Западнофризиски јазик
Западнофризискиот јазик (самонар. Frysk, холандски: Fries)[1] е јазик што се говори претежно во покраината Фризија (Fryslân) на северот на Холандија. Јазикот во Холандија се нарекува само „фризиски“, а географската одредница се користи само вон земјата, за негово разликување од другите фризиски јазици (затерландски и севернофризиски) што се говорат во Германија. Поимот „западнофризиски“ (Westfries) во Холандија се однесува на западнофризискиот дијалект на холандскиот јазик, застапен во регионот Западна Фризија во состав на покраината Северна Холандија.
Западнофризиски | |
---|---|
Frysk | |
Застапен во | Холандија |
Подрачје | Фризија, Гронинген |
Говорници | 467.000 (2001) |
Јазично семејство | индоевропско
|
Статус | |
Службен во | Фризија |
Регулативен орган | Фризиска академија |
Јазични кодови | |
ISO 639-1 | fy |
ISO 639-2 | fry |
ISO 639-3 | fry |
Linguasphere | 52-ACA-b |
Говорници
уредиНајвеќето говорници на јазикот живеат во покраината Фризија во северниот дел на Холандија. Покраината има 643.000 жители (2005), од кои 94% го разбираат говорниот фризиски, 74% го говорат, 75% можат да го читаат, а 27% го знаат да пишуваат на јазикот.[2]
Над половина од населението на покраината (55% или околу 354.000 жители) го користат фризискиот како мајчин јазик, а уште 4.000–6.000 живеат во Гронинген, во триаголното подрачје на селата Марум (Меарум), Де Вилп и Опенде (Де Гринзер Пејн).[3]
Во последните шеесет години, многу Фризи заминале од матичната покраина и се преселиле во попросперитетните краишта на Холандија. Денес околу 150.000 Фризи во другите покраини на државата, особено во градската агломерација на запад, соседен Гронинген и новомелиорираниот Флеволанд.
Покрај ова, постои и значајна дијаспора, а Фризија имала највеќе иселеници од сите покраини во периодот од Втората светска војна до 1970-тите. Се смета дека низ светот живеат 80.000–100.000 Фризи, со најголеми заедници во Канада, САД, Австралија и Нов Зеланд. Така, вкупниот број на говорници на јазикот би достигнал некаде 600.000 луѓе.
Јазикот има и 120.000 говорници во Фризија што го користат како втор јазик.[4]
Дијалекти
уредиЗападнофризискиот има осум дијалекти, од кои четири се пошироко застапени, а другите четири се ограничени на мали места со мошне малку жители.
Најмалку застапен е скирмунцијашкиот дијалект (Skiermûntseagersk), говорот на мештаните од островот Схирмониког (Скирмунцијах). Дијалектот е пред изумирање и има само 50-100 говорници (од вкупно 900 жители на островот).
Хилпенскиот (Hylpersk), архаичен дијалект од полуостровскиот пристаништен град Хинделопен (Хилпен) на западниот брег и денес има највеќе 300 говорници.
Скилгерскиот (Skylgersk, познат и како Westersk) и астерскиот (Aastersk) се говорите во источниот и западниот дел на островот Терсхелинг (Скилге) со околу 800, односно 400 говорници.
Југозападниот дијалект (Súdwesthoeksk) се говори во т.н. „југозападен агол“ (de Súdwesthoeke) кој отстапува од другите бидејќи не се придржува до поновиот граматички систем на „разбивање“.
Северниот дијалект (Noardhoeksk) е застапен во североисточниот дел на покраината; не се разликува значајно од шумскиот.
Во голема мера најзастапени дијалекти се т.н. „глинен фризиски“ (Klaaifrysk) и „шумски фризиски“ (Wâldfrysk). Првиот се говори во западниот и северозаапдниот дел, каде земјиштето се состои од дебел слој на глина. Источниот дел на покраината е шумовит, па оттаму говорот е наречен „шумски“.
Историја
уредиВо раниот среден век, Фризите живееле на многу пошироко подрачје што се протегало од околината на Брухе (денешна Белгија) до реката Везер во северна Германија, а јазикот се говорел долж целото јужно крајбрежје на Северното Море (т.н. „Голема Фризија“).
Старофризискиот (1150-1550) бил особено сличен на староанглискиот јазик и имал падежи. Првото пишано сведоштво за фризискиот јазик датира од XI век, доколку не сметаат постарите рунски натписи за кои не е сигурно дека се на фризиски јазик. Преодот од старофризискиот кон среднофризискиот период (1550-1820) се случил во XV век и бележи прилично нагол престанок во употребата на фризискиот како пишан јазик. Јазикот станал чисто устен и се ограничил на селските средини.
Ова делумно се должи на заземањето на Фризија од страна на војводата Алберт Саксонски (1498), кој го заменил фризискиот со холандски како службен јазик.
Оваа практика продолжила и понатаму во времето на Хабсбурговците (германскиот цар Карло V и неговиот син, шпанскиот крал Филип II), дури и по осамостојувањето на Ниските Земји во 1585 г. Причината за ова е подемот на Холандија како најважна сила во сојузот, а со тоа и на холандскиот како јазик на судството, управата и религијата.
Во овој период делувал фризискиот поет Гисберт Јапикс (1603–1666) од Болсвард, кој се смета за татко на денешниот фризиски правопис и книжевност.
Пишаното творештво на фризискиот јазик повторно се појавило дури во новофризискиот период (XIX век), со проближен почеток од 1820 г, кога почнала и практиката на разбивање.
Азбука
уредиЗападнофризискиот користи латиницата, со тоа што A, E, O и U имаат варијанти со извиен (ˆ) и остар акцент (´).
Гласови
уредиСамогласки
уредиСимбол | Пример | ||
МФА | МФА | западнофризиски | македонски |
---|---|---|---|
ɑ | bɑnk | bank | 'банка' |
a | raˈdis | radys | 'ротква' |
aː | aːt | aard | 'нарав' |
ɛ | lɛt | let | 'доцна' |
ɛː | fɛːst | fêst | 'цврст' |
eː | seː | see | 'море' |
ə | də | de | определен член |
ɪ | sɪt | sit | 'седиште' |
i | ʋit | wyt | 'бел' |
iː | tiːt | tiid | 'време' |
ɔ | ɡɔt | gat | 'дупка' |
ɔː | ʋɔːt | wâld | 'шума' |
o | ˈtovərjə | toverje | 'маѓепсува' |
oː | ˈhoːpjə | hoopje | '[се] надева' |
y | yt | út | 'надвор' |
yː | ˈnyːvər | nuver | 'чуден' |
u | ˈbusə | bûse | 'џеб' |
uː | huːt | hûd | 'кожа' |
ɵ | pɵt | put | 'бунар' |
øː | ˈløːnə | leune | 'поддржува' |
iə | stiən | stien | 'камен' |
ɪə | ɪər | ear | 'уво' |
uə | ɡuət | goed | 'добар' |
ɔə | ɔər | oar | 'друг' |
yə | nyət | nuet | 'питом' |
œː | frœːn | freon | 'пријател' |
ɛi | hɛi, bɑkəˈrɛi | hy, bakkerij | 'тој', 'пекарница' |
œy | ˈstrœy.ə | struie | 'попрскува' |
ui | ˈblui.ə | bloeie | 'цут' |
ɔəi | mɔəi | moai | 'убав' |
aːi | kaːi | kaai | 'клуч' |
ɑu | hɑut, ɡɑu | hout, gau | 'дрво', 'набргу' |
Разбивање на долгите самогласки
уредиФризискиот има прилично голем број на долги самогласки, и постојат два начина на нивно скратување. Првиот е таканареченото „новофризиско разбивање“ со замена на солгата самогласка со согласка и самогласка или полусамогласка. Такви парови се ie-ji/i, ue-uo, oa-ua и dei-je/dje.
Вториот начин е сведувањето на членот и наставката на гласилни избувни согласки. Ова важи како за определените (de (/də/) и it (/ət/)), така и неопределениот чен (in (/ən/)). Популарни наставки при сведувањето се -en (/ən/) и -t (/ət/). На пример, „it tinken“ (мислење) може да се сведе од /ət tɪŋ͡kən/ на /ʔtɪŋ͡kʔ/ (со тоа што ова е многу големо сведување што не се јавува во највеќето дијалекти). Позастапен начин е отстранувањето на темниот глас (/ə/) и изоставување на едно /t/ при сведување на членот што стои по забна наставка. Во пишаниот литературен јазик, оваа појава се претставува со заменување на буквата на темниот глас со апостроф.
Практиката сведување се разликува од дијалект до дијалект. Писменото бележење на сведувањето во разбииен или неразбиен облик е недоследно дури и во литературниот правопис.
Согласки
уредиb | ch | d | f | g | h | j | k | l | m | n | p | r | s | sj | t | tsj | v | w | x | y | z |
b | x | d | f | ɡ, ɣ | ɦ | j | k | l, ɫ | m | n | p | r | s | sj | t | t͡sʲ | v | ʋ | ks | j | z |
- /eː/, /oː/ и /øː/ обично се остваруваат како дифтонзите [eɪ], [oʊ] и [øʏ].
- /ɛː/ и /ɔː/ обично се остваруваат како [ɛ.ə] и [ɔ.ə].
- a се изговара како [ɔ] пред d, t, l, n, s
- er се изговара како [ɛː] во bern, gers и ferzen
- eau се изговара како [øə] во глаголски именки од минато време и [joː] во предминато време, како и други зборови
- ei се изговара како [i] или [jə] во moandei и друго сложенки со -dei
- eur се изговара како [øə]
- зборот ôf и претставката ôf- се изговараат како [ɔu] или [ɔː]
- oa се изговара како [a] во moatte и moandei, а како [ãː] во woansdei
- oe се изговара како [u] пред ch, g, k
- y се изговара како [ɛi] во my, dy, hy, wy, by, но како [i] во dy како показна заменка
- секоја самогласка или дифтонг пред n + s, z, f, v, w, j, l, r се назализира
- сите назализирани самогласки се издолжуваат пред ns, nz
- d е немо пред l, а честопати се изговара како [r] меѓу самогласки
- g се изговара како [ɡ] освен меѓу самогласки, каде се изговара како [ɣ]. Пример: dagen [daɣən] ('денови')
- h е немо пред [j], [ʋ] и во зборот thús
- j често е немо пред [i]
- во âl, l е немо пред d, t
- при едначење по звучност, n станува [m] пред p, [ŋ] пред k, или се изоставува, назализирајќи ја претходната самогласка
- r е немо пред t, d, n, l, s, z
- w се изговара како [ʋ] на почетокот од зборот, [f] на крајот, а како [ʋ] на другите места. WW се изговара како [ʋ]
- y како согласка се јавува само во заемката yochert; во сите други случаи е самогласка.
Статус
уредиПочнувајќи од 1956 г, западнофризискиот има рамноправен статус на службен јазик заедно со холандскиот во покраината Фризија. Јазикот се користи во многу сфери од општеството како образованието, законодавството и управата.
Во 1997 г, покраината го сменила името од холандскиот облик Friesland во фризискиот Fryslân. Досега 5 од вкупно 31 општини ги имаат сменето имињата од холандски во фризиски: Тицјеркстерадил, Боарнстерхим, Литенсерадил, Вунсерадил и Фервердерадил.
Согласно стандардот ISO 639, западнофризискиот се води под општофризиските кодови 'fy' и 'fry'.
Пример
уредиМолитвата „Оче наш“ од Библија на фризиски јазик, III издание (1995).
Западнофризиски Us Heit yn 'e himel, |
Македонски Оче наш, кој си на небесата, |
Поврзано
уреди- Фризиско Кралство
- Фризија (пошироко подрачје)
- Фризија (покраина)
- Фризиски јазици
- Фризиски Острови
- Фризи
Надворешни врски
уредиИздание на Википедија — слободната енциклопедија на западнофризиски јазик |
- Фризиско-англиски речник Архивирано на 5 април 2005 г. (Webster's)
- Западнофризиски јазик на Ethnologue (англиски)
- Основни зборови во западнофризискиот јазик - Сводешов список на Викиречник (англиски)
- Десет четива по фризиски јазик Архивирано на 27 мај 2013 г. (англиски)
- Курс по западнофризиски јазик Архивирано на 29 август 2010 г. (англиски)
Наводи
уреди- ↑ Официјално: „западнолауершки фризиски“ (Westerlauwers Fries), т.е. западно од реката Лауерс што ги двои покраините Фризија и Гронинген.
- ↑ Provinsje Fryslân (2007), Fluchhifking Fryske Taal.
- ↑ Gorter, D. L.G. Jansma en G.H. Jelsma (1990), Taal yn it Grinsgebiet. Undersyk nei de taalferhâldings en de taalgrins yn it Westerkertier yn Grinslân. Sosjaal-wittenskiplike rige nummer 10. Akademy-nummer 715. Ljouwert: Fryske Akademy.
- ↑ Gorter, D. & R.J. Jonkman (1994), Taal yn Fryslân op 'e nij besjoen. Ljouwert: Fryske Akademy.