Фридрих Шилер (германски: Friedrich Schiller, Марбах, 10 ноември 1759Вајмар, 9 мај 1805) — германски поет и драмски писател. Во своите остварувања ги истакнувал достоинството, слободата и убавината и незадоволството од тиранијата. Автор е на драмите „Интрига и љубов“, „Разбојници“, „Дон Карлос“ и „Јованка Орлеанка“. Од поетските дела, најмногу е познат по „Ода на радоста“.

Портрет на Шилер, 1793/94

Животопис уреди

Шилер е роден на 10 ноември 1759 година, во Марбах, во областа Виртемберг. Студирал медицина и работел како воен лекар. Потоа ја напуштил лекарската служба и некое време се издржувал од писателската дејност и од помошта на своите пријатели. Најпосле, станал професор по историја на Универзитетот во Јена, а последните години од животот ги поминал во Вајмар, каде починал на 9 мај 1805 година.[1] Шилер се одликувал со бунтовна природа и бил пример за борец и маченик, постојано живеејќи под притисокот на должноста и творењето. На возраст од 30 години се разболел и остатокот на животот го поминал во маки. Така, во писмото до неговиот пријател Кернер, Шилер напишал: „Она што сум, тоа сум благодарение на еден, често неприроден, напор на својата сила.“[2]

Творештво уреди

Иако не живеел долго, Шилер оставил богато творештво во повеќе области: песни, раскази, драми, историски дела и философско-естетички расправи. Шилер стапнал на книжевната сцена со драмско дело и го завршил животот работејќи на драма. Роден драматичар, најдобрите дела ги дал токму на полето на драмската уметност, а неговите драми спаѓаат во најдобрите остварувања на германската книжевност.[3] Негови најпознати дела се:[1]

  • „Разбојници“ (драма)
  • „Сплетка и љубов“ (драма)
  • „Дон Карлос“ (драма)
  • Валенштајн“ (драма)
  • Марија Стјуарт“ (драма)
  • Вилхелм Тел“ (драма)
  • „Историја на триесетгодишната војна“
  • „Отцепувањето на Холандија од шпанската власт“
  • „За наивната и сентиментална поезија“
  • „Писма за естетското воспитување на човекот“

Уште додека бил жив, Шилер стекнал голема поетска слава која ги надминала границите на Германија. Како резултат на тоа, во 1792 година, во текот на Француската револуција, парискиот Конвент го прогласил за почесен граѓанин на Француската Република. Но, по смртта, Шилер имал чудна судбина. Од една страна, со децении бил немилосрдно копиран и цитиран, и тоа во толкава мера што, според зборовите на В. Мушг, „неговите дела понекогаш потсетуваат на изгазени панаѓурски ливади на кои не останал ниту една зелена тревка.“; истовремено, неговото творештво било присвојувано и злоупотребувано од многу идеологии, а тој бил истакнуван како носител на германската национална идеја. Од друга страна, како поет, долго време, Шилер бил ставан рамо до рамо со Гете, но подоцна, неговото дело почнало критички да се преоценува.[4]

Последната деценија од својот живот, Шилер ја поминал во блиска соработка со Гете, со кого имал богата преписка. Притоа, Гете го сметал Шилер за пријател и за рамноправен соработник, сметајќи го за „роден поет“ кој „облагородува сè што ќе допре“. Гете се воодушевувал на прогресивната линија во поетскиот развој на Шилер, велејќи дека „секој ден тој беше поинаков и посовршен“. Оттука, воопшто не треба да зачудува тоа што на споменикот во Вајмар, Шилер стои веднаш до Гете.[2] Според сведочењето на Гете, тој и Шилер често заеднички создавале некои стихови, кои се застапени во делата на двајцата. Тоа било последица на нивното блиско пријалство, заедничките инетерси, секојдневните контакти и меѓусебното влијание.[5]

Поетското творештво на Шилер уреди

Како поет, Шилер почнал со љубовна лирика напишана во експресивен, патетично-сентиментален стил, својствен за движењето „Sturm und Drang“. Но, набргу Шулер преминал кон химнична философска поезија која врвот го достигнала во „Одата на радоста“ овековечена со музиката на Бетовен. Шилеровата поетска личност пронашлна најоригинален израз во мисловната, идејната поезија, особено карактеристична за последната деценија од неговиот живот. Тогаш, по повеќегодишна научна работа, тој повторно ѝ се вратил на поезијата при што најпрвин почнал со лирика, а потоа следувал процут на неговото поетско творештво. Во хармоничниот спој на рефлексијата со лириката на зрелиот поет го одразува неговиот идеализам опеан во рамките на класичната форма. Притоа, во Шилеровата лирика преовладува мислата наместо чувството.[6] Сепак, најпознати негови песни се баладите во кои најлесно дошол до израз драматичарот Шилер. Тие секогаш носат некоја идеја, која јасно произлегува од содржината, а збиената формулација ја добива во поентата. Притоа, со добра мотивација, Шилер умеел етички да го поткрепи дејството на баладите и да ги насочи кон одредена морален цел. На тој начин, неговите балади претставуваат етичко барање завиткано во уметнички компонирана драматика на самата фабула.[7]

Најпознати песни на Шилер се: „Девојката од туѓина“ (Das Mädchen aus der Fremde), почетната песна од неговата прва поетска збирка, во која се опејува достоинството на поезијата; „Поделба на земјата“ (Die Teilung der Erde) во која Шилер го искажува високото сфаќање на поетскиот занает; метрички разновидната и психолошки нежната „Очекување“ (Die Erwartung); „Момче на потокот“ (Der Jüngling am Bache), една од ретките песни во кои Шилер дава лирски израз на поединечното чувство; оптимистичката „Надеж“ (Hoffnung); „Поклоник“ (Der Pilgrim) во која се чувствува резигнацијата на уморниот поет; една од неговите напознати песни, „Песна за камбаната“ (Das Lied von der Glocke) напишана по престојот на Шилер во една леарница, која завршува со слика на уништување, но сепак, камбаната ја навестува подобрата иднина; песните во кои обработува антички теми, како што се: „Прстенот на Поликрат“ (Der Ring des Polykrates), „Хекторовото збогување“ (Hektors Abschied) која Шилер ја сметал за една од неговите најдобри песни или „Ибиковите ждралови“ (Die Kraniche des Ibykus); неговата последна песна, „Збогувањето на поетот“ (Sängers Abschied) во која тој се збогува со читателот, итн.[7]

Критичарите најмногу му забележуваат на Шилер поради неговиот идеализам и патосот на неговата дикција. Сепак, неговиот патос претставува херојски полет без фрази и благородно воодушевување, а не бесмислици. Во тој поглед, идеализмот на Шилер може да се сфати како бегство од тмурниот живот и од грубата стварност, но исто така, имајќи го предвид неговиот карактер, и како пркос. Оттука, многу критичари го нарекуваат Шилер „најмажествен“ германски поет чија морална и уметничка сила е способна „да го огорчи срцето против сè што е нечовечно“.[6]

Како негов близок пријател и соработник, Гете имал високо мислење за Шилер. Според неговиот опис, „сè на него беше гордо и вонредно, но очите му беа благи. Но, талентот му беше како и телото. Лесно се зафаќаше со некој предмет... Својот предмет го гледаше тукуречи само надворешно, тивкиот, внатрешен развој не му лежеше. Неговиот талент беше повеќе десулторски, па затоа тој никогаш не беше решителен и никогаш не можеше нешто да заврши.“ Според Гете, Шилеровиот талент бил како создаден за театарот и секоја негова драма претставувала напредок и усовршување, иако малку било чудно тоа што имал некакво чувство за суровост од кое не можел да се ослободи ниту во своето најубаво време. Гете го опишува Шилер како „чуден голем човек“ кој „секои осум дена беше поинаков и посовршен“ и кај него се забележувал „напредок во начитаноста, ученоста и расудувањето“, а последното Шилерово писмо (напишано на 24 април 1805 година, 15 дена пред неговата смрт) Гете го чувал како свето. Меѓутоа, по сведочењето на Гете, Шилер се измачувал со филозофскиот начин на мислење, а особено го измачувала мислата за целосно ослободување на сентиманталната поезија од наивната. Според него, Шилер не умеел да постапува несвесно и инстинктивно, туку морал да размислува за сè што роаботел. Според зборовите на Гете, во сите Шилерови дела се среќава идејата на слободата која постојано се менувала: во младоста тој стремел кон физичка слобода, а во подоцнежниот живот преминал на идејната слобода, која најпосле и го убила. Правејќи споредба меѓу себеси и Шилер, Гете вели дека наместо публиката да се расправа кој од нив двајцата е поголем, треба да се радува што воопшто има двајца такви луѓе за кои може да се расправа.[8]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Miloš Đorđević, „Šiler i njegove pesme“, во: Fridrih Šiler, Knjiga poezije. Beograd: Rad, 1964, стр. 65.
  2. 2,0 2,1 Miloš Đorđević, „Šiler i njegove pesme“, во: Fridrih Šiler, Knjiga poezije. Beograd: Rad, 1964, стр. 66.
  3. Miloš Đorđević, „Šiler i njegove pesme“, во: Fridrih Šiler, Knjiga poezije. Beograd: Rad, 1964, стр. 66-67.
  4. Miloš Đorđević, „Šiler i njegove pesme“, во: Fridrih Šiler, Knjiga poezije. Beograd: Rad, 1964, стр. 65-66.
  5. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 20.
  6. 6,0 6,1 Miloš Đorđević, „Šiler i njegove pesme“, во: Fridrih Šiler, Knjiga poezije. Beograd: Rad, 1964, стр. 67.
  7. 7,0 7,1 Miloš Đorđević, „Šiler i njegove pesme“, во: Fridrih Šiler, Knjiga poezije. Beograd: Rad, 1964, стр. 68.
  8. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 53-56.