Депозит
Депозитот (англиски: deposit account) претставува финансиски инструмент преку кој населението, финансиските друштва, нефинансиските друштва, државните органи и непрофитните организации ги вложуваат своите пари во банките. Депозитите, заедно со кредитите, претставуваат основни производи на комерцијалните банки. Исто така, депозитите заземаат најголем дел од обврските во билансите на состојбата на банките. Прибирањето депозити е една од двете основни групи активности на банките како финансиски посредници. Притоа, тие имаат огромно значење во работењето на банките, бидејќи претставуваат основен извор на парични средства од кои банките одобруваат кредити.
Поим и одлики
уредиЗа секоја банка е исклучително важно да го обезбеди потребниот износ депозити по определена разумна цена. Во таа смисла, депозитното работење има непосредно влијание врз профитабилноста на банката и врз можностите за растеж. Оттука, банката мора да биде подготвена да одговори на конкурентските притисоци така што ќе нуди нови депозитни производи под конкурентни услови. Конкретните видови и одлики на депозитните производи се разликуваат од една до друга банка, како одраз на нивните напори да задоволат различни потреби и барања на потрошувачите.
Депозитите, посебно оние на населението, претставуваат стабилни извори на средства, затоа што се одликуваат со ниска еластичност во однос на промените на каматните стапки. Имено, при пораст на каматните стапки, населението, како и претпријатијата што одржуваат долготрајни блиски односи со банката, обично не ги повлекуваат парите со цел да ги инвестираат на друго место во потрага по повисока заработка. Меѓутоа, големите клиенти, коишто на своите сметки располагаат со поголеми износи на слободни парични средства, реагираат поинаку при пораст на пазарните каматни стапки, т.е. многу брзо можат да ги повлечат парите од банката и затоа, нивните депозити немаат карактер на стабилни извори на средства. Исто така, депозитите на населението се разликуваат од депозитите на другите институционални сектори по тоа што само тие се покриени со системот на осигурување во случај на ликвидација на банката.[1]
Видови на депозити
уредиВо основа, депозитната база на банките ја сочинуваат следниве видови депозити:
- трансакциски депозити
- штедни депозити
- други форми на депозити.
Трансакциски депозити
уредиТрансакциските депозити (transaction deposits) се поврзани со платниот промет како традиционална функција што ја извршуваат банките. Тие претставуваат денарски и девизидевизни сметки што луѓето, претпријатијата и другите организации ги отвораат кај банките со цел да вршат разни плаќања, поврзани со нивните секојдневни трансакции (купување производи, набавка на материјали, плаќање сметки итн.) Се разбира, за да можат да ги искористат за плаќање, сопствениците на овие сметки мора да имаат непречен пристап до парите. Со други зборови, парите на овие сметки немаат никаков договорен рок на орочување, т.е. можат да се повлечат во секое време, според желбата на нивните сопственици и затоа се познати и како депозити по видување (demand deposits). И покрај тоа што немаат рок на достасување, трансакциските депозити се одликуваат со голема стабилност, т.е. овие парични средства најчесто остануваат во банката долг временски период. Имено, овие депозити не се каматноеластични, т.е. слабо реагираат на промените на пазарните каматни стапки.
Трансакциските депозити ги сочинуваат: тековни сметки на населението, сметките на претпријатијата и другите правни лица, сметките врзани за платежни картички итн. Во оваа група спаѓаат и разни трансакциски сметки што ги отвораат банките една кај друга, во врска со нивните коресподентски односи. Во полза на овие депозити се влеваат паричните приливи што населението и правните лица ги остваруваат од различни извори (плати, пензии, стипендии, хонорари итн.) Банките обично не плаќаат камата на трансакциските депозити и плаќаат многу мала камата (0,5% или 1%). Меѓутоа, иако каматните трошоци се ниски, тие предизвикуваат големи оперативни и други некаматни трошоци.
Штедни депозити
уредиЗа разлика од трансакциските депозити, коишто служат за финансирање на тековните расходи, штедните депозити (savings deposits) ги претставуваат слободните парични средства на населението и правните лица. Овие парични средства вообичаено се чуваат за финансирање на идната потрошувачка или пак како резерва за покривање на непредвидените расходи. И штедните депозити можат да бидат по видување, макар што најголем дел од нив се орочени, при што рокот на орочување може да се движи од еден или неколку дена, преку повеќе месеци, па сè до неколку години.
Имајќи предвид дека се работи за орочени депозити, тие носат далеку повисоки каматни стапки во споредба со трансакциските, коишто се движат дури и до 10% на денарските и 5% на девизните штедни влогови. Треба да се забележи дека сопствениците на штедните депозити се многу заинтересирани за приносот што го остваруваат на вложените парични средства, така што овие депозити се одликуваат со повисока каматна еластичност. Имено, во случај на пораст на каматните стапки, голема е веројатноста дека сопствениците на овие депозити ќе ги повлечат парите и ќе побараат поповолни можности за нивно инвестирање. Тоа особено се однесува на правните лица и на крупните штедачи, додека искуството покажува дека ситните штедачи помалку реагираат на промените на каматните стапки. Оттука, наспроти фактот дека се работи за орочени депозити, еден дел од нив влегува во групата на нестабилни депозити.[2]
Други видови депозити
уредиТрадиционалната поделба на трансакциски и штедни депозити се надминува како резултат на финансиските новини, т.е. со текот на времето, банките почнале да нудат и хибридни форми на депозити, коишто претставуваат комбинација на трансакциските и штедните депозити. На пример, некои банки им нудат на клиентите можност да отворат орочени депозити од кои можат да повлекуваат пари во секое време пред рокот на орочување. Исто така, сопствениците на овие сметки можат во секое време да вршат дополнителни уплати без потреба од склучување дополнителни договори. Овие депозити носат високи каматни стапки, слични на каматните стапки на орочените депозити, но каматата се пресметува само на износот што останува орочен, додека во случај на предвремено повлекување на парите, банката пресметува камата како да се работи за депозит по видување.
Освен хибридните трансакциско-штедни сметки, постојат и бројни други видови депозити. Таков е случајот со разни специјални, наменски и ограничени депозити, поврзани со извршување на определени трансакции.[3]
Депозитите на нефинансиските субјекти во македонските банки
уредиНа крајот на декември 2016 година, вкупните депозити на нефинансиските сектори во Македонија изнесувале 321.888 милиони денари, додека на крајот од јуни 2017 година тие паднале на 318.426 милиони денари. Во тие рамки, депозитите на претпријатијата изнесувале 87.377 милиони денари во декември 2016 година, односно 80.885 милиони денари во јуни 2017 година. Во споредба со нив, депозитите на населението биле многу поголеми: 217.394 милиони денари на крајот на 2016 година, т.е. 219.505 милиони денари во јуни 2017 година.[4]
Табела бр. 1: Рочна и валутна структура на депозитите на нефинансискиот сектор во Македонија, 30 јуни 2013 година (во милиони денари).[5]
Опис | Вкупно | Големи банки | Средни банки | Мали банки | ||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Денарски | Денарски со клаузула | Девизни | Денарски | Денарски со клаузула | Девизни | Денарски | Денарски со клаузула | Девизни | ||
Депозити по видување | 79 431 | 36 455 | 2 | 23 605 | 10 501 | 0 | 6 531 | 1 574 | 0 | 763 |
Депозити орочени до 1 год | 108 584 | 37 656 | 479 | 48 944 | 8 847 | 261 | 9 976 | 1 732 | 57 | 634 |
Депозити орочени над 1 год | 57 665 | 23 744 | 234 | 15 285 | 7 482 | 71 | 5 224 | 4 138 | 11 | 1476 |
Вкупни депозити | 245 680 | 97 855 | 714 | 87 834 | 26 830 | 332 | 21 731 | 7 444 | 68 | 2 872 |
Систем на осигурување на депозити во Македонија
уредиСо донесувањето на Законот за Народна банка на Македонија од мај 1993 година, централната банка гарантираше за денарските штедни влогови на населението до износот од 10 000 германски марки во денарска противвредност. Во 1996 година, со измените на Законот за Народна банка, банките се задолжија да формираат Фонд за осигурување на штедни влогови, којшто беше основан во јануари 1997 година како акционерско друштво во сопственост на 17 банки и 15 штедилници. Во јуни 2000 година беше донесен посебен закон со кој се основа Фонд за осигурување на депозити. Тој е правен наследник на претходниот, само што се наоѓа во државна сопственост. Членството во Фондот е задолжително за сите депозитарни институции (17 банки и 8 штедилници на крајот на 2010 година), коишто се должни да плаќаат премии за осигурување во висина до 0,7% од износот на депозитите сè додека средствата на фондот не достигнат 4% од вкупните штедни влогови на населението.
Фондот за осигурување на депозити ги штити само ситните штедачи, односно тој ги покрива само депозитите на населението, и тоа: денарските и девизните сметки, депозитите врзани за парични картички и девизните приливи на луѓето во банките. Притоа, со системот на осигурување не се опфатени: штедачите на кои им биле дадени привилегирани услови, сопствениците на најмалку 5% од акциите, членовите на органите на управување во банките и штедилниците, како и нивните најблиски роднини.
За потребите на пресметката на обесштетувањето, се собираат сите депозити што едно лице ги има во банката. Притоа, сите депозити во износ до 30 000 евра (во денарска противвредност) се обесштетуваат целосно, т.е. 100%. Тоа значи дека за износите над 30 000 евра, депозитите се вклучуваат во стечајната маса, т.е. не е извесно дали и колкав дел од парите штедачот ќе успее да наплати. Според тоа, износот на обесштетување што им се нуди на македонските штедачи е прилично висок, имајќи го предвид ниското ниво на доход во споредба со развиените земји. Претходно, до крајот на 2010 година, висината на обесштетувањето беше утврдена на 100% од вкупните депозити во една банка до износот од 10 000 евра, а за износот од 10 000 до 20 000 евра, штедачот добиваше 90% од депозитите. Инаку, во почетниот период по основањето на Фондот за осигурување на депозити, отштетата беше утврдена на 100% за износот до 1 500 евра и 90% за износот од 1 500 до 7 500 евра.
Целта на системот на осигурување на депозитите е да ги заштити малите штедачи, но тој води кон друг проблем, познат како морален хазард. Имено, бидејќи штедачите имаат гаранција за вложените пари во случај на пропаст на банката, тие не се мотивирани да вршат надзор врз работењето на банката. Истовремено, знаејќи дека финансискиот трошок при пропаст на банката ќе падне на грбот на државата, таа може да одлучи да се ангажира во поризични активности во споредба со оние што би ги прифатила во присуство на строг надзор од страна на штедачите. Оттука, некои економисти сметаат дека системот на осигурување на депозитите треба да се отстрани и да се препушти доверителите на банката да ги контролираат нејзините активности.[6]
Наводи
уреди- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 23.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 235.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 236.
- ↑ НБРМ, „Соопштение за печат“ (пристапено на 2.1.2018)
- ↑ „Народна банка на Република Македонија“. Архивирано од изворникот на 2013-09-02. Посетено на 2013-12-05.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 237.