Грбови на Македонија

(Пренасочено од Грбовите на Македонија)

Грбовите на Македонија се едни од симболите на македонскиот народ и македонската држава. Низ историјата постоеле различни видови и дизајни, но сепак голем дел од македонските грбови како главен мотив го имаат македонскиот златен лав. Македонските земски грбови можат да се пронајдат во голем број средновековни грбовници кои датираат од околу XV век па сè до денес. Како одлика за македонската херладика е користењето на мала круна на главата на лавот, голема круна над штитот, користење на германски штит и жолта боја за лавот и црвена за штитот. Како и да е, поради грешка на некои средновековни хералдичари, има мали отстапки при дизајнот на македонскиот грб, кои сепак не влијаат на симболиката на истите.

Национален симбол на македонскиот народ - златниот македонски лав.

Забуна со црвениот лав на златно поле

уреди

Во своето дело за грбовите на Македонија, Матковски погрешно смета дека Витезовиќ го помешал македонскиот грб со бугарскиот и затоа тврди дека сите подоцнежни грбословци од него ја препишале истата грешка. Меѓутоа, подоцна стручњаците утврдиле дека ова е грешка на Матковски и дека црвениот лав на жолто поле е исправен стар грб на земјата, кој дури подоцна добива обратна варијанта.[1] Денешната хералдичка историографија заклучува дека обете варијанти се исправни и напоредно важечки симболи на земјата, со тоа што историски земено, лавот на Македонија бил традиционално црвен.[2]

Македонски грбови во употреба

уреди
Грб Опис Датум Употреба
  Грбот е опколен од класје жито, каде во подножјето се наоѓаат плодови од афион, тутун и народен македонски вез. Во средината има приказ на планина и вода со изгрев на сонце. Класјето се спојува на врвот од грбот.[3] 27 јули 1946[3]
16 ноември 2009 (изменет)[3]
Официјален грб на Македонија.[3]
  Грбот е составен од македонското знаме на штит. Под штитот со македонското знаме се наоѓа венец од македонски даб со по осум листови и осум желади.[4] 2 декември 2009[4] Официјален грб на претседателот на Македонија[4]

Историски македонски грбови

уреди

Државни

уреди
грб опис датум употреба
  Грбот е опколен од класје жито, каде во подножјето се наоѓаат плодови од афион, тутун и народен македонски вез. Во средината има приказ на планина и вода со изгрев на сонце. Класјето се спојува на врвот од грбот и има црвена петокрака. 27 јули 1946 - 16 ноември 2009 Грб на Македонија од 1991 до 2009.
  Ист како и грбот на Македонија од 1991 до 2009. 27 јули 1946 - 8 септември 1991[5] Грб на НР Македонија од 1946 до 1963
Грб на СР Македонија од 1963 до 1991.
  Сличен со грбот на СР Македонија. Мали разлики во дизајнот и симболизмот. 27 јули 1946 - 31 декември 1946[6] Грб на НР Македонија.

Земски и национални

уреди
грб опис датум употреба
  Над грбот оригинално има лента со натпис „цимери македонске земле“ или „грб на македонската земја“, а под грбот лента со натписот „Macedoniæ“ (латинското име на земјата, во генитив, „на „Македонија. Грбот е составен од црвен германски штит со златен исправен лав. Над лавот има мала, а над штитот голема златна круна.[7] 1595 во Грбовникот на Корениќ-Неориќ Земски грб на Македонија од 1595.
  Во истиот грбовник на Корениќ-Неориќ има два општи грба за јужнословенските народи, каде македонскиот грб е составен од легнат жолт лав со круна на црвен германски штит. Тука, даваме само слика од лавот, а штитот и круната се исти како и претходниот засебен грб на Македонија во истиот Грбовник.[7] 1595 во Грбовникот на Корениќ-Неориќ Земски грб на Македонија од 1595.
  Овој македонски грб е насликан со црно мастило и еден од најгрубо претставените македонски грбови. Оригиналниот приказ е составен од германски штит на кој има исправен лав со мала круна. Над штитот се наоѓа голема војводска круна, а под штитот има лента на која пишува „Macedoniæ Regniy“.[7] Крај на XVI век или почеток на XVII век во Грбовникот на Никола Палиниќ Земски грб на Македонија од 16/ 17 век.
  Македонскиот грб од 1614 година е составен од златен исправен лав со круна на главата и со две опашки поставен на црвен варјашки штит. Над штитот има златна круна украсена со дијаманти. Овој грбовник е заснован на постар грбовник од XVI век.[7] 1614 во Алтхановиот грбовник Земски грб на Македонија од 1614 година.
  Овој македонски грб е составен од жолто-златен лав со две опашки и со златна мала круна над главата поставени на црвен штит. Над штитот има голема златна круна украсена со дијаманти. Под штитот има лента на која има натпис „Macedoniæ“ или „Македонија“. Овој грб во грбовникот се појавува трипати, еднаш како засебен, двапати како дел од општите грбови. Општо прифатено е дека грбот потекнува од 1620 година, но хартијата на која е сликано потекнува од 1574 или 1603 година од Прага или Грац, а денес се чува во Белград.[7] 1620 во грбовник пронајден во Грац. Земски грб на Македонија од 1620 година.
  Овој македонски грб е составен од жолто-златен лав со две опашки и со златна мала круна над главата поставени на црвен штит. Над штитот има голема златна круна украсена со дијаманти. Во истиот грбовник, во општиот грб не е грбот на Македонија, бидејќи бил заменет со илирскиот. Бидејќи македонскиот грб отсекогаш на секој грбовник стоел на второ место, овој пат бил ставен илирскиот за да се даде илирски карактер на грбовникот и да се поврзе со илирското движење кај Јужните Словени. Македонскиот грб е прикажан засебно.[7] 1636 - 1638 во Грбовникот на Марко Скороевиќ. Земски грб на Македонија од 1636 - 1638 година.
  Овој македонски грб е насликан со црно мастило и е многу едноставен. Грбот е составен од германски штит на кој има приказ на лав со една опашка. Во овој „Белградски грбовник“, македонскиот грб бил прикажан трипати, еднаш засебно и двапати како дел од двата општи грба. Во двата општи грба, македонскиот грб имал иста форма како и засебната верзија. Денес не постои грбовникот бидејќи бил изгорен за време на бомбардирањата на Белград за време на Втората светска војна, но се зачувани копии од грбовникот.[7] 1640 во „Белградскиот грбовник“. Земски грб на Македонија од 1640 година.
  Грбот е составен од црвен германски штит над кој има голема златна грофовска круна. На штитот има златен исправен лав со една опашка и на главата има мала златна круна. Над грбот има празна лента, а под грбот има лента со натпис „Macedoniæ“ или „Македонија“.[7] 1675 во „Фојничкиот грбовник“.[8] Земски грб на Македонија од 1675 година.
  Македонскиот грб е составен од германски штит на кој има исправен лав со една опашка и една круна. Над штитот има голема круна. Под штитот има лента со натпис „Macedoniæ“ или „Македонија“ и грбот е изработен со црно мастило. Македонскиот грб се среќава и на двата општи грба во грбовникот.[7] 1689 во Оловскиот грбовник Земски грб на Македонија од 1689 година.
  Овој грб е составен од црвен германски штит над кој има златна круна. На самиот штит има претставено златен исправен лав со една опашка, а на крајот на опашката факел. Факелот во хералдиката означува светла иднина, и ова е единствен грб со факел. Под грбот има лента со натпис „Macedoniæ“ или „Македонија“, а над грбот лента со натпис „цимери маќедонске земле“ или „грб на македонската земја“. Истиов грб се јавува и во општиот грб во истиот грбовник.[7] XVII век во Берлинскиот грбовник Земски грб на Македонија од XVII век.
  Грбот на Македонија од ракописната и печатената „Стематографија“ со црвен лав на жолт штит со златна голема круна над штитот. За разлика од другите македонските грбови, штитот е од шпански тип, а лавот нема круна. 1694 во ракописниот грбовник на Павле Ритер Витезовиќ Земски грб на Македонија од 1694.
  Грбот на Македонија во ракописната и печатената „Стематографија“ во ракописната е во боја, а во печатената не. Тој е претставен од црвен лав на жолт штит со златна голема круна над штитот. Нетипично за македонските грбови, е што штитот е шпански и лавот нема круна. 1701 во печатениот грбовник на Павле Ритер Витезовиќ Земски грб на Македонија од 1701.
  Грбот на Македонија во овој грбовник е претставен од златен лав без круна и со една опашка на црвен француски штит, нетипично за македонските грбови. Над штитот има златна круна со дијаманти и во оригиналната верзија има одоздола натпис „Македонија“[7] 1740 во „Codex Kevesic“ Земски грб на Македонија од 1740.
  Како и кај грбот од Витезовиќ, така и кај овој, македонскиот грб не е сосема точен. Бидејќи Жефарович се засновал на Витезовиќ, тој ги направил истите грешки како и Витезовиќ. Односно, македонскиот грб е црвен на шпански жолт штит со голема круна над штитот. Лавот нема круна. Грешката е тоа што македонскиот несвесно е заменет со бугарскиот преку копирање на грешката на Витезовиќ. Правилно, македонскиот грб треба да е жолт со круна на црвен германски штит.[7] 1741 во „Стематографијата“ на Жефарович Земски грб на Македонија од 1741.
  Овој грб е дел од серија мали грбови на Пеќската Патријаршија и Карловачката Митрополија. Грбот не е во боја, мал е и е претставен од црвен лав на жолта основа. Лавот е со две опашки и има круна над главата. Боите се како директна последица од замената на Витезовиќ. Постојат вакви две верзии, едниот со шпански, а другиот со округлест италијански штит.[7] 1741 во грбовите на Пеќската Патријаршија и Карловачката митрополија. Земски грб на Македонија од 1741.
  Македонскиот грб во овој грбовник е претставен засебно и е составен од црвен германски штит на кој има исправен златен лав без круна и со една опашка. На оригиналот, над штитот има златна голема круна под него натпис „Македонија“.[7] 1746 во Грбовникот на Иво Сарака. Земски грб на Македонија од 1746.
  Македонскиот грб во овој грбовник е претставен засебно и како дел од општиот грб. Грбот е составен од црвен германски штит на кој има исправен златен лав со златна круна и со една опашка. Над грбот има празна лента, а под грбот има лента со натпис „Macedoniæ“ или „Македонија“.[7] 1837 во Грбовникот на грофот Ладислав Фестетиќ. Земски грб на Македонија од 1837.
  Овој македонски грб е пронајден во оставнината на Људевит Гај. Грбот е составен од црвен германски штит на кој има приказ на златен лав со мала круна над главата и со една опашка. Над штитот има голема круна. На оригиналот, до грбот пишува „Macedoniæ“ или „Македонија“.[7] 1842 во Оставнината на Људевит Гај. Земски грб на Македонија од 1842.
  Овој македонски грб е пронајден на олтарот во црква во Рилскиот манастир. Овој грб не е типичен за подоцнежната македонска херладика бидејќи е составен од жолт шпански штит на кој има црвен лав без круна. Над штитот има златна царска круна и на оригиналот има натпис „Македониіа“.[7] 1844 во Рилскиот манастир. Земски грб на Македонија од 1844.
  При преписките на Паисиј Хилендарски за својата „Историја славјано-балгарска“, дава три македонски грбови, сите лошо и површно насликани, без хералдички правила и засновани на Жефарович. Првиот насликан македонски грб е бел на бел шпански штит. Над штитот има царска круна.[7] XIX век од преписките на Паисиј Хилендарски. Земски грб на Македонија од XIX век.
  При преписките на Паисиј Хилендарски за својата „Историја славјано-балгарска“, дава три македонски грбови, сите лошо и површно насликани, без хералдички правила и засновани на Жефарович, кој пак се засновал на погрешните грбови на Витезовиќ. Вториот насликан македонски грб е црн на бел шпански штит. Над штитот има царска круна.[7] XIX век од преписките на Паисиј Хилендарски. Земски грб на Македонија од XIX век.
  При преписките на Паисиј Хилендарски за својата „Историја славјано-балгарска“, дава три македонски грбови, сите лошо и површно насликани, без хералдички правила и засновани на Жефарович, кој пак се засновал на погрешните грбови на Витезовиќ. Третиот насликан македонски грб е бел на црн шпански штит. Над штитот има царска круна.[7] XIX век од преписките на Паисиј Хилендарски. Земски грб на Македонија од XIX век.
  Грбот е исто така од серијата грбови засновани на Витезовиќ. Грбот е составен од исправен црвен лав на жолт француски штит без круна на главата и штитот. Грвот се сретнува и како засебен и како дел од општиот грб.[7] 1851 г. од херaлдичката таблица на Милан С. Симиќ. Земски грб на Македонија од 1851 г.
Забелешка: Опишани и дадени се само грбовите за кои се располага со графички приказ, односно 23 земски македонски грба. Постојат и други македонски грбови за кои за жал немаме слики. Што се однесува за државните, денешни и историски, сите се наведени.

Наводи

уреди
  1. Јован Јоновски, „Грбовите на Македонија“ — стручен напис од хералдот Јован Јоновски во Македонски хералд, март 2009
  2. Пресликана страница од делото на Витезовиќ кајшто е потцртана информацијата за црвениот лав[мртва врска]
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 „Грб на Македонија - опис“. Посетено на 2010-10-10.
  4. 4,0 4,1 4,2 „Институцијата претседател со сопствен грб“. Посетено на 2010-10-10.
  5. Иако се смета дека овој грб се користел во 1991, сепак тој бил грб на Македонија до 2009.
  6. Грбот бил официјален на НР Македонија кратко време и бил сменет со грбот на СР Македонија на 31 декември 1946.
  7. 7,00 7,01 7,02 7,03 7,04 7,05 7,06 7,07 7,08 7,09 7,10 7,11 7,12 7,13 7,14 7,15 7,16 7,17 7,18 7,19 7,20 Матковски, Александар (1970). „Грбовите на Македонија“. Скопје.
  8. Некаде се сретнува дека потекнува од 1340 година.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди