Времеплов (роман)
„Времеплов“ или „Временска машина“ (англиски: The Time Machine) - научно-фантастичен роман на англискиот писател Херберт Џорџ Велс.
Насловна страна | |
Автор | Х. Џ. Велс |
---|---|
Изработувач на корицата | Бен Харди |
Земја | Обединето кралство |
Јазик | Англиски |
Жанр | Научна фантастика |
Издавач | Вилјам Хеинерман (UK) Хенри Холт (САД) |
Издадена | 1895 |
Страници | 84 |
Текст | Времеплов The Time Machine на Викиизвор |
Содржина
уредиКнигата содржи 12 глави.
Главниот лик на романот, научникот кој во книгата се нарекува Времепловец, една сабота, во својата необична куќа, опремена со лабораторија, ги повикал своите пријатели за да им го раскаже дека има измислено временска машина со која може да се патува низ времето. Се разбира, пријателите не му верувале, но тој го притиснал копчето на машината и исчезнал од куќата. Следниот четврток, пријателите повторно се собрале во куќата на закажаниот состанок, но Времепловецот го немало. Наеднаш, тој се појавил, ранет, распартален, со прашина на облеката и им соопштил дека се вратил од своето патување во иднината, односно отпатувал во 802701 година. Така, тој започнал да им ја раскажува својата авантура, која траела точно осум дена.
Кога пристигнал во иднината, научникот, на местото од својата куќа, видел убав парк, со споменик - сфинга. На местото од неговиот град, видел необичен друг град, со камени згради. Таму живееле мали, нежни суштества (Елои), без влакна на лицата, кои јаделе само овошје и ништо не работеле, туку само си играле и береле цвеќе. Нивниот јазик бил прост и се состоел само од именки и глаголи, а тие немале никаква уметност и култура. Во градот немало стари и изнемоштени, а сите биле облечени во убава облека. Меѓутоа, кога пристигнал таму, Времепловецот забележал дека некој му ја украл временската машина.
Во тој свет, покрај Елоите, под земјата живееле и Морлоците, кои биле грди и лоши, личеле на мајмуни и се хранеле со Елоите. Морлоците излегувале само ноќе, кога светлината била слаба, бидејќи се плашеле од неа. Времепловецот открил дека Морлоците му ја украле машината и ја заклучиле под подножјето на споменикот-сфинга. Односот меѓу Елоите и Морлоците бил чуден, зашто Морлоците им работеле на Елоите, но исто така, се хранеле со нив. Всушност, Морлоците станале лоши, зашто им било нанесено зло: тие биле сиромашни и искористувани од богатите, па така станале грди и човекојадци. Од друга страна, поради неработењето, Елоите дегенерирале и станале слаби и мали. Всушност, сето тоа се случило, бидејќи во иднината, по илјадници генераци и, во борбата по богатство, победиле Елоите, кои станале богати, но дегенерирале и почнале да им служат како добиток на Морлоците.
Четвртиот ден од својот престој во иднината, Времепловецот скокнал во реката за да ја спаси девојката Вина, која се давела. Сите Елои се чудат, не можејќи да сфатат зошто тој го ризикувал животот за да ја спаси Вина, а таа се вљубила во него и му подарила цвеќе. Оттогаш, Вина му станала соработничка на Времепловецот во борбата да ја врати временската машина од Морлоците. Една ноќ, Морлоците започнале опсада на Елоите. Единственото оружје на Времепловецот бил кибритот којшто случајно го понесол со себе од сегашноста и тој ја запалил шумата. Така, исплашени од светлината, Морлоците избегале, но Вина го загубила животот во пожарот. Во последен миг, Времепловецот успеал да дојде до временската машина и да им избега на Морлоците, но тој бил разочаран поради смртта на Вина.
Завршувајќи ја својата приказна, пријателите на научникот не му верувале, но тој им покажал доказ - два бели цвета кои му ги подарила Вина. Утредента, еден од пријателите го посетил научникот и во неговата лабораторија ја допрел временската машина. Потоа, тој го сретнал научникот, носејќи торба и камера во рацете. Научникот влегол во лабораторијата, а кога по него влегол и пријателот, научникот и машината исчезнале. Така, пријателот поверувал во вистинитоста на приказната на научникот и решил да го чека да се врати од патувањето во иднината. Така, тој чекал три години...[1]
Изданија на македонски јазик
уредиИздание на „Култура“ од 2001 година
уредиКнигата, објавена од издавачката куќа „Култура“ АД Скопје, како дел од библиотеката „Срна“, има обем од 109 страници. Преводот од англиски јазик го извршила Јулија Велјановска-Стошиќ. Книгата е испечатена во печатницата „Графички центар“ од Скопје, во формат од 20 сантиметри, со мек повез. Книгата е каталогизирана во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-32-221-Х. Нацртот на корицата е дело на Александар Сотировски, а коректурата ги извршила Гордана Војнеска. На крајот од книгата е поместена белешка за авторот, како и осврт кон делото, со наслов „Патот за иднината“, дело на Венко Андоновски.[1]