Ремон Кено
Ремон Кено (21 февруари 1903 - 25 октомври 1976) - француски романописец, поет, драматург и математичар, еден од основачите на литературното движење наречено „Oulipo“ (УЛИПО).
Ремон Кено (Raymond Queneau) | |
---|---|
Занимање | Поет, прозаист, есеист, математичар |
Националност | Французин |
Книжевно движење | надреализам |
Значајни дела | „Стилски вежби“, „Цаца во метрото“ |
Животопис
уредиРемон Кено (во чие презиме, етимолошки, се наоѓаат зборовите „даб“ и „куче“) — роден во Авр, во трговско семејство, а неговите родители потекнувале од Турена и од Нормандија. Во една песна, Кено вели дека татко му имал продавница, мајка му имала музикална душа (свирела на клавир), а тој не работел ништо, но бескрајно читал. Откако завршил во гимназијата во Авр, Кено дошол во Париз каде студирал филозофија на Сорбона. Истовремено, тој се обидувал да разработи математичка теорија на шаховската комбинаторика, слушал предавања за Хегел, за гностичарите и манихејците, се подложил на психоаналитичко испитување, се поврзал со Бретон, соработувал со списанието „Надреалистичка револуција“ и ги истражувал записите на бизарните иноватори. При едно патување во Грција, Кено го открил паралелното постоење на народниот и книжевниот јазик, по што ја проучувал таа појава и во Франција. Во младоста, како турист патувал од Ибица и Грција сè до Алжир и Мароко (каде го служел воениот рок). До 1938 година, во едно списание имал постојана рубрика со наслов „Го познавате ли Париз?“ Истовремено, во 1937 година станал уредник во издавачката куќа „Галимар“, каде долго време бил одговорен за Енциклопедиите.[1] Во 1951 година, Кено бил избран за член на Академијата „Гонкур“. Умрел на 25 октомври 1976 година.
Творештво
уредиУште за време на студентските денови, Кено се дружел со групата надреалисти на која ѝ пристапил во 1924 година. Откако раскрстил со надреализмот, Кено се вклучил во проучување на „литературните лудаци“ и работел на „Енциклопедијата на неегзактните науки“. Одбиена од издавачите, оваа енциклопедија му послужила за романот „Децата на лимонот“ (1938). Во 1937 година го објавил романот во стихови „Дабот и кучето“ којшто претставува еден вид автобиографија напишана од аспект на психоанализата. Со книгата „Мојот пријател Пјеро“ (1942) го доживеал својот прв книжевен успех. Во 1947 година, се појавила збирката „Стилски вежби“, литературно ремек-дело составено од 99 куси раскази во кои на различен начин е разработена една иста банална приказна. Во 1959 година го објавил романот „Зази во метрото“ кој, покрај „Стилски вежби“, е неговото најпознато дело.[2]
Поетиката на Кено
уредиВо предговорот на еден роман на Вилијам Фокнер, Кено го изложил своето залагање за биографскиот метод. Според него, односот на човекот кон книжевното дело не спаѓа во оние видови истражувања што треба да ги презираме. Притоа, тој вели дека „книжевноста во една цивилизација почнува во мигот кога личноста која е во прашање ќе го стави својот потпис на делото... Од тој миг, не можеме тој потпис да го набљудуваме само како неколку натрупани букви... освен ако се откажеме од секаква човечка љубопитност.“ Автобиографскиот аспект е доминантен во целото негово прозно и поетско творештво. Иако бил критички настроен кон француските писатели обвинувајќи ги дека градат кариера (најчесто во државната администрација) паралелна со книжевната, Кено сепак е типично француски писател, т.е. во суштина, тој е солипсист и лексикоман кој, според зборовите на Белавал, се одликува со лајбницовски вкус за уметноста на комбинаториката.[3]
Исто така, своите книжевни принципи Кено ги изложил во рамките на Работилницата на можната литература, која била еден вид продолжение на некогашниот Колеж де Патафизик. Така, според Кено, целта на таа работилница била „да им се предложат на писателите нови структури од математичка природа или со помош на нови вештачки или механички постапки што можат да дадат придонес во книжевната дејност... некој вид поддршка на инспирацијата... или поточно: поттик на творењето.“[4]
Главна творечка преокупација на Кено бил феноменот на јазикот. Тој бил голем иноватор на францускиот јазик кој, според него, е мртов и богат како некој мртов јазик. Притоа, тој мисли на пишаниот, академски јазик кој не е ништо друго туку алгебра на Њутновиот рационализам и есперанто коешто порано го овозможувало разбирањето меѓу Фридрих од Прусија и Катарина од Русија, арго на дипломатите, езуитите и евклидовските геометри при што јазот меѓу академскиот и говорниот јазик постојано се продлабочува. Оттука, Кено предложил тројна реформа на францускиот јазик, опфаќајќи ги речникот, синтаксата и правописот. Конкретно, тој се залагал за употреба на народниот јазик, со употреба на фонетско писмо, и тоа „најфонетското можно... држејќи сè до правилото секоја буква да се изговара така што нема да ја менува својата вредност без оглед во која положба се наоѓа... И бидејќи не гледам ништо свето во нашиот современ француски јазик, не гледам никаква причина за народниот јазик да не се подигне до достоинството на пишаниот јазик, како извор на една нова книжевност, нова поезија. А реформата на правописот, или поточно прифаќањето на некој фонетски правопис, се наметнува сама по себе, зашто така ќе се оствари она што е најважно: превласта на усното над писменото.“ Оваа фонетска опсесија е присутна во сите дела на Кено и тој е единствениот француски писател кој стои на граничната линија на една неостварена јазична реформа која на неговото творештво му дава екстравагантност и оригиналност.[5] Во тој поглед, самиот Кено изјавил: „Единствено на што претендирам, тоа е да пишувам онака како што мене ми се допаѓа...“.[6]
Надворешни врски
уреди- Life and works (англиски)
- Periodicals Архивирано на 5 мај 2013 г. (англиски)
- Interview Архивирано на 4 февруари 2012 г. (англиски)
- Article Архивирано на 12 ноември 2013 г. (англиски)
- Raymond Queneau Biography at LitWeb.net Архивирано на 27 септември 2007 г. (англиски)
- Typographic Interpretation Архивирано на 10 ноември 2011 г. of Exercises in Style (англиски)/(германски)
Наводи
уреди- ↑ Danilo Kiš, „Svojevrsna parodija francuske književnosti“, во: Rejmon Keno, Stilske vežbe. Beograd: Rad, 1977, стр. 123-125.
- ↑ Danilo Kiš, „Svojevrsna parodija francuske književnosti“, во: Rejmon Keno, Stilske vežbe. Beograd: Rad, 1977, стр. 124-125.
- ↑ Danilo Kiš, „Svojevrsna parodija francuske književnosti“, во: Rejmon Keno, Stilske vežbe. Beograd: Rad, 1977, стр. 123-124.
- ↑ Danilo Kiš, „Svojevrsna parodija francuske književnosti“, во: Rejmon Keno, Stilske vežbe. Beograd: Rad, 1977, стр. 127.
- ↑ Danilo Kiš, „Svojevrsna parodija francuske književnosti“, во: Rejmon Keno, Stilske vežbe. Beograd: Rad, 1977, стр. 128-129.
- ↑ „Beleška o piscu“, во: Rejmon Keno, Caca u metrou (drugo izdanje). Beograd: BIGZ, 1992, стр. 213.