Безиково

село во Општина Кочани

Безиково — село во Општина Кочани, во областа Осоговија, во околината на градот Кочани.

Безиково

Поглед на Безиково

Безиково во рамките на Македонија
Безиково
Местоположба на Безиково во Македонија
Безиково на карта

Карта

Координати 41°58′28″N 22°31′21″E / 41.97444° СГШ; 22.52250° ИГД / 41.97444; 22.52250
Регион  Источен
Општина  Кочани
Област Осоговија
Население 2 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2300
Повик. бр. 033
Шифра на КО 13002
Надм. вис. 800-950 м
Безиково на општинската карта

Атарот на Безиково во рамките на општината
Безиково на Ризницата

Географија и местоположба

уреди

Безиково се наоѓа во областа Осоговија. Селото е планинско и од разбиен тип, а неговите маала се издигаат на надморска височина од 800-950 м. Селскиот атар зафаќа површина од 17,7 км2. Од Кочани е оддалечено 20 км.[2]

Границата на селскиот атар поминува низ месностите: Борово, Брегалница, Три Мездри (тромеѓа меѓу Безиково, Дулица и Калиманци), Левачка Воденица, Раздол, Радена Лака, Чука, Шуманица, Алексово Гумно, Попово Ораниче, Кумен Преслап и Пешков Камен. Главните месности внатре во селскиот атар се познати како: Чука, Стари Лозја, Петров Рид, Пеов Камен, Дреново, Лаки, Косовец, Крушовец, Божански Андак, Грашиште, Селиште (Старо Село), Црквиште и Ивањица. Селото е поделена на следните маала: Црвени Брег, Чифлик, Пачарзија, Росомање, Радиновец, Кара Стојанска и други. Средиштен дел на селото е маалото Црвени Брег.[3]

Историја

уреди

Општо предание е дека селото го основале седум македонски домаќинства. Поради нивните старини и посебни носии, околните жители ги нарекувале Дебарци. Селото изгледа било основано околу средината на XVIII век. Првобитните домаќинства имале куќи во месноста којашто денес е позната како Селиште. Но, во месноста завладеала чума и поради неа селаните се распрснале низ атарот на селото и ги основале денешните маала. Сите жители на селото потекнуваат од дебарски доселеници.[3]

Земјата во селскиот атар во време на неговото основање била покриена со густа шума, но шумата неконтролирано ја сечели Турци од селото Истибања. Сечата била особено голема во периодот од 1870 до 1880 година. Жителите на селото до 1912 година претрпеле големи зла од Турците од споменатото село Истибања. Штом некој селанец ќе подготвел подобра нива, неа ја запоседнувал некој Турчин. Освен тоа, Турците наоѓале чифчии да им ја обработуваат земјата. До крајот на отоманската власт, безиковци на пазар во Кочани не смееле да одат преку Истибања, каде што патот е простран, и морале да одат преку селото Црн Камен, од левата страна на Брегалница, и тоа секогаш во групи. Истибањските Турци грабале и девојки од Безикови, а на крајот на XIX век една девојка била грабната од родот Бојчевци. Во маалото Чифлик, земја имал некој Турчин од Оризари, а земјата му ја обработувале членови на родот Чифлижани. Турчинот летно време на тоа место чувал многу стока.[3]

Во Првата балканска војна, 2 лица од Безиково биле доброволци во Македонско-одринските доброволни чети.[4] Со потпаѓањето на селото под српска власт во 1918 година, месното население било подложно на репресија. Според податоци на Иван Михајлов, во 1922 година, 8 лица биле осудени и лишени од слобода, а еден од нив, Стоимир Костадинов, починал од измачувањата во затворот. Следната 1923 година, жителите на селото биле насилно тепани од српските власти, а некои деца се стекнале со сериозни психички растројства.[5]

Стопанство

уреди

До крајот на Втората светска војна, жителите на селото одгледувале кози и овци. Во тоа време имало доволно гноиво и нивите биле плодородни. Но, со тек на време, количеството на стока и гноиво започнало да се намалува, а старите земјишта ги однела вода. Оттука, населението било принудено да започне да се иселува.[3]

Селото има полјоделско-шумарска функција. Во рамките на неговиот атар, шумите преовладуваат на површина од 980,7 ха, на обработливо земјиште отпаѓаат 295,5 ха, а на пасишта 177,1 ха.[2]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948392—    
1953625+59.4%
1961469−25.0%
1971352−24.9%
1981146−58.5%
ГодинаНас.±%
199133−77.4%
199430−9.1%
20028−73.3%
20212−75.0%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Безиково живееле 480 жители, сите Македонци.[6] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Безиково имало 640 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[8]

Според пописот од 2002 година, во селото Безиково живеат 8 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2 жители, од кои 2 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 480 640 392 625 469 352 146 33 30 8 2
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди
 
Куќи во селото

Безиково е македонско село.

Родови во селото: Црвенобрежани (11 к.), Чифлижани (7 к.), Кара-Стојановци (6 к.), Сарашчани (4 к.), Долно Росоманци (3 к.), Бојчовци (3 к.), Пачарзије или Дупиновци (3 к.), Колибарци (3 к.), Радиновци (3 к.), Шиндари (3 к.), Ивањичани (3 к.), Сенковци (3 к.), Чакмаци (2 к.), Габерци (2 к.), Ливадци (2 к.), Маниловци (2 к.), Комарчани (2 к.), Калинци (2 к.), Чаракчии (2 к.), Пеово Каменци (1 к.), Стојовци (1 к.) и Горно Росоманци (1 к.) кои потекнуваат од некогашните седум домаќинства, а нивните најстари предци се доселиле околу средината на XVIII век од некое место во Дебарско. Во еден од родовите се знае следното родословие: Ѓоргија (жив на 51 г. на крајот на 1950-тите); Мите-Костадин-Малчо-Иљо-Сокол (предок кој живеел на Селиште, првобитното место на кое дошле од Дебарско).[3]

Иселеништво

уреди

Од селото има иселеништво во голем број. Населението се иселувало во два брана: по Првата и по Втората светска војна. најголем број иселеници има во подпланинското село Истибања, но иселеници има и во другите села во Кочанската Котлина, како што се: Јакимово, Црн Камен, Градец, Виница и Блатец. Иселеници има и во селото Виничани.[3]

Од иселениците од селото, во Горни Подлог се преселиле Атанасови и Безиковци; во Лески заминале Тасеви, Арсови, Миленкови и Тодорови; во Јакимово се иселиле Алексови, Комарци, Ѓорѓијови, Јаневи и Пано; во Истибања отишле Чакмаци, Габерци, Стојовци, Кадијини, Шиндарци, Бошкови, Чукарци, Колевци, Калинци, Сребренови, Бојчевци, Манилци, Сарафци, Чешмарци, Чифлижани, Дејанови и Крлевци; во Калиманци се населиле Стаменковци, како и многу домаќинства од други родови; во Црн Камен заминале Алексови, Џамбазови и Карафилови, а таму изумрел и родот Мицеви; а домаќинства од повеќе родови се населиле и во Градец.[3]

Општествени установи

уреди

Во селото во минатото имало училиште коешто се наоѓало во маалото Црвени Брег. Како последица на големата разбиеност на селото, селаните биле погребувани на четири места, односно во месностите: Селиште, Дабје, Ивањица и Пејов Камен.[3]

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Кочани од 2004 година.

Во периодот 1996-2004, селото било дел од Општина Оризари.

Во периодот 1955-1996, селото било дел од Општина Кочани.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Оризари.

Во XIX век, Безиково било дел од Кочанската каза на Отоманското Царство.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 893 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште на селото Прибачево.[15]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 9 гласачи.[16]

Култура и традиција

уреди

Селаните се собираат во месноста Селиште кај маалото Радиновец на празникот Духовден, а кај црквата „Св. Ѓорѓи“ во месноста Дабје се собираат на празникот Ѓурѓовден. За селска слава се смета вториот ден од празникот Духовден. Мештаните велат:

„Овде не постоит голем селски собор како во полските села.“[3]

Културни знаменитости

уреди
 
Црква „Св. Ѓорѓи“
Археолошки наоѓалишта[17]
  • Грамади — населба од доцноантичко време;
  • Селиште — населба и црква од доцноантичко и старохристијанско време;
  • Чифлик — населба и црква од доцноантичко и старохристијанско време.
Цркви


Личности

уреди
  • Иљо (п. 1908) — македонски револуционер и војвода.

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (PDF). Скопје: Патрија. стр. 22-23.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина — сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 71–73.
  4. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 828.
  5. Михайлов, Иван. Спомени. т. ІІ, Освободителната борба 1919-1924 г., 1965, стр. 537.
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 227.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 132-133.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 26 март 2021.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“ (PDF). Посетено на 26 март 2021.
  16. „Парламентарни избори 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 1 април 2021.
  17. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. ISBN 9989649286.

Надворешни врски

уреди