Кредити на претпријатијата
Кредити на претпријатијата (англиски: company loans, corporate loans) претставуваат финансиски средства кои банките им ги позајмуваат на претпријатијата за финансирање на тековната потрошувачка и инвестициите. Во рамките на кредитите за претпријатија спаѓаат: кредити за сезонски залихи, кредитни линии (рамковни кредити), обновливи кредити, кредити со залог на обртни средства, долгорочни кредити, хипотекарни кредити, кредити за мали претпријатија и микрокредити и девизни кредити.
Кредити за сезонски залихи
уредиКредитите за сезонски залихи (seasonal working capital loans, inventory loans) се едни од најчестите кредити што банките им ги одобруваат на претпријатијата за финансирање на сезонскиот пораст на залихите. Овие кредити се одобруваат за набавка на материјали или трговски стоки, а подоцна кога производите или стоките ќе бидат продадени и наплатени, претпријатијата ги враќаат земените кредити. Ова се краткорочни кредити и претежно се необезбедени. При кредитната анализа, кај овие кредити е многу важно кредитниот службеник правилно да ги процени висината на сезонските залихи и должината на циклусот на обртни средства од што зависи и износот на финансиските потреби на клиентот.[1]
Кредитни линии/рамковни кредити
уредиКредитната линија (credit line) претставува договор за кредитирање со кој банката му става на располагање на клиентот одреден износ, којшто може да се искористи во определен временски период. Кредитната линија се договара за период од шест месеци до една година, а потоа банката и клиентот се договараат за нејзино обновување, во зависност од финансиската состојба на претпријатието и од пазарните услови. Овие кредити се одликуваат со голема флексибилност зашто со нив се утврдува само максималниот износ на кредитот, меѓутоа клиентот нема обврска да го искористи целиот одобрен износ. Предноста на овие кредити е тоа што должникот сам одлучува во кое време и колкав износ ќе позајми. Кредитните линии се погодни за претпријатија кои имаат потреба од финансирање, но не знаат колку пари ќе им бидат потребни во текот на определен период. Кај овие кредити, кредитната анализа се врши врз основа на проектираните месечни или тримесечни финансиски извештаи на клиентот. Дополнителна погодност кај кредитните линии е тоа што должникот плаќа камата само на искористениот дел на кредитот, меѓутоа банките наплаќаат и одредена провизија (commitment fee), изразена како процент од неискористениот дел или од целиот износ на кредитот.[2]
Обновливи кредити
уредиОбновливите кредити (revolving loans) се многу слични на кредитните линии, само што претставуваат еден вид преодна форма меѓу кусорочните и долгорочните кредити затоа што покриваат период од две до пет години. Исто како кај кредитните линии и овде, банката и клиентот се договараат за максималниот износ на кредитот којшто може да се искористи во определен временски период. Притоа, претпријатието позајмува тогаш кога има потреба и тоа толку пари колку што му се потребни. Подоцна, кога должникот ќе оствари парични приливи од продажбата, тој враќа само дел од кредитот (според моментните финансиски можности), којшто автоматски се продолжува и во следниот период. Банките вообичаено наплаќаат променлива каматна стапка, како и провизија на неискористениот дел, или на целиот износ на кредитот.[3]
Кредити со залог на обртни средства
уредиОвие кредити (asset-based loans) се кусорочни кредити коишто банките ги одобруваат врз основа на заложување на залиха на материјали или готови производи, или побарувања од купувачи. Овој вид на кредитирање е многу раширен во развиените земји и со него најчесто се занимаваат друштвата за финансирање, но го применуваат и банките. Ваквите кредити се одобруваат во одреден процент од книговодствената вредност на обезбедувањето. Притоа, онака како што претпријатието ги продава залихите и ги наплаќа побарувањата, дел од паричните приливи автоматски оди за наплата на кредитот. Карактеристично за овие кредити е тоа што во постапката на одобрување на кредитот, банката му придава многу поголемо значење на обезбедувањето отколку кај другите видови кредити. Во случај на неуредна отплата на кредитот, банките многу лесно се одлучуваат да го активираат обезбедувањето.[4]
Долгорочни кредити
уредиТрајните финансиски потреби на претпријатијата се покриваат преку долгорочни кредити (term loans) кои се користат за набавка или изградба на постојани средства или за трајни обртни средства. Овие кредити се одобруваат со рок од неколку години, при што рокот на достасувањето треба да биде усогласен со животниот век на средството што се финансира. Долгорочните кредити спаѓаат во групата на обезбедени кредити и при нивното одобрување, од клиентите се бара одредено учество во вкупната вредност на средството што се финансира, т.е. износот на кредитот е помал од вредноста на обезбедувањето.
Долгорочните кредити се исплаќаат на два начина: наеднаш во целост, или во рати, во согласност со финансиските потреби на клиентот. Начинот на користење на кредитот зависи од неговата намена. На пример: ако тој служи за набавка на машина, кредитот се исплаќа наеднаш, додека ако со него се финансираат градежни објекти или трајни обртни средства, тогаш кредитот се користи во повеќе рати. Исто така, отплатата на долгорочните кредити може да се врши наеднаш или во периодични рати (ануитети) што е и најчест случај. Притоа ратите обично се еднакви за време на целиот рок на отплата, меѓутоа банката и клиентот можат да договорат и поинаков тек на ратите (растечки или опаѓачки). Долгорочните кредити можат да вклучат и одреден грејс-период.
Централно место во кредитната анализа кај долгорочните кредити има утврдувањето на идната финансиска состојба на клиентот за уредна отплата на кредитот. Тоа значи дека покрај историските финансиски извештаи, посебно внимание се посветува на идните проектирани парични приливи на претпријатието. Кај овие кредити обезбедувањето има споредно, второстепено значење во одлуката за одобрување на кредитите.[5]
Хипотекарни кредити
уредиОвие кредити (commercial real estate loans) се одобруваат за изградба на градежни објекти, како што се: административни и станбени згради, трговски центри итн. Според рочноста, хипотекарните кредити можат да се јават како долгорочни или кусорочни. Името покажува дека овие кредити се исплаќаат во повеќе рати. Бидејќи хипотекарните кредити се тесно поврзани со објектот којшто се финансира, клучно место во кредитната анализа има правилната проценка на пазарната вредност на објектот во времето кога ќе биде завршен. Во тој поглед, иако се обезбедени со недвижен имот, овие кредити можат да бидат многу ризични, доколку по нивното одобрување настапи тренд на опаѓање на цените на недвижностите.[6]
Кредити за мали претпријатија и микрокредити
уредиТрговците-поединци и малите претпријатија, по правило, имаат отежнат пристап до банкарските кредити, што се должи на недоволната кредитна историја, високиот степен на нестабилност во работењето, малата капитална моќ итн. Во Македонија, најголем дел од кредитите за малите претпријатија се финансираат од странски кредитни линии обезбедени од странски влади и јавни агенции или од меѓународни банки и агенции, како на пример Светската банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и Меѓународниот фонд за развој на земјоделството итн. Овие кредити се наменети за финансирање на набавка на постојани или обртни средства, а поретко и за основање нови претпријатија, а како корисници се јавуваат малите претпријатија, трговците-поединци, занаетчиите и земјоделците. Кредитите можат да бидат денарски или девизни, а обично се одобруваат во мали износи. Рокот на достасување на кредитите може да изнесува и неколку години, при што обично е вклучен и некој грејс-период, а каматните стапки се постојани или променливи (врзани за некоја меѓународна каматна стапка). Како обезбедување на кредитите се прифаќаат повеќе инструменти, како: хипотека на недвижен имот, залог на превозни средства, залог на хартии од вредност, депозити, скапоцености, банкарски гаранции, меници, чекови итн.[7]
Девизни кредити
уредиБанките може да одобруваат девизни кредити, како и денарски кредити, коишто содржат валутна клаузула. Во првиот случај, одобрувањето и отплатата на кредитот се врши во странска валута, додека во вториот случај станува збор станува збор за денарски кредити, само што вредноста на кредитот и сите парични текови поврзани со него се изразени во странска валута. Во поново време, постои тренд на зголемување на значењето на девизните кредити. Брзиот растеж е поврзан со либерализацијата на девизното работење, како и со фактот дека овие кредити се одликуваат со пониски каматни стапки во споредба со денарските. Банките можат да одобруваат девизни кредити за секакви намени, но постапката се разликува во однос на денарските кредити. При одобрувањето на овие кредити, анализата на кредитниот ризик станува посложена, бидејќи банката мора да го земе предвид девизниот ризик на кој е изложен должникот. За таа цел, таа треба да ги анализира девизните приливи на клиентот, како и големината на неговите девизни средства и девизни обврски.[8]
Наводи
уреди- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Економски факултет, Скопје, 2011, стр. 112-113.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Економски факултет, Скопје, 2011, стр. 113.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Економски факултет, Скопје, 2011, стр. 113-114.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Економски факултет, Скопје, 2011, стр. 114.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Економски факултет, Скопје, 2011, стр. 114-115.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Економски факултет, Скопје, 2011, стр. 115.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Економски факултет, Скопје, 2011, стр. 115-116.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Економски факултет, Скопје, 2011, стр. 116.