Шестојануарска диктатура

Шестојануарска диктатура – периодот на апсолутистичко владеење на кралот Александар I Караѓорѓевиќ во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците кој траел од 6 јануари 1929 до 3 септември 1931 година.

Александар I Караѓорѓевиќ

На 6 јануари 1929 година, кралот Александар I Караѓорѓевиќ го распуштил Народното собрание на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците,[1] ја забранил работата на сите политички партии и синдикати, политички собири и вовел цензура. Шестојануарската диктатура официјално е окончана со донесувањето на Октроисаниот устав.

Состојба

уреди

Недоволно добро решеното аграрно, национално и работничко прашање предизвикало криза и нестабилност на Кралството СХС. Користејќи ја ваквата состојба, Селанско-демократската коалиција која ја сочинувале Хрватската селанска партија на Стјепан Радиќ и Самостојната демократска партија на Светозар Прибиќевиќ, барала ревизија на Видовденскиот устав од 1921 година. Создавањето на Селанско-демократската коалиција го заострил судирот меѓу овие две партии со Народната радикална партија. На 20 јуни 1928 година, радикалскиот пратеник Пуниша Рачиќ ги убил пратениците на Хрватската селанска партија Павле Радиќ и Ѓуро Басаричек и тешко го ранил Стјепан Радиќ, кој починал од последиците на ранување на 8 август 1928 година.[1] Народното собрание повторно се состанало на 1 август, но пратениците на Селанско-демократската партија одбиле да учествуваат.

Воведување на диктатурата

уреди

Искористувајќи ја смртта на Стјепан Радиќ и блокадата на работата на Народното собрание, кралот Александар во кралската прокламација објавена на 6 јануари 1929 година објавил дека „тие жалосни раздори и случки (...) ја поколебале кај Народот верата во корисноста на таа установа“, па затоа меѓу кралот и народот „повеќе не може и не смее да има посредници“. Кралот го укинал Видовденскиот устав и лично ја презел законодавната и извршната власт, а за претседател на Министерскиот совет го именувал генералот Петар Живковиќ. Исто така и на други цивилни должности биле доведени војни лица, особено во Хрватска и Стара Србија. Народното собрание било распуштено, била забранета работата на сите политички партии, била воведена строга цензура на весниците и книгите, биле забранети сите политички собири, национални, синдикални и верски организации, била забранета употребата на националните имиња и амблеми. Исто така бил проширен и дополнет Законот за заштита на државата и воведен Државен суд за заштита на државата при Касациониот суд во Белград.

Со диктатурата била прокламирана идеологија на „интегрално југословенство“, а името на државата било променето на 3 октомври 1929 година во Кралство Југославија. Земјата била административно поделена во девет бановини на Кралството Југославијабановини кои не ги следеле историските граници, со очигледна цел да се разбијат историските покраини .[2]

  1. Вардарска Бановина (Скопје);
  2. Моравска Бановина (Ниш);
  3. Дунавска Бановина (Нови Сад);
  4. Дринска Бановина (Сараево);
  5. Зетска Бановина (Цетиње);
  6. Приморска Бановина (Сплит);
  7. Врбаска Бановина (Бања Лука);
  8. Савска Бановина (Загреб);
  9. Дравска Бановина (Љубљана).

Работа им била дозволена на нови и постојни организации кои го промовирале југословенството:

Политички пресметки со радикалните групи

уреди

Во текот на диктатурата биле ограничени политичките слободи, полицијата ги прогонувала илегалните радикални групи како што биле хрватските и македонските националисти, албанските и црногорските сепаратисти и комунисти против кои уште во 1920 година била донесена Обзнаната. Водството на КПЈ се подготвувало за вооружено востание, па околу 400 члена на КПЈ и СКОЈ биле убиени во периодот од 1929 до 1932 година. На толку големиот број жртви придонела и директивата на водството на КПЈ за подготовка на вооружено востание, поттикната од проценката на Шестиот конгрес на Коминтерната за приближување на општа криза на капитализмот. Покрај комунистите на диктатурата ѝ се противеле и левото крило на Земјоделската партија на Драгољуб Јовановиќ и левото крило на Демократската партија на Љуба Давидовиќ, Хрватската селанска партија, Самостојната демократска партија и крилото на Народната радикална партија на чело со Аца Станојевиќ.[3] Во декември 1929 година Влатко Мачек бил уапсен и долго време држен в затвор, но бил пуштен без оптужба. Потпретседатлот на ХСП Јосип Предавац бил уапсен заради пропаѓањето на Селанската задружна банка и осуден на 2 и пол години затвор. Мачек во своите Мемоари тврди дека пропаѓањето на банката всушност го предизвикала државата која преку Југословенската народна банка го контролирала банкарскиот систем. Подоцна, во јули 1933 година, Предавац бил убиен.

Светозар Прибиќевиќ прво бил интерниран во Брус (Србија), а потоа заради лошото здравје му било допуштено да ја напушти земјата.[1] Умрел во Чехословачка во 1936 година. Во емиграција заминуваат водачите на ХСП Јурај Крњевиќ и Аугуст Кошутиќ, како и радикалните националисти Анте Павелиќ (пратеник во Народното собрание од редовите на хрватскиот блок), Густав Перчец, Бранимир Јелиќ и др.

Поголемиот број опозициски српски политичари воведувањето на диктатурата го примиле без активен отпор. Српската опозиција главно нечујно се повлекла од политичката сцена, „уплапена и деморализирана, повинувајќи се на законските прописи за забрана и распуштање на партиите и здруженијата“. На удар на власта дошол Драгољуб Јовановиќ, водач на левото крило на Сојузот на земјоделци кој бил осуден на година дена затвор.

Усташите се обиделе да го дигнат неуспешното Велебитско востание во 1932 година, кое постигнало силен пропаганден ефект, особено во Кралството Италија.

Поддршка на диктатурата

уреди

При воведувањето на диктатурата кралот се потпирал на врвовите на војската и жандармеријата, група српски политичари врзани со дворот и на претставници на крупниот капитал. Во Словенија добил поддршка од словенечките либерали како и од Антон Корошец, претседател на Словенечката народна партија која влегла во владата на генералот Живковиќ. Меѓутоа, Корошец и група водачи на партијата биле интернирани, Корошец на Хвар, а останатите во Босна.

Во владата на генералот Живковиќ влегле и петмина Хрвати, претставници на крупниот капитал, политички противници на ХСП, од кои тројца ги држеле клучните стопански ресори: Славко Шврљуга, претседател на Загрепската берза и потпретседател на Здружението на хрватски индустријалци, станал министер за финансии, д-р Желимир Мажураниќ, правен застапник на големи претпријатија, станал министер за трговија и индустрија; проф. д-р Ото Франгеш, пред Првата светска војна член на босанската влада, станал министер за земјоделство. Влатко Мачек се надевал дека со воведувањето на диктатура ќе може да почнат директни преговори меѓу кралот и ХСП околу статусот на Хрватска, бидејќи би можела да се заобиколи српската политичка елита. Но, кралската политика на интегрално југословенство ги осуетила овие планови.

Кралот исто така може да се потпре на поддршката на земјите кои во државата имале вложен значителен капитал, а особено Франција и Чехословачка. На Франција исто така во интерес ѝ била стабилноста на Кралството Југославија во судирот со Мусолиниевата Италија (која им давала помош на усташите). Меѓутоа, светската економска криза која тогаш владеела му задала катастрофален удар на заостанатото стопанство на Југославија, ја влошила состојбата на населението и предизвикала уште поголемо незадоволство, што довело до секојдневни протести и судири со органите на редот. Крупната буржоазија барала обнова на парламентарниот систем. Странските капиталисти, од страв да не им пропаднат инвестициите и концесиите заради ваквата состојба во земјата, барале од кралот да отстапи од диктатура, така што Франција и Чехословачка во 1931 година вршеле притисок на кралот да изврши ограничени реформи.

Кралот можел да смета и на одредена поддршка на пониските слоеви, незадоволно од јаловите препукувања на политичарите. Владата на Живковиќ ветила грижа на режимот за спроведување на мерки за санирање на стопанство и отстранување на стопанските и социјалните неволји на народот.

Октроисаниот устав и крај на диктатурата

уреди

На 3 септември 1931 година кралот отстапил од отворена диктатура и го донел Октроисаниот устав. Биле спроведени формални избори за народни пратеници на кои се појавила само една партија, режимската Југословенско работничко-селанска демократија, подоцна преименувана во Југословенска национална партија.[4] Со тоа била окончана Шестојануарската диктатура.

Диктатура имала многу тесна социјална и политичка база, а економски била неуспешна.[5] Истата година кога била воведена, во светот избила големата економска криза, која ја погодила и Југославија. Диктатура економски им одговарала само на крупните капиталисти, а идеологијата на уништување на националните разлики предизвикала кај сите народи спротивен ефект.[5]

Настрадани во текот на Шестојануарската диктатура

уреди

Некои од најистакнатите личности настрадани во текот на Шестојануарската диктатура:

Весникот „Пролетер“ во 1935 година објавил статистика на основа на податоци од весници, значи непотполна, во која е изнесен бројот на политички процеси и осуда по законот за заштита на државата, и тоа од раздобјето од 1929 до 1935 година.[6] Во оваа табела се наоѓаат жртвите кои не поминале низ судски процес, односно оние лица кои се убиени на лице место во полициски заседи и борби или како последица од мачењата во полициските станици.

политичка припадност број на процеси број на осудени севкупно години
и месеци робија
вечно на смрт забелешка
комунисти 165 902 2.247 г. и 3 м. 6 осудени
во отсуство
осудени во усташки
процеси[7]
85 340 1.220 г. и 11 м. 12 18
хрватска опозиција, СДК 33 144 357 4 2
словенечка опозиција 11 27 14 г. и 4 м.
Земјоделци 3 5 2 г. и 8 м.
заради селски буни 5 160 85 г. и 8 м.
ВМРО 7 11 46 г. и 8 м. 4
социјалдемократи 1 2 3
разни 118 107 327 г. и 10 м. 1 1
Вкупно 428 1.698 4.301 г. и 52 м. 17 25 6

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Парламентаризам у Србији Архивирано на 2 април 2019 г..
  2. Petranović 1988, стр. 190.
  3. Fogelquist 2011, стр. 345.
  4. Petranović 1988, стр. 207.
  5. 5,0 5,1 Petranović 1988, стр. 192–193.
  6. Иван Јелић. Комунистичка партија Хрватске 1937—1941. „Институт за хисторију радничког покрета Хрватске“, Загреб 1972, 349. стр.
  7. Напомена: под осудени во усташки процеси се подразбираат припадниците на хрватската политичка десница, како националисти, франковци, усташи (од 1931/32), национални револуционер и останати.

Литература

уреди
  • Димић, Љубодраг (2001). Историја српске државности. 3. Нови Сад: Огранак САНУ.
  • Petranović, Branko (1980). Istorija Jugoslavije 1918-1978. Beograd: Nolit.
  • Petranović, Branko (1988). Istorija Jugoslavije 1918-1988. 1. Beograd: Nolit.
  • Tomasevich, Jozo (2001). War and Revolution in Yugoslavia: 1941—1945. Stanford University Press.
  • Fogelquist, Alan (2011). Politics and Economic Policy in Yugoslavia, 1918-1929. Lulu.com.

Надворешни врски

уреди