Младост (роман на Модијано)

„Младост“ (француски: Une jeunesse) — роман на францускиот писател Патрик Модијано, објавен во 1981 година од издавачката куќа „Галимар“ од Париз. Модијано им го посветил делото на постариот брат Риди, како и на своите ќерки Зина и Марија.[1]

СодржинаУреди

Осврт кон делотоУреди

„Младост“ е седмиот роман на Модијано и се занимава со проблемот на суштината на егсистенцијата. Удобната, релативно сигурна сегашност со која почнува романот, е изградена на многу нестабилна основа. Двете главни личности, Луј и особено Одила, скапо ги плаќаат своите искуства од првата младост: полициски станици, насилство, штотуку започнато пријателство кое с епрекинува со чудно, тивко самоубиство. Приказната е раскажана во трето лице, еднина и множина, така што е одделена и од читателот и од раскажувачот. Од средината на романот, кога главниет протагонисти стануваат љубовен пар, приказната продолжува низ нивните заеднички искуства кои временски претходат на почетокот од приказната. На тој начин, сето она што е важно се поместува: минатото преку сеќавањата станува единствената сегашност, а вистинската сегашност од почетокот на романот се проектира во приказната како минлива иднина. И овде, Модијано ја применува техниката на површно прикажување на контурите, па заклучоците кои ги носи читателот се ублажени со бројните лесни потези со кои се насликани и водени главните личности и нивните постапки. Сепак, темните тонови се основа на сите причинско-последични односи и врски во овој роман за младоста. Токму со младоста се поврзани и имињата наведени во посветата — Риди, Зина и Марија — постариот брат на Модијано кој умрел млад, и двете ќерки на Модијано.[2]

НаводиУреди

  1. Izabela Konstantinović, „Patrik Modiano“, во: Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 23.
  2. Izabela Konstantinović, „Patrik Modiano“, во: Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 21-23.