Нина Берберова (1901, Петербург, Русија1993) — руска писателка.

Животопис

уреди

Нина Берберова е родена во 1901 година, во Петербург. Средното образование го завршила во Ростов на Дон. Во 1921 година била примена во поетскиот круг на Петербург, каде го запознала својот сопруг В. Ходасевич, со кого во 1922 година ја напуштила Русија. Во почетните години на емигрантскиот живот, тие живееле во Берлин и во Италија (кај Максим Горки), а потоа се преселиле во Париз. Во 1932 година, Берберова се развела, а во 1937 година се омажила за Н. В. Макеев, поранешен пратеник во руската Дума, но по десетина години, таа повторно се развела. За време на Втората светска војна живеела во Франција, а во 1950 година се преселила во САД, каде што предавала руска книжевност на универзитетите “Јеил” и “Принстон”. Родниот град го посетила дури во длабока старост, а умрела во 1993 година.[1]

 
Берберова во Соренто, 1924 година.

Творештво

уреди

Берберова е автор на голем број раскази, песни, романи, новели и мемоари. Светската слава ја постигнала многу доцна, дури во 1980-тите, а нејзините дела започнале да се објавуваат во Русија, дури по 1989 година. Денес, таа е призната како мајстор на долгиот расказ, а критиката ја споредува со Тургењев и со Чехов. Нејзините дела се одликуваат со специфичен лиризам, емоционална мудрост и прецизен стил, а како најголема вредност се истакнува рамнотежата меѓу воздржаноста и ентузијазмот. Најчесто, главни ликови во нејзините дела се рафинирани и софистицирани жени, кои храбро го пробиваат својот пат во машкиот свет.[2]

Првите прозни творби започнала да ги објавува во периодот 1928-1934 година во списанието “Последните новости”, од кога потекнува циклусот раскази “Бијанкурски празници”, кои не се објавени во посебна книга. Од овој период на нејзиното творештво потекнуваат и расказите печатени во списанието “Современи записи”, а кои подоцна, во 1940 година, биле објавени во збирката “Олеснителни околности”. Најпосле, циклусот раскази под наслов “Раскази што не се за љубовта”, настанат меѓу 1931 и 1940 година, првпат е објавен посмртно, во 1999 година, во нејзината татковина.[1]

Нејзини најпознати дела се: романите “Последни и први” (1930), “Господарка” (1932) и “Без смирување” (1938); романсираните биографии “Чајковски” (1926) и “Челичната леди” (1981) – книга посветена на секретарката на Горки, Марија Закревска-Будберг; повеста “Во спомен на Шлиман” (1958); историјата на руските масони “Луѓе и ложи” (1985); и автобиографијата “Курзивот е мој” (1972).[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Нина Берберова, Трска што мисли (и други раскази што не се за љубовта), Скопје: Темплум, 2005, стр. 111.
  2. Нина Берберова, Трска што мисли (и други раскази што не се за љубовта), Скопје: Темплум, 2005, стр. 112.