Клуб Атлетико Индепендиенте
Клуб Атлетико Индепендиенте е аргентински фудбалски клуб од Авељанеда, Голем Буенос Аирес. Клубот моментално се натпреварува во Примера Дивисион, највисокото ниво во земјата, и се смета за еден од клубовите од Големата петорка во аргентинскиот фудбал.
Индепендиенте | ||||
---|---|---|---|---|
Целосно име | Клуб Атлетико Индепендиенте | |||
Држава | Аргентина | |||
Прекар | Ел Рохо | |||
Основан | 1 јануари 1905 | |||
Локација | Авељанеда, Аргентина | |||
Стадион | Либертадорес де Америка | |||
Капацитет | 48,069 | |||
Претседател | Уго Мојано | |||
Менаџер | Едуардо Домингес | |||
Лига | Примера Дивисион | |||
2021 | Примера Дивисион, 8. место | |||
Мреж. место | Официјално мрежно место | |||
| ||||
Тековна сезона |
Индепендиенте е официјално основан на 1 јануари 1905 година, иако институцијата била формирана на 4 август 1904 година. По потекло од Монсерат, историска населба во Буенос Аирес, клубот се преселил во Авељанеда во 1907 година. Досега клубот има освоено 16 титули во Примера дивисион, (последната во Апертура 2002) и 9 национални купови.
Во меѓународните клупски фудбалски натпреварувања, Индепендиенте освоил вкупно 20 титули,[1] 18 од нив организирани од КОНМЕБОЛ[2] и останатите од други асоцијации. Успесите на Индепендиенте вклучуваат рекордни седум титули во Копа Либертадорес, со што тие се единствениот клуб кој победил во четири финалиња по ред, помеѓу 1972 и 1975 година. Клубот го има освоено Копа Интерамерикана трипати, Суперкопа Судамерикана двапати, Рекопа Судамерикана еднаш, Интерконтиненталниот куп двапати (1973 и 1984), и Копа Судамерикана двапати, во 2010 и 2017. Суруга купот 2018 било нивното последно достигнување. Други меѓународни титули освоени од Индепендиенте вклучуваат две натпреварувања „Риоплатенсе“ Копа Алдао, организирани од аргентинската и уругвајската асоцијација заедно.[3]
Клубот настапува во црвени дресови и оттаму доаѓа неговиот прекар Ел Рохо (што во превод значи црвените). Своите домашни натпревари ги игра на стадионот Либертадорес де Америка, кој има капацитет од 48,069 седечки места. Индепендиенте има долгогодишно ривалство со соседниот клуб Расинг со кои игра во Дербито на Авељанеда, познато и како Ел Класико де Авељанеда.
Историја
уредиОсновање
уредиИндепендиенте е основан на 4 август 1904 година, кога група на вработени лица во продавница за чевли сместена во градот Буенос Аирес основале фудбалски клуб наречен ФК Маипу. Но, на претежно младите вработени им било дозволено само да ги гледаат натпреварите; не можеле да играат за тимот. Како резултат на тоа, на состанок во бар сместен пред клубот, тие избрале да формираат нов клуб. Името кое тие го избрале за да му го дадат на новиот клуб било Индепендиенте (во превод независен) за да се одбележи нивната независност од ФК Маипу.
Росендо Дегиорги бил назначен за привремен претседател. Семејството на Дегиорги понудила користење на мала соба во нивниот дом за да служи како прво седиште на клубот. Како официјален датум на основање бил назначен, недела 1 јануари 1905 година. Аристидес Лангоне бил избран за прв претседател на институцијата и било предложено од него да се усвои белата боја со сини детали како бои на клубот, инспирирана од клубот Сент Ендрјус, првиот фудбалски шампион на Аргентина победник во сезоната 1891.
Првиот натпревар во својата историја Индепендиенте го одиграл на 15 јануари 1905 година, против Атланта, на теренот „боеми“, и загубил со 1–0. Следниот натпревар бил одигран на 22 јануари 1905 против ФК Маипу Банфилд, тој завршил нерешено 0-0. Клубот го добил првиот натпревар во својата историја со убедлива победа од 11-0 против Албион на 7 мај 1905. Потоа, Индепендиенте се регистрирал во Аргентинската фудбалска асосцијација и му било дозволено да игра во втората и третата дивизија. Првото „Дерби на Авељанеда“ се одиграло на 9 јуни 1907 година; Индепендиенте го победил Расинг со 3–2.
Истата година, Индепендиенте се преселил од Буенос Аирес на својот нов терен за игра сместен во градот Авељанеда,на улицата Мануел Окантос.
На 10 мај 1908 година, клубот за првпат во својата историја играл во црвен дрес, во натпревар против Банфилд кој Индепендиенте го добил со 9–2. Усвојувањето на црвената боја е предмет на контроверзии; најпрепознатливата верзија е онаа со одлуката на претседателот Аристид Лангоне, кој се изненадил гледајќи го англискиот клуб Нотингем Форест како го победил со убедливи 6–0 Алумни, најсилниот аргентински клуб во таа ера, па решил да ги прифати боите на Форест.[4]
Во 1909 година, Индепендиенте го освоил својот прв трофеј; Купот Булрих, домашен национален куп за второлигашки екипи.[5] Голманот Хосе Бурука Лафорија бил една од првите "ѕвезди" на Индепендиенте.
Промоција во Примера Дивисион
уредиИндепендиенте станал аргентински клуб од врвната дивизија во 1912 година, земајќи учество во ФАФ Примера Дивисион 1912. Бидејќи имало конфликт меѓу некои клубови, фудбалската лига била поделена на две лиги со своја посебна федерација (ААФ и ФАФ), а само неколку екипи останале во ФАФ, па федерацијата, меѓу другите клубови, го поканила и Индепендиенте.
Со политичарот и претседател на клубот Хуан Мигнабуру како главен тренер,[6] тимот завршил на првото место изендачен со Портењо со 20 бодови. Гол-разликата не била во употреба и екипите морале да играат плејоф натпревар, пришто Портењо го освоил првенството како резултат на тоа што Индепендиенте го напуштил натпреварот во знак на протест поради поништен гол од судијата. Најдобар стрелец во лигата бил напаѓачот на Индепендиенте Енрике Кола, со 12 гола.[7]
Во 1910-тите, Дербито на Авељанеда помеѓу Индепендиенте и Расинг бил најпопуларниот натпрвар во Аргентина, дури пред „Суперкласико“ дербито помеѓу Ривер Плејт и Бока Хуниорс.
Иако бил еден од најпопуларните клубови, Индепендиенте не освоил ниту една првенствена титула во таа деценија. Наместо тоа, тие освоиле трофеи во другите домашни натпреварувања; Куп на нацијата 1914 (доделена), Куп Џокеј клуб 1917 (победувајќи го Естудијантес Ла Плата, 2–1) и Куп во чест на општината на Буенос Аирес (победувајќи го Платенсе, 1–0).[5]
Со освојувањето на куп титулите, Индепендиенте се квалификувал за првпат во риоплатенсе натпреварувањата (меѓународни турнири помеѓу аргентински и уругвајски клубови), и двете резултирале со пораз; во 1917 во Куп Тај (од Монтевидео Вондерерс, 0–4)[8] и 1918 Куп во чест на Кузенје (од Пењарол, 0–4).[9]
Во почетокот на 1920-тите, Индепендиенте ја освоил својата прва лигашка титула, Примера Дивисион ААмФ 1922 додека фудбалот во Аргентина сè уште бил поделен во две одвоени лиги.[10] Следната лигашка титула била во сезоната Примера Дивисион ААмФ 1922.[11] Во двете првенства Мануел Сеоане завршил како најдобар стрелец, давајќи му на Индепендиенте многу моќ во нападот заедно со Луис Раваскино и идниот светски шампион со италијанската репрезентација, Раимундо Орси.
Поради моќниот напад на Индепендиенте, медиумите му го дале прекарот „Дијаблос Рохос“ (Црвените ѓаволи), кој брзо станал популарен меѓу навивачите и оттогаш го идентификува овој клуб. Клубот, исто така, последователно ги освоил изданијата 1922, 1923 и 1924 година на Купот на копметенсија, победувајќи ги Клуб Алмагро, Спортиво Палермо и Ланус.[5]
Во 1923 година „Рохос“ за прв пат се соочиле со европски клуб, со шкотскиот тим Терд Ланарк на турнеја во Аргентина. Аргентинците победиле со 2–1 со двата гола на Орси.[12] Подоцна во 1928 година, црвените ја поразиле Барселона со 4–1, а една година подоцна на турнеја низ Аргентина, Индепендиенте бил домаќин на Челси во натпревар што завршил нерешено 1–1, а Сеоане бил стрелецот на голот за „Рохос“.[13]
Во сезоната 1927, Раимундо Орси заминал и му се приклучил на Јувентус.[14] Подоцна во 1928 година, клубот го изградил стадионот Добле Висера, првиот стадион во Латинска Америка направен целосно од цемент и втор во светот по Харвард. Порано фудбалските стадиони во Латинска Америка се состоеле само од трибини и седишта направени од дрвени штици.
1930-тите
уредиВо 1931 година била одиграна првата сезона на Аргентинската Примера Дивисион како целосно професионална лига. Во 30-тите години, Индепендиенте завршил како вицешампион во 1932, 1934, 1935 и 1937.[15]
Мануел Сеоане ја завршил својата кариера во 1933 година, откако станал најдобар стрелец во аматерската ера на Аргентинската Примера Дивисион, со 241 гол на 264 натпревари.[16]
Во следните години Висенте де ла Мата, Арсенио Ерико и Антонио Састре пристигнале во клубот. Арсенио Ерико, млад Парагваец, кој дошол во Аргентина за да избегне борба во Војната во Чако за својата земја, ќе се покаже како огромно засилување за Индепендиенте. Тој првично требало да биде еден од оние кои се бореле на парагвајската страна, но тој бил спасен од канџите на војната од командантот Молинас, кој го препознал неговиот фудбалски талент и го испратил во парагвајскиот фудбалски тим на Црвениот крст. Тимот бил формиран да собира средства за војниците на борбениот фронт со играње серија пријателски натпревари против други екипи од Јужна Америка. Настапите на Ерико го привлекле вниманието на некои од поголемите клубови, особено оние од Аргентина; за него биле заинтересирани Ривер Плејт, Бока Хуниорс и Индепендиенте. Иако Ривер го направиле првиот потег, Индепендиенте влегле во зделката во последен момент, нудејќи му на младото момче двојно повеќе пари. Ерико ја донирал таксата за трансферот на Парагвајскиот Црвен крст, што било повеќе од она што тие го направиле за целото нивно време играјќи натпревари за собирање средства. Потоа, тој станал најдобар стрелец на Аргентинската Примера Дивисион во три последователни сезони - 1937, 1938 и 1939 година - додека Антонио Састре се сметал за најдобар фудбалер во историјата на Аргентина во тоа време.
Тимот ја освоил Примера Дивисион 1938[17] и Примера Дивисион 1939[18] три домашни купови (еден Куп Адријан Ескобар во 1938 година и два Купа Ибаргурен во 1938 и 1939 година),[5] и неговите први две меѓународни титули; Копа Рикардо Алдао во сезоните 1938 и 1939 година, победувајќи ги Пењарол (3–1 во Монтевидео) и Насионал Монтевидео (5–0 во Буенос Аирес) соодветно.[3]
1940-тите и 1950-тите
уредиИндепендиенте постигнал неколку убедливи победи на почетокот на 1940-тите, вклучувајќи ја победата со 8-1 над Естудијантес Ла Плата, 7-1 над Бока Хуниорс и 7-0 над Расинг, кои до ден денес стојат како највисоките порази во историјата на тие клубови. Но во 1945 година, редот дошол и на Индепендиенте да го претрпи најтешкиот пораз; 0–8 од Велес Сарсфилд.
Иако во овој период имале смртоносна офанзива, Индепендиенте бил крунисан за шампион дури девет години подоцна, во Примера Дивисион 1948, со поранешниот голман на клубот Фернандо Бело како главен тренер.[19]
Во 1946 година, голгетерот Ерико го напуштил клубот по 325 официјални натпревари и 295 гола, откако станал најдобар стрелец на сите времиња во Аргентинската Примера Дивисион и Индепендиенте.[20] Састре заминал во 1942 година,[21] додека Де ла Мата останал до 1950 година, освојувајќи го првенството во 1948 година.
Индепендиенте не освоил ниту еден трофеј во 1950-тите. Ова била единствената деценија во историјата на клубот во која тој не освоил ниту една титула. Најдобриот пласман бил остварен со освојувањето на второто место во 1954 година.[15] Во 1953 година, „Рохос“ го победиле Реал Мадрид со 6-0 во пријателски натпревара во склпоп на европската турнеја, при што ѕвездата Алфредо Ди Стефано играл за шпанскиот тим. Турнејата вклучувала и победи против Валенсија (3–0), Атлетико Мадрид (5–3), Бенфика (2–1) и Спортинг Лисабон (8–1).
Во 1958 година, Индепендиенте ги инспирирал основачите на еквадорскиот клуб ФК Индепендиенте дел Вале да го усвојат името на аргентинскиот тим. Првично, споменатиот тим, исто така, ги имал истите бои и сличен амблем.[22]
Помеѓу 1960-тите и 1980-тите: успесите на континенталната и светската сцена
уредиИндепендиенте освоил три титули во лигата во деценијата од 60-тите години; 1960,[23] 1963[24] и 1967. Сепак, во времето на овој последен успех, Индепендиенте веќе ги правел првите чекори кон јужноамериканската слава.
По титулата во 1960 година, тимот учествувал за првпат во континентално натпреварување земајќи учество во Копа Либертадорес 1961, губејќи ги двата четвртфинални натпревари против Палмеирас.[25]
Тимот ја освои својата прва континентална титула победувајќи го уругвајскиот клуб Насионал во финалето на Копа Либертадорес 1964; до титулата дошле по ремито без голови во Монтевидео и победата од 1–0 дома, откако претходно го елиминирале бранителот на титулата Сантос во кој играле неколку бразилски светски шампиони како Пеле,[26] станувајќи првиот аргентински тим кој победил во ова натпреварување.[27] Тие, исто така, ќе го освојат Копа Либертадорес 1965, овојпат поразувајќи ја Бока Хуниорс во полуфиналето и другиот великан од Уругвај, Пењарол, во финалето со 4–1 (одржано на неутрален терен на Националниот стадион во Чиле).[28]
Како шампион на КОНМЕБОЛ, Индепендиенте се натпреварувал двапати во Интерконтиненталниот куп, но ги загубил двете изданија од италијанскиот клуб Интер. Во 1964, двата клуба размениле по една победа, пред да одиграат трет, таканаречен плејоф натпревар, на Сантјаго Бернабеу во Шпанија за да се одлучи освојувачот, кој на крајот бил Интер откако победил во продолженијата со голот на Марио Корсо. Следната година, Интер победил со вкупен резултат 3-0.
Повторно, Индепендиенте ја започнал новата деценија со освојување на две првенствени титули по ред; 1970,[29] 1971[30] и подоцна во истата деценија, 1977[31] и 1978 (двете во Кампеонато Насионал).[32] Титулата од 1977 година, клубот особено ја памети како историски триумф, бидејќи успеал да биде подобар во финалето против Таљерес со голот на Рикардо Бочини, на асистенција на Даниел Бертони, во ситуација кога играле со дури тројца играчи помалку на игралиштето кои контроверзно биле исклучени од судијата. Титулата од 1978 година дошла по победата со 2–0 против Ривер Плејт во финалето.
Најголемото достигнување на Индепендиенте во 1970-тите било повторното освојување на врвното континентално натпреварување, но овојпат дури четири - рекордни - пати по ред. Хронолошки, „Рохос“ ја освоиле Копа Либертадорес 1972 победувајќи го Университарио од Перу,[33] потоа Копа Либертадорес 1973 по третиот плејоф натпревар одигран на Сентенарио против Коло Коло,[34] Копа Либертадорес 1974 по уште еден плејоф натпревар одржан во Сантјаго де Чиле против бразилскиот Саун Пауло,[35] и Копа Либертадорес 1975 против Унион Еспањола каде решавачкиот натпревар се одиграл во Асунсион.[36] По титулата во 1973 година, Индепендиенте станал клуб со најмногу титули во Либертадорес и приматот го држи до денес (со 7 титули).
Успесите во Интерконтиненталниот куп биле помалубројни. Изданието 1972 донело пораз за Индепендиенте од Ајакс, а во 1974 трофејот отишол во витрините на Атлетико Мадрид. Сепак, среќата се насмевнала на аргентинската екипа во Интерконтинтенталниот куп 1973 против Јувентус, кога во еден натпревар одигран на Олимпико во Рим, Индепендиенте победил со 1-0 со голот на Бочини. Во изданието за 1975 година, Индепендиенте требало да игра против Бајерн Минхен, но натпреварот никогаш не бил одигран.[37]
Клубот, исто така, трипати по ред го освојувал Интерамериканскиот куп; во 1973, 1974 и 1976 година, победувајќи ги: Олимпија, Мунисипал и Атлетико Еспањол,[38] поминувајќи низ пенал-серија во 1974 и 1976.
Во 80-тите, Индепендиенте го освоил првенството Метрополитано 1983 по победата со 2–0 на гости во последното коло против градскиот соперник Расинг, кои претрпел испаѓање во Примера Б лигата, нешто што исто така, резултирало со момент на голема сатисфакција за клубот и неговите поддржувачи.[39] Подоцна во текот на декадата, Индепендиенте ја освоил титулата во лигата и во сезоната 1988–1989.[40]
Домашната титула од 1983 година послужила и како квалификација за Копа Либертадорес 1984. Таму, Индепендиенте се пласирал во втората фаза откако завршил со рамен број бодови со Олимпија (двата клуба по 9 бода), но „Рохос“ имале подобра гол-разлика од Парагвајците. Во втората фаза, Индепендиенте повторно напредувал откако бил поуспешен од Насионал Монтевидео и Универсидад де Католика со што тие отишле во нов континентален финален натпревар. Во финалето, Хорхе Буручага бил авторот на победничкиот гол во успехот на аргентинците со 1–0 на гостувањето кај бразилскиот тим Гремио и, по ремито без голови во Авељанеда, Индепендиенте ја освоил својата седма титула во Копа Либертадорес.[41]
На крајот на 1984 година, Индепендиенте одново се искачил на врвот на светот, освојувајќи го својот втор Интерконтинентален куп, победувајќи го Ливерпул со 1-0 во Токио. Одлучувачкиот гол го постигнал Хосе Алберто Перкудани уште во 6-тата минута.[42]
Индепендиенте стигнал до финалето на Суперкопа Судамерикана 1989, откако ги победил Сантос, Атлетико Насионал и Аргентинос Хуниорс. Сепак, откако немало голови во двата натпревари против сонародниците Бока Хуниорс, Индепендиенте на крајот загубил на пенали.[43]
1990-тите и 2000-тите
уреди1990-тите започнале со пензионирањето на Рикардо Бочини во 1991 година. Во неговите 20 години играње професионален фудбал од 1972 до 1991 година, Бочини играл само за Индепендиенте (освен за аргентинската репрезентација), и учествувал во Златната ера на клубот, со 8 меѓународни титули и 4 аргентински првенства. Тој одиграл вкупно 740 натпревари на кои постигна 107 голови.[44]
Стадион
уредиДом на Индепендиенте е стадионот Либертадорес де Америка, познат и као Ла Добле Висера, кои има капацитет од 49.592 седечки места. Првобитниот стадион бил отворен на 4 март 1928 година во натпреварот со уругвајскиот Пењарол, кој бил завршен со резултат 2-2. Тоа бил првиот стадион во Јужна Америка изграден од цемент.[45] Стадионот сè до 2005 година, немал официјално име и бил познат како Ла Добле Висера, за истата година навивачите на клубот со гласање да го изберат денешното име Либертадорес де Америка.[46] Интересно е дека, стадионот на Расинг, најголемиот ривал на Индепендиенте, е оддалечен само неколку стотина метри од Либертадорес де Америка.
Стадион поминал низ големо реновирање во 1960 година, а последен пат бил преуредуван во периодот помеѓу 2007 и 2009 година, кога трошоците на реновирањето чинеле околу 50 милиони долари. Реновираниот стадион бил свечено отворен на 28 октомври 2009 со првенствениот натпревар во кој Индепендиенте го угостил Колон, во натпревар кој завршил со победа на домаќините со 3-2.
Играчи
уредиМоментален состав
уреди
|
|
Освојувачи на титули
уреди- Светско првенство
Титули
уредиНационални натпреварувања
уреди- Првенства
- Примера Дивисион : 16
- 1922 ААм,[48] 1926 ААм, 1938, 1939, 1948, 1960, 1963, Насионал 1967, Метрополитано 1970, Метрополитано 1971, Насионал 1977, Насионал 1978, Метрополитано 1983, 1988-1989, Клаусура 1994, Апертура 2002
- Национални купови
- Куп Ибаргурен : 2
- 1938, 1939
- 1939
- Куп на нацијата : 1
- 1914
- Куп Џокеј клуб : 1
- 1917
- 1918
- 1924, 1925, 1926
- Останати купови
- Куп Булрих : 2
- 1909, 1917
Меѓународни натпреварувања
уреди- Копа Либертадорес : 7 (рекорд)
- Копа Судамерикана : 2 (рекорд споделен со Бока Хуниорс)
- Суруга куп : 1
- 2018
- Копа Интерамерикана : 3 (рекорд)
- 1972, 1974, 1975
- Суперкопа Либертадорес : 2 (рекорд споделен со Крузеиро)
- 1994, 1995
- Копа Алдао : 2
- 1938, 1939
Наводи
уреди- ↑ Independiente campeón en Japón: logró su vigésimo título internacional, Clarín, 8 August 2018
- ↑ Las competiciones oficiales de la CONMEBOL on Conmebol website, 19 Ago 2015
- ↑ 3,0 3,1 „Campeonato Rioplatense - Copa Dr. Ricardo C. Aldao (1913 - 1957)“. www.rsssf.com.
- ↑ Independiente. „Independiente y Nottingham Forest unidos para siempre - 27/08/2010 - Olé“. Ole.com.ar. Архивирано од изворникот на 2018-06-22. Посетено на 2019-04-04.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 „Argentina - Domestic Cup History“. www.rsssf.com.
- ↑ Olé. „Se hizo de abajo“. www.ole.com.ar.
- ↑ „Argentina 1912“. www.rsssf.com.
- ↑ „Cup Tie Competition - First Division“. www.rsssf.com.
- ↑ „Copa de Honor Cousenier“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1922“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1926“. www.rsssf.com.
- ↑ „Rio de la Plata Trip of Third Lanark 1923“. www.rsssf.com.
- ↑ „South American Trip of Chelsea FC 1929“. www.rsssf.com.
- ↑ „Forza Juventus-Raimundo Orsi“. 26 May 2005. Архивирано од изворникот на 2005-05-26.
- ↑ 15,0 15,1 „Argentina - List of Champions and Runners-Up“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina - List of Topscorers“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1938“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1939“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1948“. www.rsssf.com.
- ↑ „Arsenio Erico - Goals in Argentina League“. www.rsssf.com.
- ↑ „Antonio Sastre, el hombre orquesta“. El Gráfico.
- ↑ Duque, Mishell; @MishuDS (16 July 2016). „Copa Libertadores: Independiente del Valle, el Leicester de Ecuador“. Marca.com.
- ↑ „Argentina 1960“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1963“. www.rsssf.com.
- ↑ „Copa Libertadores 1961“. www.rsssf.com.
- ↑ „Independiente goleou time de Pelé e nunca perdeu para o Santos na Argentina“. Gazeta Esportiva. 20 August 2018.
- ↑ „Copa Libertadores 1964“. www.rsssf.com.
- ↑ „Copa Libertadores 1965“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1970“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1971“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1977“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1978“. www.rsssf.com.
- ↑ „Copa Libertadores 1972“. www.rsssf.com.
- ↑ „Copa Libertadores 1973“. www.rsssf.com.
- ↑ „Copa Libertadores 1974“. www.rsssf.com.
- ↑ „Copa Libertadores 1975“. www.rsssf.com.
- ↑ „Intercontinental Club Cup“. www.rsssf.com.
- ↑ „Copa Interamericana“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1983 - Campeonato Nacional“. www.rsssf.com.
- ↑ „Argentina 1988/89“. www.rsssf.com.
- ↑ „Copa Libertadores 1984“. www.rsssf.com.
- ↑ „Intercontinental Club Cup 1984“. www.rsssf.com.
- ↑ „Supercopa Libertadores 1989“. www.rsssf.com.
- ↑ País, Ediciones El (5 July 1991). „Bochini se retira“. El País – преку elpais.com.
- ↑ Стадион Либертадорес де Америка - историјат Архивирано на 23 август 2018 г., clubaindependiente.com
- ↑ en colas: las esperas ya son parte de lo habitual Архивирано на 30 март 2019 г., encolas.blogspot.com
- ↑ „Independiente: Plantel Profesional“. Club Atlético Independiente. Посетено на 19 August 2021.
- ↑ Аметерскиот фудбалски сојуз бил еден од ривалските сојузи кој организирал свое првенство помеѓу 1919 и 1926 година.
Надворешни врски
уреди„Клуб Атлетико Индепендиенте“ на Ризницата ? |