Камбанарија

(Пренасочено од Звонарник)

Камбанарија или ѕвонарник — градба (најчесто кула) во непосредна близина на христијанска црква, во која се наоѓа метално ѕвоно (камбана),[1] кое бие за време на богослужбата или во друга прилика (црковен празник, погреб итн.).

Камбанарија на црквата Св. Богородица во Скопје.

Историја

уреди

Камбаната се користела уште во празнувањата на Старите Грци и Римјани, кои верувале дека таа има чудесна моќ. Во христијанската богослужба, камбаната се јавила во IV век. Првобитно, таа се произведувала од железо и бакар, а царот Карло Велики (742-814) на таа легура додал сребро. Во Западна Европа, како попознати камбанарии се истакнуваат оние во катедралата во Келн, во црквата Св. Стефан во Виена, во Богородичната црква во Париз и други.

Во православното христијанство, камбаната се јавила подоцна, дури во IX век, кога византискиот цар Михаил, за потребите на црквата „Св. Софија“ во Цариград, во посебно изградената кула, поставил 12 камбани.

Во XI век, камбаните се прошириле во црквите во Новгород, Киев, Ростов и бројни други места во Украина и во Русија. За овие земји се особено карактеристични големите камбани, какви што не биле присутни во западноевроските цркви. Во тој поглед, посебно се истакнувале камбаните правени за време на владеењето на царот Борис Годунов (1551-1605), како и некои други руски цареви, кои биле тешки и по неколку илјади килограми.[2]

Камбанариите во Македонија

уреди
 
Средновековна камбанарија на врквата Пресвета Богородица, Леуново.

Во нашите краишта, камбанариите се појавиле во XI век. Подоцна, за време на османлиското владење, камбаните можеле да бијат само време на големите празници и несреќи. Исто така, многу црковни и манастирски камбанарии биле ограбени или уништени. Дури во XIX век, за време на преродбата, побогатите цркви и манастири (особено во градовите и во печалбарските места) купувале, или добивале како подарок, камбанарии. Во овој период, првите камбани им биле дарувани на манастирот „Св. Јован Бигорски“ и на манастирот „Св. Богородица Пречиста“ покрај Кичево.

Денес, низ Македонија може да се сретнат камбани од различна изработка: од руско, српско, бугарско или друго потекло. Од македонските мајстори - изработувачи на камбани, попознати биле оние од Крушево и Битола.

Во Македонија, покрај за време на богослужбите, камбаните се употребувале и при различни други настани. Така, во 1903 година, почетокот на Илинденското востание во Крушево бил најавен со биење на камбаните; исто така, во 1876 година, во селото Разловци, камбаните го означиле почетокот на востанието во Малешевијата; истото се случило на почетокот на Кресненското востание во 1878 година; со звукот на камбаните било обележано возобновувањето на Охридската архиепископија и прогласувањето на Македонската православна црква во 1967 година; и најпосле, камбаните биеле при прогласувањето на независноста на Македонија во 1991 година.[2]

Значење

уреди

Во христијанството, камбаните претставуваат продолжение на старозаветниот кимвал, инструмент кој се користел при службите во храмовите, а се состоел од два диска. Потврда за неговата употреба се наоѓа во псалмите од Стариот завет, во кој се вели: "фалете Го со милозвучни кимвали, фалете Го со кимвали громогласни (Псалми, 150,5)." Оттука, камбаната во христијанството е симбол на добра и блага вест, симбол на убав, радосен глас и нејзиното биење при богослужбите и во другите прилики го означува настанот што доаѓа.[2]

Камбанаријата како тема во уметноста

уреди
  • „Ѕвоно“ (шпански: Campana) - песна на шпанскиот поет Федерико Гарсија Лорка.[3]
  • „Мртовечко ѕвоно“ (шпански: Clamor) - песна на Федерико Гарсија Лорка.[4]
  • „Војна на камбаните“ — расказ на италијанскиот писател Џани Родари.[5]
  • „Песна за камбаната“ (германски: Das Lied von der Glocke) - песна на германскиот поет Фридрих Шилер.[6]

Поврзано

уреди

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. камбанарија“ - Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. 2,0 2,1 2,2 СВЕТА ПЕТКА с. Сарчиево, Штип, јули 2012.
  3. Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 36.
  4. Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 42.
  5. Џани Родари, Приказни по телефон. Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга и Детска радост, Скопје, 1993.
  6. Fridrih Šiler, Knjiga poezije. Beograd: Rad, 1964, стр. 16-27.

Надворешни врски

уреди
  • „Влијание на црковните ѕвона на човечкото здравје“. Премин Портал. — верски поглед на здравственото влијание на камбанариските ѕвона (македонски)