Габрово (Струмичко)

село во Општина Струмица

Габрово — село во Општина Струмица, во областа Подгорје, во околината на градот Струмица.

Габрово
Габрово во рамките на Македонија
Габрово
Местоположба на Габрово во Македонија
Габрово на карта

Карта

Координати 41°22′36″N 22°47′41″E / 41.37667° СГШ; 22.79472° ИГД / 41.37667; 22.79472
Општина Струмица
Население 202 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 27017
Надм. вис. 300 мнв м
Слава Свети Илија
Габрово на општинската карта

Атарот на Габрово во рамките на општината
Габрово на Ризницата

Географија и местоположба

уреди

Габрово се наоѓа во Струмичко Поле, во југоисточниот дел на Република Македонија. Од најблискиот град Струмица е оддалечен 15,5 километри.

Надморската височина во селото е 300 метри а површината на селото изнесува 1883 ха.

Под падините на планината Беласица десно од патот Банско - Борисово во недопрената природа скриено од погледите на луѓето се наоѓа селото Габрово. Населбата е мала со околу 100 домаќинства но плени со својата селска идила, старите куќи со чардаци, љубезноста на жителите. Овде секое камче крие дел од историјата на селото.

Ладната и бистра вода од водопадот било место на кое летно време габровчани се разладувале и уживале а дека било и нивно омилено место зборува и фактот дека порано овде се славел и христијанскиот празник Св. Илија инаку заштитник на селото. До неодамна се знаеше само за еден водопад меѓутоа прекрасната слика на ова место ја наполнуваат и двата водопади до кои можеа да дојдат само селаните кои добро ја познаваат планината.

Денес водопадот е модерно уреден и отворен за сите љубители на природните реткости и убавини. Покрај веќе надалеку познатиот прв водопад сега за туристите се достапни и останатите втор и трет водопад коишто Општина Струмица со проектот „Доуредување на габровскиот водопад“ ги направила пристапни за сите оние кои се љубители на прирадата. Со доуредувањето на трите габровски водопади дополнително се поставиле летниковци, клупи, маси, и канти за отпадоци исто така се направиле и три мостови за полесен пристап до последниот и најубавиот водопад.

Селото се граничи со Банско, Колешино, Моноспитово, Бориево, Бајрамбос.

Историја

уреди
 
Куќа во селото
 
Срушена куќа во селото
 
Црквата Свети Илија

Селото е основано од Драгое околу црквата „Св. Архангели Михаил и Гаврил“, за која српскиот цар Стефан Душан издава специјална грамота. Потоа се гради црквата „Св. Богородица“ и двата храма се дарувани од регионалниот владател деспот Јован Углеша. Во 1374/5 година двете цркви во Габрово се дарувани од деспот Јован Драгаш и брат му Константин Драгаш.[2] Исто Габрово бил и Црковен имот на Хиландарскиот Манастир на Света Гора и му биле давани дрварина и јагнарина како годишен данок дар од Габрово.

Ова струмичко село, целото обвиткано во зеленило порано имало неколку местоположби. Најпрво се наоѓало поназапад, односно на исток од т.н. Гарлиева чешма. Чешмата така ја викале поради студената вода, која прави грло ( Грлиева, односно Гарлиева чешма ) која се наоѓа во месноста Шенкови ореви околу 1,5 километар на запад од денешно Габрово. Месноста околу чешмата ја викат Ржевик. По течението на водата од Гарлиева чешма во насока кон Моноспитовското блато расте посебен ендемски вид на папрат. Потоа е преместено на месноста викана Пот која е всушност висорамнина со добра стратешка и одбрамбена положба.

Источниот дел од селото некаде до пред Балканските војни било со турско население и затоа до ден денес тој дел се нарекува Турско маало. За време на Балканските војни и прогонот на Македонците од Беломорска Македонија многумина од "Бежанците" се населиле во таа маала. Во него имало и џамија за која се знае каде била но нема остатоци. Имало и гробишта, наречени Турско гробје на чие место сега има изградено магацин за откуп на земјоделски производи. Денес тука е изграден и угостителски објект наречен „Подгорски ан“.

На просторот меѓу село Колешино и Габрово се наоѓа месноста Пот. Таа е мала висорамнина, која со текот на времето била пошумена со борови. Ридската месност го добила топонимот Пот порадо потењето додека да се стигне до неа. Таму некогаш имало стара населба, за што сведочат археолошките остатоци - ќерамиди, ќупови (за пченица) и др. Југоисточно од селото се наоѓа една голема карпа (спила) по која месноста е наречена Спила. Ако намерникот, при посета на оваа месност, го стави увото на спилата под која поминува голема количина на подземна вода, ќе го осети шумолењето на водата.

За време на турското ропство, во село Габрово имало комитски јатак. Селаните сестрано ги помагале комитите, кои се собирале над селото, во пазувите на Беласица. Комитското седело се наоѓало југозападно од населбата, во длабоката долина на реката Барлен, во месноста Ветрушка, каде е откриена една голема рамна карпа, од која се гледа текот на реката, чиј кањон е висок 150 - 200 метри. Во горниот рекотек на Барлен има водопад. Оваа планинска река извира под еден висок врв на Беласица, меѓу селата Габрово и Колешино, близу месноста Коњски Кладенец, што се наоѓа лево од реката Барлен.

Над селото, од исток кон запад, се извишуваат шумовитите беласички ридови Пот, Лешкарник (чиј топоним е добиен по лешниците) Кошара и Тутеј. Оваа ридска верига завршува со највисокиот рид Думовец, кое го добило името по птицата думо, која често се среќавала во овој шумски предел. Над Думовец се наоѓа месноста Момина полјана, каде биле убиени две моми. Над полјаната, која што се наоѓа меѓу Габрово и Банско има и два гроба.

Во турско време, беговите Рустем и Скендер имале имоти во селото, коишто подоцна ги продале. Тогаш имало две маала во селото - горно и долно маало. Горното маало се наоѓало на западниот дел на селото и во него живеело македонското население, а во долното ( или источното ) маало живееле Турците. Селото го сочинувале шеесет христијански и шеесет мухамедански куќи. Имало и џамија во селото, којашто била разурната во 1912 г. Имало и христијанска црква и македонско училиште.

Инаку, оваа селска населба, според некои историски податоци, била основана уште во средниот век, пред доаѓањето на Турците - Османлии во Струмичката котлина. Топонимот на селото настанал поради тоа што околу населбата имало многу габрови дрвја. Габерот го имало во изобилство на просторот околу селото, а и во местото на кое била подигната населбата. Има и друга верзија за топоминот Габрово. Според неа, селото селото го добило своето име поради многуте габерливи ( мувлосани ) камења до селото, што се наоѓаат на западната страна од населбата, над асфалтниот.

Стопанство

уреди

Претежно занимање на населението е земјоделство. Обработливото земјиште во селото зафаќа површина од 306 ха[3].

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948506—    
1953597+18.0%
1961592−0.8%
1971561−5.2%
1981486−13.4%
ГодинаНас.±%
1991445−8.4%
1994428−3.8%
2002399−6.8%
2021202−49.4%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Габрово живееле 710 жители, од кои 460 Македонци и 250 Турци.[4] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Габрово имало 480 Македонци, патријаршисти.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци и 50 Турци.[6]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 399 жители и 113 домаќинства, од кои 398 Македонци и 1 останат.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 202 жители, од кои 178 Македонци и 24 лица без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 710 480 506 597 592 561 486 445 428 399 202
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Општествени установи

уреди
 
Училиштето Гоце Делчев

Самоуправа и политика

уреди

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1793 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 642 гласачи.[14]

На Македонски парламентарни избори во 2020 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 339 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Габровски водопад
  • Црква Св.Илија
  • Водопад на река Барлен
  • Водопад на река Баба или Воденишник
  • Спомен плоча на паднати борци од НОБ
  • Под, археолошко наоѓалиште од доцноантичкото време.
  • Помен, археолошко наоѓалиште од доцноантичкото време.
  • Помен, археолошко наоѓалиште од доцноантичкото време.
  • Црква Света Богородица, археолошко наоѓалиште од средновековно време.
  • Црква Свети Арангел, археолошко наоѓалиште од средновековно време.

Редовни настани

уреди
  • Василичарскиот оган
  • Фрлање не крстот во Барлен.

Селото Габрово го слави верскиот празник Св. Илија Илинден

Личности

уреди
  • Манол Пандевски, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, роден во село Габрово во 1925 година починат во 1998 година во Скопје

Култура и спорт

уреди

Иселеништво

уреди

Иселеници има во Швајцарија, Италија, Германија, Австралија, Хрватска и во други земји.

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Хр. Матанов. Княжеството на Драгаши, София, 1997, с. 225
  3. „Населено место - Струмица“. www.strumica.gov.mk. Посетено на 2013-05-04.
  4. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.159.
  5. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.106-107.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 декември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 29 декември 2019.
  15. „Парламентарни избори 2020“. Архивирано од изворникот на 2021-03-05. Посетено на 3 ноември 2020. line feed character во |title= во положба 21 (help)

Надворешни врски

уреди