Гулаб
Гулаб | |
---|---|
Гулаб (Columba livia domestica) во лет | |
Научна класификација | |
Царство: | Animalia |
Колено: | Хордати |
Класа: | Птици |
Ред: | Columbiformes |
Семејство: | Columbidae |
Гулаб (Columba livia) - вид птица.
Изглед
уредиДолжината на гулабот изнесува 32-34 cm, распонот на крилјата околу 63 cm, должината на опашката 10 cm, а тежи околу 330 гр. Женката е нешто помала од мажјакот. Во својата основна форма е со сива боја и зелени и виолетови одблесоци на главата и вратот, но градските форми се појавуваат во најразлични бои. На крилјата се наоѓаат две црни ленти и еден обоен црн прстен околу вратот. На долниот дел од грбот се наоѓаат посветли пердуви. Женката е со нешто посветла боја и има значително помал сјај на градите и вратот. Со помош на зашилените крилја гулабот лета вешто и брзо.
Исхрана
уредиГулабот се храни со зрна од житарици, коров, репки, моркови, грашок и лен. Иако за време на сеидбата, гулабите јадат жито или друг житни растенија, тие јадат многу повеќе семки од различни видови на коров, на коишто им придаваат предност дури и кога имаат избор, затоа гулабите се покорисни од она што се мисли.
Размножување
уредиДодека дивите варијанти на гулаби гнездата ги градат на стрмни карпи, градските гулаби за таа цел користат мостови, издадености над прозорци и слични градби. Женката до трипати годишно снесува во гнездото по две јајца. Двата родители седат на јајцата и се грижат за младите птички. Исто така, тие остро го бранат подрачјето на гнездење и ги бркаат сите натрапници, клукајќи со клунот. Откако ќе се спарат, мажјаците и женките остануваат заедно до крајот на животот.
Распространетост
уредиГо има во Јужна Европа, Југозападна Азија и Северна Африка.
Гулабот во уметноста и во популарната култура
уредиГулабот како тема во книжевноста
уреди- „Тројцата браќа и гулабицата“ - кавкаска народна приказна.[1]
- „Гулабот и гулабицата“ (српски: Голуб и голубица) - српска народна песна.[2]
- „Трошки од кифла“ — кус расказ за деца на ангискиот писател Доналд Басет од 1967 година.[3]
- „Чавката, гулабот и капетанот“ - песна на рускиот поет Владимир Ерл од 1969 година.[4]
- „Јорданската гулабица“ - песна на рускиот поет Сергеј Есенин од 1918 година.[5]
- „Орелот и гулабот“ - песна на Јохан Волфганг Гете.[6]
- „Гулабот“ - книга на германскиот писател Патрик Зискинд.[7]
- „Голаб на барикада“ — песна на македонскиот поет Славко Јаневски.[8]
- „Гулаби“ — песна во проза на македонскиот поет Блаже Конески.[9]
- „Гулабици“ — песна на македонскиот поет Јован Котески.[10]
- „Касида за мрачните гулаби“ (шпански: Casida de las palomas oscuras) - песна на шпанскиот поет Федерико Гарсија Лорка.[11]
- „Заспивалка на гулабицата“ — песна на македонскиот писател Видое Подгорец.[12]
- „Поштенски гулаб“ - збирка поезија на чешкиот поет Јарослав Сајферт од 1929 година.[13]
- „Градот на гулабите“ - книга на македонскиот писател Александар Поповски.
- „Летачот“ - краток расказ на македонскиот писател Јован Стрезовски.[14]
- „Смртта на гулабите“ - расказ на рускиот писател Јуриј Трифонов.[15]
Гулабот како тема во музиката
уреди- „Кога плачат гулабите“ (When Doves Cry) - песна од албумот „Пурпурен дожд“ (Purple Rain) на американскиот пејач Принс (Prince) од 1984 година.[16]
- „Синиот гулаб“ (Plavi golub) - песна на хрватската рок-група „Азра“ (Azra) од 1983 година.[17]
Гулабот како тема во филмот
уреди- „Еден гулаб седеше на гранка и си размислуваше за постоењето“ (En duva satt på en gren och funderade på tillvaron) - филм на режисерот Рој Андерсон од 2014 година.[18]
Наводи
уреди- ↑ Кавкаске бајке. Београд: Народња књига, 1963, стр. 67-73.
- ↑ Народне лирске песме. Београд: Просвета, 1963, стр. 67.
- ↑ Доналд Бисет, Разговори со еден тигар. Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга и Детска радост, Скопје, 1993, стр. 32-34.
- ↑ Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 180-181.
- ↑ Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига II: Прва четвртина – средина XX века (авангарда и социјалистички реализам). Београд: Paidea, 2007, стр. 162-163.
- ↑ Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 31-32.
- ↑ Магор, Каталог 2015. Скопје, 2015, стр. 18.
- ↑ Славко Јаневски, Глуви команди. Мисла, Скопје, 1966, стр. 8.
- ↑ Блаже Конески, Поезија. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2011, стр. 197.
- ↑ Славко Јаневски, Глуви команди. Мисла, Скопје, 1966, стр. 59.
- ↑ Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 151.
- ↑ Видое Подгорец, И сончогледите спијат. Скопје: Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла, Наша книга, 1990, стр. 33.
- ↑ „Izabrana bibliografija Jaroslava Sajferta“ во: Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 93-94.
- ↑ Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: Антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 48.
- ↑ Riba, patka, vodozemac: Priče o životinjama (Priredila Ljubica Arsić). Beograd: Laguna, 2014, стр. 289-304.
- ↑ „mojvideo.com, Prince - Ehen doves cry (посетено на 30.1.2016)“. Архивирано од изворникот на 2016-01-18. Посетено на 2016-01-30.
- ↑ Branimir Štulić svira PLAVI GOLUB - YouTube (пристапено на 12.1.2017)
- ↑ Пази се! Доаѓа Cinedays 13. Скопје: Младински културен центар, 2014, стр. 36.