлива структура чија улога доаѓа до израз дури на крајот од книгата. Структурата на приказната е органски поврзана со главниот лик, кој истовремено е раскажувачот за кој брзо станува јасно дека е двојна, поделена личност. Овој раскол, чие дно ја открива причината како поента на горниот слој на приказната, ги дели романот и неговото дејствие на два дела: минатото и животот во удобната сегашност. Сржта на детективската приказна се одвива во минатото, кога раскажувачот и останатите учесници во дејствието биле млади. Во рамките на тоа минато постои уште едно, подалечно минато —„времето на Лисјен“, кое речиси се губи во временската перспектива и во минатото постои само како делче од сеќавањето. Токму ова заборавено минато ги поврзува Лисјен и главниот лик, кој на крајот од книгата изјавува: „И јас, од денес, сакам повеќе да не се сеќавам на ништо.“ На тој начин, романот е обид да се премостат искинатите краеви на семејната и општествената сегашност со длабоката свест за својот идентитет, а тој пат оди надолу во минатото, со негово испитување и разголување. За разлика од јасната структира, ликовите во книгата се недовршени скици, повеќе контури отколку фигури. Веќе на првите страници од првиот роман се појавуваат многи фиктивни и вистински имиња кои даваат можност за многубројни асоцијации и алузии. Но, насекаде, во прв план избива недовршеноста во сликањето на ликовите, кои се губат и стануваат сенки или точки, со што авторот остава можност за сопствена доработка на сликите. Истовремено, оваа постапка дава замаглен тон, некое сфумато кој го осенчува длабокиот песимизам на Модијано. Исто така, и едноставниот стил на Модијано го покажува неговото мајсторство. Притоа, во книгата постои бавност и развлеченост во приказната, која понекогаш и се прекинува, а тоа нè потсетува дека овој стил е изграден по појавата на „новиот роман“. Но, и оваа постапка е само едно од средствата на Модијано и совршено се вклопува во неговата општа концепција за важноста на ритамот во однос на замислата во делото. Сепак, овој роман се одликува со многу повеќе простор за темелниот класичен книжевен израз, па и за класичната Модијанова реченица која се прпеознава по јасниот ритам со речиси поетски нагласок.[4]

Наводи

уреди
  1. Izabela Konstantinović, „Patrik Modiano“, во: Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 23.
  2. Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 39-135.
  3. Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 136-247.
  4. Izabela Konstantinović, „Patrik Modiano“, во: Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 25-31.