Кредитен ризик
Кредитен ризик (англиски: Credit risk, Default risk) — веројатност дека должникот нема навреме да ги извршува своите обврски, т.е. да ги отплаќа основниот долг и каматата според договорените услови.
Поим за кредитен ризик
уредиКредитниот ризик ја претставува потенцијалната загуба што ќе ја претрпи банката во случај нејзиниот должник да не ги исполни своите договрни обврски, т.е. да не ги врати позајмениот износ и каматата во договорениот износ и во договорениот рок.[1][2] НБРМ го дефинира ризикот како ризик од загуба за банката, поради неможноста нејзиниот клиент да ги намирува своите обврски кон неа, во договорениот износ и/или договорените рокови. Притоа, на овој ризик не се изложени само кредитите кои ги одобрува банката, тој и голем број други активности, вклучувајќи ги и вонбилансните позиции. Така, изложеноста на кредитен ризик вклучува: кредити и депозити, финансиски лизинг, извршени плаќања врз основа на дадени гаранции, акредитиви, авали и други вонбилансни позиции, камати, провизии и надомести, побарувања од Република Македонија и Народна Банка на Република Македонија, откупени побарувања (факторинг и форфетинг), вложувања во хартии од вредност и други финансиски инструменти коишто се чуваат до достасување, вложувања во хартии од вредност и други финансиски инструменти расположливи за продажба и други билансни побарувања коишто ја изложуваат банката на кредитен ризик, вонбилансни позиции врз основа на неискористени неотповикливи рамковни кредити, неискористени неотповикливи кредити врз основа на дозволени пречекорувања, кредитни картички и друг вид потенцијална кредитна изложеност, неизвршени преземени неотповикливи обврски за откуп на побарувања (факторинг и форфетинг), издадени непокриени гаранции, отворени непокриени акредитиви, дадени авали, дадени акцепти, издадени непокриени чинидбени гаранции и други вонбилансни позиции коишто претставуваат потенцијална обврска за банката.[3] Остварувањето на кредитниот ризик честопати е проследено и со нефинансиски ризици, чии ефекти се манифестираат како: економски загуби за банката (деловен ризик) и нарушување на нејзиниот углед (репутациски ризик).[4]
Кредитниот ризик се состои од: ризик пред плаќањето (pre-settlement risk) и ризик при плаќањето (settlement risk). Првиот се однесува на потенцијалната загуба поради банкрот на должникот за времето додека трае трансакцијата. Овој ризик може да постои долг период, често и повеќе години, почнувајќи од времето кога е склучен договорот до наплата исплатата на долгот. Вториот ризик се однесува на ризикот кога наплатата или размената на финансиските текови да не се прави директно од должникот на банката која врши кредитирање, туку преку банки-посредници кои, исто така, може да не ги исполнат обврските за време на моментот на извршување на наплатата на кредитот. Овој ризик постои од моментот кога должникот прави исплата соодветно на своите обврски до моментот кога банката која го врши кредитирањето не ги добие средствата.[2]
Кредитниот ризик има три димензии: ризик од неплаќање (default risk), ризик на изложеност (exposure risk), ризик на надоместување на кредитот (recovery risk):[5]
- Ризикот од неплаќање на кредитот настанува кога должникот целосно или делумно не ги извршува своите договорени кредитни обврски и кога пазарната вредност на кредитот падне под вредноста по која тој бил одобрен.
- Ризикот на кредитната изложеност е генериран од неизвесноста на банката, колкав износ на кредити ќе одобри во иднина земено во целина и/или по поединечен клиент/поединечен стопански сектор. Оваа димензија на ризикот е изразена во услови кога има отворени кредитни линии, револвинг кредити или се работи за кредитни деривати, па големината на ризикот ќе зависи од обемот на кредитна изложеност на коминтентите во дадениот момент или од движењата на пазарот, а не од активностите на банката.
- Ризикот на надоместување на кредитот е условен од причината за неговото невраќање, односно од финансиската состојба на коминтентот да го отплаќа кредитот, од видот на колатералот со кој кредитот бил обезбеден, како и неговата реална состојба и пазарна вредност. Дури ако кредитот не се отплаќа навремено или воопшто не се отплаќа, а тој е обезбеден со лесно впаричлив колатерал тогаш велиме дека ризикот на надоместување на кредитот е мал, а загубата е незначителна.
Една слична поделба наведува три фактори на кредитниот ризик: ризик од неплаќање (default risk), ризик на изложеност (exposure risk), ризик од загуба (loss risk).[2]
- Default risk (Probability of default, PD) ја претставува веројатноста да се случи настан кој води до неисплаќање на обврската (default). Веројатноста се движи во вредностите од 0 до 1. Постојат повеќе дефиниции за тоа што претставува default, но најчесто се смета дека default настанува доколку не се изврши плаќање најмалку за три месеци. Ако се случи default, загубите кои ги претрпува банката зависат од „загубата во случај на default“ (loss given default, LGD) и изложеноста при default (Exposure at default, EAD)
- Доколку нема default, ризикот при загуба (Loss given default, LGD) изнесува нула. Во случаи во кои загубата е еднаква на целосната изложена сума, ризикот при загуба изнесува 100%. Во некои случаи, ризикот при загуба може да изнесува и повеќе од 100%, на пример, поради судски трошоци и речиси целосна ненаплатливост. Ризикот при загуба се мери на ниво на поединечен кредит. Овој ризик најчесто има вредност од 0 до 100% и е претставен или континуирано или дискретно (со оценки за загубата). Производот на ризикот од неплаќање и ризикот во случај на загуба ја претставува очекуваната загуба на кредитот (Expected loss, EL), т.е. EL = PD x LGD
- Изложеноста за време на default (Exposure at default, EAD) може да биде непозната однапред, кај некои финансиски производи (обврзниците или кредитите), износот на загубата е фиксен, додека кај кредитните картички загубата варира во зависност од потребите за ликвидност на должникот кој има договорено одреден кредитен лимит со банката.
Според друга поделба, постојат два основни вида кредитен ризик:[6][7]
- Кредитен ризик инкорпориран во стандардните банкарски операции (ризик при кредитирање на поединци или физички лица, ризик при кредитирање на правни лица (корпоративен ризик), ризик при краткорочно кредитирање, и ризик при финансирање на инвестиции).
- Специфични кредитни ризици (ризик што произлегува при извршување на вонбилансни операции, ризик на хартии од вредност, и државен или ризик на земјата).
Причини за појава на кредитниот ризик
уредиКредитниот ризик е тесно поврзан со информациите што банката ги поседува за клиентите. Со кредитната анализа, банката треба да ја оцени кредитната способност на барателите на кредити, врз основа на расположливите информации за нивното работење, како и за проектите за кои се бара финансирање. Меѓутоа, банката нема целосни информации за нејзините клиенти, туку при оцената на кредитната способност, банката во голема мера се потпира врз информациите што ги доставуваат самите клиенти. Притоа, банката и нејзините клиенти се наоѓаат во нерамноправна положба, т.е. тие знаат повеќе за ризиците на кои се изложени отколку што знае банката. Одовде, асиметричните информации (asymetric information) се основниот извор на кредитниот ризик.
Бидејќи банката одлучува врз основа на нецелосни информации, таа не може на секој поединечен должник да му одреди каматна стапка соодветна на неговото ниво на ризичност. Затоа, клиентите што се ангажирани во поризични проекти се заинтересирани да ја платат каматната стапка на кредитот, бидејќи таа е пониска од онаа што банката би ја пресметала кога би имала точни информации за ризичноста на проектот. Тоа значи дека асиметричните информации ги поттикнуваат поризичните клиенти да се финансираат со кредити, т.е. поради асиметричните информации, банката е наклонета да ги избира поризичните клиенти – проблем којшто е познат како погрешен избор (adverse selection).
Во продолжение, откако е одобрен кредитот, асиметричните информации предизвикуваат уште еден дополнителен проблем, а тоа е моралниот хазард (moral hazard): должникот може да го искористи кредитот за преземање поризични активности, со надеж дека ќе оствари повисок принос. Меѓутоа, ваквото однесување на должникот ја зголемува веројатноста од невраќање на кредитот, особено во случаите кога банката не може да ги контролира неговите активности.[8]
Голем број фактори влијаат врз можноста на корисникот на кредитот да ги намири своите обврски кон банката, а тие се групирани во две групи, и тоа:[9]
- Егзогени или надворешни фактори (состојбата во економијата, државната регулатива, природната средина и сл.).
- Ендогени или интерни фактори (клучна улога има стручноста и способноста на кредитниот аналитичар).
Кредитниот ризик, всушност, претставува функција на егзогените (систематски) и ендогените (несистематски) фактори. Егзогените фактори можат да влијаат врз појавата на кредитниот ризик на поединечни пазари. Ако економската активност расте, корисниците на кредитите ќе ги враќаат земените кредити затоа што полесно ќе остваруваат профит, и тогаш кредитните загуби би биле помали, и обратно во случај на пад на економската активност. Ендогените (интерни) фактори, кои може да ги контролира банката, се изразуваат преку однесувањето на менаџментот на банката во поглед на управувањето со кредитниот ризик.
Показатели за оценување на изложеноста на банката на кредитен ризик
уредиНајчесто употребувани показатели на изложеноста на банката на кредитен ризик се:[10]
- Стапката на крeдитите (loan ratio), којашто се пресметува како однос меѓу нето-кредитите и вкупните средства на банката.
- Стапката на резервациите за можните загуби на кредитите (provision for loss ratio), која се добива како однос меѓу резервациите за можните загуби на кредитите и вкупните кредити на банката.
- Односот меѓу нефункционалните кредити и вкупните кредити на банката.
- Односот меѓу нето-отписите на кредитите и вкупните кредити на банката.
- Односот меѓу резервата за можните загуби и нефункционалните кредити.
Како голем недостаток на повеќето од наведените показатели е тоа што тие се пресметани врз основа на историски податоци, така што го покажуваат кредитниот ризик што банката веќе го презела врз себе. Во продолжение, постојат и некои други показатели што можат да сигнализираат дека банката се соочува со зголемен кредитен ризик. Таков е случајот со показателите на територијалната и секторската концентрација на кредитите, коишто ја покажуваат структурата на вкупните кредити по географски подрачја и по одделни стопански сектори и гранки. Притоа, ако поголемиот дел од кредитите на банката се концентрирани во едно подрачје или во еден сектор, тоа упатува на поголем кредитен ризик, бидејќи неповолните економски и други настани во тоа подрачје или сектор може да предизвикаат проблеми во наплатата на кредитите. Исто така, високите стапки на пораст на кредитите на банката претставува показател на кредитниот ризик, зашто кога банката забележува претерано висок пораст на одобрените кредити, тој вообичаено е проследен со недоволна кредитна анализа, прифаќање клиенти со повисок кредитен ризик итн.[11]
Кредитниот ризик во банкарскиот сектор на Македонија
уредиНепосредно по монетарното осамостојување на Македонија, банкарскиот сектор се наоѓал во катастрофална состојба, предизвикана од товарот на лошите кредити. Така, според некои проценки, во 1993 година, лошите кредити зафаќале дури 70% од кредитното портфолио на банкарскиот сектор! Тоа било последица на поврзаноста на банките со нивните главни должници, кои учествувале во органите на управување на банките, како и на политичкото влијание врз банките. За решавање на проблемот со лошите кредити, во 1995 година била спроведена санација на банкарскиот сектор, при што овие кредити биле исчистени од билансите на банките и пренесени во Агенцијата за санација на банки. Лошите кредити продолжиле да го оптоваруваат банкарскиот сектор дури и по спроведената санација на банките. Навистина, учеството на лошите кредити во бруто-кредитите постепено се намалило од 44,4% во 1995 година, на 32,9% во 1998 година, но нивниот обем сè уште бил премногу голем. Освен тоа, веќе следната година, како последица на војната во Косово, износот на лошите кредити повторно се зголемил, достигнувајќи 41,3% од вкупните кредити. Исто така, високото учество на лошите кредити се задржало и во ткот на 2001-2002 година, како резултат на опаѓањето на стопанската активност, предизвикано од војната во Македонија.[12]
Во 2002 година настапил пресврт во квалитетот на кредитното портфолио на банките, кога само за една година процентот на лошите кредити се намалил за повеќе од половина. Подоцна дошло до значително подобрување на квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот сектор и, на крајот на 2007 година, учеството на лошите кредити било сведено на 6,4%. Тоа било последица на повеќе фактори, како што се:[12]
- зацврстувањето на супервизорските стандарди,
- подобреното Корпоративно управување на банките,
- преземањето на банките од странски банки,
- реформите во судскиот систем,
- заживувањето на стопанската активност,
- преструктурирањето на приватизираните претпријатија итн.
Во текот на 2009 и 2010 година, како последица на ефектите од светската финансиска и економска криза, повторно се зголемил обемот на лошите кредити, кои достигнале 7,1% на крајот на 2010 година. Освен тоа, треба да се забележи дека кредитното портфолио на македонските банки сè уште е полошо во споредба со просекот на ЕУ, каде што учеството на лошите кредити изнесува околу 3%.[12]
Управување со кредитниот ризик
уредиСпоред Базелскиот принцип број 8 за следење и управување на кредитниот ризик банките треба јасно да ги дефинираат одговорностите на лицата вклучени во сервисирањето и следењето на кредитното портфолио на банката. Имено, при воспоставувањето на организационата структура на кредитната администрација банката треба да осигура:[13]
- ефикасност и делотворност на операциите во кредитниот сектор, вклучувајќи следење на документацијата, склучените договори, обезбедувањето и др.
- точност и навременост на информациите кои се доставуваат до менаџерите и одговорните лица
- адекватна поделба на одговорностите
- адекватност на контролите за почитување на кредитните процедури и
- усогласеност со пропишаните политики и процедури, како и усогласеност со законската регулатива.
Суштината на политиката на управување на кредитниот ризик претставува дефинирање на мерки за негово ограничување и утврдување напараметри со кои ќе се контролира и следи. Специфичните мерки за управување на кредитниот ризик вклучуваат три вида начела и тоа:[14]
- ограничување или намалување на кредитниот ризик,
- класификација на активата, и
- резервации за потенцијални загуби.
Банката треба да поседува соодветен систем за управување со кредитниот ризик, којшто треба да ги вклучи следниве елементи:[15]
- политики за управување со ризиците,
- организациска структура,
- информациски систем и
- систем на внатрешна контрола и ревизија.
Базелскиот комитет ги воспоставил следниве принципи за управување со кредитниот ризик:[16]
- Принцип на формирање на соодветно окружување за управување со кредитниот ризик;
- Принцип за примена на соодветна процедура за одобрување на кредити;
- Принцип на адекватен процесс на администрирање, мерење и следење на кредитните пласмани;
- Принцип на обезбедување на соодветна контрола на кредитниот ризик;
- Принцип за утврдување на улогата на супервизорите.
Управувањето со кредитниот ризик треба да се заснова врз цврсто поставени политики, со кои треба да се определат:[15]
- нивото на прифатливиот кредитен ризик;
- ограничувањата на кредитната изложеност по поединечни должници, дејности, географски подрачја, итн.;
- внатрешниот систем на мерење и следење на кредитниот ризик;
- информацискиот систем, вклучувајќи го и системот на известување за изложеноста на кредитниот ризик;
- надлежностите и одговорностите при донесувањето на кредитните одлуки;
- прифатливите инструментите за заштита од кредитниот ризик;
- внатрешната контрола на кредитниот процес итн.
Процесот на управување со кредитниот ризик претставува опфаќа идентификување, мерење, контрола, следење и намалување/отстранување на кредитниот ризик.[17] Процесот на управување со кредитниот ризик претежно е во надлежност на управниот одбор и на одборот за управување со ризиците, макар што определени надлежности и задачи имаат и другите органи на банката, како надзорниот одбор или службата за внатрешна ревизија. Притоа, од исклучителна важност за управувањето со кредитниот ризик е прецизно да се разграничат организациските делови и лицата кои се задолжени за одделни фази на кредитниот процес, а особено да се изврши издвојување на службата за управување со кредитниот ризик од службите и органите коишто ги одобруваат кредитите.[15]
Процена и мерење на кредитниот ризик
уредиУште пред одобрувањето на кредитот, банката прави продлабочена анализа со цел да ја утврди способноста на кредитобарателот за навремено враќање на кредитот. Сепак, ниту најдобрата кредитна анализа не може да го отстрани кредитниот ризик, бидејќи по одобрувањето на кредитот можат да настанат некои промени кај должникот или во окружувањето, што ќе можат да се одразат врз неговата способност за извршување на неговите обврски кон банката. На пример, економијата може да ја зафати остра рецесија, што ќе предизвика намалување на приходите на претпријатието и, оттука, тоа не ќе може навреме да го отплаќа земениот кредит. Или, поради разни причини, човек може да остане без работа и поради тоа да не може да го врати потрошувачкиот кредит.[18]
Меѓутоа, банките се заинтересирани и за оцена на вкупната изложеност на кредитниот ризик, т.е. за мерење на кредитниот ризик на целокупното кредитно портфолио. Тоа произлегува оттаму што кредитниот ризик на целокупното портфолио не е едноставен збир на кредитниот ризик на поединечните кредити, а основната причина за тоа е корелацијата меѓу поединечните кредити. Оттука, најголемите банки применуваат современи (и многу скапи) модели за мерење на вкупната изложеност на кредитниот ризик, коишто се засновани врз современата портфолио-теорија и кои вклучуваат употреба на сложени статистички техники. Притоа, најпознати модели за мерење на вкупниот кредитен ризик се: „Кредитен ризик плус“ (CreditRisk+TM), развиен од страна на банката „Кредит свис“ (Credit Suisse Financial Products); „КМВ портфолио-менаџер“ (KMV PortfolioManagerТМ) изработен од претпријатието „КМВ“ (KMV Corporation) и; „Кредитметрикс“, производ на банката „Ј.П. Морган“.[19] Најупотребуваните модели за моделирање на кредитниот ризик се поделени во четири главни групи и тоа:[20]
- модели за вредноста на средствата (asset value models);
- макроекономски модели;
- актуарски модели;
- модели на интензитет.
Класификација на кредитите според кредитниот ризик
уредиСпоред меѓународните стандарди, активните билансни и вонбилансни позиции на банките се класифицираат во следниве категории:[21]
- стандардни или преодни (капацитетот за сервисирање на долгот се смета да биде над секакво сомневање. Заеми или други средства кои се целосно обезбедени со готовина или замена за готовина),
- за внимание (средства со потенцијална слабост, како на пример: кредитите дадени преку несоодветен договор за заем, недостиг на контрола на колатералот, договори без соодвететна документација и сл.),
- супстандардни (дефинирана кредитна слабост која ја доведува во опасност способноста за сервисирање на долгот, особено кога примарните извори на отплата не се доволни и банката мора да бара секундарни извори за отплата. Неизмирување на обврските подолго од 90 дена),
- сомнителни (имаат определена слабост како потстандардни средства, но нивната целосна наплата не е сигурна. Средствата кои се доспеани најмалку 180 дена, а се ненаплатени),
- загуба (средства кои се сметаат за ненаплатливи, барем еднаш достасани, а неизвршени и кај кои наплатата на побарувањата е подолга од 365 дена).
Според регулативните прописи во Македонија, секоја банка мора да изврши класификација на сите активни позиции од билансот на состојбата, вклучувајќи ги и активните вонбилансни позиции. Изложеноста на кредитен ризик, кој е предмет на класификација на банката, ги опфаќа:[22]
- А) Активните билансни побарувања врз основа на достасани и недостасани кредити, нефункционални кредити, депозити кај банки и останати финансиски институции, побарувања од Република Македонија и Народната банка на Република Македонија, откупени побарувања (факторинг и форфетирање), финансиски лизинг, побарувања за извршени плаќања врз основа на дадени гаранции, акредитиви, авали, како и други билансни побарувања настанати врз основа на вонбилансна изложеност на банката, побарувања врз основа на камата, нефункционална камата, побарувања врз основа на провизии и надомести, вложувања во хартии од вредност и други финансиски инструменти кои се чуваат до достасување, вложувања во хартии од вредност и други финансиски инструменти расположливи за продажба, други достасани побарувања, други нефункционални побарувања и други побарувања кои ја изложуваат банката на кредитен ризик;
- Б) Активните вонбилансни позиции врз основа на: неискористени неотповикливи рамковни кредити, неискористени неотповикливи кредити врз основа на дозволени пречекорувања по тековни сметки, кредитни картички и друг вид потенцијална изложеност на кредитен ризик, неизвршени преземени неотповикливи обврски за финансиски лизинг, неизвршени преземени неотповикливи обврски за откуп на побарувања (факторинг и форфетирање), издадени непокриени гаранции, отворени непокриени акредитиви, авали, акцепти на банката, непокриени чинидбени гаранции и други облици на вонбилансни позиции, кои предизвикуваат потенцијална обврска за банката.
Активни билансни ставки кои не се предмет на класификација според степенот на кредитен ризик се следните:[22]
- Паричните средства, сметки на банката кај Народна банка, нематеријалните средства, недвижностите и опремата, природните богатства, средствата за работа;
- Ставките што ја изложуваат банката на пазарен и/или друг вид ризик, различен од кредитниот ризик – вложувања во хартии од вредност и други финансиски инструменти чувани за тргување, вложувања во хартии од вредност и други финансиски инструменти кои се мерат по објективна вредност преку билансот на успех.
При класификацијата на изложеноста на кредитен ризик банката ги има предвид:[22]
- кредитната способност на клиентот;
- уредноста во намирувањето на обврските од страна на клиентот и
- квалитетот на обезбедувањето.
Кредитната способност на клиентот се оценува најмалку според следните елементи:[22]
- карактерот на клиентот, односно неговите статусни и економски особености, квалитетот и стручноста на органите на управување и раководење на клиентот, квалитетот на програмата/проектот за што е побарана финансиска поддршка од банката;
- висината на капиталот и имотната сила на клиентот, вклучувајќи ја неговата способност за остварување идни парични приливи за отплата на обврските;
- ликвидноста и профитабилноста на клиентот;
- перспективата на клиентот и дејноста на која припаѓа;
- вкупната изложеност на кредитен ризик на банкарскиот систем на Република Македонија спрема клиентот (според Кредитен регистар на Народна банка) и
- изложеност на клиентот на валутен ризик и на други ризици.
При утврдување на уредноста во намирувањето на обврските од страна на клиентот се има предвид:[22]
- кредитната историја на клиентот, преку проверка на неговата способност за сервисирање на обврските спрема банката или останатите банки (доколку клиентот претходно користел кредити или други облици на изложеност на кредитен ризик во банката или останатите банки);
- процена на веројатноста дали употребата на средствата според договорената намена на кредитот или друг облик на изложеност на кредитен ризик ќе предизвика паричен прилив кај клиентот во обем и динамика што ќе одговара на договорениот начин на отплата на обврските.
При утврдување на квалитетот на обезбедувањето се имаат предвид следите елементи:[22]
- можност за продажба на обезбедувањето;
- документираноста на обезбедувањето и можноста за негов надзор од страна на банката;
- можност за присилна наплата на обезбедувањето.
Категории на кредитен ризик
уредиБанката ја класифицира изложеноста на кредитен ризик во следните категории на ризик:[22]
Во категорија на ризик А се класифицира:
- Побарувања од Народна банка, Република Македонија, Европската централна банка и владите и централните банки на други земји е утврден кредитен рејтинг од најмалку А - (согласно со рејтингот на „Стандард и Пурс“) или А;
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент чија сегашна финансиска состојба и проценетите идни парични приливи не го доведуваат во прашање неговото натамошно работење и можноста за намирување на тековните и идните обврски спрема банката;
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент кој своите обврски спрема банката ги извршува во рокот на достасаност или со задоцнување најмногу до 30 дена и за кој банката во последните две години не извршила преструктурирање на побарувањата;
- Изложеност на кредитен ризик кој е целосно обезбеден со првокласни инструменти за обезбедување.
Во категорија на ризик Б се класифицира:
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент за кој банката, врз основа на процена на кредитната способност, оценува дека паричните приливи ќе бидат доволни за целосно намирување на достасаните обврски, без оглед на прикажаните моментални финансиски слабости, со тоа што не постојат знаци за натамошно влошување на состојбата на клиентот;
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент кој своите обврски најчесто ги извршува со задоцнување од 31 до 60 дена или со исклучок од 61 до 90 дена, доколку доцнењето е само повремено во интервалот од 61 до 90 дена и за кој банката во последните шест месеци не извршила преструктурирање на побарувањата.
Во категорија на ризик В се класифицира:
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент за кој се проценува дека паричните текови се несоодветни за редовно намирување на достасаните обврски;
- Банката може да не ја класифицира изложеноста во категорија на ризик В доколку: изложеноста е врз основа на царинска гаранција или гаранција за учество во тендер или финансискиот кредит е помал од 31.000.000 денари (ако финансискиот кредит е даден во странска валута, се зема предвид денарската противвредност на дадениот кредит) или финансискиот кредит е еднаков или поголем на/од 31.000.000 денари, а изложеноста на банката е поголема од износот на финансискиот кредит и банката извршила исправка на вредноста, односно издвоила посебна резерва најмалку во износот од 25% од износот на финансискиот кредит.
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент кој не е соодветно капитализиран;
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент со неадекватна рочна структура на активата и пасивата;
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент за кој банката не располага со потребни ажурирани информации за да ја оцени кредитната способност на клиентот;
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент чии обврски се преструктурирани;
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент кој најчесто ги извршува своите обврски со задоцнување од 61 до 120 дена или со исклучок од 121 до 180 дена, доколку доцнењето е само повремено во интервалот од 121 до 180 дена;
- Изложеност на кредитен ризик кон клиент – нефинансиско лице кое има побарувања врз основа на финансиски кредит од лице со кредитен рејтинг еднаков или понизок од ЦЦЦ+ (согласно рејтингот на „Стандард и Пурс“ или „Фич“) или Цаа1 (согласно рејтингот на „Мудис“) или од лице со повисок кредитен рејтинг, но со седиште во земја чијшто кредитен рејтинг е еднаков или понизок од ЦЦЦ+ (согласно рејтингот на „Стандард и Пурс“ или „Фич“) или Цаа1 (согласно рејтингот на „Мудис“);
- Изложеност на кредитен ризик кон клиент – нефинансиско лице кое има побарувања врз основа на финансиски кредит од лице за кое не е утврден кредитен рејтинг, но е со седиште во земја чијшто кредитен рејтинг е еднаков или понизок од Б- (согласно рејтингот на „Стандард и Пурс“ или „Фич“) или Б3 (согласно рејтингот на „Мудис“) или е со седиште во земја за која не е утврден кредитен рејтинг.
Во категорија на ризик Г се класифицира:
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент кој е неликвиден;
- По исклучок на ставот 1 од оваа потточка, банката може да не ја класифицира изложеноста од став 1 алинеи 8, 9 и 10 од оваа потточка во категорија на ризик Г доколку станува збор за вонбилансно побарување врз основа на царинска гаранција или гаранција за учество на тендер;
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент чии доверители ги отпишале своите побарувања од него;
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент за кој е поведена постапка за стечај и за кој банката очекува делумна наплата на своите побарувања:
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент за кој е поведена постапка за ликвидација;
- Изложеност на кредитен ризик, чија наплата зависи од активирањето на инструментите за обезбедување;
- Изложеност на кредитен ризик каде што постојат очекувања дека банката ќе наплати само дел од своите побарувања спрема клиентот;
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент кој своите обврски најчесто ги извршува со задоцнување од 121 до 270 дена или со исклучок со повремено задоцнување од над 270 дена;
- Изложеност на кредитен ризик кон клиент (вклучувајќи и влади и централни банки) со кредитен рејтинг еднаков или понизок од ЦЦЦ+ (согласно рејтингот на „Стандард и Пурс“ или „Фич“) или Цаа1 (согласно рејтингот на „Мудис“);
- Изложеност на кредитен ризик кон клиент со кредитен рејтинг повисок, но со седиште во земја чијшто кредитен рејтинг е еднаков или понизок од ЦЦЦ+ (согласно рејтингот на „Стандард и Пурс“ или „Фич“) или Цаа1 (согласно рејтингот на „Мудис“);
- Изложеност на кредитен ризик кон клиент за кој не е утврден кредитен рејтинг, но е со седиште во земја чијшто кредитен рејтинг е еднаков или понизок од Б- (согласно рејтингот на „Стандард и Пурс“ или „Фич“) или Б3 (согласно рејтингот на „Мудис“) или е со седиште во земја за која не е утврден кредитен рејтинг.
Во категорија на ризик Д се класифицира:
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент кој своите обврски ги извршува со задоцнување подолго од 270 дена или воопшто не ги извршува;
- Изложеност на кредитен ризик спрема клиент во стечај, која истовремено не е обезбедена со квалитетен инструмент за обезбедување;
- Изложеност на кредитен ризик кој е предмет на судски спор;
- Изложеност на кредитен ризик за кој банката очекува дека нема да биде во можност да ги наплати своите побарувања од клиентот во целост или ќе се наплати само незначителен дел.
По извршената класификација на изложеност на кредитен ризик на поединечна основа, банката врши исправка на вредноста на активните билансни побарувања, односно издвојува посебна резерва за активните вонбилансни побарувања преку утврдување на сегашната вредност на идните парични текови кои ќе настанат врз основа на тие побарувања. Врз основа на сегашната вредност на активните билансни и вонбилансни побарувања, банката врши исправка на вредност, односно издвојува посебна резерва во рамките на следните граници:[22]
- Од 0% до 10 % од изложеноста на кредитен ризик класифициран во категорија на ризик А;
- Над 10% до 25% од изложеноста на кредитен ризик класифицирана во категорија на ризик Б;
- Над 25% до 50% од изложеноста на кредитен ризик класифицирана во категорија на ризик В;
- Над 50% до 75 % од изложеноста на кредитен ризик класифицирана во категорија на ризик Г;
- Над 75% до 100 % од изложеноста на кредитен ризик класифицирана во категорија на ризик Д.
Инструменти за заштита од кредитниот ризик
уредиБанките развиле одредени инструменти за заштита од кредитниот ризик, при што некои се традиционални (одредување на цената на кредитот, кредитни ограничувања, обезбедување и диверзификација), додека други се јавуваат во поново време (секјуритизација, продажба на кредити и кредитни деривати).
Политика на цените
уредиВо основа, цената на кредитот (каматната стапка) претставува збир на три елементи: пазарната каматна стапка, премијата за ризикот и надоместот за административните и другите трошоци на кредитниот сектор. Според тоа, ако се работи за поризичен клиент, банката ќе вклучи повисока премија за ризикот во каматната стапка на кредитот, како надомест за повисокиот кредитен ризик што таа го презела врз себе. Се разбира, висината на премијата за ризикот зависи од бројни фактори, како што се: нивото на пазарните каматни стапки, рочноста на кредитот, дали кредитот е обезбеден итн. Така, високите каматни стапки ги привлекуваат поризичните клиенти поради проблемот на погрешниот избор, а тоа со себе ќе повлече и повисока премија за ризикот. Исто така, во нормални околности, поризични се долгорочните кредити, како и кредитите што не се обезбедени.[19]
Кредитни ограничувања
уредиБанките се соочуваат со одредени регулативни ограничувања во поглед на висината на кредитната изложеност, обично мерени во однос на капиталот. Во продолжение, во рамките на својата кредитна политика, банките поставуваат вакви ограничувања со цел да ја намалат изложеноста на кредитниот ризик. Значи, независно од регулативните одредби, банката би била заинтересирана да го ограничи обемот на кредитниот ризик што го презема во однос на секој поединечен должник. Како последица на тоа, дури и ако кредитната анализа покаже дека се работи за квалитетен кредитобарател, банката ќе примени рационирање на кредитите (credit rationing), т.е. ќе го ограничи износот на кредитите на секој поединечен должник, независно од висината на каматната стапка што тој е подготвен да ја плати.[23]
Обезбедување
уредиВо нормални околности, изложеноста на банката на кредитниот ризик е помала ако кредитот е покриен со некое обезбедување (collateral): недвижен имот, хартии од вредност, берзански стоки итн. Тогаш, ако должникот не го врати кредитот, банката ќе го преземе обезбедувањето и со неговата продажба, целосно или делумно, ќе го наплати своето побарување. Затоа, банките често ја применуваат оваа традиционална мерка за намалување на кредитниот ризик, особено кога одобруваат поголеми кредити и кредити со подолга рочност. Сепак, треба да се забележи дека обезбедувањето не нуди совршена заштита од кредитниот ризик и затоа, неговата улога не треба да се преценува. Основниот проблем со овој инструмент на заштита од кредитниот ризик лежи во тоа што продажбата на средствата што служат како обезбедување на кредитот може да биде тешка, поради отсуството од активни секундарни пазари. Освен тоа, за време на траењето на кредитниот однос, може да дојде до намалување на пазарната вредност на обезбедувањето. Затоа, при одобрувањето кредити, банките бараат повисок износ на обезбедување во однос на одобрениот кредит, со што си даваат простор во случај на опаѓање на пазарната вредност на обезбедувањето. На пример, кај станбените кредити, македонските банки бараат хипотека чија вредност е 1,5 пати поголема од износот на кредитот.[24]
Диверзификација
уредиКако мерка за намалување на кредитниот ризик се јавува диверзификацијата (diversification) на кредитното портфолио со примена на познатото правило при инвестирањето, кое порачува: „не ставај ги сите јајца во една кошница“. Затоа, банките настојуваат да одобруваат кредити во различни стопански сектори и гранки, како и во различни географски подрачја. Логиката на диверзификацијата на кредитниот ризик лежи во настојувањето да се кредитираат сектори кои покажуваат негативна корелација. Kредитниот ризик на портфолиото не е збир на кредитниот ризик на поединечните кредити. Поради тоа, дури и највнимателната кредитна анализа не е во состојба целосно да го процени кредитниот ризик, бидејќи таа се спроведува на поединечна основа, но не води сметка за корелацијата меѓу поединечните кредити. На тој начин, со помош на диверзификацијата се отстранува еден дел од вкупниот ризик (несистематскиот ризик), кој произлегува од околностите поврзани со некој конкретен должник.[24]
Кредитни деривати
уредиКредитните деривати (credit derivatives) претставуваат инструменти со кои се тргува на шалтерcкиот пазар, а чија вредност е изведена од цената на некој кредитен инструмент (на пример, каматната стапка на кредитот). Овие деривати им овозможуваат на банките да го раздвојат кредитниот од пазарниот ризик на одреден финансиски инструмент и да го пренесат кредитниот ризик на некоја друга финансиска институција. Кредитните деривати се појавија во средината на 1990-тите и набрзина забележаа значителен подем. Така, вкупната договорна вредност на овие инструменти порасна од 0 во 1996 година, на 2 трилиони долари во 2002 година, во следните две години оваа вредност се удвои, а веќе во 2006 година, таа достигна 29 трилиони долари.[25]
Наводи
уреди- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 14-15.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Van Gestel, T., Baesens, B., Credit risk management: basic concepts: financial risk components, rating analysis, models, economic and regulatory capital. Oxford: Oxford University Press, 2009.
- ↑ НБРМ, „Одлука за управување со кредитниот ризик“, Службен весник на Република Македонија, бр. 50/2013.
- ↑ Vidučić, Lj. (2008), Financijski menadžment, VI. Izdanje, RRiF plus, Zagreb, стр. 67.
- ↑ J. Bessis, Risk Management in Banking, John Wiley & Sons, 1999, p. 81.
- ↑ Hennie van Greunin and Sonja Brajovic Bratanovic (2009), Analyzing Banking Risk (third edition). Washington D.C.: The World Bank.
- ↑ Hennie van Greunin, Bratanovic Brajovic (2006), Analiza i upravljanje bankarskim rizicima. Zagreb: Мате.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 105.
- ↑ U. Ćurčić, Bankarski portfolio menadzment strategijsko upravljanje bankom, bilansom I portfolio rizicima banke. Novi Sad: Feljton, 2002, стр. 230.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 63.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 64.
- ↑ 12,0 12,1 12,2 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 91-92.
- ↑ Basel Committie on Banking Supervision, Principles for the Management of Credit Risk. Basel, 2000.
- ↑ Hennie van Greuning, Bratanovic, S. (2006). Analiza i upravuvanje bankovnim rizicima. Zagreb: Мате, 2006.
- ↑ 15,0 15,1 15,2 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 104.
- ↑ Basle Committee on banking Supervision, „Principles for the Management of Credit Risk“, Basle: BIS, September 2000.
- ↑ Виолета Маџова, Кредитна политика. Штип: Универзитет „Гоце Делчев“, Економски факултет, 2012.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.63.
- ↑ 19,0 19,1 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 107.
- ↑ Bluhm, C., Overbeck, L., Wagner, C., Introduction to credit risk modeling. Crc Press, 2010.
- ↑ Виолета Маџова, Управување со кредитниот ризик во комерцијалното банкарство. Скопје: Центар за банкарство и финансии, 2010.
- ↑ 22,0 22,1 22,2 22,3 22,4 22,5 22,6 22,7 Одлука за управување со кредитниот ризик, Службен Весник на РМ, бр.17/2008
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 107-108.
- ↑ 24,0 24,1 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 108.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 108-109.