Константин Петкович
Константин Димитров Петкович (Башино Село, 1824 – Одеса, 1898) — македонски поет, преведувач, научник и руски дипломат. Автор е на една од првите стихотворби во новата македонска поезија и е потписник на првиот труд од славистиката напишан на македонски јазик, кој е печатен во издание на Руската академија на науките.[1][2]
Константин Димитров Петкович | |
---|---|
Роден/а | 1824 Башино Село, Македонија, Отоманско Царство |
Починат/а | 1898 Одеса, Руско Царство |
Занимање | поет, преведувач, научник и дипломат |
Образование | Дипломирал Словенска филологија на Петербуршкиот универзитет |
Период | 19 век |
Животопис
уредиКонстантин Петкович е роден во 1824 година во Башино Село, Велешко, во добростоечко семејство. Од 1842 до 1846 година учел во Ришељевскиот лицеј, од 1846 до 1848 година учел во семинаријата во Одеса, а од 1848 до 1851 година студирал словенска филологија на Петербуршкиот универзитет кај прочуениот славист Измаил Иванович Срезневски. Уште во текот на студиите Петкович почнал да се бави со книжевна работа. Пишувал стихови и преведувал од разни словенски јазици на македонски јазик.[1][2]
По дипломирањето, Константин Петкович заедно со Нешо Стојанов и Бугаринот Драган Цанков побарале од руските власти во Петроград да ги поддржат во нивната мисија за просветно издигнување и национално осознавање на словенските народи во Турција. Тие сакале да одат во Цариград од каде преку разни публикации би делувале на будењето на свеста на словенските маси. Со цел да се запознае со јазиците и книжевностите на словенските народи, Петкович на пат за Македонија, посетил повеќе словенски земји. Се сретнал со повеќе истакнати личности на словенскиот свет и вршел истражувања по манастирските библиотеки. За време на посетата на Прага, Петкович се запознал со словачкиот и чешки писател, историчар, етнограф, филолог и лингвист Павел Јозеф Шафарик, Вацлав Ханка и други слависти.[2]
Своето патешествие Петкович го продолжил преку Виена, од каде патувал со рускиот воспитаник и свршен теолог, Македонецот Нешо Стојанов родум од скопското село Кучевиште, Скопска Црна Гора, идниот Охридско-пловдвиски митрополит Натанаил Зографски и организатор на Кресненското востание. Заедно биле во Пешта каде имале низа средби со македонски трговци, а потоа отпатувале за Нови Сад и Сремски Карловци. По посетата на фрушкогорските манастири, отпатувале во Белград каде останале четири дена. Како што напишал Натанаил во Белград се сретнале со повеќе луѓе меѓу кои и „ученици и проживајуштти од Б`лгарија и Македонија. Своите впечатоци од четиридневниот престој, Петкович ги дава во трудот „Очерки Белграда“ кој го објавил наредната 1853 година во „Журнал Министерства народног просвештенија“ (ЖМНП) во Санкт Петербург. Воедно Петкович е еден од првите Македонци кој напишал статија за своите впечатоци од Белград. Петкович се разделил со Натанаил во Земун и продолжил за Загреб, Љубљана и Трст, од каде преку Венеција и Атина, заминал за Света Гора. Од октомври 1852 година тој цел месец ги обиколуваl манастирските библиотеки и ги проучувал словенските книжевни споменици. Своите истражувања, ги објавил подоцна во книгата „Обзор авонских древности“ (1865) во која за првпат изнесува некои податоци дотогаш непознати за науката. Исто така, тој ги претставува нетрпеливоста и сложените односи меѓу грчките и словенските монаси, кои се појавуваат со почетокот на заедничката борба на Македонците и Бугарите за црковна независност.
Во текот на 1853 година Константин Петкович бил дописник на „Царградски весник“, за кој пишувал и Јордан Хаџи Константинов Џинот. И двајцата имале блиски контакти со Друштвото на српската словесност во Белград. По доаѓањето во Цариград во 1853 година, Петкович кој во архивите на светогорскиот манастир Есфигмен пронашол хрисовул од српскиот деспот Јован Бранковиќ и му го испратил хрисовулот на Друштвото на српската словесност во Белград (ДСС). Истата била објавена во Гласникот на Друштвото (Гласник на ДСС, V, Белград, 1853, 224-225) и претставува прв прилог на еден Македонец. Истата 1853 година, во Известија на Вториот оддел на Императорската академија на науките, бил објавен првиот труд на Петкович од областа на славистиката: „Известия К. Д. Петковича о рукописях Зографского Святогорского монастъьря“. Прилогот на Петко¬вич е напишан на македонски јазик, со изобилство примеси од рускиот јазик и некои бугаризми. Трудот на Петкович е напечатен со тогашната азбука што била во употреба во руската, српската, бугарската, македонската книжевност.[2]
Константин Петкович бил повикан да се врати во Русија, а по Кримската војна (1853 - 1856) стапил во руската дипломатска служба. Од тогаш па сè до 1880 година, како руски дипломат службувал во Видин, Дубровник, Палестина и Бејрут. По завршувањето на работата во комисијата за разграничување на Бесарабија и Турција (20. IV. 1857), Петкович бил назначен за секретар на рускиот конзулат во Дубровник. Потоа, скоро петнаесет години Петкович поминал како руски конзул во Дубров¬ник. Исто така, тој ги застапувал руските интереси во Црна Гора и воспоставил блиски врски со црногорскиот кнез. За време на долгогодишниот престој во Дубровник конзулот Петкович покажал извонредни дипломатски способности. Тој посебно се интересирал за животот на српската православна општина во Дубровник, така што, покрај честите парични прилози што ги давал за црквата и сиромасите, тој оставил и една интересна статија за историјата на српската православна општина во Дубровник (1859). Интересот на Петкович спрема старите словенски ракописи не згаснал под товарот на дипломатскиот ангажман. Во 1858 година, како член на меѓународна европска комисија за разграничување меѓу Цр¬на Гора и Турција, тој го посетил манастирот Добриловина кај Мојковац, кој претрпел разурнувања од страна на башибозуците. Во манастирот Петкович нашол де¬вет стари српски ракописи, коишто ги зел со себе, за да ги проучува и сочува од пропаста. Единаесет години потоа, бидејќи биле српски ракописи, на празникот на Св. Сава, со молба да ги чуваат во црковната библиотека тој ѝ ги предал на српската православна црква во Дубровник. Во 1877 година Петкович ја публикува студијата „Црна Гора и Црногорци“, со која сакал да ги запознае Русите и другите за народот кој заслужува посебно внимание. Константин Петкович е автор на повеќе изворни творби и на преводи од чешки, словачки, а автор е на низа научни прилози од историјата и филологијата. Со своите книжевни и научни трудови зазема едно од многу значајните места во галеријата на македонските преродбеници. Во писмото испратено на српски јазик од 10 декември 1860 година до Стефан Веркович во кое му се заблагодарил за примерокот од народни песни од Македонија, Петкович напишал: „Вашата збирка песни има големо значење во денешно време, кога конечно уште не е утврден нашиот книжевен јазик, и кој секој писател превртува и поправа, како што си сака. Јас поддржувам, дека во Македонија може да се најдат песни и раскази во кои јазикот би бил уште почист, и тоа околу Битола, Охрид и Велес. Нема сомнеж дека оние кои живеат сега во Македонија се вистински потомци на оние Славјани, за кои Св. Кирил и Методиј го превеле Светото писмо“.[2]
Починал во ноември 1898 година во Одеса.
Награди
уредиВо текот на животот за своите заслуги бил одликуван со:
- Орден „Св. Станислав“
- Крст за независност на Црна Гора
- Орден на Легија на честа
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „ПЕТКОВИЧ, Константин Димитров“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1140. Text "series " ignored (help)
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 „Константин Димитров Петкович“. Македонска нација. 5 март 2014. Посетено на 6 јануари 2025.