Нето-каматни приходи
Нето-каматните приходи (англиски: net-interest income) претставуваат ставка во билансот на успехот на банките која се пресметува како разлика меѓу каматните приходи и каматните расходи.
Пресметка и составни делови
уредиНето-каматните приходи претставуваат основна, почетна ставка во билансот на успехот на банките, која вообичаено се сретнува под името „нето-приходи од камата“. Оваа позиција се добива како разлика меѓу две други ставки: „приходи од камата“ и „pасходи од камата“.
Каматни приходи
уредиКаматните приходи (interest income) претставуваат основен и најважен извор на приходи на банките и затоа, тие се прикажуваат како прва ставка во билансот на успехот. Во оваа група приходи, пред сè, спаѓаат каматата и другите надоместоци што банката ги наплаќа на одобрените кредити. Потоа, во оваа група спаѓа каматата што банката ја заработува на хартиите од вредност што таа ги држи во своето портфолио (државни записи, благајнички записи, државни обврзници, општински обврзници, корпоративни хартии од вредност итн.). Исто така, во групата на каматни приходи спаѓаат и каматата на депозитите што банката ги вложила во други банки и финансиски институции, каматата на кредитите што банката ги дава на меѓубанкарскиот пазар, каматата заработена на репо-трансакциите, како и приходите од финансиски лизинг. Притоа, како каматни приходи се третираат само надоместоците што се директно поврзани со каматоносните инструменти, односно што претставуваат дел од нивната делотворна каматна стапка.
Вообичаено, најголем дел од каматните приходи отпаѓа на каматата на одобрените кредити, додека значењето на другите каматни приходи зависи од структурата на средствата на банката. Каматните приходи се најважниот извор на приходи на македонските банки, што произлегува оттаму, што тие претежно се занимаваат со традиционални банкарски работи (кредитирање и вложување во хартии до вредност). Сепак, постои определена разлика во поглед на значењето на каматните приходи меѓу одделни групи банки, како последица на нивната положба на кредитниот пазар. Имено, големите банки имаат доминантно учество во финансиското посредување во Македонија, така што, кај овие банки, приходите од камати се убедливо најголемиот и најважниот извор на приходи. На пример, каматните приходи на големите банки се трипати поголеми од сите други приходи и речиси пет пати поголеми од приходите остварени врз основа на провизии и надомести. Од друга страна, доминацијата на каматните приходи не е толку изразена кај малите банки, каде останатите приходи учествуваат со над 60% во вкупните приходи, т.е. каматните приходи се поголеми за 50% од некаматните приходи.[1]
Каматни расходи
уредиКаматните расходи (interest expenses) претставуваат прва, основна расходна ставка во билансот на успехот. Овие расходи произлегуваат претежно од каматата што банката ја плаќа на депозитите, т.е. каматата на тековните сметки, депозитите по видување, орочените депозити итн. Понатаму, овде спаѓа и каматата што банката ја плаќа на недепозитните обврски, како што се: кредитите земени на меѓубанкарскиот пазар, кредитите од централната банка, репо-трансакциите, издадените обврзници итн. Исто така, во оваа група е вклучена и каматата што банката ја плаќа на субординираниот долг. Инаку, како каматни расходи се третираат и надоместоците и другите трошоци што ги плаќа банката, а кои се директно поврзани со каматоносните инструменти, односно што претставуваат дел од нивната делотворна каматна стапка.
Релативното значење на одделните видови каматни расходи зависи од структурата на изворите на средствата на банката, макар што, вообичаено, најголем дел од каматните расходи отпаѓа на каматата на депозитите. Во Македонија, каматните расходи се убедливо најголемата расходна ставка кај големите банки, што е одраз на многу високото учество на депозитите во вкупните извори на средства. Кај средните банки, доминацијата на каматните расходи не е толку изразена, додека кај малите банки, каматните расходи воопшто не се најголемиот трошок во работењето.[2]
Значење и употреба
уредиНето-каматните приходи претставуваат важен показател на успешноста на банката во извршувањето на нејзината основна функција – финансиското посредување. Во таа смисла, кога нето-каматните приходи ќе се стават во однос со вкупните средства на банката, се добива показателот познат како „нето-каматна маржа“ (net-interest margin). Оваа категорија се користи како мошне важно аналитичко средство во оценувањето на успехот на банката во редовното работење, т.е. за оцена на успешноста во управувањето со каматоносните средства и каматоносните обврски.
Имајќи ја предвид основната дејност на банките (прибирање депозити и давање кредити), сосема е разбирливо што нето-каматните приходи претставуваат основа на финансискиот резултат од работењето на банките. Сепак, во развиените земји се забележува долгорочен тренд на намалување на значењето на нето-каматните приходи, поради подемот на вонбилансните активности на банките. Меѓутоа, овој тренд не е присутен во Македонија, каде сè уште доминираат традиционалните банкарски активности, односно понудата на финансиските услуги е скромна.[3]
Наводи
уреди- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 40-41.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 41-42.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 36.