Битка кај Хидасп

(Пренасочено од Битката кај Хидасп)
Битка кај Хидасп
Дел од Походи на Александар Македонски

Слика од Шарл Ле Брен со тематика: Александар и Пор во Битката кај Хидасп
Датум 326 п.н.е.
Место Близу реката Хидасп (денешна река Џелам)
Исход Победа на Македонија
Завојувани страни
Македонија Хидасп (индиско кралство)
Команданти и водачи
Александар Македонски Пор
Сила
4,000 коњаница
50,000 пешадија
6,000 коњаница
30,000 пешадија
200 бојни слонови
Жртви и загуби
Многу пешадија
(900-4000 загинати)
Малку коњаница
Многу коњаница
Многу пешадија
~100 бојни слонови

Битката кај реката Хидасп се водела во 326 п.н.е. помеѓу војската на Александар Македонски и војската на индискиот крал Пор (санскрит: Пурурава) крај реката Хидасп (денешна река Џелам) во регионот Пенџаб. Кралството на Пор се протегало во делот од стара Индија кој денес припаѓа на Пакистан. Оваа битка бил последниот покрупен судир на Александар Македонски. Иако во битката македонската војска победила, поради истоштеност одбила да оди подлабоко во Индија и покрај желбата на нивниот војсководец, Александар Македонски.

Борци

уреди
  • Македонци и разни други грчки племиња, персиски и индиски сојузници под водство на Александар со околу 4,000 коњаница и 12,000 пешадија и 270,000 војска под водство на Кратер кои играле диверзиона улога.
  • Кралот Пор со 200 бојни слонови, 6,000 коњаница и 30,000 пешадија.

Локација

уреди

Битката се одвивала на источниот брег на реката Хидасп, (денешен Џелам која е притока на реката Инд) близу денешните места Лила и Бора во Пакистан.

Увертира

уреди

По конечниот пораз на Персија под водство на Бес и Спитамен во 328 п.н.е., Александар почнал со походи на разните индиски кралеви во 327 п.н.е. Според некои извори Александар имал 120,000 војска, додека според други војската не броела повеќе од 35,000 војници, од кои коњаницата била една третина.

Главниот багажен караван поминал преку Киберскиот премин, но помала група војници под команда на Александар преминале преку север, освојувајќи ја тврдината кај Орно (денешен Пир-Сар, Пакистан) по пат. Во раната пролет следната година, ги соединил своите сили и се сојузил со Таксил (познат и као Амби), кој бил крал на Таксила, против неговиот сосед, кралот на Хидасп.

Битката

уреди
 
Преминувањето на реката Хидасп. Воена Академија на САД (превел: Бојан Јанкулоски)

Кралот на Хидасп се сместил на левата страна од реката за да ги спречи преминувањата на истата. Реката Хидасп е доволно длабока и брза за да го однесе секој што сака да ја премине. Затоа Александар почекал неколку дена, со многу маршеви и контрамаршеви како и информациска војна (со тоа што им „дал на знаење“ на мештаните дека смета дека реката е премногу длабока за преминување, факт кој го дознал од Пор). Една ноќ, кога почувствувал благосостојба во кампот на Пор, Александар собрал мала војска и ја преминал реката 17 км низводно. Бидејќи ја гледал главната војска со Кратер сѐ уште пред него, Пор пратил само малку војска да се соочи со нападот. Меѓутоа тој погрешно проценил и војската била убиена заедно со неговиот син.

Кога битката подоцна почнала, александровата коњица била сместено на десното крило, но Александар пратил група коњаници да ги заобиколи Индијците и да ги нападне одзади. Индијците имале коњица на двете крила, бојни слонови напред и пешадија позади слоновите.

Овие бојни слонови ја правеле ситуацијата многу тешка за Александар. Речиси сите негови победи се должеле на неговата способност да го раздвои непријателот и да јуриша со неговите коњички придружници низ отворот. Меѓутоа, слоновите ги плашеле македонските коњи. Поради тоа, Александар морал да ја промени неговата стратегија.

Александар ја започнал битката со вообичаениот јуриш на десното крило (лево на Индијците) со предвидливи резултати, индиското лево крило ослабело и Пор ја зајакнал таа страна со коњаница од десното крило. Ова ги оставило индиските коњаници без никој да ги брани од опколниот напад одзади. Александар го сакал токму ова. Тој ја уништил индиската коњица без да ги доближува неговите коњи до слоновите. Доколку индиската коњица не би била уништена, таа сигурно би претставувала закана за фалангата подоцна во битката и македонската коњаница не би можела да ја поддржува пешадијата во борбата против индиската коњица заради близината на слоновите.

 
Комбиниран напад на коњицата и пешадијата. Воена Академија на САД (превел: Бојан Јанкулоски)

Во меѓувреме, македонската фаланга и персиската пешадија тргнале напред за да го пречекаат јуришот на слоновите, кој бил запрен, иако со тешки последици за пешадијата. Махутите на слоновите биле убиени, а некои биле повредени, така што војската на Александар успеала да ја обиколи индиската војска. По загубата на огромен број животи, Пор, кој бил ранет во борбата се предал.

Кралот Пор бил еден од многуте Индијци кои го импресионирале Александар. Погоден од најмалку шест стрели во битката, но сѐ уште на нозе, тој бил запрашан од Александар како би сакал да биде третиран. Одговорот бил: „како крал“. Пор исто така бил висок речиси 210 см во споредба со Александар кој бил од низок раст.

Тешко е да се измерат жртвите, но се знае дека Индијците ја изгубиле целата своја коњаница, голем дел од пешадијата и преку 100 бојни слонови. Македонците фатиле 80 слона, но изгубиле многу пешадија во битката. Коњаницата имала многу помалку жртви. Историчарот Питер Грин вели дека Александар изгубил дури 4,000 војници, главно фаланга. Тие биле оние кои морале да се соочат со слоновите бидејќи коњите не сакале ни да се доближат.

Последици

уреди

Храброста и воените вештини на Пор го импресионирале Александар. Иако Пор бил поразен, Александар му го поштедил животот и го поставил повторно за владетел на Хидасп во негово име.[1] Ова била најдалечната точка до која што стигнал Александар, бидејќи неговата војска одбила да оди напред не само заради тоа што била истоштена, туку и поради тоа што за првпат го увидела вистинскиот начин на употреба на слонови во битка. Дариј пред тоа употребувал слонови во битка, но тие не играле значајна улога. Тука Македонците за првпат се соочиле со јуриш на слонови и, дознавајќи дека останатите индиски кралеви ги чекаат со уште побројни единици со слонови, насилно му се спротивставиле на Александар кога тој инсистирал да ја преминат реката Ганг.[2]

Иако Александар успеал да ја освои само северозападна Индија, неговиот поход извршил големо влијание. Со тоа што ги победил опасните локални владетели во Хиндукуш и соседните региони, тој го подготвил теренот за идната Маурска империја, втората империја која успеала да ја освои цела Индија.

По смртта на Александар во 323 п.н.е., неколку години подоцна, неговата империја се распаднала, а Хидасп повторно станал независен.

Како резултат на оваа битка Александар основал два града, Никеја (Победа) на местото на денешен Џалапур и Букефалија (веројатно) на местото на денешна Бера, Пакистан. Букефал бил коњот на Александар, кој загинал или во битката, или подоцна од старост и истоштеност.

Наводи

уреди