Херберт Џорџ Велс

Херберт Џорџ Велс (англиски: Herbert George Wells; 21 септември 186613 август 1946) — англиски писател, романописец, најпознат по неговата научна фантастика.

Херберт Џорџ Велс (1920)

Животопис уреди

Велс се родил во сиромашно семејство: татко му Џозеф бил градинар на имотот на еден благородник, а мајка му Сара работела како слугинка во една благородничка куќа, а како девојка служела во некоја друмска меана. Подоцна, Џозеф и Сара Велс купила мала продавница во провинциското место Бромли (кое подоцна станало предградие на Лондон), меѓутоа Џозеф имал поетски дух и немал смисла за трговија. Како последица на тоа, продавницата работела со загуба, а тој го покривал кусокот од заработката што ја остварувал работејќи како тренер по крикет. Во септември 1866 година, кога се родил Херберт Џорџ Велс, неговите родители веќе се бореле со сиромаштијата и ја изгубиле надежта за успех на започнатиот бизнис. Иако во 1870 година било отворено бесплатно државно училиште, Х. Џ. Велс се школувал во Морлиевата академија во која учеле и неговите двајца постари браќа, зашто нивната мајка сакала да ги заштити од комплексот на сиромаштијата. Наставата во Морлиевата академија се одвивала на примитивен начин: во една училница учеле сите четири одделенија, а најважен предмет бил основното книговодство. Сепак, Х. Џ. Велс покажувал голем интерес за географијата и за историјата (долго време, Наполеон му бил херој и идеал). Поради скршената нога, некое време не ја посетувал наставата, но дури и тогаш ги читал старите списанија кои му ги носел татко му од локалната библиотека. Подоцна, тој работел во аптеката на еден роднина, а потоа како помошен учител во средношколскиот колеџ во Мидхерст, каде го забележал директорот и му овозможил да се подготвува за полагање на матурата.[1]

По краткотрајната работа во Свонси, со успех ја положил матурата и добил стипендија да студира природни науки во Лондон. Таму со големо воодушевување ги слушал предавањата на професорот Томас Хаксли, таткото на современата биологија (дедо на познатиот писател Олдос Хаксли). Исто така, во Лондон присуствувал на состаноците на Фабијанското друштво на кои се сретнал со младиот Бернард Шо и ги слушал предавањата на Вилијам Морис, често ја посетувал библиотеката во Британскиот музеј.[2]

Творештво уреди

Велс напишал голем број научни, популарно-научни, социјални и фантастични романи и раскази, како и познатото дело „Историја на светот“.[3] Во своите дела, Велс укажувал на бесмисленоста на своременото индустриско општество и на политичкото уредување. Таков е случајот со сатирата на трговскиот свет — романот „Тоно Банги“ (1908), како и делата во кои ја опишува психологијата на обичниот човек кој тешко се снаоѓа во индустриската средина, како романот „Кипс“ (1905). Како негово највредно дело се смета „Историјата на гоподинот Поли“ (1910), додека подоцнежните дела се преоптоварени со социолошки и политички размислувања. Сепак, Велс е најпознат со своите научнофантастични дела, од кои најпознати се „Времеплов (роман)“ и „Војна на световите“.[4]

Во творештвото на Велс посебно место заземаат неговите „псевдонаучни новели“, т.е. раскази и новели во кои човекот го става во необични ситуации. Во овие дела, претежно напишани во раната фаза од неговото творештво, тој го искажува воодушевувањето од техничкиот прогрес и тие се одликуваат со голем оптимизам. Во нив, дејствието најчесто започнува во реална, општопозната ситуација, но постепено се оддалечува од реалноста. Притоа, Велсовата способност за акустично и визулено прикажување на животот ги прави необичните амбиенти пластично веродостојни. Она што им дава посебна вредност на неговите фантастични новели е тоа што авторот зборува во името на „малиот“ човек.[5] Во „псевдонаучните новели“ Велс ги спојува сознанијата добиени од природните науки со детската фантазија и свежата радост која, според неговото признание, ја почувствувал кога првпат погледнал низ микроскопот, откривајќи еден голем невидлив свет. Меѓутоа, како контраст на таа голема радост, веднаш, уште во неговиот прв роман „Времеплов“ од 1895 година, тој го искажува и стравот од негативните страни на научните откритија. Велс јасно го согледува двојството на техничкиот прогрес: од една страна, тој му овозможува на човекот невидени можности, а од друга страна, ја носи опасноста од разурнување на сето она што е создавано со векови. Затоа, Велс се залага за темелно превоспитување на човештвото кое би довело до поинакво општествено уредување. И токму во тоа — во радоста и воодушевувањето од можностите што ги нуди науката, во љубовта и разбирањето на човекот и во грижата за иднината на човештвото — се состои целокупното творештво на Велс.[6]

Втората група Велсови дела се романите во вистинската смисла на зборот, кои тој ги нарекол „комедии“. Во нив, тој опишува по една верзија на животот кој би го проживеал ако ги изберел патиштата со кои се соочувал тој самиот. На пример, во „Кипс“ е прикажан еден чирак, во „Тоно-Банги“ се прикажани ликовите на научникот инженер Џорџ и на трговецот измамник Пондерев, во „Историјата на господинот Поли“ се опишува животот на неуспешниот ситен трговец Поли кој раскинува со минатото и почнува нов живот. Овие три романи заземаат централно место меѓу „комедиите“ на Велс, додека „Ана Вероника“, „Новиот Макијавели“ и „Љубовта и господинот Луишам“ се важни како документи на неговото време. Пишувајќи ги своите вистински романи, Велс за првпат се соочил со проблемите на книжевното создавање, кои претходно ги избегнувал. Имнео, на почетокот од кариерата, тој бил преполн со идеи, пишувал заради уживање и само сакал што побрзо да го напише она што сакал да го каже. Меѓутоа, Хенри Џејмс го препознал неговиот талент и во нивната преписката му укажал на потребата да се посвети на уметничката страна на пишувањето. Велс бил збунет и се обидувал да го послуша советот на „големиот учител“, но тој влегол во книжевноста преку новинарството така што неа ја сметал за корисна дејност, но која е подредена на науката. На нестрпливиот Велс му било тешко на зрела возраст да се совлада и да се преобрази, па затоа се откажал од обидите за уметничко усовршување и почнал да го исмејува „големиот учител“. Така започнала долгата расправа меѓу Велс и Џејмс: според првиот, книжевноста служи само за соопштување во кое се важни само идеите и мислите што сака да ги искаже писателот; додека според вториот, уметничкото дело е откривање на животот.[7]

Во секој случај, со текот на времето Велс стекнал голема слава и заработувал многу. Истовремено, тој уживал голем углед, неговите мисли се цитирале, а во 1934 година со него се консултирале Сталин и Рузвелт за ситуацијата во светот и за неговата иднина. Така, тој се зафатил со општествените проблеми за кои пишувал алегориски раскази, расправи и статии. Загрижен за иднината на светот по Првата светска војна, во 1922 година го напишал делото „Историја на светот“ која ја замислил како основа на новата култура на обединетото човештво на иднината. Исто така, во соработка со синот Џ. П. Велс и со познатиот биолог Џулијан Хаксли, тој ја напишал биолошката расправа „Наука за животот“, а во 1931 година ја напишал економската расправа „Работата, благосостојбата и среќата на човечкиот род“. Во меѓувреме, Велс не ја напуштил книжевноста и во 1925 година се појавила книгата „Таткото на Кристина Алберта“, топла парабола за човекот кој станал она за кое сонувал.[8]

Во зрелите години, Велс речиси целосно бил посветен на јавната работа, играјќи ја улогата на еден вид „пророк“. Притоа, како што стареел, тој ја напуштал розовата слика на иднината и запаѓал во песимизам. Истовремено, сè повеќе ја драматизирал својата личност и го развивал својот егоизам така што почнал да верува дека ги знае одговорите на сите важни општествени прашања и бил убеден дека треба да ја игра улогата на водач на човештвото. Без поткрепа на некои проверени општествени теории, Велс настојувал да го пронајде патот до иднината на човештвото во периодот пред Втората светска војна при што станал сè поостар во своите расправи и го наметнувал своето мислење, лутејќи се ако тоа не било прифатено. Во староста, Велс ја загубил вербата во животот и во иднината во толкава мера, што пред крајот на својот живот го предвидувал крајот на светот.[9]

Англиската книжевност на 20 век не може да се замисли без Х. Џ. Велс, кој го донел новиот дух на модерната книжевност. Така, тој се смета за еден од двајцата творци на модерниот англиски роман (заедно со Хенри Џејмс), и тоа како зачетник на романот како медиум за соопштување. Во историјата на книжевноста опширно се расправало за тоа кој од трите дела на Велсовото творештво има најголема вредност. И покрај различните толкувања, сигурно е дека најмала вредност имаат оние дела на кои тој им придавал најголема важност — општествено-политичките расправи. Од неговите романи, најголемо внимание им се придава на трите „комедии“ — „Кипс“, „Тон-Банги“ и „Историјата на господинот Поли“ кои ја збогатиле галеријата на ликовите во англиската книжевност. Меѓутоа, за современиот свет од најголемо значење се неговите фантастични дела — псевдонаучните новели, кои претставуваат скапоцен придонес кон англиската книжевност на XX век.[10]

Библиографија уреди

Наводи уреди

  1. Vida E. Marković, „H. DŽ. Vels“, во: H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 146–147.
  2. Vida E. Marković, „H. DŽ. Vels“, во: H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 148.
  3. Adam Charles Roberts (2000), "The History of Science Fiction": Page 48 in Science Fiction, Routledge, ISBN 0-415-19204-8.
  4. „Белешка за авторот“, во: Х. Џ. Велс, Времеплов. Скопје: „Култура“, 2001, стр. 109.
  5. Vida E. Marković, „H. DŽ. Vels“, во: H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 148–149.
  6. Vida E. Marković, „H. DŽ. Vels“, во: H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 145–146.
  7. Vida E. Marković, „H. DŽ. Vels“, во: H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 149–151.
  8. Vida E. Marković, „H. DŽ. Vels“, во: H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 151–152.
  9. Vida E. Marković, „H. DŽ. Vels“, во: H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 152–153.
  10. Vida E. Marković, „H. DŽ. Vels“, во: H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 153–154.