Никола Луј де Лакај

француски астроном
(Пренасочено од Никола-Луј де Лакај)

Никола Луј де Лакај (француски: Nicolas-Louis de Lacaille; 15 март 171321 март 1762) — француски астроном и геодет, откривач на 14 соѕвездија. Од 1750 до 1754 г. го проучувал небото над ’Ртот на Добрата Надеж во денешна ЈАР. Забележал преку 10.000 ѕвезди служејќи се само со многу скромен рефрактор.[1]

Никола Луј де Лакај
Nicolas-Louis de Lacaille
Портрет на Лакај од 1762 г.
Роден(а)15 март 1713(1713-03-15)
Римињи, Франција
Починал(а)21 март 1762(1762-03-21) (возр. 49)
Париз, Франција
ДржавјанствоФранцузин
Полињаастрономија

Животопис

уреди

Роден е во Римињи, северна Франција. Основното образование го стекнал во Мант на Сена (денешен Мант ла Жоли). Учел реторика и филозофија на колежот „Лисје“, па потоа завршил богословија во Наварскиот колеж. Во 1731 г. паднал во беда поради смртта на татко му, кој бил чиновник на војвотката од Вандом. Согледувајќи ја состојбата, војводата од Бурбон, како поранешен работодавец на татко му, го зел младиот Лакај под своја закрила и му го платил образованието.[2]

Откако дипломирал, решил да се запопи, туку станал ѓакон и игумен. Потоа се задржал на науката, и, со покровителство од Жак Касини, добил работа како земјомер на брегот од Нант до Бајон, а од 1739 г. во премерот на францускиот меридијански лак, за што е овековечен на меѓна пирамида во Живизи на Орж. Постигнал значаен успех во оваа тешка двегодишна задача, каде ги исправил грешките на Жак Касини од 1718 г. со неговата трудољубивост и вештина. За ова бил награден со членство во Кралската академија на науките и професорство по математика на Мазареновиот колеж при Парискиот универзитет, каде за свои потреби изградил мала опсерваторија. Напишал неколку влијателни учебни дела и цврсто ја застапувал Њутновата теорија за гравитацијата. Меѓу неговите студенти биле истакнатите научници Антоан Лавоазје и Жан Силвен Баји — обајцата погубени на гилотина за време на Француската револуција.

Работа на ’Ртот на Добрата Надеж

уреди
 
Спомен-плоча на Лакај и Меклин во Аурора, Западен ’Рт.

Кај Лакај се јавила желба да ги утврди растојанијата на планетите по тригонометриски пат служејќи се со што подолга појдовна линија. Во 1750 г. предложил експедиција во ’Ртот на Добрата Надеж, со службена поддршка од Ла Галисониер. Кога стасал, изградил опсерваторија на Трпезниот Залив со поддршка од холандскиот управник Рик Тилбах. За време на неговиот двегодишен престој успеал да пронајде 10.000 јужни ѕвезди, вршејќи набљудувања секоја ноќ во текот на цела една година. Притоа забележал и 42 магловити тела. Воедно, Лакај ја постигнал целта да ги определи месечевите и сончевите паралакси (со Марс како посредник). За да се оствари проектот, Жером Лаланд вршел речиси истовремени набљудувања од Европа.

Неговиот каталог на јужното небо наречен Coelum Australe Stelliferum бил посмртно објавен во 1763 г. Во него тој ги сместил ѕвездите во 14 нови соѕвездија.[3]

Престојувајќи на ’Ртот, Лакај извршил лачно мерење за да го утврди полупречникот на Земјата на јужната полутопка. Започнал од појдовница во низината Свартланд северно од денешен Дарлинг. Потоа со триангулација измерил меридијански лак од 137 км помеѓу Кејптаун и Аурора, определувајќи ги ширините на крајните точки со помош на астрогеодетски набљудувања. Од ова дошол до заклучoк дека Земјата е позарамнета кон јужниот пол отколку кон северниот. Ова се покажало како погрешно, кога, седумдесет години подоцна Џорџ Еверест[4] увидел дека Лакаевите ширински набљудувања биле повлијаени од одбивање на вертикалата, предизвикано од Земјината тежа на Трпената Планина на јужниот крај и планината Пикетберг на северниот.[5] Во 1838 г. кралскиот астроном Томас Меклир го повторил мерењето со подолга појдовна линија (Меклирова лачна мерка) и ја потврдил претпоставката на Еверест.[6] За да го провери заклучокот, Меклир поставил посебен светилник на Трпезната Планина во Кејптаун.[7]

Пресметки

уреди

Патувајќи кон јужната полутопка на бродот „Ле Глорије“, чиј капетан бил познатиот хидрограф Жан-Батист Дапре де Маневилет, Лакај станал свесен за потешкотиите при одредувањето на положбите на море. По враќањето во Париз, ги изготвил првите таблици со положбата на Месечината кои биле доволно прецизни за да служат во одредувањето на времето и должината, користејќи се со месечеви растојанија според орбиталната теорија на Клеро. Лакај имал страст за пресметки. Освен срочувањето на астрономски ефемериди и математички табели, пресметал таблица на затемнувања за следните 1800 години. Лаланд имал многу високо мислење за Лакај, велејќи му дека направил повеќе набљудувања и пресметки отколку сите негови современици заедно. Квалитетот на работата не заостанувал зад обемот.

Подоцнежен живот

уреди

По враќањето во Париз во 1754 г. откако прво свратил на Маврициус, Лакај сфатил дека станал славна личност, што не му се допаѓало. Продолжил да работи во Мазареновиот колеж.

Во 1757 г. Astronomiae Fundamenta Novissimus со список од 400 сјајни ѕвезди чии положби биле поправени во согласност со аберацијата и нутацијата. Правел пресметки на кометни орбити и ѝ го дал името на Халеевата Комета во чест на неговиот англиски колега. Последното предавање го одржал на 14 септември 1761 г. во Кралската акдемија на науките, каде говорел за напредокот на астрономијата.

Починал во 1762 г., делумно поради прекумерна работа. Погребан е во подземницата на Мазареновиот колеж, денес Институтот на Франција во Париз.

Почести

уреди

Во 1754 г. Лакај бил избран за странски член на Шведската кралска академија на науките. Бил почесен член и на академиите во Санкт Петербург и Берлин (Прусија), Кралското друштво во Лондон, Кралското друштво во Гетинген и Болоњскиот институт.[8]

Во негова чест се наречени месечевиот кратер Лакај и астероидот 9135 Лакај.

Телескопот од 60 см на островот Реинион е наречен „Лакај“, поради неговите заслуги за проучувањето на јужното небо.[9]

Поважни дела

уреди
 
Основни поуки по астрономија, геометрија и физика, изд. 1755 г.
 
Месје 55 — збиено јато откриено на 16 јуни 1752 г.[10]
  • Leçons élémentaires de Mathématiques (1741), често препечатувано
  • ditto de Mécanique (1743), &c.
  • ditto d'Astronomie (1746); IV издание дополнето од Лаланд (1779)
  • ditto d'Optique (1750), &c.
  • Негови пресметки на затемнувањата за 1800 години се вметнати во L'Art de vérifier les dates од бенедиктинскиот историчар Шарл Клемансе (1750)
  • Во 1755 г. на акдемијата и испратил каталог од четириесет и две јужни маглини,[11] and gave in t. ii. of his Ephémérides (1755) практични правила за примена на месечевиот метод за должини, предложен во неговиот прилог кон Traité de Navigation (1760) на Пјер Буге — модел за морепловен годишник.
  • Tabulae Solares (1758)

Ѕвезден каталог

уреди
  • „Remarques sur le Catalogue suivant des principales Étoiles du Ciel“, Éphémérides des mouvemens célestes, pour dix années, depuis 1755 jusqu'en 1765, et pour le meridien de la ville de Paris (1755), стр. xlix-lxiii.
  • „Table des Ascensions Droites et des Declinaisons Apparentes des Etoiles australes renfermées dans le tropique du Capricorne...“, Memoires Academie Royale des Sciences pour 1752 (1756), стр. 539–592. (опишува четиринаесет нови соѕвездија)
  • „Stellarum ascensiones rectae verae & declinationes verae ad Epocham anni ineuntis 1750“, Astronomiae fundamenta novissimis solis et stellarum observationibus stabilita, Lutetiae in Collegio mazarineo et in Africa ad Caput Bonae-Spei (1757), стр. 233–237. (со стандарден каталог од 398 ѕвезди)
  • „Stellarum longitudines & latitudines verae ad annum ineuntum 1750, Earum praecipue quae Zodiacales sunt“, Astronomiae fundamenta (1757), стр. 238–239.
  • „Stellarum Australium Catalogus“,Coelum australe stelliferum,seu, Observationes ad Construendum Stellarum Australium Catalogum Institutae: in Africa ad Caput Bonae-Spei (1763), (уредник Ж. Д. Маралди), стр. 139–158.
  • „Catalogue suivant des principales Étoiles du Ciel, pour le commencement de l'Anee 1750“, Éphémérides des mouvemens célestes, pour dix annees, depuis 1765 jusqu'en 1775, et pour le meridien de la ville de Paris (1763), стр. lvii-lxiv.
  • „Observations sur 515 étoiles du Zodiaque“, Éphémérides des mouvemens célestes, pour dix annees, depuis 1765 jusqu'en 1775, (1763) стр. lxv-lxxvii.
  • A catalogue of 9766 stars in the southern hemisphere,for the beginning of the year 1750: from the observations of the Abbé de Lacaille, made at the cap of Good Hope in the years 1751 and 1752; with a preface by Sir J. F. W. Herschel (1847), со извесни набљудувања на 10.000 ѕвезди, преуреден од Ф. Бели

Ѕвездена карта

уреди
  • "Planisphere contenant les Constellations Celestes comprises entre le Pole Austral et le Tropique du Capricorne", Mem. de l'Ac. R. des Sc. 1752 (1756), стр. 590, слика 20.
  • "Coelum Australe", Coelum australe stelliferum (1763). (Latin)
  • "Planisphere des Etoiles les Australes dressé par M. i'Abbé de la Caille", Atlas Celeste de Flamsteed (1776), II изд., слика 29.
  • "Planisphere des Etoiles les Australes dressé par M. i'Abbé de la Caille", Recueil de Planches de l'Encyclopédie par ordre de matieres (1789), том VII, слика 3.
  • "Planisphere des Etoiles les Australes dressé par M. i'Abbé de la Caille", Atlas Celeste de Flamsteed (1795), III изд., слика 29.

Наводи

уреди
  1. „Abbé Nicolas Louis de Lacaille“. www.astro.wisc.edu. Архивирано од изворникот на 2013-06-26. Посетено на 18 февруари 2019.
  2. Glass, I.S. (2013). Nicolas-Louis de La Caille. Astronomer and Geodesist. Oxford: Oxford University Press. ISBN 978-0-19-966840-3.
  3. Ridpath, Ian. „Star Tales“. Посетено на 24 јануари 2009.
  4. Everest, George (1821). „On the Triangulation of the Cape of Good Hope“. Memoirs Roy. Astr. Society. I, pt. II: 255–270.
  5. „Arc of the Meridian“. Astronomical Society of South Africa. Посетено на 27 август 2020.
  6. Warner, Brian (1 април 2002). „Lacaille 250 years on“. Astronomy and Geophysics. 43 (2): 2.25–2.26. doi:10.1046/j.1468-4004.2002.43225.x. Посетено на 27 август 2020.
  7. Maclear, T. (1866). Verification and Extension of Lacaille's Arc of Meridian at the Cape of Good Hope. I. Lords Commissioners of the Admiralty.
  8. Thomas Hockey et al. The Biographical Dictionary of Astronomers, Springer, 2007, ISBN 978-0-387-31022-0, стр. 666
  9. „TÉLESCOPE LACAILLE DE 60CM DES MAKES (ILE DE LA RÉUNION)“. IMCCE. Архивирано од изворникот на 12 декември 2011. Посетено на 1 декември 2011.
  10. Thompson, Robert; Thompson, Barbara Fritchman (2007). Illustrated guide to astronomical wonders. DIY science. O'Reilly Media, Inc. стр. 413. ISBN 978-0-596-52685-6.
  11. „Lacaille's "Catalog of Nebulae of the Southern Sky". SEDS' Messier Database. 18 септември 2007. Архивирано од изворникот на 26 јуни 2018. Посетено на 1 мај 2019.

Извори

уреди
  • Jean-Baptiste Joseph Delambre, Histoire de l'astronomie au Dix-Huitième siècle, Paris, Bachelier, 1827.
  • David S. Evans: Lacaille: astronomer, traveller; with a new translation of his journal. Tucson: Pachart, 1992 ISBN 0-88126-284-6
  • I.S. Glass: Nicolas-Louis de La Caille, Astronomer and Geodesist. Oxford: Oxford University Press, 2013 ISBN 978-0-19-966840-3
  • N.L. de La Caille: Travels at the Cape, 1751–53: an annotated translation of Journal historique du voyage fait au Cap de Bonne-Espérance ...; transl. and ed. by R. Raven-Hart. Cape Town: A.A. Balkema for the Friends of the South African Library, 1976 ISBN 0-86961-068-6
  • Journal historique du voyage fait au Cap de Bonne-Espérance par feu M. l'abbé de La Caille..., Paris, Guillyn, 1763.
  • Виртуелна изложба на Париската опсерваторија (француски)