Евангелие според Матеј
Евангелие според Матеј, наречено и Евангелие по Матеј — првото евангелие на Новиот завет, чиј автор е апостол Матеј[1][2]. Неговото првенство произлегува од тезата, поставена од историчарите, а прифатена од Православната и Римокатоличката црква, дека се работи за прв евангелски текст.

Дата на пишување Уреди
Според податоците кои ги дал Папијас, епископот од Хиреаполис, Матеј го напишал евангелскиот текст на хебрејски јазик. Сепак, за жал, досега не е пронајден ниту еден од примероците напишани на хебрејски јазик. Светлото на денешницата, досега, го имаат видено единствено неговите старогрчки верзии. Притоа, повеќе прашања поврзани со ова евангелие сѐ уште предизвикуваат полемики во научниот свет. Едно од тие прашања, е проблематиката поврзана околу неговото прецизно датирање. Според едни автори, евангелието според Матеј датира од околу 70 – 80 година, а, пак, според други во годините од 85-тата до 90 година.
Сепак, се чини дека овие претпоставени датирања најверојатно се погрешни. Ова поради фактот бидејќи при обидот за нивно датирање не се земал предвид податокот кај Папијас. Имено, за попрецизно датирање на Евангелието според Матеј може да послужи еден цитат кај Папијас, а сочуван од страна на Иринеј Лионски и Евсевиј Кесариски, каде што се вели дека „...Матеј го напиша евангелието во периодот кога апостолите Петар и Павле претстојувале во Рим“. Ова е особено важен податок во обидот прецизно да се датира оригиналниот хебрејски евангелски текст на апостол Матеј. Имено, ако знаеме (врз основа на Делата на светите апостоли) дека Петар и Павле биле затворени во Рим во 60-те години на 1 век, за време на владеењето на Нерон (54 – 68), тогаш произлегува дека Матеј го напишал евангелскиот текст околу 61 – 62 г., но никако после 65 – 68 кога апостолите веќе биле маченички убиени.
Автентичност Уреди
Второ прашање кое предизвикува полемики во науката е проблематиката поврзана околу неговата автентичност. Во врска со ова постојат две спротивставени групи мислења. Првата е онаа која се сомнева во неговата автентичност, а втората е онаа која го вреднува за релативно сигурен извор. Па така, како еден од аргументите кои одат во прилог на автентичноста на матеевото евангелие е фактот дека неговиот автор многу добро ја познавал географијата на Палестина, хебрејските обичаи и хебрејската историја. Тој имал и одлично познавање на Стариот завет, а посебно на Мојсеевиот закон.
Според друго верување, евангелието не било напишано од страна на Матеј, ниту пак оној кој го напишал бил очевидец за настаните поврзани околу Исус. Неговиот автор или автори оваа евангелие го напишале според раните извори од тоа време, и како главен извор за пишување на овој текст било земано евангелието според Марко и документот Q[1][3][4].
Содржина Уреди
Ова евангелие, во споредба со другите три, се одликува со подетално опишување на чудата што ги направил Исус Христос за време на неговиот живот. Ова се должи на фактот што истото било, пред се, упатено до еврејските преобратеници и оттука, неговиот автор се обидува да докаже дека преку личноста на Исус се исполнети пророштвата од Стариот завет.