Др. Дре
Андре Ромел Јанг, познат како Д-р Дре (англиски: Dr. Dre) (1965), е американски музички продуцент, рапер и повремено глумец.[2] Д-р Дре е заслужен за комерцијалниот пробив и успешните кариери на многу рапери, меѓу кои на Снуп Дог, Еминем, Фифти Сент и Гејм. Оттука, тој се смета за клучен поединец кој придонел во популаризацијата на џи фанкот, рап жанр кој се одликува со бавни фанк ритми и текстови кои говорат за гангстерскиот живот.
Д-р Дре | |
---|---|
Д-р Дре настапува на фестивалот Coachella Valley Music and Arts Festival (2012) | |
Животописни податоци | |
Родено име | Андре Ромел Јанг[1] |
Роден(а) | 18 февруари 1965[2] Комптон (Калифорнија), САД |
Потекло | Лос Анџелес, Калифорнија, САД |
Жанрови | Рап, гангстерски рап |
Занимања | Продуцент, рапер, претприемач, глумец |
Инструменти | Вокал, синтисајзер, фонограф, драм машина, семплер |
Период на активност | 1984–сѐ уште |
Издавачи | Kru-Cut, Ruthless, Priority, Death Row, Interscope, Aftermath |
Соработници | World Class Wreckin' Cru, N.W.A, The D.O.C., Knoc-Turn'al, Michel'le, Above the Law, Ајс Кјуб, Тупак Шакур, Снуп Дог, Еминем, Tha Dogg Pound, Изи-И, Фифти Сент, Гејм, Нејт Дог, Xzibit, Баста Рајмс, Кендрик Ламар |
Мреж. место | drdre.com |
Музичка кариера
уредиД-р Дре е роден во 1965 година. Својата музичка кариера ја почнал како член на World Class Wreckin' Cru, група која изведувала старошколски хип-хоп (Old School Hip Hop). Потоа го основал во култниот состав N.W.A, чии текстови биле препознатливи по експлицитниот приказ на уличното насилство и пресметките помеѓу градските банди. Поради непремостливите недоразбирања со Изи-И (исто така член на N.W.A), Дре продолжил како соло изведувач потпишувајќи за „Дет Роу Рекордс“. Таму, неговата кариера нагло отишла по нагорна линија, а стекнал и голема популарност поради неговите соработки со Тупак Шакур и Снуп Дог.
Неговиот прв студиски соло албум „Хрионика“ (The Chronic) се смета за обележје на рапот од западниот дел на Америка, а заедно со деби албумот на Снуп Дог „Догистајл“ (Doggystyle), тој ги отворил вратите за поширока прифатеност на хип-хопот како суб-култура на целата територија на САД. По издавањето на вториот албум 2001 своето внимание го насочил кон пронаоѓање нови лица на хип-хоп сцената.
Во таа смисла, Д-р Дре најпрво потпишал договор со Еминем и му помогнал да оствари блескава кариера. Истовремено, Д-р Дре ги компонирал битовите за најголем дел од песните на албумите Marshall Mathers LP и The Eminem Show, кои потоа станале најпродавани плочи од овој жанр на сите времиња во САД и во Канада. Во 2002 година, Д-р Дре потпишал договор со Фифти Сент, а потоа и со Гејм, рапери со кои забележал задоволителен успех.
Detox би требало да биде третиот и последен негов студиски албум, чиј датум на објавување првично беше најавен за 2011, но поради презафатеност на Дре со други музички проекти, сѐ уште не е издаден.
Бизнис активности
уредиД-р Дре е основач и извршен директор на продуцентската куќа „Афтермат“ (Aftermath), а претходно работел во „Дет Роу Рекордс“ (Death Row Records). Своевремено, според Форбс, тој бил третиот најбогат хип-хоп музичар во САД, со имот од 250 милиони долари.[3] Д-р Дре ја поседувал марката на слушалки и звучници „Битс бај доктор Дре“, која ја основал заедно со претседателот на дискографските куќи „Интерскоп-Гефен-А&M“ (Interscope-Geffen-A&M), Џими Ајвон. Подоцна, оваа фирма била откупена од „Епл“ за три милијарди долари, со што богатството на Д-р Дре наеднаш пораснало за 350 милиони долари, така што во 2013 година неговото богатство се зголемило на вкупно 620 милиони долари. На тој начин, тој станал најбогатиот хип-хоп музичар во светот, претекнувајќи ги Џеј Зи и Пи Диди.[4]
Наводи
уреди- ↑ Ro 2007, стр. 1
- ↑ 2,0 2,1 „Monitor“. Entertainment Weekly (1247). 22 февруари 2013. стр. 32.
- ↑ „3. Andre "Dr. Dre" Young ($250 million)“. Forbes Magazine. Архивирано од изворникот на 2013-04-26. Посетено на 4 мај 2012.
- ↑ Утрински весник, година XV, број 4594, петок, 26 септември 2014, стр. 32.
Надворешни врски
уреди- Матична страница
- Др. Дре на MySpace
- Официјалниот блог за албумот Detox Архивирано на 16 февруари 2011 г.
- Др. Дре на Семрежната филмска база на податоци (англиски)