Еминем
Еминем (Сент Џозеф, Мисури, САД, 17 октомври 1972), вистинското име Маршал Брус Метерс (познат и под називот Слим Шејди) е американски рапер, продуцент и глумец. Еминем се здобил со огромна популарност во 1999 г. по објавувањето на неговиот прв комерцијален албум The Slim Shady LP, кој освоил Греми награда за најдобар рап албум. Неговиот следен албум The Marshall Mathers LP, станал најбрзо продаваниот соло-албум во американската музичка индустрија.[1] Албумот го издигнал Еминем во музичките височини, што резултираше со отворање на неговата сопствена продукциска куќа Шејди Рекордс. Како последица на неговиот комерцијален успех, рап групата од Детроит Д12, во која воедно членува и тој, премина од андерграунд во меинстрим рап.
Еминем | |
---|---|
Еминем настапува на DJ Hero забавата | |
Животописни податоци | |
Родено име | Маршал Брус Метерс III |
Роден(а) | 17 октомври 1972 Сент Џозеф (Мисури), САД |
Потекло | Ворен (Мичиген), САД |
Жанрови | Рап |
Занимања | Рапер, продуцент, глумец, текстописец |
Период на активност | 1992-2004; 2009-денес |
Издавачи | Mashin' Duck, Web, Interscope, Aftermath, Shady |
Соработници | Д-р Дре, D12, Ројс да 5'9", 50 Cent, Оби Трајс, Лил Вејн |
Мреж. место | eminem.com |
The Marshall Mathers LP и неговиот трет студиски албум The Eminem Show исто така освоиле Греми награди за најдобар рап албум, правејќи го Еминем првиот рапер со оваа статуетка за три последователни албуми. Истата награда повторно ја освоил во 2010 со албумот Relapse, вкупно негова 11-та Греми награда. Во 2003 г. освоил Оскар за најдобра филмска музика со песната „Lose Yourself“ од филмот 8 Милја, во кој ја толкувал главната улога. „Lose Yourself“ сè уште го држи рекордот за рап песна со најмногу поминати недели на позицијата број 1 на американската топ листа. По турнејата во 2005 г. Еминем се повлекол од музичкиот живот. Во 2009 г. го издадал албумот насловен Relapse, негов прв студиски проект по Encore од 2004. Со Relapse ја заработил неговата 4-та награда за најдобар рап албум, или дотогаш 11-то негово признание од ова натпреварување. Во 2010 г. Еминем го издадал својот седми албум Recovery, кој претставувал шести последовен број 1 албум за раперот во САД, но доживеал успех и во останатите земји од светот.
Од страна на Vibe магазинот во 2008 беше прогласен за најдобар рапер на сите времиња. Вклучувајќи ја неговата работа со Д12, Еминем има вкупно девет број 1 албуми на американската Билборд 200 листа (7 соло албуми и 2 со неговата група). 13 синглови од неговата дискографија достигнале број 1 на светските топ листи. Во декември 2009 г. на Еминем му беше доделена наградата Музичар на деценијата 2000-2009 од страна на Билборд. Со продадени 40 милиони албуми во САД и околу 100 милиони во светот, Еминем е најпродаваниот музичар на 21-от век и најпродаваниот рапер на сите времиња.[2]
Ран живот
уредиЕминем е роден под името Маршал Брус Метерс на 17 октомври, 1972 г. во Сент Џозеф, Мисури, како син единец на Дебора Нелсон Метерс-Бригс и Маршал Брус Метерс Јуниор. Има корени кои водат од Англија и Германија. Неговиот татко го напуштил семејството кога Еминем имал 18 месеци, па затоа бил израснат само од неговата мајка во голема сиромаштија. Сè до неговата 12 година, немал постојано место на живеење, бидејќи често се преселувал низ различни градови во Мисури, сè до неговото конечно доаѓање во Ворен, населба во Детроит.
Откако го слушнал албумот Licensed to Ill на Бисти Бојс како тинејџер, Маршал се почнал да се интересира за рап музиката. На возраст од 14 години, под псевдонимот М&М, почнал аматерски да пишува стихови. Се приклучил на групата Bassmint Productions, и ја направиле нивната прва касета Steppin' Onto The Scene. Групата подоцна го сменила името во Soul Intent и под тоа име го објавиле нивниот прв сингл „Fuckin' Backstabber“. Иако посетувал средно училиште, често учествувал на freestyle битките во источен Детроит. И покрај првичниот неуспех да се наметне во оваа доминантно афроамериканса музика, полека почнал да го привлекува вниманието на андерграунд публиката. Двапати повторувал 1 година средно поради бројните отсуства и слабите оценки. Средното училиште го напуштил на 17 годишна возраст.
Во 1991 г. неговиот чичко Роналд „Рони“ Нелсон извршил самоубиство пукајќи си во главата. Маршал бил многу близок со него, и бил запрепастен од семејната трагедија. Во негова чест, на неговата лева рака истетовирал „Рони, почивај во мир“. Неговата смрт ја спомнува во песните „Stan“ и „Cleanin' Out My Closet“.
Музичка кариера
уреди1992-1997: Тешките почетоци
уредиПрвиот допир со рапот го почувствувал за време на маалските фристајл двобои, каде тој самиот земал активно учество. Бил забележан од браќата Марк и Џеф Бас, кои му дозволиле да го сними својот прв албум во нивното студио Bassmint. Албумот се викал Infinite, а со него Еминем се обидувал да го пронајде својот рап стил и тоа како сакал да звучи на микрофонот. Овој период од кариерата бил музичко созревање и обид за оформување на својата хип-хоп поезија. Овде се зачетоците на подоцнежната соработка со Royce da 5'9", кога во 1998 г. ја снимиле нумерата „Bad Meets Evil“, чиј наслов подоцна го искористиле како име на групата. Песната се нашла како претпоследна нумера на наредниот соло албум на Еминем.[3]
Освен соло кариера, Маршал се посветил и на работа со неговата група од Детроит, Д12. Групата се состоела од шест членови, меѓу кои биле Еминем и петте негови најблиски другари од детството. Целосното име на рап групата е Dirty Dozen, или во превод Валканата Дванаесетка. Ова име го добила поради тоа што секој член имал свое алтер его. Слим Шејди било алтер егото на Еминем. Овој состав останал прилично анонимен сѐ до бомбастичниот успех на Еминем, кога ќе добијат можност и самите да издадат свои албуми.
1997 г. била пресудна во музичката кариера на Еминем, бидејќи токму тогаш го снимил мини-албумот The Slim Shady EP. На ова ЦД за првпат го промовирал своето второ јас - Слим Шејди, и го насликал како ментално нестабилен манијак. Тематски албумот раскинува со содржината на Infinite, и говори за предозираност со дрога, секс и крвничко насилство. Истата година го освоил и второто место на Рап Олимпијадата во Њу Џерси, што била доволна препорака Д-р Дре да му понуди договор за издавање албуми под капата на неговата продуцентска куќа.[4]
Едно од позначајните работи во неговата рана кариера е заедничката песна „Fuck Off“ со Кид Рок, исто така музичар од Детроит. Оваа песна се нашла на албумот Devil Without a Cause на Кид Рок кој излегол наредната, 1998 г. Магазинот The Source, специјализиран за случувањата хип-хоп културата, го вброил името на Еминем како еден од најталентираните и надежни рапери чие време допрва ќе дојде.
1998-1999: Комерцијален пробив
уредиСо посредство на Џим Јовин, директорот на Интерскоп продукција, мини албумот The Slim Shady EP ќе стигне до рацете на рап гуруто Д-р Дре. Овој бил воодушевен од креативноста и луцидноста на Еминем побарал итен состенок со него. По начелно постигнатиот договор на задоволство на двете страни, првичните сесии за снимање на првиот вистински албум на Еминем започнале. Било однапред решено албумот да се вика The Slim Shady LP, бидејќи би претставувал содржинско продолжување на претходниот материјал, и најмногу затоа што карактерот на Слим Шејди би бил во центарот на вниманието.
По процесот на миксување и финалните допири на продуцентот, комерцијалното деби на Еминем било готово. Во слободна продажба музичките записи излегле кон крајот на февруари, 1999 г. Дебитирал како втор најпродаван албум во САД за таа недела. Музичката критика била поделена во ставовите околу концептот на албумот. Еден дел ги поддржувал иновациите на Маршал и неговиот тврд стил, додека другите коментирале дека таа музика не е морална и во духот на етичките вредности, па се дотаму дека би можела да ја расипе младината. Сите овие коментари ја разбранувале американската јавност, и со тоа создадале раперот Еминем да биде централна фигура во кулоарските разговори.
На албумот се нашле 20 нумери, од кои најинтригантна е песната објавена како водечки сингл „My Name Is“. Во неа се исмева голем дел од американската музичка естрада, но исто така со ова дело и се претставува на јавноста како изопачен лудак под псевдонимот Слим Шејди. Уште една песна насловена како „Guilty Conscience“ привлекла внимание, бидејќи била прва од многуте заеднички песни со неговиот ментор Д-р Дре. Во неа Д-р Дре е совеста и добриот ангел кој ги советува исфрустрираните луѓе да им ги простат грешките на своите блиски, додека Еминем ја толкува ролјата на ѓавол кој ги наведува луѓето да ги казнат сите оние кои им направиле некакво зло.
Освен овие две содржини, темата на останатиот дел од албумот се заснова на проблеми со дрогата, недоразбирањата во неговото семејство и честите психолошки кризи кои го доведувале на раб на самоубиство. До ден денес, албумот е продаден во преку 5 милиони примероци во САД и околу 12 милиони во светски рамки. Многумина од андерграунд рап сцената го обвиниле Еминем за имитирање на стилот и правецот на Кејџ, но таквите споредби и обвинувања набргу стивнале. По овој брз успех, Еминем окуражен се вратил во студиото за изработка на нов и поамбициозен проект.
2000-2001: Етаблирање во музичките води
уредиОбожавателите не морале долго да чекаат на следниот албум од Еминем. Веќе наредната година, кон средината на мај бил издаден вториот комерцијален албум на Еминем, под името The Marshall Mathers LP. Повторно како продуцент и гостин на албумот се јавува Д-р Дре, а помеѓу останатие рапери кои со својот вокал го поддржале проектот биле Снуп Дог, Нејт Дог, Стики Фингаз и неговата матична група Д12. И англиската поп пејачка Дајдо учествувала, исполнувајќи го рефренот на третата нумера, позната како „Stan“. Стилот бил речиси ист како и на претходниот албум, со таа разлика што овде фокусот бил насочен на неговиот јавен имиџ и непријателствата со други рапери.
Со доаѓањето на полиците во музичките продавници, овој албум почнал да руши рекорди. Во првата недела се продале 1,76 милиони копии, со што поставил Гинисов рекорд за најбрзо продаван соло албум во музичката историја. На првото место на Билборд листата останал точно 9 недели, а годината ја завршил како втор најпродаван албум во САД. Ова воедно е и најпродаваниот рап албум на сите времиња, со 10,7 милиони продадени копии во САД, а 22 милиони ЦД-а на глобално ниво. Овој дотогаш невиден комерцијален успех ќе го направи Еминем најбаран изведувач на планетата, и секако најконтроверзен рапер во тој момент.
На покана на Американската Музичка Академија, ќе настапи на доделувањето на Наградите Греми во 2001 г. изведувајќи ја прекрасната балада „Stan“, во дует со поп иконата Елтон Џон. Овој потег бил да се замолчат злобните коментари дека Еминем е хомофоб и дека е насилник и криминалец. На таа манифестација добил три награди, но за големо чудо не ја освоил најпрестижната Албум на Годината, која заминала во рацете на Стенли Ден.
По сите овие случувања, тој зедно со Д-р Дре, Ајс Кјуб и Снуп Дог заминал на турнеја низ Америка, позната како Up in The Smoke Tour, на која сиве овие рапери ги промовирале своите нови албуми. Одржани биле 44 концерти во живо, со кои го повратиле интересот за рап музиката, кој бил во драстично опаѓање по смртта на Тупак Шакур и Биги Смолс. По оваа, Маршал заминал на турнеја и низ Европа, на која за првпат и се претставил на тамошната публика. Сите овие активности придонеле неговиот нов албум да излезе подоцна од востановената практика, т.е. точно по две години.
2002-2003: Доминација во хип-хоп културата
уредиЛетото 2002 г. беше период кога излезе долгоочекуваниот трет албум на Еминем, кој требало да го потврди неговиот несомнен квалитет. Поради дотогаш невидената заинтересираност за еден рап албум, издавањето било поместено за една недела понапред. Оваа промена на распоредот најмногу се должеше на тоа што пиратски копии од музиката почнале да кружат на црниот пазар. Иако неочекуваната промена ги збунила многубројните обожаватели, албумот поминал солидно во првата недела, распродавајќи 1,3 милиони ЦД-а од вкупниот тираж. Во целост се исполниле очекувањата и статистиките на музичките експерти, бидејќи албумот се задржал пет седмици на највисокото место на Билборд 200 листата.
Најмногу прашина се кренала околу промотивниот сингл „Without Me“, во кој на тапет се најдоа сите критичари на Еминем, како Моби, Крис Керкпатрик, Лимп Бизкит. Не беше поштеден ниту потпретседателот Дик Чејни, кој во неколку наврати изјавил дека Еминем е закана и напаст за американското општество. Во песната ги искажува и сопствените ставови околу влијанието кое тој го има врз музичката индустрија и како тоа рапот би бил празен без него. Спотот за оваа песна беше прогласен за Видео на Годината од страна на музичкиот канал МТВ.
Интересно, овој музички запис не беше дочекан на нож како неговите први два албуми. Најгласните противници на Еминем овојпат заеднички констатирале дека овој проект во себе не содржи напади кон геј заедницата и закани со убиство кон жените. Обострано е мислењето дека ова претставува личен дневник на Маршал Метерс, кој на публиката им го отклучува неговиот живот, неговите страдања и болка. Обожавателите го препознале вложениот труд во ова парче музика и го наградиле на тој начин што го направија најпродаван албум во годината. Официјалните податоци велат дека досега се продадени 10,2 милиони албуми во неговата родна земја, додека во светот се разделени 24 милиони плочи.
Во овој момент Еминем бил на врвот на својата популарност, што резултирало со уште една светска турнеја и многу концерти. Поради големите пари кои се вртат околу неговото име, тој бил во можност да отвори и своја сопствена продукциска куќа. Како први артисти ги потпишал неговите другари од Д12. Со нив заеднички објавил два албуми во 2001 и 2004 година, насловени како Devil's Night и D12 World. Освен нив, на Шејди Рекордс се приклучил и 50 Сент, кој остварил успех не помал од оној на Еминем.
Веќе станало пракса да ги собира сите Греми признанија во хип-хоп категоријата, но повторно не успеал да ја прибере највисоката награда. Во 2003 г. го снимил својот полубиографски деби филм 8 Mile. Во него се раскажува за тешкиот живот во гетото и ограничените можности за талентираните рапери. На саундтракот од овој филм се наоѓа култната песна „Lose Yourself“, која минала цели 12 седмици на престолот на најслушани песни во САД. Вредноста на ова дело го препознаа и во Филмската Академија, каде му доделија Оскар за најдобра филмска музика. Со напорна работа и пролеана пот, за неполни 5 години, Еминем успеал од тотален анонимус да стигне на највисокото место на музичкиот пиедестал. Докажал дека и белец може да се наметне во претежно црнечки жанр, и им даде кураж на многу млади артисти да почнат активно да се занимаваат со оваа уметност.
2004-2005: Статус на рап икона
уредиПо успешниот експеримент со претходниот проект и широко прифатениот концепт на студиски албум во форма на сценско шоу, Еминем се решил на уште еден таков потфат. Encore бил снимен по урнек на The Eminem Show, па така финалниот производ повлекол многу спореби со неговиот претходник. Но, за првпат во кариерата, Еминем се соочил со незадоволство на армијата верни обожаватели, кои очекувале новиот албум да ја надмине популарноста на The Eminem Show. Голем дел од критиката бил насочен и кон текстуалната содржина, која тотално потфрлила и темите кои се обработувале на ова ЦД. И покрај првичните негативни реакции, албумот бил полн комерцијален погодок, во чиј прилог говорат 1,6 милиони копии продадени за само 10 дена. До денеска, вкупната цифра на купени албуми во САД изнесува 5,3 милиони, а во светски рамки бројката е 13 милиони. Encore држи и еден рекорд кога е во прашање дигиталната продажба, со тоа што е првиот албум да ја пробие границата од 10 илјади продадени дигитални записи.
Just Lose It е објавен како прв сингл од овој албум. Во самата песна, а и во спотот се исмева поп иконата Мајкл Џексон, што ќе наиде на неодобрување од музичката фела. И самиот Џексон се нашол навреден од грубото жигосување на неговата личност. Освен него, во видео записот на тапет ќе се најдат Мадона и МС Хамер, но најмногу Мајкл Џексон поради сомневањата за педофилија и инцидентот за време на снимањето на реклама за Пепси. Еминем во своја одбрана ќе изјави дека песната е само пародија на славните фаци и дека не треба да се зема здраво за готово. Од другите песни најмногу се издвојува Mosh, која во суштина е анти-кампања на претсадателот Џорџ Буш. Во неа се критикува корупцијата на Бушовата администрација и нивните обиди по секоја цена да станат на власт во Америка. Ова е и еден вид повик кон обожавателите да ги отворат очите и да ги казнат намерните пропусти на тогашниот американски претседател. Особено впечатлива е сентименталната балада Mockingbird. Нежната мелодија и емоционалните стихови се лајтмотив на композицијата, додека текстот говори за чувствителните односи кон неговата ќерка Хејли. Го дискутира и влијанието на славата врз семејните односи, како и очајната беда со која се борел во своите младешки години. Како гости на албумот се јавуваат 50 Сент (на три песни), Д-р Дре, Нејт Дог, Д12 и артисти од неговата сопствена продукциска куќа Шејди Рекордс.
Во последната песна на албумот притаено го најавува своето повлекување од шоу бизнисот, но во јавноста тоа ќе биде сфатено само како занимлив и невообичаен крај на албумот. Од страна на еден дневен весник од неговиот Детроит ќе биде пренесено дека Еминем го спрема својот последен албум и дека би требало да излезе кон крајот на годината. Испадна дека албумот за кој нашироко се шпекулираше е Curtain calls: The Hits, компилација од најголемите хитови на раперот. Во текот на прес конференцијата по повод излегувањето на албумот, Еминем изјави дека не размислува за повлекување, туку само ќе замине на подолг одмор. Објасни дека по шест години активна работа и четири мулти-платинести дискови, неопходна му била мала пауза за да си ги среди личните проблеми и да одлучи во кој правец сака да ја трасира понатамошната кариера како изведувач. Нагласи дека нема да прекине со својата работа како продуцент и извршен директор на Шејди Рекордс. Што се однесува до комерцијалниот перформанс на Curtain calls: The Hits, овој проект стана четвртиот негов последователен албум да дебитира на местото бр. 1, со речиси половина милион продадени плочи во првата недела. Досега во САД се продадени 3,5 милиони копии, а 8 милиони во цел свет. Споменатиот албум нема да наиде на толкав одек помеѓу обожавателите поради тоа што Еминем полека ќе почне да се повлекува од окото на јавноста.
2006-2007: Најави за повлекување
уреди2006 беше година за релаксација за Еминем. Ја остави својата соло кариера настрана и се посвети на рап артистите од неговата сопствена продукциска куќа. Го направил аранжманот на песните од Оби Трајс, Стат Кво, Кешис и неговата матична хип-хоп група Д12. Според замислата на Маршал, требале заедно да снимат неколку фристајл демо касети, но материјалот на нив испаднал толку добар што решиле да го истуркаат проектот до крај и да го издадат како албум. На овој тим се приклучиле и 50 Сент со G-Unit, па така сè уште неизлезениот албум добил на публицитет. Низ медиумите проструила информација дека ова е повратен албум на Еминем, но подоцна се покажало дека тоа е само шпекулација. Како и да е, ЦД-то доживеало двомилионски тираж и двоен платински статус.
Во септември, 2007 г. Еминем беше поканет како гостин во радио станицата Hot 97, каде во друштво на 50 Сент разговараше околу можноста за негово враќање на хип-хопот. Слим Шејди објасни дека постојано е во студиото и нон-стоп ги подготвува албумите на раперите од Шејди Рекордс. Моментално е не бил расположен да продолжи онаму каде застанал, и опцијата за нов албум ја остави отворена, но за некое друго време.
Во овој период се случува една трагична несреќа која ќе остави трајни последици врз Еминем како личност. На 11 април вечерта, за време на партија билјард во локален клуб во Детроит, бил смртно застрелан најблискиот другар на Еминем и негов колега од Д12, Дешон Холтон, или попознат како Proof. Огнената престрелка започнала по навидум минорна расправија околу играта, по што тензијата се вжештила и дошло до крвав инцидент. Смртта на најдобриот пријател силно ќе го погоди Маршал, па затоа неколку песни од претстојните два албуми ќе му бидат посветени нему.
2008-2009: Враќање во музиката
уредиПо откажувањето на европскиот дел од турнејата Anger Management Tour, се создале многу прашалници поврзани со тоа кои се причините за таа непопуларна одлука. Од луѓето на Еминем ќе биде соопштено дека Маршал имал сериозни проблеми со здравјето и поради премореност и исцрпеност не ќе биде во состојба да ги одржи најавените гостувања низ европските метрополи. Но, исто така Еминем страдал од злоупотреба на забранети супстанци и дрога, па затоа бил приморан да замине на рехабилитација. Подоцна, во неколку наврати ќе ја образложи својата зависност од наркотици и алкохол и како тоа успеал да ги преброди овие препреки. Своето големо враќање го најавил кон средината на 2009 г. со два нови албуми.[5]
Повеќе детали открил на пресот организиран по повод излегувањето на неговиот шести студиски проект. На таа средба со новинарите го презентирал името Relapse како заедничко име на двата албуми кои би требало да бидат издадени истата година. Раскажал за носталгичното чувство кое го исполнило при повторното стапнување во студиото и соработката со долгогодишниот продуцент Д-р Дре. Признал и за неговите непријатни искуства од минатото и рекол дека сите тие работи се запечатени таму засекогаш.
На овој албум било најавено и враќањето на неговиот фиктивен карактер Слим Шејди. Песните на Relapse звучеле слично како на неговото комерцијално првенче, а како промотивен сингл во етерот бил пуштен We Made You. Ова е уште една комична пародија насочена кон селебрити лицата, по урнек на претходните негови хумористични синглови. Спотот за песната се закитил со наградата на МТВ за најдобро рап видео за таа година. Втората објавена песна 3 a.m. била преполна со хорор елементи и мрачни сцени, теми што преовладувале на ова остварување. На овој диск се наоѓа и една колаборација со Д-р Дре и 50 Сент, насловена како Crack a Bottle, која без никаква медиумска кампања се искачила на првото место на најслушани песни една недела по официјалното пуштање по радио станиците. Сепак, според обожавателите Beautiful е песната со најголема уметничка и емоционална вредност. Албумот доста солидно се претставил и на музичкиот пазар, минувајќи две недели на водачкото место за најпродавани албуми во САД. Бил најпродаван хип-хоп албум во Северна Америка за 2009 г. со 2,5 милиони продадени примероци. Поради надолниот тренд кога е во прашање продажбата на музички записи, во светот ќе бидат продадени само 5 милиони ЦД-а, неспоредливо помалку со неговите претходни студиски дискови.[6]
Кога дошло време да излезе и вториот дел од најавениот дупли албум, Еминем ќе се огласи во јавноста со вест дека таа плоча светлината на денот ќе ја види дури следната година. За да не ги разочара своите обожаватели, тој издал проширена верзија на албумот, со името Relapse: Refill, каде се вметнати дополнителни седум траки за кои немало место на вториот проект. Како објаснување за ова негово решение кажал дека според содржината, песните не се вклопувале со оние кои ќе се најдат на Relapse 2, па затоа ги ставил во рамките на првото ЦД. Од тие бонус нумери, најпозната е првата трака Forever, на која со свои стихови се јавуаат Дрејк, Кање Вест и Лил Вејн. Forever воедно била и најавна шпица за документарецот More Than a Game, посветен на НБА ѕвездата Леброн Џејмс. Инаку, целокупниот албум е одраз на кризниот период од животот на Еминем, кога тој упорно се борел против зависноста од опојни дроги, па и самиот омот го прикажува неговото лице составено од апчиња и пилули, додека името на албумот е во облик на лекарски рецепт.[7]
2010-2011: Закрепнување
уредиНа 14 април, 2010 г. на Твитер страницата на Еминем осамнала порака Нема да има Relapse 2. Овој твит ги навел луѓето да помислат дека нема воопшто да излезе некаков албум, но на крај се испоставило дека само е сменет насловот во Recovery. Еминем дал една кратка и јасна порака во врска со последната промена на плановите: Според првичната намера, го планирав да го финиширам овој албум кон крајот на минатата (2009) година. Но како што продолжив да снимам со различни продуцанти, идејата за втор дел на Relapse ми се чинеше изјаловена, па затоа се решив на овој чекор. Седмиот студиски албум излегол во продажба кон средината на месец јуни, кога продажбата на албуми во САД е најмала. И покрај оваа непожелна околност, албумот ги надминал и најоптимистичките прогнози со купени 741 илјади примероци само во првата седмица. Дебитирал на највисоката позиција на Билбордовата топ-листа, и на тоа место се задржал 7 недели. Завршните анализи за 2010 г. на музички план го прогласиле Recovery за најпродаван албум и во САД и во светот. Со продадени 5 милиони плочи во неговата родна земја и со тираж од преку 8 милиони во светот, Еминем помогнал колку-толку да живне веќе парализираната музичка индустрија. Со издавањето на ова ЦД, Еминем направил скок од десеттото на седмото место на вечниот список на најпродавани музички артисти во Америка.[8][9]
И песните од Recovery поставиле неколку рекорди на табелите. Најавниот сингл Not Afraid дебитирал на место број 1 без поткрепа од видео запис. Спотот за песната го режирал Ричард Ли, а се снимал во Њу Џерси со помош на статисти-волонтери. Истиот спот на Еминем повторно му ја донел наградата за најдобро рап видео на МТВ. Вториот синг од албумот, дуетот со Ријана Love the Way You Lie престојувал 8 недели на првото место на најпродавани дигитални синглови, а неговата популарност не познавала јазични бариери. На албумот како гости освен Ријана се појавиле и Пинк и раперот Лил Вејн. Песната No Love со Лил Вејн била втора соработка помеѓу овие двајца рапери, по доста успешната Drop the World од албумот на Лил Вејн. Една година подоцна излегол и последниот сингл од овој проект, мелодичната балада Space Bound.
Кога конечно завршиле сите промотивни активност за поуспешно претставување на Recovery, на ред дошла жетвата на награди и признанија. На Греми наградите од 2011 г. Еминем добил 10 номинации во различни категории, од кои на крајот дома си заминал само со 2 награди. Од европската МТВ церемонија го понесол признанието за најдобар хип-хоп изведувач, негова 12-та статуетка од оваа манифестација. На Британските музички награди поминал само со номинација за Албум на годината, додека пак истата награда ја освоил на американскиот пандан од гореспоменатиот фестивал.
2012-денес: Планови за иднината
уредиОсвен перформансот на својот сопствен албум, Еминем се појавил како поддршка на неколку албуми од артистите кои припаѓаат на хип-хоп фелата. Со својот ценет ментор Д-р Дре ја направиле неговата кам-бек композиција I Need a Doctor, која доста добро поминала на музичките канали. И ја возвртил услугата на Пинк со тоа што се појавил на песната Here Comes the Weekend која е дел од најновиот нејзин албум, излезен во септември 2012 г. Последната од соработките која вреди да се наброи е онаа со една од ретките жени во овој жанр, Ники Минаж, која го носи насловот Roman's Revenge, каде што Еминем се претставува со своето алтер его - Слим Шејди. По масовниот успех на хитот Love the Way You Lie во придружба на Ријана, овие двајца се решиле да направат втор дел од оваа песна, но овој пат таа се нашла на аудио записот Loud, заедно со другите композиции во изведба на пејачката од Барбадос.
Тектонски промени се случиле и во Маршаловата продукциска куќа. По речиси една деценија мината во Шејди Рекордс, раперите Оби Трајс, Стат Кво и Кешис си ги спакувале куферите и си заминале секој по својот пат. По долги консултации со Еминем и неговиот менаџмент решиле дека најдобро е спогодбено да се разделат и да останат во пријателски односи. На нивно место дошла нова, помлада постава на хип-хоп артисти. Во втората генерација на Шејди Рекордс биле регрутирани Yelawolf и рап квартетот Slaughterhouse. Парафирањето на договорот со Slaughterhouse ќе значи и повторна средба помеѓу старите партнери Еминем и Royce da 5'9", член на споменатата група. Одново ќе се роди идејата за ребрендирање на старото дуо од The Slim Shady LP, кое ќе го преземе името на нивната заедничка песна од тој албум и ќе се нарече Bad Meets Evil. Не се чекаше долго време пред овие двајца да издадат свој деби албум. Во јуни, 2011 г. бил пуштен во продажба мини-албумот со име Hell: The Sequel, кој веднаш се нашол на местото бр. 1 на американската топ список на албуми. Од оваа колаборација произлегле два сингла со готови спотови, и тоа Fast Lane и Lighters, чиј рефрен го отпеа Бруно Марс.[10]
На 24 мај, 2012 год, Еминем објавил дека моментално работи на неговиот нов, осми по ред студиски албум.
Техника на рапување
уредиЗа време на говорот при прифаќање на Греми наградата за најдобар рап албум во 2003 год, Еминем ги набројал и артистите кои најмногу влијаеле на неговата поезија. Тие се Бисти Бојс, Ран Ди-Ем-Си, Раким, Нуклеус, Маста Ајс, ЛЛ Кул Џеј. Но од сите овие најмногу се издвојува името на неговиот ментор, Д-р Дре, чиј стил многу придонел за создавање на сопствено флоу. Во книгата „Како се рапува“, авторот Герила Блек забележува неколку битни одлики за Еминем. Вели дека Маршал внимателно ги слушал неговите колеги, и од секој го земал она најдоброто. Тоа бил и рецептот за успех. Земи ги само добрите страни, а отфрли ги слабите. Освен ова, Герила Блек дава позитивна критика за техниката на рапување на Еминем, и ги нагласува комплексните рими, хуморот во текстовите, концептуалните албуми и поврзаноста со обожавателите како одлики коишто го прават еден од најдобрите. Инаку, и во неговата автобиографска книга „The Way I Am“ раскажува дека му требаат неколку денови, најмногу недела, за да состави текст за песна. Исто така додава дека е и работохолик, т.е. минува добар дел од денот во студиото.
Уште една работа е интересна и уникатна кај овој МС. Имено, на речиси сите албуми се појавуваат неколку имагинарни личности за време на кратките скечови. Пол Розенберг е најзастапениот од сите нив. Пол е менаџерот на Еминем уште од раните почетоци. Тој сам го зборува неговиот лик во скечовите, и секогаш го прекорува Маршал за преголемата вулгарност во песните. Друг лик кој со појавува е Стив Бермен, директор во продуцентската куќа Интерскоп. Тој е непријателски настроен кон Еминем, па постојано му вели дека албумите му се ѓубре и се заканува дека нема да ги издаде. Третиот лик од овој серијал е Кен Каниф. На дебито Slim Shady LP неговиот глас го сними Аристотел, исто така рапер од Детроит. Но, по една минорна караница помеѓу нив двајца, оттогаш па наваму, Еминем е тој што го глуми Кен. Кен Каниф е хомосексуалец кој ги исмејува песните на Еминем и во една прилика упати низа провокации и навреди насочени кон групата Insane Clown Posse. Аристотел бил нервозен кога дознал дека Еминем го употребил неговиот лик на негови албуми, па затоа упатил и дис траки кон него.
Приватен живот
уредиМаршал Метерс е еден од најконтроверзните музички ликови на 21-от век. И професионалниот и неговиот приватен живот биле тема за која доста се говорело и шпекулирало. Тој е женет двапати за Кимберли Ен Скот, личноста која ја запознал за време на средношколските денови. Таа како тинејџер го напуштила сопствениот дом заедно со сестра си Доун, и двете се преселиле кај Маршаловата мајка. Со Еминем започнале врска во 1989 г. а се венчале во 1999. Поради проблеми со алкохолот се развела од Еминем во 2000 г. но повторно стапиле во брак на почетокот на 2006 г. Се развеле во декември истата година, со обострана согласност да го делат старателството над нивната единствена биолошка ќерка Хејли Џејд. Хејли е споменувана во голем број од песните на Еминем, поточно во „Hailie's Song“, „Mockingbird“ и „When I'm Gone“. Во 2010 г. повторно почнаа да кружат гласини околу евентуалното обединување на Маршал со Ким, но тие брзо беа демантирани од страна на Еминем. Освен Хејли, Еминем е правен старател и врз Лејни, ќерка на сестрата на Ким, како и на Витни, која е ќерка на Ким од претходниот нејзин брак.
Други занимања
уредиГлумечка кариера
уредиПрвото искуство за Еминем на големото платно била малечката улога во филмот The Wash од 2001 г. Таму главните улоги ги играле Д-р Дре и Снуп Дог. Две години подоцна следел можеби најдобриот филм посветен на рап музиката, 8 Mile, каде Маршал Метерс го толкувал ликот на главниот јунак Бани Џ. Ребит. Ребит (зајак) бил недокажан маалски рапер, чија цел била пробив на големата сцена. Еминем за филмот рекол дека не е негова лична биографија, туку само го прикажува неговото растење низ улиците на Детроит. Носечката песна од 8 Mile, „Lose Yourself“, освоила Оскар за најдобра филмска музика (2003). Таа песна се задржала 12 седмици на првото место на Билборд листата за синглови, рекорден број недели за една рап нумера.
Еминем го позајмил својот глас за потребите на многу останати филмски проекти. Од позначајните ги издвојуваме Скокач (2008), Смешни луѓе (2009) и Случаен чин на насилство (2012). Помогнал и во изработката на компјутерската игра посветена на 50 Сент, насловена 50 Cent: Bulletproof, и во анимираниот филм The Slim Shady Show. Моментално нема најава за некој иден настап на Еминем во високобуџетен филм.
Мемоари, рекламни договори и донации
уредиНа 21 октомври, 2008 г. Еминем ја издал автобиографската книга „The Way I Am“ насловена по истоимената песна од вториот негов албум The Marshall Mathers LP. Во неа ја раскажал сопствената криза на моралот, личната борба со немаштијата и дрогите, како и приказната за неговиот естраден живот. Поголемиот дел од книгата е посветен на темните страни на славата и парите, а вклучени биле и оригиналните ракописи на песните „Stan“ и „The Real Slim Shady“ од неговата тетратка. Непосредно по излегувањето на книгата во јавноста, се огласила и мајката на Еминем, Деби Нелсон со нејзина биографска книшка „Мојот син Маршал, мојот син Еминем“. Во таа книга била откриена средбата и бракот со таткото на Еминем, како и неможноста на Еминем да се носи со огромната слава.
Што се однесува до рекламните договори, иронично е тоа што Еминем својот прв поскап договор го потпишал во 2010 г. со претпријатието за производство на ладни чаеви, Lipton Brisk Ice Tea. За време на полувремето од финалниот натпревар на американската рагби лига, била емитувана куса едноминутна реклама, каде Еминем бил претставен како цртан лик. За време на истата пауза помеѓу двете полувремиња, била емитувана и уште една реклама со Еминем, овој пат двоминутна, каде Маршал бил главниот лик кој возел автомобил на Красјлер 200. Во позадина одел битот од песната „Lose Yourself“, а Еминем возел низ улиците на Детроит.
Еминем основал своја хуманитарно здружение според неговото сопствено име, чија примарна дејност била морално-психолошка помош за децата со пречки во социјалниот развој. Во оваа организација се вработени високо стручни кадри за работа со таквите детски појави.
Дискографија
уреди
|
|
Филмографија
уреди- Da Hip-Hop Witch (2000)
- The Wash (2001)
- 8 Mile (2002)
- Have Gun - Will Travel (2007)
- Funny People (2009)
Видеографија
уредиСпот | Година | Режисер |
---|---|---|
Just Don't Give a Fuck | 1998 | Дарен Лавет |
My Name Is | 1999 | Др.Дре,Филип Атвел |
Guilty Conscience | 1999 | Др.Дре,Филип Атвел |
Role Model | 1999 | Др.Дре,Филип Атвел |
Forgot About Dre | 2000 | Филип Атвел |
The Real Slim Shady | 2000 | Др.Дре,Филип Атвел |
The Way I Am | 2000 | Пол Хантер |
Stan | 2000 | Др.Дре,Филип Атвел |
Without Me | 2002 | Џозеф Кан |
White America | 2002 | |
Cleaning Out My Closet | 2002 | Др.Дре,Филип Атвел |
Lose Yourself | 2002 | Еминем,Пол Росенберг,Филип Атвел |
Superman | 2003 | Пол Хантер |
Sing for the Moment | 2003 | Филип Атвел,Џеф Грип |
Mosh | 2004 | Ian Inaba |
Just Lose It | 2004 | Филип Атвел |
Like Toy Soldiers | 2004 | The Saline Project |
Mockingbird | 2005 | Еминем,Quig |
Welcome 2 Detroit | 2005 | |
Gatman and Robbin | 2005 | |
Ass Like That | 2005 | Филип Атвел |
When I'm Gone | 2005 | Ентони Мендлер |
Shake That | 2006 | Plates Animation |
Smack That | 2006 | Бени Бум |
You Don't Know | 2006 | The Saline Project |
Crack a Bottle | 2009 | Syndrome |
We Made You | 2009 | Џозеф Кан |
3 a.m. | 2009 | Syndrome |
' Beautiful | 2009 | Ентони Мандлер |
Not Afraid | 2010 | Рич Ли |
Drop the World | 2010 | Крис Робинсон |
Love the Way You Lie | 2010 | Џозеф Кан |
No Love | 2010 | Крис Робинсон |
Space Bound | 2011 | Џозеф Кан |
I Need a Doctor | 2011 | Ален Хагнес |
My Life | 2012 | Рич Ли |
C'mon Let Me Ride | 2012 | Isaac Rentz |
Berzerk | 2013 | Syndrome |
Survival | 2013 | Syndrome |
Rap God | 2013 | Рич Ли |
The Monster | 2013 | Рич Ли |
Headlights | 2014 | Спајк Ли |
Shady CXVPHER | 2014 | Џејмс Ларис |
Guts Over Fear | 2014 | Syndrome |
Detroit vs. Everybody | 2015 | Џејмс Ларис |
Best Friend | 2015 | |
Phenomenal | 2015 | Рич Ли |
Walk on Water | 2017 | Рич Ли |
River | 2018 | Емил Нава |
Framed | 2018 | Џејмс Ларис |
Fall | 2018 | Џејмс Ларис |
Lucky You | 2018 | Џејмс Ларис |
Venom | 2018 | Рич Ли |
Good Guy | 2018 | Питер Хуанг |
Rainy Days | 2019 | Џејмс Ларис |
Darkness | 2020 | Џејмс Ларис |
Godzilla | 2020 | Кол Бенет |
Gnat | 2020 | Кол Бенет |
Higher | 2021 | Џејмс Ларис |
From the D 2 the LBC | 2022 | Џејмс Ларис |
Doomsday Pt. 2 | 2024 | Кол Бенет |
Houdini | 2024 | Рич Ли |
Tobey | 2024 | Кол Бенет |
Somebody Save Me | 2024 | |
Murdergram | 2024 |
Награди и номинации
уредиЕминем има освоено тринаесет Награди Греми. Во 2003 година еминем се најде на тринаесеттото место на списокот на MTV за 22 најдобри гласови во музиката и број 82 на списокот на Ролинг Стоун за "" Бесмртните "". Во 2008, читателите на магазинот Вајб го изгласале за "" Најдобариот жив рапер "" исто така и на мрежното место на Магазинот Вајб читателите го изгласале за "" Најдобар рапер на сите времиња "".
Наводи
уреди- ↑ „Еминем ја симна Бритни од врвот“. Rolling Stone. Архивирано од изворникот на 2008-04-01. Посетено на 2008-04-23.
- ↑ „Еминем е најпродаван музичар на декадата“- USA Today
- ↑ „Биографија на Еминем“- Biography of Celebrities
- ↑ „Животната приказна на Маршал Метерс“- Eminem.net
- ↑ „Слим Шејди му се враќа на рапот“- New York Times
- ↑ „Relapse се очекува да постави нови рекорди“- Rolling Stone Архивирано на 3 февруари 2013 г.
- ↑ „Откриени бонус песните од Relapse: Refill“- NME Report
- ↑ „Еминем се враќа во форма со најновиот албум“- USA Today
- ↑ „Само Еминем и Џастин Бибер со солидни продажби во овие кризни времиња“- MTV News Архивирано на 5 септември 2011 г.
- ↑ „Подемот на Шејди Рекордс“- Music News
Литература
уреди- Боза, Ентони (2003). Whatever You Say I Am: The Life and Times of Eminem. Њујорк Сити, Њујорк, САД: Crown Publishing групација. ISBN 1-4000-5059-6. Не се допушта закосување или задебелување во:
|publisher=
(help) - Едвардс, Пол (2009). How to Rap: The Art & Science of the Hip-Hop MC. Чикаго, САД: Чикаго Прес. ISBN 1-55652-816-7.
- Голдберг, Бернард (2005). 100 People Who Are Screwing Up America. Њујорк, САД: Харпер Колинс. ISBN 0-06-076128-8.
Надворешни врски
уреди- Матична страница
- Еминем на Семрежната филмска база на податоци (англиски)