Отвори го главното мени

Андриј Жолдак (1962, Киев, СССР) е украински театарски режисер.

БиографијаУреди

Андриј Жолдак е роден во 1962 година во Киев. Дипломирал студиите по режија на во московскиот, „Институт за филм и театар“, под менторство на прочуениот руски режисер Анатолиј Василев. Во младоста, развил голем интерес кон кинематографијата, а сособено влијание врз него извршиле Фелини, Бергман, Параџанов и Тарковски.[1][2]

ТворештвоУреди

Неколку години, Жолдак работел како раководител на Државниот академски драмски театарТарас Шевченко“ вo Харков, каде продуцирал пет претстави, кои, освен во Украина, се играле и во повеќе од триесет европски држави и учествувале на бројни престижни фестивали. Во 2005 година, Жолдак ја режирал Шекспировата пиеса „Ромео и Џулиета“, реализирана како копродукција помеѓу Берлинскиот фестивал (Berliner Festspiele), Европската агенција за култура (Agency Culture-Europe) и Академскиот драмски театар во Харков. По премиерната изведба на Берлинскиот фестивал и последователна изведба во Варшава, украинските власти го забраниле изведувањето на „Ромео и Џулиета“ во Украина, принудувајќи го Жолдак да го напушти театарот во Харков. Потоа, тој се преселил во Берлин, а работел во повеќе познати театри низ Германија, Русија, Романија, Финска, Шведска и Швајцарија. Истовремено, тој држел и предавања на постдипломските студии во повеќе земји. Исто така, благодарение на својот долгогодишен опит на театарски практичар, како и на постојаниот ангажман во областа на театарската теорија, Жолдак бил ангажиран како водител на низа теориски и оперативни театарски работилници во Велика Британија, Холандија, Шпанија, Германија, Финска, Франција, Јапонија и други земји.[3]

Во 2002 година, претставата на Жолдак „Хамлет. Соништа“ изведена во продукција на театарот во Харков, учествувала на скопскиот МОТ и ја добила наградата од театарската критика. На 23 септември 2012 година, неговата претстава „Војцек“ (Войцек) била прикажана во Скопје, како учесник на фестивалот „Млад отворен тетар“.[4] На 5 септември 2014 година, во МНТ била поставена претставата „Електра“, во адаптација и режија на Жолдак, како негова 41. професионална театарска режија.[5]

Жолдак е добитник на повеќе признанија, како што се:[6]

  • Наградата "THALIA" за најдобра финска претстава (2010, за претставата "Ана Каренина", во изведба на градскиот театар на Турку),
  • Награда на УНЕСКО за неговиот придонес за промоција на изведувачките уметности (2008),
  • Признание за најдобар режисер на Меѓународниот тетарски фестивал во Сибиу, Романија,
  • Гала награда "UNITER" за најдобра романска претстава (за претставата "Отело?!") во 2002 година,
  • Награда од публиката на фестивалот „Златен лав“ (2002),
  • Наградата од критиката на белградскиот БИТЕФ (за постановката на „Три сестри“, 2000),
  • Наградата "Marek Okopinskiy" за најдобра експериментална претстава на фестивалот во Торун, Полска (за претставата "Галеб" на Чехов),
  • Наградата „Златна маска“ за најдобра оперска режија и за најдобар оперски режисер во Русија (2014, за операта „Евгениј Онегин“, поставена во Санкт Петербург).

НаводиУреди

  1. 37. Млад отворен театар – Нешто е гнило..., Скопје: Младински културен центар, 2012.
  2. МНТ, Електра (пристапено на 4.11.2014)
  3. МНТ, Електра (пристапено на 4.11.2014)
  4. 37. Млад отворен театар – Нешто е гнило..., Скопје: Младински културен центар, 2012.
  5. МНТ, Електра (пристапено на 4.11.2014)
  6. МНТ, Електра (пристапено на 4.11.2014)