Старателски услуги

Старателски услуги (англиски: trust services) претставуваат посреднички финансиски работи каде што некоја банка или друга финансиска институција управува со одреден реален или финансиски имот во корист на некое физичко или правно лице.

Особености

уреди

Старателство (trust) се формира така што некое лице (grantor) доверува на банката одреден имот (недвижности, финансиски средства итн.), со кој таа треба да управува во полза на корисникот на старателството. Притоа, банката не е сопственик на имотот, туку таа само управува со него, односно го чува и го одржува имотот, извршува административни работи, ги прибира приходите од имотот и нив повторно ги вложува. За услугата, старателот заработува одреден надомест, чија висина зависи од вредноста на имотот и од услугите што ги извршува. Од друга страна, иако не е сопственик на имотот, банката-старател има обврска мудро да се грижи за доверениот имот, да не презема преголеми ризици и да ги штити интересите на корисникот на старателството. За таа цел, банките ги извршуваат старателските услуги преку посебни организациски делови (trust departments) или преку своите подружници (trust companies), при што мора да постои јасна поделба меѓу овие услуги и другите банкарски активности.[1]

Видови старателски услуги

уреди

Банките извршуваат старателски услуги во полза на населението, претпријатијата, религиозните и добротворните организации, универзитетите итн. Старателските услуги наменети за луѓето (individual trust services) најчесто се поврзани со управување со наследството на починати лица кои не оставиле тестамент, управување со имотот чии сопственици се малолетни лица и слично. Исто така, во оваа група услуги спаѓа и управувањето со портфолијата на хартии од вредност на малите инвеститори, при што банката врши наплата на паричните приливи (дивиденди, камати), наплата на достасаните хартии од вредност, повторно вложување на добивката, заштита од ризикот итн.

Банките извршуваат старателски услуги и во полза на претпријатијата (business trust services), најчесто во врска со издавањето акции, обврзници и комерцијални записи. Овде, банката-старател ги чува хартиите од вредност, се грижи за исполнување на обврските од страна на издавачот и извршува бројни административни работи. Овие старателски услуги ги вклучуваат следниве активности:

  • евиденција на амортизацијата на обврзниците,
  • наплата на каматата и главницата и нивно пренесување на сметките на инвеститорите,
  • одржување резервен фонд,
  • откуп на обврзниците,
  • претворање на конвертибилните обврзници во акции,
  • исплата на дивиденди на акционерите,
  • поделба на акциите,
  • извршување на правата за купување акции,
  • издавање покани до акционерите за учество на годишните собранија итн.

Најпосле, посебен вид старателски услуги е управувањето со пензиските фондови, каде што банката-старател ги прибира пензиските придонесите, ги вложува паричните средства во одредени финансиски инструменти, управува со инвестициското портфолио, исплаќа пензии, води евиденција итн.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 350.