Долгорочен кредит

(Пренасочено од Долгорочни кредити)

Долгорочен кредит (англиски: long-term credit, long-term loan) претставува кредит чиј рок на достасување (отплата) надминува една година. Сепак, не постои строга дефиниција на минималниот рок на враќање на долгорочниот кредит т.е. понекогаш како долгорочни кредити се сметаат само оние со рочност поголема од три или пет години. Долгорочните кредити служат за покривање на постојаните финансиски потреби на претпријатијата и населението (кредити за постојани средства, кредити за трајни обртни средства, станбени кредити итн.).

Долгорочни кредити на претпријатијата

уреди

Трајните финансиски потреби на претпријатијата се покриваат преку долгорочни кредити, кои се користат за набавка или изградба на постојани средства (машини, камиони, опрема итн.), или за трајни обртни средства. Овие кредити се одобруваат со рок од неколку години, при што рокот на достасувањето треба да биде усогласен со животниот век на средството што се финансира.

Одлики на долгорочните кредити

уреди

Долгорочните кредити спаѓаат во групата на обезбедени кредити и при нивното одобрување, од клиентите се бара одредено учество во вкупната вредност на средството што се финансира, т.е. износот на кредитот е помал од вредноста на обезбедувањето. На тој начин, банката делумно се заштитува од кредитниот ризик и од проблемот на моралниот хазард. Имено, ако клиентот учествува во финансирањето на набавката на постојаните средства, тој нема да биде мотивиран да ја избегне отплатата на кредитот, зашто со тоа ќе претрпи загуба.

Долгорочните кредити се исплаќаат на два начина: наеднаш, во целост, или во рати, во согласност со финансиските потреби на клиентот. Всушност, начинот на користење на кредитот зависи од неговата намена: на пример, ако тој служи за набавка на машина, кредитот се исплаќа наеднаш, додека ако со него се финансираат градежни објекти или трајни обртни средства, тогаш кредитот се користи на повеќе рати. Исто така, отплатата на долгорочните кредити може да се врши наеднаш или во периодични рати (ануитети), што претставува најчест случај. Притоа, ратите обично се еднакви за време на целиот рок на отплата, меѓутоа банката и клиентот можат да договорат и поинаков тек на ратите (растечки или опаѓачки). Исто така, долгорочните кредити можат да вклучуваат и одреден грејс-период, кога должникот не врши никакви плаќања кон банката или, пак, ја плаќа само каматата, додека отплатата на кредитот започнува подоцна или се врши на крајниот рок на достасувањето.

Поради подолгите рокови на достасување, долгорочните кредити се посложени и поризични во споредба со кредитите за обртни средства. Оттука, на одобрувањето на овие кредити им претходи обемна кредитна анализа, во која се оценуваат бројни фактори што имаат влијание врз отплатата на кредитот. Притоа, централно место во кредитната анализа има утврдувањето на идната финансиска способност на клиентот за уредна отплата на кредитот. Тоа значи дека, покрај историските финансиски извештаи, посебно внимание се посветува на идните проектирани парични приливи на претпријатието. Истовремено, кај овие кредити обезбедувањето има споредно, второстепено значење во одлуката за одобрување на кредитите. Најпосле, долгорочната природа на овие кредити значи дека тие се изложени на повисок ризик, и тоа не само на кредитниот ризик, туку и на другите ризици (каматен ризик, валутен ризик итн.). Затоа, на овие кредити банките наплаќаат променлива каматна стапка на која се додава и одредена премија за ризикот.[1]

Комерцијални хипотекарни кредити

уреди

Комерцијалните хипотекарни кредити (commercial real estate loans) се одобруваат за изградба на градежни објекти, како што се: административни и станбени згради, трговски центри итн. Како што покажува името, овие кредити секогаш се обезбедени со градежниот објект којшто се финансира, при што износот на кредитот обично е помал од проценетата вредност на градежниот објект. Инаку, хипотекарните кредити се исплаќаат во повеќе рати, онака како што напредува изградбата на градежниот објект, при што банката ги префрла парите на сметката на градежното претпријатие кое ја изведува градбата. Бидејќи хипотекарните кредити се тесно поврзани со објектот којшто се финансира, клучно место во кредитната анализа има правилната проценка на пазарната вредност на објектот во времето кога ќе биде завршен. Во тој поглед, иако се обезбедени со недвижен имот, овие кредити можат да бидат многу ризични, доколку по нивното одобрување настапи тренд на опаѓање на цените на недвижностите.[2]

Инвестициски кредити

уреди

Инвестициските кредити (project loans) се долгорочни кредити наменети за финансирање на некои долгорочни, големи инвестициски проекти, како што се: рудници, рафинерии, нафтоводи, електрични централи, пристаништа, танкери итн. Може да се забележи дека се работи за многу големи кредити, со долги рокови на достасување, така што банките се изложени на многу високи ризици (кредитен ризик, каматен ризик, ризик на земјата итн.). Оттука, заради диверзификација на ризикот, овие кредити обично се одобруваат од страна на синдикат или конзорциум на банки, каде што се здружуваат повеќе банки и секоја учествува само со еден дел во вкупниот износ на кредитот. Исто така, заради заштита од ризикот, банките бараат од инвеститорот да достави гаранција од други банки, осигуртелни друштва, државни агенции итн.[3]

Долгорочни кредити на населението

уреди

Долгорочните кредити на населението најчесто за купување трајни потрошни добра (на пример, автомобили) или за финансирање на станбената изградба. Долгорочната природа на овие кредити е поврзана и со големите износи на кредитите, кои должниците не би можеле да ги вратат во покус временски период.

Автомобилски кредити

уреди

Автомобилските кредити (automobile loans) се одобруваат за купување нови или стари автомобили, мотори и теренски возила. Во Македонија, автомобилските кредити најчесто се одобруваат како кредити со валутна клаузула. Тоа произлегува од потребата на банките да се заштитат од валутниот ризик, имајќи го предвид фактот дека се работи за кредити со подолга рочност (обично, од една до шест години), кои се наменети за финансирање на набавка на увозни производи. При одобрувањето на кредитот, банката му ги исплаќа парите на продавачот на автомобилот, а отплатата се врши во еднакви месечни ануитети. Автомобилските кредити вообичаено се одобруваат на износи меѓу 18 илјади и 2,2 милиони денари, при што од купувачот се бара одредено учество (најмалку 20%). Автомобилските кредити спаѓаат во групата на обезбедени кредити, при што најчесто тие се обезбeдени со залог на моторното возило што се купува (заедно со полиса за каско-осигурување, винкулирана во полза на банката). Исто така, како обезбедување на овие кредити можат да послужат и следниве инструменти: меница, административна забрана на платата, еден или двајца жиранти, денарски или девизен депозит или хипотека на недвижен имот.

На автомобилските кредити банките наплаќаат променливи каматни стапки, кои значително се разликуваат во зависност од висината на учеството, валутата на кредитот и видот на обезбедувањето: на пример, каматната стапка на денарските кредити може да биде повисока дури за пет процентни бодови во однос на кредитите со валутна клаузула; каматната стапка на кредитите обезбедени со 100% девизен депозит може да биде многу ниска (на пример, само 3%); на денарските кредити со ниско учество, банките наплаќаат и двоцифрени каматни стапки итн. Во продолжение, на автомобилските кредити банките наплаќаат и различни трошоци, како што се: провизија за одобрување на кредитот, провизија за предвремена отплата, нотарски трошок, премија за осигурување, интеркаларна камата итн.[4]

Ненаменски потрошувачки кредити

уреди

Банките одобруваат потрошувачки кредити кои немаат однапред определена намена. Овие кредити се исплаќаат во готово, или пак, банката ги префрла парите на сметката на клиентот, кој потоа може да ги употреби парите за која било цел. Понудата на ненаменски потрошувачки кредити е богата, т.е. банките нудат кредити со различни износи, рокови на достасување и други услови на кредитирање, со цел да ги задоволат потребите на потрошувачите. Така, овие кредити гласат на износи што започнуваат од 10 до 15 илјади денари, па сè до противвредност од неколку илјади евра. Рокот на достасувањето на ненаменските потрошувачки кредити може да достигне дури и до пет или седум години, а отплатата се врши во еднакви месечни рати. Вообичаено, банките наплаќаат променливи каматни стапки, кои зависат од рочноста, видот на обезбедувањето и од тоа дали се работи за денари или девизи. Покрај тоа, кредитите се оптоварени и со бројни провизии и надоместоци, кои се движат од 0,5% до 5% од износот на кредитот. Обично, наплатата на кредитот банките ја обезбедуваат со административна забрана на платата и со жиранти, меѓутоа постојат и кредити што не се обезбедени. Покрај стандардните потрошувачки кредити, во оваа група спаѓаат и ненаменските кредити кои всушност претставуваат станбени кредити. Така, овие ненаменски кредити гласат на високи износи (дури и до 35 000 евра), се одликуваат со многу долги рокови на достасување (10-20 години) и се обезбедени на еден од следниве три начини: со орочен депозит (во износ од 30% до 110% од износот на кредитот), со залог на државни обврзници (200%-300% од износот на кредитот) и хипотека на недвижен имот (140%-300% од износот на кредитот).[5]

Станбени кредити

уреди

Банките одобруваат станбени кредити (mortgage loans) за следниве намени: купување стан или куќа, купување куќа со земјиште, реновирање стан или куќа, градба, доградба и надградба на куќа итн. Тие спаѓаат и во групата на обезбедени кредити, и тоа кредити обезбедени со недвижен имот (хипотекарни кредити). Најпосле, набљудувано од аспект на начинот на отплата, станбените кредити спаѓаат во групата на кредити што се отплаќаат на рати. Во светот, одобрувањето станбени кредити претставува традиционална активност на банките, којашто зазема голем дел од кредитното портфолио. Во Македонија, долго време по монетарното осамостојување, станбените кредити воопшто не постоеја, но во последниве неколку години тие бележат брз растеж и на крајот на 2010 година, тие достигнаа 23% од вкупните кредити на населението.

Најголем дел (околу 85%) од станбените кредити содржат валутна клаузула, што произлегува од две основни причини:

  • прво, поради нивниот долгорочен карактер, тие се изложени на девизниот ризик, па оттука, банките настојуваат да се заштитат преку употреба на валутна клаузула и
  • второ, овие кредити секогаш се обезбедени со хипотека на недвижен имот, а кај нас, цените на становите се изразуваат во евра.

Инаку, износот на станбените кредити зависи од приходите на кредитобарателот, намената на кредитот и вредноста на имотот што се става под хипотека, но се движи од 3 000 до 100 000 евра. Овие кредити имаат убедливо најдолг рок на достасување од сите други кредити: од 5 до 30 години.[6].

Наводи

уреди
  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 114-115.
  2. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 115.
  3. Горан Петревски, Управување со банките. Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 162.
  4. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 151.
  5. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 150-151.
  6. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 153-154.