Шурленци

село во Општина Ресен

Шурленци — село во Општина Ресен, во областа Горна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Шурленци

Панорамски поглед на селото Шурленци, во позадина се гледаат селата Волкодери и Покрвеник

Шурленци во рамките на Македонија
Шурленци
Местоположба на Шурленци во Македонија
Шурленци на карта

Карта

Координати 41°00′43″N 20°56′44″E / 41.01194° СГШ; 20.94556° ИГД / 41.01194; 20.94556
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Горна Преспа
Население 75 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7310
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23043
Надм. вис. 870 м
Слава Свети Јован Крстител
Шурленци на општинската карта

Атарот на Шурленци во рамките на општината
Шурленци на Ризницата

Потекло на името

уреди

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека основата шурлен и целото име (се мисли на наставката) се нејасни. Меѓутоа, старите шурленчани пренесуваат две преданија. Едното говори дека зачетници на селото биле некои семејства од селото Шулин (денес во Мала Преспа) по кои подоцна селото добило име Шулинци, но со текот на времето се променило во Шурленци (што е поверодостојно). Другото предание вели дека името на селото настанало по ономатопејата од жубуркањето (шуркањето) на изворот што се наоѓа веднаш над селото.[2]

Географија и местоположба

уреди

Селото се наоѓа во југозападниот дел на Ресенското Поле или источното подножје на планината Галичица, на околу 1 километар северно од брегот на Големото Преспанско Езеро, на надморска височина од околу 870 метри. Селото е сместено од десната страна на патот Битола-Корча.[2]

 
Влезот во селото Шурленци

Се пренесува сеќавање дека селото е двапати преместувано. Како претходни местоположби се споменуваат месностите: Селиште (кај Сирхан), на околу 300 метри јужно од денешната (на местото каде што се изградени викендичките) и Старо Село на околу 1 километар западно и нешто повисоко од денешната местоположба на селото. На ова место сè уште се препознатливи темели на куќи. За причините и времето на првото преместување нема податоци ниту други сознанија. Второто преместување настанало во 1960 година, заради потребата од доближување до плодните обработливи површини и врските.[2]

Шурленци се граничи со следниве села: со Прељубје и Волкодери на север, со самото Преспанско Езеро на исток, со селото Отешево на југ и со подрачјето на Општина Охрид (во тој склоп со селото Елшани) на запад.[2]

Атарот на Шурленци зафаќа површина од 1124 (околу 11,2 км2) и зафаќа рамничарско плодно и ридско-планинско земјиште обраснато со листопадна шума (претежно даб и габер). На високите разграноци на Галичица се наоѓаат и пасишта. Од вкупната површина на атарот: 101,2 хектари се обработливо земјиште, 36,2 хектари пасишта и 720,9 хектари шума.[2]

Шурленци е село од собран тип со 19 куќи, сите новоизградени, на приземја и кат, внатре солидно опремени, при што преовладуваат белите фасади. Околу куќите постојат различно оградени дворишта, во некои од нив стопански и други објекти (штали, гаражи, магацини и др.) и се засадени овошни, зеленчукови или цветни градини.[2]

Историја

уреди
 
Панорамски поглед на селото, заедно со езерото (сликано над селото Покрвеник)

Шурленци е старо христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Под различни облици на денешното име (Шурленце, Шурлење и Шурленци) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во XIX век, Шурленци се наоѓало во Битолската каза, нахија Горна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Шурленци било под турска власт, во тој склоп и беговски чифлик. Во текот на подготовките за Илинденското востание шурленчани се приклучиле кон востаничките чети на некои од соседните села под раководство на некојси Никола (од Горно Дупени). Во текот на востанието, селото било ограбено и запалено.[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во еден период од војната, жителите на Шурленци биле евакуирани во селата Стипона, Прељубје и Дрмени. Во текот на војната, шурленчани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Отешево повторно се нашло под српска власт. Селото било во состав на општината Стење.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Загинале тројца жители.[2][3]

Селото добило електрична енергија во 1961 година, телевизиски прием во 1965 година, водовод во 1987 година, асфалтен пат во 1993 година, систем за наводнување во 1960 година и со телефонски приклучоци во 1993 година.[2]

Стопанство

уреди

Шурленчани главно се занимавале со поледелство, сточарство и печалбарство. Во рамките на поледелството, најмногу се произведувало житок, зеленчук, тутун, а денес јаболка. Во рамките на сточарството се одгледувале овци, кози, волови, крави и коњи. Денес, неколкумина шурленчани работат во трговијата и производството. Печалбарството земало замав посебно во годините по Првата светска војна.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948120—    
1953124+3.3%
1961127+2.4%
1971111−12.6%
1981105−5.4%
ГодинаНас.±%
1991111+5.7%
1994100−9.9%
200289−11.0%
202175−15.7%

Во текот на своето постоење, Шурленци го бележело следниот демографски развој: во 1865 година имало 10 христијански куќи (Ј. Хан), а во 1889 година 18 куќи, 30 семејства и 156 жители (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Шурленци имало 120 жители, сите Македонци христијани.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Шурленци имало 32 жители.[5]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Шурленци се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 20 куќи.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[7]

Според пописот од 2002 година, во селото Шурленци имало 89 жители.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 75 жители, од кои 73 Македонци, 1 Србин и 1 останат.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 120 32 120 124 127 111 105 111 100 89 75
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови

уреди

Шурленци се потомци на следниве постари семејства: Крпалевци, Наковци, Настевци и Ничевци (сите доселени од Лескоец), Николовци, Тасевци и Трајковци (сите стари).[2]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Гргуровци (7 к.)
  • Доселеници: Карапалевци (9 к.) со Настевци (2 к.) доселени се од селото Лескоец. Таму припаѓале на родот Миајловци; Ничовци (4 к.) доселени се исто така од селото Лескоец. Таму припаѓале на истоимениот род. Подалечно потекло од Нивици во егејскиот дел од Преспа.[13]

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Царев Двор, во која покрај селото Шурленци, се наоѓале и селата Волкодери, Горно Дупени, Дрмени, Евла, Коњско, Лавци, Лескоец, Отешево, Перово, Покрвеник, Прељубје, Стење, Стипино, Царев Двор и Шурленци. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Покрвеник, во која влегувале селата Волкодери, Отешево, Покрвеник, Прељубје и Шурленци.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1669 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на пупна станица во сирхан.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 67 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Поглед на селската црква „Св. Никола“
Археолошки наоѓалишта[16]
  • Кале — средновековна тврдина.
Цркви[17]

Личности

уреди

Редовни настани

уреди

Иселеништво

уреди

Постари иселеници од селото има во Ресен, Турција и во САД.[13]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 328–332. ISBN 9789989920554. Посетено на 3 ноември 2016.
  3. Загинати: Круме Карапалевски, Димитрија Ставревски и Круме Тасевски.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  6. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 15.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 3 ноември 2016.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. 13,0 13,1 Русиќ, Бранислав. фондот „Бранислав Русиќ“. Архивски фонд на МАНУ, к-5, АЕ 97.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  18. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  19. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Надворешни врски

уреди