Иван Каранџулов (роден во 1856 година во Прилеп - починал на 5 мај 1930 година во Софија) — османлиско-бугарски правник и општественик од македонска народност, претседател на Извршниот комитет, а потоа на Националниот комитет на Сојузот на македонските братства, пратеник во Бугарското Народно Собрание, главен обвинител на Врховниот суд и претседател на Алианс Френцезе во Бугарија. Се школувал во Цариград и правни науки завршил во Франција. Како долгогодишен претседател на Комитетот, одржувал блиски врски со ВМРО на Тодор Александров и Ванчо Михајлов.[1]

Иван Каранџулов
Роден 1856
Прилеп, Румелиски Пашалак, Отоманско Царство
Починал 5 мај 1930(1930-05-05) (возр. 73–74)
Софија, Царство Бугарија
Националност Отоманец, Бугарин
Народност Македонец
Занимање правник
општественик

Животопис

уреди

Иван Каранџулов е роден во 1856 година во градот Прилеп, во семејството на просветниот деец Коне Чонов Каранџулов, кој отворил една од првите печатници во Западна Македонија и учествувал во црковната борба за независност. Иван своето образование го завршил во родното место, а откако татко му се преселил во Битола, работел како учител меѓу 1872 и 1874 година. Потоа заминал во Цариград каде учил на Роберт колеџот[2], кој претставува најстаро американско училиште надвор од границите на САД, основано 1861 година.

По завршувањето на колеџот се вратил во Битола и продолжил да работи како учител. Во текот на престојот во Цариград, Иван Каранџулов го редактирал весникот „Новини“, а по враќањето, покрај учителствувањето работел и како коресподент на весникот „Зорница“. Потоа заминал во францускиот град Екс ан Прованс, каде студирал право[3].

По завршувањето на правните студии во 1889 година, Иван Каранџулов заминал за Бугарија, каде живеел и работел. Тој службувал на разни позиции во бугарското судство. Иван бил судија во окружните судови, претседател на Апелацискиот суд, а од 20 април 1907 до 8 јануари 1920 година бил и главен обвинител на Врховниот суд[4].

Во 1907 година, Иван Каранџулов бил делегат на Втората Хашка конференција за мир, на која заедно со другите бугарски претставници генарал Врбан Винаров (исто така завршил на Роберт колеџ во Цариград, масон), Иван Кожухаров и капетан С. Димитров, се залагале за идејата за создавање на постојан Меѓународен арбитражен комитет.

Иван Каранџулов активно учествувал во македонското ослободително движење и го поддржувал Врхониот македонско-одрински комитет, кој како раководно тело на македонските емигрантски друштва, официјално се залагал за автономија на Македонија и Одринско. Имал големо влијание меѓу македонската емиграција во Бугарија и станал претседател на Извршниот комитет, а потоа на Националниот комитет на Сојузот на македонските братства[5].

По Првата светска војна, Каранџулов бил избран за претседател на Националниот комитет на Сојузот на македонските братства [6] и на таа позиција бил од 1918 до 1922 година[7][8]. Како долгогодишен претседател на Комитетот, тој одржувал тесни врски и станал истакнат деец на ВМРО на Тодор Александров и Иван Михајлов, кои ги поддржувал во судирот со противниците.

Во 1923 година, Иван Каранџулов учествувал во основањето на Македонскиот научен институт во Бугарија, кој има за цел изучување на Македонија и нејзиното население. Истата година бил првпат избран за пратеник во Народното собрание. Односно, Иван Каранџулов бил избран во 1923 година за пратеник на 21 – то, а во 1927 година за пратеник на 22 - то Народно собрание, од Неврокоп, Петричкиот округ[9][10][11]. Во бугарското собрание дејствувал како член на Македонската парламентарна група до неговата смрт во 1930 година. Инаку оваа група била легален парламентарен претставник на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација во Бугарското собрание, во периодот помеѓу 1924 до 1934 година[12].

Во 1924 година, на виенските разговори помеѓу претставниците на ВМРО и Коминтерната, во духот на Мајскиот манифест била донесена Декларација на македонската парламентарна група, во која „македонските парламентарци му откажуваат секаква поддршка на бугарската Влада на Цанков, престануваат да бидат оделни пратеници и образуваат Македонска парламентарна група која констатира дека денешната бугарска влада се експонира како непријател на македонскиот народ и на неговата ослободителна кауза“.

Иван Каранџулов, како и другите Македонци кои биле избрани за пратеници во бугарското собрание со поддршка на ВМРО, се оформиле како посебна Македонска парламентарна група, која по повлекувањето на Александров од Мајскиот Манифест, тоа строго ги спроведувала упатствата на ВМРО (Автономистичка), а по расцепот на Организацијата и на Михајловистите.

Пратениците на Македонската парламентарна група, меѓу кои бил и Каранџулов, во текот на својот мандат во 21 и 22 Народно собрание се спротивставувале на подобрувањето на односите помеѓу трите балкански држави: Бугарија, Кралството Југославија и Кралството Грција. Во текот на својот живот д-р Иван Каранџулов бил претседател и на Францускиот институт (Алијанс Френцезе), кој имал за цел да ги шири францускиот јазик и култура во Бугарија. Бил женет со Донка Крајчова, ќерка на Тоне Крајчов од селото Жељава, основач и претседател на жељавскиот револуционерен комитет, подоцна затворен во Дијар Бекир. Ги владеел францускиот и англискиот јазик, а од англиски на бугарски ги преведувал делата на Шекспир.

Починал на 5 мај 1930 година во Софија.

Наводи

уреди
  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Каранџулов“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 674. Text "series " ignored (help)
  2. Събев, Орлин. Робърт колеж и българите, София 2015, с. 377.
  3. Танчев, Иван (2001). Македонският компонент при формирането на българската интелигенция с европейско образование (1878 – 1912). Македонски преглед. XXIV. стр. 53.
  4. Върховен касационен съд
  5. Палешутски, Костадин (1993). Македонското освободително движение след Първата световна война, 1918 – 1924, том 1. Издателство на Българската академия на науките. стр. 65.
  6. Палешутски, Костадин (1983). Македонският въпрос в буржоазна Югославия 1918 – 1941. София: Издателство на Българската академия на науките. стр. 83. Посетено на 24 август 2015.
  7. Българската възрожденска интелигенция (енциклопедия), ДИ „Д-р Петър Берон“, София, 1988, стр.318.
  8. Баждаров, Георги. „Моите спомени“, София, 1929 г.
  9. Тюлеков, Димитър (2001). Дейността на македонската парламентарна група в XXII и XXIII обикновено народно събрание (1927 – 1934 г.). Македонски преглед. XXIV. стр. 29.
  10. Албум-алманах „Македония“, София, 1931.
  11. Енциклопедия България, том 3, Издателство на БАН, София, 1982, стр. 341.
  12. Тюлеков, Димитър (2001). Обречено родолюбие. ВМРО в Пиринско 1919 – 1934. Благоевград: Университетско издателство „Неофит Рилски“. ISBN 954-81-87-56-6.