Пензиски систем

(Пренасочено од Пензиски фонд)

Пензискиот систем (англиски: pension system) е еден од најважните сегменти на вкупниот систем на социјална сигурност во секоја земја. Овој систем претставува збир на правни норми и административни и финансиски институции со кои се регулира осигурувањето на ризикот на старост и инвалидитет и загуба на хранител.

Видови пензиски системи

уреди

Пензиски систем врз основа на генерациска солидарност

уреди

Пензиски систем заснован на принципот на генарациска солидарност (pay-as-you-go) е систем кој се финансира тековно, што значи дека актуелно вработените осигуреници издвојуваат пензиски придонес од своите тековни примања, со кој се исплаќаат пензиите на актуелните пензионери. Во овој систем не постои директна врска помеѓу платените придонеси за пензиско осигурување и исплатите, затоа што сите уплати се трошат на издржување на постојната генерација на пензионери. Подолгорочна солвентност на ваков вид пензиски системи може да се обезбеди само во услови на сигурен и одржлив економски раст, услови во кои, истовремено, односот меѓу бројот на пензионерите и бројот на осигурениците се движи околу нивото на, условно кажано, некаков оптимум.

Значаен фактор во анализата на долгорочната солвентност на овој вид пензиски системи претставува и феноменот на стареењето на населението, кое, од своја страна, е резултат на постојаното намалување на стапката на морталитетот и е карактеристично како за развиените западни економии, така и за земјите во транзиција. Подобрувањето на општиот квалитет на живот во изминатите три децении придонесе очекуваната просечна должина на животот значително да се зголеми, и тоа поизразено кај женската популација (кај машката популација, и покрај почетниот позитивен тренд, таа почна да стагнира). Овој факт имплицира дека во определена (подолгорочна) иднина бројот на корисници на пензија ќе се зголемува, односно дека корисниците на пензии своите права ќе ги остваруваат во подолг временски период.

Со овој вид на пензиски систем не може да се очекува да се исплаќа истиот износ на пензии на долг рок. Системот на интергенерациска солидарност, освен тоа, го искривува бројот на часови на работа на поединецот, како и другите одлики на понудата на труд, како што се изборот на професија, местото на работа и работниот напор. Овој систем, исто така, ги искривува облиците и начините на надоместоците за работата, стимулирајќи ги работодавците да прибегнуваат кон материјални погодности наместо на исплата на парични суми. Доколу пензискиот систем е премногу дарежлив во поглед на правата на осигурениците, тогаш лицата кои очекуваат висок степен на замена на доходот многу малку штедат за пензија, што наведува на заклучокот дека системот на осигурување врз основа на придонеси неповолно влијае на националното штедење.[1]

Капитално финансирано пензиско осигурување

уреди

За разлика од системот на тековно финансирање, капитално финансирање е механизам на според кој придонесите и каматите од инвестирањето се акумулираат на поединечни сметки на членовите на пензиските фондови сè до нивното пензионирање. Според тоа, во системот со капитално финансирање, секој поединец ја финансира сопствената пензија, наместо да зависи од придонесите на помладите генерации. Овој систем обезбедува сигурност во остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување, гарантира праведност на пензиите за сите генерации, ја јакне довербата на јавноста во пензискиот систем и го поттикнува растот на економијата.

Ефекти за поединецот од капитално финансиран пензиски систем:[1]

  • поголема сигурност;
  • диверзификација на ризиците;
  • транспарентност на работењето;
  • доброволно и дополнително штедење.

Ефекти за системот:

Пензискиот систем во Македонија

уреди

Во Република Македонија системот на пензиско и инвалидско осигурување претставува најважниот елемент на интегралниот систем на социјална сигурност. Приходите на буџетите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО) се обезбедуваат од:

  • придонеси;
  • надоместоци;
  • трансфери од буџетите;
  • приходи од донации примени во земјата и од странство;
  • други приходи по разни основи во согласност со закон.

Доминантно значење за финансирање на правата на корисниците имаат придонесите од плати. Исто така, многу високо е и учеството на трансферите од централниот буџет, што зборува дека ПИО не може да се финансира првенствено од придонесите, како што би требало да биде. Трансферите од централниот буџет вршат притисок врз буџетот, односно врз неговата големина и врз буџетскиот дефицит и имаат негативен одраз на квалитетот на финансирањето на други намени преку буџетот. На расходната страна, доминантно е учеството на расходите за пензии.

Во 2016 година, 56,4% од приходите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување биле изворни приходи, додека 43,6% доаѓале како трансфер од буџетот на централната власт. Така, со ребалансот на буџетот за 2017 година било предвидено траснферот кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да изнесува 27,8 милијарди денари. Притоа, изворните приходи на Фондот изнесувале 36,092 милијарди денари, додека предвидените трошоци биле 63,935 милијарди. Трансферите од централниот буџет во полза на Фондот постојано растеле со текот на времето: во 1994 година, тие изнесувале 2% од БДП, во 2004 година достигнале 3% од БДП, а во 2016 година 4,4% од БДП.[2]

Карактеристично за транзициониот период, кој е обременет со тешка економска и социјална криза, е постојаното зголемување на бројот на корисници на пензија. Проблемот на вишокот на работна сила долго време се решаваше преку пензионирање. Друг карактеристичен проблем на Република Македонија е порастот на невработеноста, или намалување на бројот на вработени лица, кои како осигуреници плаќаат придонеси за ПИО. Контрадикторните движења на бројот на вработените и на бројот на корисници на пензија резултираа во висок коефициент на зависност што значи дека се зголемил бројот на корисници (пензионери) на еден вработен.

Состојбите на пензискиот систем на Република Македонија се слични со оние во другите земји во транзиција. Во иднина се очекува клучните параметри на системот да се влошуваат. Поради стареењето на населението се очекува подинамичен пораст на расходите за пензиско осигурување, а приходните можности ќе бидат лимитирани. Поради проблемот со невработеноста и тенденцијата бројот на невработените да се зголемува, што значи опаѓање на бројот на осигуреници кои би го алиментирале буџетот на фондот на ПИО со придонеси, извесно е дека коефициентот на зависност ќе се влошува и ќе се доближи до соодносот 1 осигуреник – 1 пензионер. Сите овие фактори, задно со демографските промени кои до 2030 година ќе доведат до зголемување на бројот на лицата над 60 години на ниво од 41%, ќе го засилуваат притисокот на пензискиот систем заснован на pay-as-you-go и практично ќе го блокираат, бидејќи се очекува дефицитот на Фондот постојано да се зголемува и да достигне ниво од околу 5% од БДП до 2060 година. Како што се покажа во случајот на поголем број земји на ОЕЦД, како и во земјите во транзиција особено, пензиската реформа претставува излез од кризата и пресретнување на идните проблеми во системот на ПИО.[1]

Причини за реформата на пензискиот систем

уреди

Во последните пет децении во Република Македонија се применува пензиски систем заснован на принципот на генерациска солидарност. Тоа е систем кој се финансира тековно, што значи дека актуелно вработените осигуреници издвојуваат пензиски придонес од своите тековни примања, со кој се исплаќаат пензиите на актуелните пензионери.

Република Македонија е една од земјите со мошне трауматичен пат низ транзицијата кон пазарно стопанство, во која пензискиот систем забележа тешки контракции како резултат на општиот пад на економијата. Транзиционата економска криза ги потенцираше постојните „празнини” на пензискиот систем, се закани на финансиската одржливост на системот, го зголеми степенот на редистрибуција и придонесе за слабеење на врската меѓу височината на придонесите и идните износи на пензиите. Тоа, постапно, доведе до опаѓање на довербата на осигурениците во врска со сигурноста на пензиите што еден ден треба да им бидат исплатувани, а стимулираше и омасовување на појавата на евазија на плаќањата на пензискиот придонес или затајување на реалните плати на осигурениците. Од друга страна, големиот број предвремено пензионирани лица, како и растечкиот број на невработени во последната деценија, уште повеќе го изострија прашањето на одржливост на пензискиот систем заснован на принципот на генерациска солидарност. Односот меѓу бројот на пензионерите и бројот на осигурениците станува се понеповолен, а исплатата на идните пензии се доведува во прашање.[3]

Изгледот на реформираниот пензиски систем

уреди

Со Законот за ПИО од 2000 година беше воспоставена легислативната рамка за новиот, трослоен пензиски систем во Република Македонија. Неговиот опфат го чинат трите столба:

Прв столб е задолжителниот државен пензиски фонд (Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија), кој и во иднина ќе продолжи да функционира според принципот на генерациска солидарност. Во него ќе се уплаќаат придонесите од бруто платите на осигурениците ќе се користат за исплата на пензиите на сегашните, но и на идните пензионери според следната шема:

  • Осигурениците кои нема да пристапат во вториот столб ќе продолжат да уплаќаат 20% од бруто платите во првиот столб.
  • Оигурениците кои ќе пристапат во вториот столб од пензискиот систем во првиот столб (државниот пензиски фонд) ќе уплаќаат 13% од нивните бруто плати.

Вториот столб ќе го претставуваат задолжителните приватни пензиски фондови, од кои секој осигуреник ќе може да избере само еден. Во приватните пензиски фондови задолжително ќе се уплаќа дел од придонесот (7%) на сите лица вработени по 1 јануари 2003 година, додека за останатите вработени изборот за вклучување во вториот столб е на доброволна основа.

Средствата вложени во вториот столб (средства на приватните пензиски фондови) ќе се инвестираат според строго утврдени законски прописи кои обезбедуваат највисок степен на заштита на осигурениците и на нивните средства. Управувањето со средствата на приватните пензиски фондови ќе биде доверено на друштва за управување со овие фондови, чиј избор ќе биде извршен по пат на меѓународен јавен тендер и според строги критериуми за оценка на нивниот бонитет. Во првите десет години од реформата во Република Македонија ќе оперираат два приватни пензиски фондови.

Секој член на приватните пензиски фондови има сопствена (поединечна) сметка на која се уплаќаат средствата од неговиот придонес. Придонесот за пензиско осигурување издвоен од бруто платата, заедно со приносот од инвестирањето на тие средства, му припаѓаат на осигуреникот (членот на приватниот пензиски фонд) и претставуваат основа за формирање на износот на неговата пензија. За состојбата на нивните поединечни сметки, членовите на приватните пензиски фондови постојано ќе бидат информирани.

Третиот столб го претставуваат доброволните приватни пензиски фондови во кои секој осигуреник може да членува според својот доброволен избор. Тоа значи дека во третиот столб можат да членуваат и оние граѓани кои не се вклучени во новиот пензиски систем. Овој столб на пензискиот систем нуди можност за остварување на повисока пензија на оние осигуреници кои доброволно ќе одлучат да издвојуваат дополнителни средства од своите приходи.[4]

Институции на новиот пензиски систем

уреди

Институционалната рамка на реформираниот пензиски систем ја сочинуваат:

  • Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (Фонд на ПИОМ) во кој се уплаќаат придонесите за првиот и вториот столб од пензискиот систем. 7% од придонесите на лицата кои задолжително се вклучени во вториот столб, Фондот на ПИОМ ги префрла на сметките на приватните пензиски фондови.
  • Приватните пензиски фондови, кои претставуваат отворени инвестициски фондови и се состојат од средствата од придонесите на нивните членови и од приносите од инвестирањето на тие средства. Сопственици на приватните пензиски фондови се нивните членови (осигурениците од вториот столб). Сите луѓе вработени по 1 јануари 2003 година задолжително членуваат и во вториот столб на пензискиот систем. Во 2005 година биле основани две друштва за управување со пензиски фондови и тоа: Акционерско друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови НЛБ Нов пензиски фонд – Скопје, кое управувало со два пензиски фонда (Отворен задолжителен пензиски фонд „НЛБ пензиски фонд“ и Отворен доброволен пензиски фонд „НЛБ Пензија плус“); и КБ прво друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови АД Скопје, кое управувало со пензиските фондови „КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд“ и „КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд“.
  • Друштвата за управување со приватните пензиски фондови се оние правни лица кои имаат дозвола да управуваат со приватните пензиски фондови. Тие се основаат и работат согласно Законот за трговски друштва и имаат единствена дејност – управување со пензиски фондови. Друштво за управување со пензиски фондови може да основаат само правни лица чиј капитал изнесува најмалку 20 милиони евра, имаат искуство од најмалку три години, имаат потврден бонитет и стручен менаџерски тим.
  • Чуварот на имотот на приватните пензиски фондови е институција која ги чува безбедно средствата на приватните пензиски фондови и која осигурува дека инвестициските договори поврзани со овие средства се во согласност со законите.
  • Агенцијата за супервизија на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување е државна институција основана со цел да врши супервизија на работењето на друштвата за управување со пензиски фондови и на пензиските фондови и да обезбеди заштита на интересите на членовите на пензиските фондови и поттикнување на развојот на капитално финансираното пензиско осигурување.
  • Министерството за труд и социјална политикa е институција која врши надзор на законитоста на работењето на Агенцијата за супервизија на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.[5]

Во 2009 година, во Македонија имало вкупно 278 463 корисници на пензии, а во јули 2020 година тој број се зголемил на 324 893. Најголем дел од пензионерите (215 450 или 66,3%) биле корисници на старосни пензии при што просечната пензија изнесувала 15 412 денари. Во 2020 година, вкупните расходи на Фондот за ПИОМ изнесувале 77,34 милијарди денари, а од нив 31,4 милијарди (40,6%) се финансирале од централниот буџет на државата.[6]

На крајот од 2014 година, во двете пензиски друштва во Македонија, КБ Прво пензиско друштво и НЛБ Нов пензиски фонд, членувале вкупно 373.000 осигуреници, кои во овие два фонда имале заштедено 537 милиони евра. Дополнително, 20.000 осигуреници членувале и во третиот, доброволен пензиски столб.[7] Во 2018 година, стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување се зголемила од 18% на 18,4%, а во 2019 година на 18,8%.[8]

Од нивната појава, приватните пензиски фондови бележеле висок раст на средствата: така, од 2009 до 2015 година, средствата на пензиските фондови растеле со просечна годишна стапка од 36,1%. Како последица на тоа, во средината на 2016 година, вкупните средства на приватните пензиски фондови достигнале 43,7 милијарди денари, односно 710 милиони евра, што претставувало учество од 7,5% во македонскиот БДП. Притоа, од нив, дури 98% биле средства на задолжителните приватни пензиски фондови, а само 2% отпаѓале на доброволните фондови. Номиналниот принос што го оствариле пензиските фондови од основањето до средината на 2016 година изнесувал 5,4% на задолжителните и 5,8% на доброволните пензиски фондови, додека реалниот принос изнесувал 3,4% и 4,2%, соодветно. Во средината на 2016 година, бројот на членовите во вториот пензиски столб зинесувал над 400.000, т.е. 42% од активното население во Македонија, додека во доброволните пензиски фондови учествувале над 22.000 лица.[9]

Во 2018 година била направена промена на законските услови за членување во приватните пензиски друштва со што во 2019 година на 24 700 осигуреници им престанало членството во вториот пензиски столб и тие биле префлрени во првиот столб.[8]

Во 2019 година, вториот пензиски столб го сочинувале три друштва за управување со пензиските фондови: Сава пензиско друштво, КБ Прво пензиско друштво и Триглав пензиско друштво. На 30 ноември 2019 година, вкупниот број членови во приватните пензиски друштва изнесувал 507 439. Притоа, вредноста на нето-средствата во задолжителните пензиски фондови (вториот столб) изнесувале 74 8989 милијарди денари (околу 1,22 милијарди евра). На тој начин, нето-средствата на приватните пензиски фондови претставувале 10,8% од вкупните средства на финансиските институции во Македонија. Во структурата на средствата на пензиските фондови доминирале инвестициите во домашни обврзници чие учество изнесувало 54,82% кај Сава пензиски фонд, 61,21% кај Прв отворен задолжителен пензиски фонд и 88,06% кај Триглав отворен задолжителен пензиски фонд. Истовремено, во Македонија функционирале и два доброволни пензиски фонда: Сава пензија плус и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд. На 30 ноември 2019 година, вкупно 24 998 лица членувале во доброволните пензиски фондови чии нето-средства изнесувале 1,91 милијарда денари (31,07 милиони евра).[10]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Живко Атанасовски, Јавни финансии, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2004, стр. 512-519.
  2. Александар Стојков, „Пензионерски главоболки“, Економија и бизнис, година 19, број 233, ноември 2017, стр. 24-27.
  3. Министерство за труд и социјална политика
  4. Министерство за труд и социјална политика
  5. Министерство за труд и социјална политика
  6. Никола Поповски, „Колку е стабилен македонскиот пензиски систем“, Економија и бизнис, година 22, број 266, октомври 2020, стр. 28.
  7. „Пензиските друштва им заработија 100 милиони евра на идните пензионери“, Дневник, година XIX, број 5687, 9 февруари 2015, стр. 7.
  8. 8,0 8,1 Трајко Славески, „Како до постабилен пензиски систем“, Економија и бизнис, година 22, број 266, октомври 2020, стр. 29.
  9. Петар Дебников, „Системските ризици на приватното пензиско осигурување во Македонија“, Економија и бизнис, година 18, број 221, ноември 2016, стр. 30-33.
  10. „Вториот пензиски столб чува над една милијарда евра пензиски заштеди“, Економија и бизнис, година 21, број 257/257, јануари 2020, стр. 59.

Надворешни врски

уреди