Тулна готика

(Пренасочено од Циглена готика)

Тулна готика или циглена готика (германски: Backsteingotik, полски: Gotyk ceglany) — специфичен стил на готска архитектура најчесто во Северна Европа, особено во Северна Германија и областите околу Балтичкото Море, кои немаат природни камени суровини. Воглавно градбите биле градени со тули.

Либек, „мајка“ на тулната готика.
Пример: преден план, Холстентор (градска порта); во позадина, црквата Св. Богородица на лево; црквата Св. Петар на десно.
Замокот Мариенбург на реката Ногат во Померанија (Полска), најголемиот замок од тулна готика во светот
Црквата Св. Богородица во Гдањск (Полска), најголема црква од тулна готика во светот.

Градби во тулна готика може да се пронајдат во Белорусија, Германија, Данска, Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Русија, Финска, Холандија и Шведска.

Бидејќи употребата на печени црвени тули во Северна Европа потекнува од XII век, најстарите такви градби се познати како тулна романика. Во XVI век, тулната готика била истисната од тулната ренесанса.

Тулната готика се одликува со недостиг на сликовити архитектонски скулптури, раширени во другите стилови на готската архитектура и од нејзината креативна употреба и градење на ѕидови, користејќи готови орнаменти и контраст на бои помеѓу црвените тули, измазнети тули и бел вар.

Многу од старите градски јадра во кои преовладува тулната готика, како и некои поединечни градби, биле запишани како светско културно наследство од УНЕСКО.

Ширење

уреди

Тулната архитектура главно се наоѓа во области каде недостигаат природни суровини на камења. Ова е случај низ целата Северноевропска Низина. Бидејќи германскиот дел на областа (Северногерманската Низина, освен Вестфалија и Рајнската област) истовремено била под влијание на Ханзата, тулната готика станала симбол на тој силен сојуз на градови. Заедно со долногерманскиот јазик, се создал главниот елемент на културната област на Северна Германија, особено со оглед на подоцнежните основања на градовите и областа на доселување северно и источно од Елба. Во средниот век и раниот нов период, културната област се проширила низ јужниот дел на Балтикот и имала големо влијание на Скандинавија. Најјужна градба во тулна готика во Германија е „Планинската црква“ (Bergkirche) во Алтенбург, Тирингија.

Исто така се појавиле и други национални или регионални белези. На пример, градбите во тулна готика во Полска понекогаш се опишувани како полска готика. Иако голем дел на готските градби во границите на денешна Полска се изградени од тули, терминот се однесува и на готските градби кои немаат тули, како катедралата Вавел во Краков, која е главно изградена од камен.

 
Црквата Св. Богородица во Либек (Германија), рана ханзеатска тулна катедрала.

На северозапад, особено долж Везер и Елба, песочникот од планините на Средна Германија можел да биде пренесуван со релативна леснотија. Ова донело до синтеза на стилови од истокот на Елба со архитектонските традиции на Рајнската област. Тука, тулите биле главно користени за ѕидините, додека песочникот бил користен за финеси. Бидејќи тулите немале естетска функција во овој стил, најголем дел од северозападните германски градби не се дел од тулната готика.

Недостигот на достапни камења не довел неизбежно до развој на посебна тулна архитектура. На пример, во некои области во Јужна Германија, како Горна Баварија или Горна Швабија исто така недостигале градежни материјали, но не се појавиле тулни градби. Наместо тоа тие додавале бели камења на тулите, како и архитектонски скулптури на изработени камења. Вакви примери се црквата Св. Мартин во Ландсхут и Фрауенкирхе во Минхен.

 
Трептовска порта (Treptower Tor), една од четирите уникатни тулноготски градски порти во Нојбранденбург (Германија).
 
Градското собрание и црквата Св. Никола на Стариот плоштад во Штралзунд (Германија).

Историски услови

уреди

При средновековното германско источно населување, словенските области источно од Елба биле населени од трговци и доселеници од пренаселениот северозапад на Германија во текот на XII и XIII век. Во 1158 година, Хајнрих Лавот го основал Либек, во 1160 година го освоил словенското кнежевство Шверин. Оваа делумно насилна колонизацијата била придружена и со христијанизација на Словените и основање на епископии во Рацебург, Шверин, Камин, Бранденбург и на други места.

Новосоздадените градови наскоро ѝ се приклучиле на Ханзата и го создале „Вендскиот реон“ со средиште во Либек, а „Готландско-ливонскиот реон“ бил со седиште во Талин (тогашен Ревал). Трговските градови на Ханзата биле особено карактеристични по нивната религиозна и претставителна архитектура, како градските собранија или парохиските цркви, граѓански куќи, т.е. приватните куќи на богатите трговци или градските порти. Во руралните области, манастирската архитектура на монашките редови имала големо влијание на развојот на тулната архитектура, особено преку Цистерцијанците и Премонстратенсијанците. Помеѓу Прусија и Естонија, Тевтонските витези ја обезбедувале нивната власт преку изградба на бројни замоци (Ordensburgen), најголем дел од нив изградени со тули.

 
Источната фасада на црквата Св. Богородица во Грајфсвалд (Германија).
 
Ленински манастир во Клостер Ленин (Германија).
 
Болницата Св. Дух и околината во Либек (Германија).
фотохром од 1876 година.

Развој

уреди

Тулната архитектура преовладувала во XII век, сè уште во периодот романската архитектура. Дрвената архитектура долго била присутна во северна Германија, но била недоволна за изградба на големи градби. Во областа на тулната готика, архитектурата фахверк останала вообичаена за помалите градби, особено во руралните области, дури и во новиот век.

Во областите под власт на Велфската династија, користењето на тулите како замена за природниот камен започнала со катедрали и парохиски цркви во Олденбург во Холштајн, Зегеберг, Рацебург и Либек. Хајнрих Лавот го поставил камен-темелникот на катедралата во Либек во 1173 година.

Во Маркгрофовијата Бранденбург, недостигот на природен камен и далечината до Балтичкото Море (и покрај што по реките можеле да се пренесуваат големи товари) ја направиле потребата за алтернативни материјали поголема. Тука, тулната архитектура започнала со катедралата во Бранденбург, започната во 1165 година. Манастирот Јерихов (тогаш дел од Архиепископијата Магдебург), започнал да се гради во 1148 година.

Особености на тулната готика

уреди

Романската тулна архитектура останала многу поврзана со современата камена архитектура и едноставно преминале на подоцнежниот стил само со нов материјал. Додека, пак, тулната готика развила свој типичен стил, кој имал за цел намалување на расположливите материјали: градбите често биле огромни и монументално, но прилично едноставно во однос на нивниот надворешен изглед. Сепак, биле под силно влијание на катедралите од Франција и од Шелде-готиката во Фландрија.

Подоцна, техниките довеле до подетална изградба на црквите и тоа преовладувало во градбата: нишите во црквите биле често осликувани со вар, создавајќи обоен контраст на темните тулни внатрешности. Понатаму биле произведувани специјално обликувани тули за да олесни копијата на архитектонски скулптури.

Тулите како основен материјал

уреди

Бидејќи тулите биле правени од глина, достапна во огромни количества во Северногерманската Низина, тие брзо станале нормална замена за камењата. Таканаречениот монашки формат станал стандарден за тулите користени во големите градби. Тулите отприлика биле со димензии од 28 x 15 x 9 cm до 30 x 14 x 10 cm, со меѓусебна оддалечност од 1,5 cm. Во споредба со камената готика, тулите и обликуваните тули не биле произведувани локално, туку од специјализирани занаетчии.

 
Црква Фридрихсвердер од Шинкел од 1831 година (Берлин, Германија)

Неоготика

уреди

Во XIX век, неоготиката довела со возобновување на тулната готика. Неоготски тулни цркви од XIX век можат да се најдат низ Северна Германија, Скандинавија, Полска, Литванија, Финска, Русија и Соединетите Американски Држави.

Важни архитекти на овој стил биле Фридрих Август Штилер во Берлин и Зимон Лошен во Бремен. Иако стилот станал особено популарен од 1860-тите натаму, еден од најпознатите примери бил завршен во 1831 година, црквата Фридрихсвердер во Берлин од Карл Фридрих Шинкел. Црковниот комплекс Успение на Пресвета Богородица во Бруклин, Масачусетс е еден од примерите во САД.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди