Секјуритизација (англиски: securitization) претставува процес на земање некој неликвиден финансиски инструмент, каков што е, на пример, кредит за купување куќа, групирање на поголем број такви кредити и издавање ликвиден финансиски инструмент (хартии од вредност) врз основа на тие кредити.[1] Секјуритизацијата претставува посредна продажба на кредитите пред рокот на достасувањето, т.е. на одреден начин тие се претвораат во хартии од вредност, кои се продаваат на пазарот. Секјуритизацијата претставува една од најзначајните финансиски новини во последните четириесет години, бидејќи од корен ја измени природата на процесот на кредитирањето.[2]

Историја

уреди

Секјуритизацијата за првпат се појавила во САД во 1970 година, кога Владиното национално хипотекарно здружение (Government National Mortgage Association, GNMA) - државна агенција задолжена за поттикнување на домувањето - извршилo секјуритизација на станбените кредити, одобрени од страна на банките. Оттогаш, секјуритизацијата постојано бележи голем растеж и подоцна ги опфати и другите видови кредити. .

Во 1985 година, секјуритизацијата за првпат била употребена на автомобилските кредити. Овој вид секјуритизација бил спроведен во вредност од 60 милиони долари и бил инициран од „Marine Midland Bank”. Првата секјуритизација на кредитните картички се појавила во 1986 година, во вредност од 50 милиони долари. Во 1998 година, американските банки почнале да вршат секјуритизација на кредитите одобрени на големите претпријатија.

Почнувајќи во 1990-тите со неколку приватни трансакции, секјуритизацијата била применета во голем број сектори на реосигурување и осигурителни пазари, вклучувајќи животно осигурување и осигурување од катастрофи. Оваа активност се зголемила на речиси 15 милијарди долари во 2006 година, по нарушувањата на главните пазари, предизвикани од ураганот Катрина и Регулативата ХХХ.

Во Европа, секјуритизацијата претставува понова појава: првата секјуритизација се појавила во 1996 година (спроведена од британската банка „National Westminster Bank“) и се однесувала на кредитите одобрени на претпријатијата.

Денес, во развиените земји, секјуритизацијата на кредитите претставува редовна појава, а тоа особено се однесува на станбените кредити. Овој процес е најразвиен во САД, каде што околу 40% од потрошувачките и 80% од станбените кредити, вклучувајќи ги и оние со послаб квалитет, се опфатени со секјуритизацијата. Притоа, секјуритизацијата на станбените кредити ја вршат банките, кои формираат групи на кредити, врз основа на кои издаваат хартии од вредност, или пак, разни државни или квазидржавни агенции, кои ги купуваат станбените кредити од банките и потоа издаваат хартии од вредност. Всушност, овие агенции познати по своите галовни имиња: Ginnie Mae), Fannie Mae) и Freddie Mac, заземаат централно место на пазарот на хартии од вредност издадени врз основа на станбени кредити. Нивната улога во секјуритизацијата се изразува во три насоки:

  • прво, овие агенции се големи издавачи на хартии од вредност засновани врз станбени кредити;
  • второ, тие самите вложуваат во вакви хартии од вредност и, на тој начин, создаваат голем и активен секундарен пазар и;
  • трето, тие го поттикнуваат пазарот и со тоа што ги гарантираат хартиите од вредност, правејќи ги нискоризични финансиски инструменти.[3][4]

Процесот на секјуритизација

уреди

Секјуритизацијата на кредитите се спроведува така, што најпрвин се прави група кредити (pool of loans) и врз таа основа се издаваат хартии од вредност, кои им се продаваат на инвеститорите. Kредитите треба да поседуваат слични одлики, а тоа значи дека треба да станува збор за ист вид кредити (на пример, станбени, автомобилски итн.), со сличен рок на достасување, да носат слична каматна стапка, да се одликуваат со слично ниво на ризик итн.

Банката што ги одобрила кредитите се нарекува поттикнувач (originator), додека институцијата што ја презема (купува) групата кредити се јавува како издавач на хартиите од вредност. Всушност, банката што ги одобрила кредитите може самата да ги групира и врз основа на нив да издаде хартии од вредност, или пак, тоа да го направи посредно. Вториов начин се применува почесто и тука банката основа посебна институција, позната како средство за посебна намена (''Special purpose vehicle'', SPV), која претставува самостојно правно лице, што постои независно од банката којашто го основала. Оваа институција ги купува кредитите од банката и врз основа на нив издава хартии од вредност кои им ги продава на инвеститорите (други банки, државни агенции и институционални инвеститори). Притоа, со парите добиени од продажбата на хартиите од вредност, средството за посебна намена ги плаќа кредитите купени од банката-поттикнувач.

Продажбата на хартиите од вредност се врши посредно, преку дилери. Издадените хартии од вредност најчесто носат постојани каматни стапки и се отплаќаат во месечни, тримесечни или полугодишни рати, меѓутоа постојат и хартии од вредност со променливи каматни стапки. За да ги намалат трошоците на финансирањето, банките применуваат различни начини за зголемување на квалитетот на хартиите од вредност:

  • обезбедуваат гаранција од друга банка, државна агенција или осигурително друштво;
  • нудат инструменти за обезбедување на хартиите од вредност;
  • чуваат парична резерва наменета за покривање на загубите на кредитите;
  • издаваат хартии од вредност во помал износ од вредноста на групата кредити итн.

За заштита на интересите на инвеститорите се именува старател (trustee), кој се грижи издавачот на хартиите од вредност уредно да ги исполнува своите обврски. Така, старателот ги собира парите (каматата и отплатата на кредитите) од банката-поттикнувач и нив им ги распределува на инвеститорите. Исто така, тој се грижи и за документацијата во врска со кредитите кои се предмет на секјуритизација.

Најчесто, банката која првично ги одобрила кредитите и понатаму игра некаква улога во процесот на секјуритизација. Обично, таа врши надзор на отплатата на кредитите од страна на должниците, врши наплата на достасаните побарувања, се грижи за инструментите за обезбедување на кредитите, врши административни и сметководствени работи, парите остварени преку наплата на кредитите ги префрла до старателот итн. Разбирливо, за извршување на овие активности, банката наплаќа одредена провизија, која за неа претставува приход од вонбилансните активности.

Секјуритизацијата може да се јави во два вида:

  1. со отштета (with recourse) и
  2. без отштета (without recourse).

Само при секјуритизацијата со отштета, банката која ги одобрила кредитите може нив да ги префрли во вонбилансната евиденција. Притоа, таа е изложена на условен кредитен ризик, нејзина е одговорноста за отплата на кредитите кои ги одобрила. Имено, ако должниците не ги вратат земените кредити, паричните приливи што ги носи групата кредити ќе паднат под одредено ниво, а со тоа инвеститорите не ќе можат да го остварат ветениот принос на хартиите од вредност. Во тој случај, банката има обврска да ги откупи секјуритизираните кредити. Од друга страна, ако се работи за секјуритизација без отштета, банката нема никакви обврски кон инвеститорите во случај на неуредна отплата на кредитите од страна на должниците.[5]

Неопходни услови да се спроведе секјуритизација

уреди

За да може секјуритизацијата да биде спроведена, прво, мора да постои законска рамка. Второ, неопходно е целиот процес да биде стандардизиран, почнувајќи од самите договори, рејтинзи и проценка на ризикот. Понатаму, услугите кои ги дава поттикнувачот мора да бидат стандардизирани. А, за сето ова е неопходна технолошка стандардизација. Кога ќе се воведат стандарди во работењето на секундарниот хипотекарен пазар може да се очекува негов понатамошен развој и зголемување на обемот на промет. Суштината на сето ова е да се добие довербата на големите инвеститори, без чија спремност за инвестирање оваа активност губи смисла.[6]

Предности и недостатоци од секјуритизацијата

уреди

Секјуритизацијата доведе до создавање огромен пазар на хартии од вредност, кои се одликуваат со низок ризик, бидејќи отворено или премолчено се гарантирани од државата. Како резултат на тоа, овие хартии од вредност се многу привлечни за инвеститорите (банки, пензиски фондови, осигурителни друштва, инвестициски фондови итн.). Тоа има многу поволно влијание врз кредитната активност на банките, кои полесно одобруваат потрошувачки и станбени кредити, знаејќи дека нив ќе можат да ги секјуритизираат.

Истовремено, секјуритизацијата им носи на банките големи погодности, бидејќи со неа кредитите се претвораат во ликвидни средства, односно кредитите не мора да се чуваат до достасувањето. На тој начин, секјуритизацијата, во голема мера, го олесни раководењето со ликвидноста, бидејќи продажбата на кредитите се јавува како дополнителен извор на ликвидност. Секјуритизацијата има и дополнително значење во управувањето со средствата и обврските, бидејќи го олеснува раководењето со каматниот ризик. Имено, преку продажба на кредитите се намалува делотворната рочност на кредитите и така се зголемува каматната осетливост на средствата. Така, банката ја отстранува рочната неусогласеност меѓу кредитите (кои обично имаат подолги рокови на достасување) и изворите на средства (депозитите и недепозитните обврски).

Понатаму, секјуритизацијата има големо влијание врз управувањето со кредитниот ризик. Така, таа води кон намалување на концентрацијата на кредитниот ризик, т.е. негова диверзификација. На пример, ако банката има одобрено премногу кредити на еден клиент, во една географска област, или во една стопанска дејност, тоа ја зголемува нејзината изложеност на кредитниот ризик. Меѓутоа, преку секјуритизацијата, банката ќе продаде дел од кредитите и така прибраните парични средства ќе ги употреби за одобрување кредити на други клиенти или во други области (или ќе ги вложи во хартии од вредност), со што се намалува концентрацијата на кредитниот ризик.

Со помош на секјуритизацијата, банките ја намалуваат целокупната ризичност на кредитите. Имено, преку секјуритизацијата, кредитите се отстрануваат од билансот на банката, со што се намалува износот на средствата пондерирани за ризикот. Нивото на ризичност се подобрува дури и кога кредитите и понатаму остануваат во билансот на банката, бидејќи паричните средства од издадените хартии од вредност може да се употребат за вложување во хартии од вредност, кои вообичаено се одликуваат со понизок кредитен ризик од кредитите. Со тоа што ја намалува ризичноста на средствата, секјуритизацијата овозможува банката да стане финансиски подобра и тоа ги намалува нејзините трошоци на финансирањето. Исто така, преку намалувањето на кредитниот ризик, секјуритизацијата им овозможува на банките да ги избегнат или да ги намалат трошоците од регулативните ограничувања. Имено, со секјуритизацијата се намалува износот на средствата пондерирани за ризикот, со што се намалува потребниот капитал за покривање на ризиците.

Секјуритизацијата предизвика коренити промени на севкупниот кредитен процес во смисла на неговото раздвојување на одделни фази, како што се:

  • одобрување кредити,
  • продажба на кредити,
  • администрирање на кредитното портфолио,
  • инвестирање во хартии од вредност, произлезени од секјуритизацијата.

За разлика од минатото, кога една иста банка ги извршувала сите фази на кредитниот процес, денес банките може да се специјализираат само во една, или во неколку од горните активности. На пример, банката не мора повеќе да одобрува станбени кредити, туку наместо тоа, може да купува хартии од вредност издадени врз основа на станбени кредити. Слично на тоа, банката може само да одобрува кредити, кои веднаш ги пакува во групи и им ги продава на инвеститорите.

Секјуритизацијата се јавува како нов извор на приходи на банките. Таа им овозможува на банките, во периодите на високи каматни стапки, да ги продадат старите кредити, одобрени по пониски каматни стапки, и средствата добиени од продажбата на хартиите од вредност да ги употребат за одобрување нови кредити, по повисоки каматни стапки. Се разбира, сето тоа има поволно влијание врз нето-каматниот приход и врз профитабилноста.

Секјуритизацијата претставува извор на значителни приходи од услугите кои банките ги извршуваат во текот на овој процес. Имено, дури и по продажбата на кредитите, банките сепак задржуваат одредена улога во процесот. Така, банките кои ги одобриле кредитите имаат подобри информации за должниците во однос на инвеститорите, така што тие продолжуваат да вршат надзор на кредитите. Исто така, банките-поттикнувачи вршат администрирање на кредитите и наплатата на паричните приливи од нив. Освен тоа, дури и кога самите не вршат секјуритизација, благодарение на стручноста и искуството, банките им даваат услуги на други претпријатија, кои сакаат да спроведат секјуритизација, како што се: советодавни услуги, издавање гаранции, обезбедување дополнителна ликвидност итн. За овие услуги, банките наплаќаат провизии, кои за нив претставуваат некаматен приход. Кон тоа треба да се додаде и можноста за остварување заработка како разлика меѓу повисоката каматна стапка што банките ја наплаќаат на одобрените кредити и пониската каматна стапка што ја плаќаат на издадените хартии од вредност. Оваа разлика произлегува оттаму, што хартиите од вредност што ги издаваат банките се помалку ризични во споредба со кредитите што им ги одобриле на крајните должници.[7][8]

Недостатоци на секјуритизацијата

уреди

Секјуритизацијата се одликува и со некои недостатоци. Пред сè, дури и во развиените земји, можноста за секјуритизација на кредитите е ограничена само на големите банки, бидејќи минималниот износ на хартиите од вредност што се издаваат врз основа на кредити е многу голем (околу 50 милиони долари). Оттука, за помалите банки останува можноста само да купуваат вакви хартии од вредност на секундарниот пазар.

Секјуритизацијата предизвикува некои посредни ефекти врз кредитното и депозитното работење на банките. Овој процес доведе до создавање огромен пазар на кој се продаваат квалитетни, нискоризични хартии од вредност, кои се многу привлечни за крупните инвеститори. Како последица на тоа, многу големи претпријатија, наместо слободните парични средства да ги чуваат во банките, во вид на орочени депозити, одлучуваат нив да ги вложат во хартии од вредност, произлезени од секјуритизацијата. Од друга страна, големите претпријатија ги заобиколуваат банките и не користат кредити, туку ги групираат побарувањата од купувачите, основаат свои средства за посебни намени и издаваат хартии од вредност (на пример, комерцијални записи). Најпосле, светската финансиска криза од 2007-2008 година јасно ги покажа опасностите од секјуритизацијата: Раздвојувањето на кредитниот процес доведе до запоставување на раководењето со кредитниот ризик, бидејќи тој лесно може да се префрли на инвеститорите, кои, пак, немаат доволно информации и капацитет за негова правилна процена и следење.[9]

Првата секјуритизација во Македонија

уреди

За секјуритизација (иако од необичен вид) може да се смета и претворањето на таканаречените „замрзнати штедни влогови” од времето на СФРЈ во обврзници, издадени од македонската држава во 2000 година. Со тој потег, релативно неликвидните финансиски инструменти (штедните влогови) се претворени во ликвидни хартии од вредност (обврзници) со кои активно се тргува на Македонската берза.[10]

Наводи

уреди
  1. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции (второ изменето и дополнето издание), Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 18.
  2. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 355.
  3. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје, Економски факултет, 2011, стр.356.
  4. Anthony Saunders and Marcia Millon Cornett, Financial Markets and Institutions – A Modern Perspective (Second edition), MacGraw-Hill/Irwin, 2004, pp. 645-668.
  5. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 356-357.
  6. „Investicioni fondovi“. Архивирано од изворникот на 2012-01-27. Посетено на 2012-01-21.
  7. Comptroller of the Currency, Asset Securitization – Comptroller’s Handbook, Comptroller of the Currency, Administrator of National Banks, November 1997.
  8. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 357-359.
  9. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 359.
  10. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции (второ изменето и дополнето издание), Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 20.