Димитар Папрадишки
Димитар Андонов Папрадишки (1859 – 4 јануари 1954) — последниот македонски зограф, а воедно и првиот македонски профан (нерелигиозен) сликар кој ги поставил темелите на западното сликарство во земјата. Познат е и како историски сликар и портретист. Бил син на истакнатиот градител, копаничар и иконописец Андон Китанов (1829-1914).
Димитар Андонов Папрадишки | |
---|---|
Роден(а) | 1859 Папрадиште, Османлиско Царство (денес Македонија) |
Починал(а) | 4 јануари 1954 Скопје, Македонија, ФНРЈ |
Животопис
уредиДимитар Андонов Папрадишки е роден во 1859 година во мијачкото село Папрадиште во непосредна близина на градот Велес. Во своето родно место, а потоа и во Велес, тој се стекнал со образование кое во тоа време било достапно и успешно завршил "четврто класно училиште". Немајќи можност да продолжи со своето школување во Велес тој на многу рана возраст, на само 20 години, веќе бил самостоен во својата зографска работа приклучувајќи му се на татко му кај кого и ги стекнал првите уметнички искуства. Димитар Андонов Папрадишки потекнувал од семејство кое под принуда на Арнаутите се иселило од родното малореканско село Тресонче, и кое со генерации наназад го практикувало не само зографскиот занает туку биле и градители, каменоресци и резбари. Оттаму избраниот позив на Андонов бил очекуван.
Желбата на Андонов да го оформи своето образование му се остварила во 1882/83 година кога ја посетува Художествената-иконографска школа во Киев, во класата на професорот А. Вишневски, и која со успех ја завршува. Во 1887 година му се пружила можност да продолжи да студира на престижната Московска академија каде тој по сугестиите на својот професор Вишневски се претставил на конкурсната изложба во Духовната академија во Москва со свое дело - икона во византиски стил. Иконата го освоила сребрениот медал на конкурсот со што Андонов се здобил со парична награда од 1000 рубљи и воедно бил примен на редовно школување со стипендија. Судбината овој пат не му била докрај наклонета и тој по едно известие дека целото село и неговото семејство биле потполно ограбени од страна на Арнаутите, се враќа во Македонија за да му помогне на своето многубројно семејство. Андонов веќе не се враќа назад да се дошколува, но веднаш се вклучува во зографските работи на татко му на црквите во Гевгелиско и Дојранско. Неговиот сликарски талент дошол до израз, и тој набргу, веќе бил самостоен во изработка на делата преземајќи ги работите кој му ги препуштил татко му, увидувајќи дека синот го надминал во неговата работа.
Рано творештво
уредиНеговиот ран и долг творечки пат бил длабоко проткаен и обележан со неизвесната и трагична судбина на Македонија. Задоен со револуционерните идеи за ослободување на Македонија, подоцна како истомисленик и соработник на Гоце Делчев кого го запознавал во 1896 год во Штипско Ново Село, каде обајцата биле ангажирани професионално: едниот како уметник другиот како учител, тој повеќепати бил прогонуван и затворан. Веќе во 1878 година бил окован во затворот во Дојран каде бил наклеветен од страна на гркоманите за неговата просветителска активност да не се употребува грчкиот, на сметка на словенскиот јазик кај македонското население. Во 1905/1906 година за своите револуционерни активности Андонов заедно со други видни штипјани бил осуден со доживотна пресуда и затворен во Куршумли-ан во Скопје. Благодарејќи на интеренцијата на австрискиот конзул, по 9 месеци бил ослободен. Во 1913 година тој повторно бил затворен но овој пат од страна на српската власт во Велес а потоа бил префрлен во затворот на Косовска Митровица. По поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор тој бил пуштен на слобода.
По завршување на првата светска војна во 1919 година Андонов трајно се преселува во Скопје каде во стариот дел на градот отвора свое студио за работа. Кај него ги стекнале своите први ликовни сознанија уметниците Никола Мартиновски и Томе Владимирски. Културниот амбиент во Скопје на Андонов му пружа услови во кои тој успешно ќе се реализира не само во религиозното, туку и во профаното сликарство. Разноврстен и плоден во своето творештво, тој ќе доживее своја јавна афирмација преку изложбите организирани од страна на друштвото Јефимија и ќе учествува во низа заеднички изложби со зачетниците на модерната македонска уметност. Во 1940 година,. градскиот совет му доделува награда за неговата долгогодишна креативна работа и конечно во 1946 година државата го згрижува својот уметник, прогласувајќи го за номинален член на Националниот музеј во Скопје. Тој починал на 4 јануари 1954 година на 95 годишна возраст во Скопје.
-
Детски портрет, 1888/1889
-
Портрет на Захарија Стефанов, 1888/1892
Подоцнежно творештво
уредиДимитар Андонов Папрадишки со своето творештво се издвојува како уметник кој во последните две децении на XIX век започнува полека, но трајно да влијае на ликовните текови во Македонија. Иако академски докрај неоформен, Андонов со ширината на својот дух ги прифатил во себе придобивките на новото време. Со школувањето во Киев, посетата на Москва, работата во Софија, потоа во Србија и влијанието на Света гора, преку контактите со искусните зографи и ерминиите, Андонов со сето стекнато искуство израснал во автентичен сликар со модернистички тенденции. Влијанието на уметниците како што е Петар Николов со кого работел на фреско-живописувањето на црквата "Св. Јоаким Осоговски" (1885 и 1887) и Станислав Доспевски од Самоков - Бугарија, подоцна и од српското и војводинското црковно сликарство, придонеле да се произнесе како уметник кој тежнеел да го осовремени ликовниот ракопис кој се практикувал на крајот од XIX век во Македонија. Црковното сликарство, со кое природно започнала неговата уметничка кариера, на кое му останал верен речиси до крајот на својот творечки пат, не се плашел да го отргне од зададените стеги на доцновизнатиската уметност. Веќе во 1881-1883 година Андонов работи на осликување на живописот во црквата "Св. Атанасие" во с. Теово, каде можат да се воочат почетните напори да создаде своја "автохтона експресија". Работата со зографот Петар Николов на живописување на црквата "Св Јоаким Осоговски" (1885 и 1887) за него е корисно искуство, каде можел да го осознае традиционалниот зографски стил. Неговите тежненија за "оплеменување" на ликовите или внесување на иконографски новини (импресии од Русија), сепак биле контролирани од авторитетот на постарите зографи со кој Андонов работел на осликување на живописни ансамбли (црквата "Св. Димитрија" во Крива Паланка - 1887 година; црквата "Св. Пантелејмон" во с. Пантелеј - 1888/1889 г.).
Последните децении на XIX век се веќе зрела фаза од творештвото на Андонов каде преку креативна работа успеал своите тенденции да ги преточи во афирмирање на "европските" придобивки. Ова време го одбележува делумното живописување на западната фасада на големата и малата црква ("Раѓање на Богородица") во манастирскиот комплекс "Свети Јоаким Осоговски" (1893).На самиот почеток на XX век, Андонов работи на живописувањето на црквите "Св. Никола" и "Св. Ѓорѓи" во с. Станишор во близина на Гнилане (1901-1903) каде неговото сликарство ќе биде подложно на влијанието од српската уметност и иконографија. Во 1932/33 година тој повторно се навраќа на живописување во наосот на црквата "Св. Јоаким Осоговски" каде не дава новини, туку напротив, се навраќа на средновековните модели. Андонов во големата црква во Осоговскиот Манастир за последен пат работи во 1944/45 година, каде ги завршува празните полиња во наосот, но без младешката енергија не успева да го задржи својот квалитет.
Фази
уредиПлодниот иконописен ангажман на Андонов еволуира во повеќе фази од неговиот долг творечки пат:
Прва фаза (1879-1887)
уредиОваа фаза го опфаќа неговото оформување како иконописец, по враќањето од неговото школување и работата со домашните зографски работилници. Тој главно се движи во своето блиско опкружување (Теово, Богомила, Бусилци, Раковец, Ново Село итн.)
Втора фаза (1888-1897)
уредиОваа фаза ги покажува позитивните напори на Андонов да излезе надвор од рамките на традиционалното сликарство. Угледувајќи се на работите од Станислав Доспевски од Самоков (Бугарија) и рускиот дух на иконописување кој го понел со себе создал дела каде тој креативно се издигнал (икони од црквата Свети Никола во Штип - 1889-1890).
Трета фаза (1897-1920)
уредиОваа фаза е поврзана со неговата работа на иконостасите во Србија и прифаќањето на иконографските решенија својствени за сликарството на црквите во Србија и Војводина збогатено со предлошки од западноевропски извори "Свети Димитрија" во Скопје (1897), Св. Никола - Ѓњилане (1901), "Св. Ѓорѓи" - Станишор (1903), Храмот на "Св. Сава" во Косовска Митровица, црквата во с. Еловец - Велес (1918/20 ).
Четврта фаза (1920-1930)
уредиОваа фаза се одликува со презентирање на ликовните придобивки од неговите искуства со еминетни сликари од Војводина (Урош Предиќ) и соработката со Коста Вангеловиќ кои придонеле неговата палета да се колористички изнијансира и дополни. (црква "Св. Ѓорѓи Кратовски" - Кратово 1925)
Петта фаза (1930-1940)
уредиОваа последна фаза го манифестира континуитетот во неговот сликарство (црквите "Јован Претеча" во Туралево 1930, "Св Антони"во Кетеново - 1930, "Св Харалампије" во с. Секулица - 1930 итн.) но и ориентацијата кон користење на линијата како примарно средство со стемнета палета на бои (икони во манастирската црква "Св. Јоаким Осоговски" - 1932 како и живописот од истата година.) Последните години од четвртата деценија од 20 век, полека го претскажуваат опаѓањето на квалитетот на Андонов кој сè повеќе се ослонува на прекумерна стилизација во работата (црква "Св. Ѓорѓи" во с. Градиште, Кумановско и 1937/8, икони од црквата "Св. Никола" во Куманово од истата година). Конечно последната деценија во која Андонов со последни сили но упорно одговара на црковните потреби, навлезен во длабока старост, ги покажува слабостите на својата напредна возраст. И покрај тоа сознание тој се обидува да работи буквално до последниот ден.
Оставнина
уредиСестраниот ангажман на Андонов и желбата да внесе аспекти од битовиот реализам, го донело македонското сликарство пред вратите на современиот начин на изразување. Профаното сликарство на Андонов се одликува претежно со изработка на голем број на портрети на јавни личности во кои тој се обидува освен ралниот момент да го вклучи и ликовно-естетскиот проблем (Детскиот портрет на Анѓелко Андонов - 1900/1901., портрет на Параскева Кранго - 1925/1926, Автопортрет - 1932, итн.). Во подоцнежната етапа од опусот на Андонов тој практикува и композиции со историска тематика (Смртта на Гоце Делчев, Богомилски поход итн.) но и битови теми (Селска свадба, Нишалка, Оро итн.). Иако делата се без поголеми ликовни прентензии сепак тие претставуваат една значајна нишка која недостасуваше во македонската национална уметност како премостувач на празнината помеѓу доцниот традиционализам и новиот дух на ликовната уметност во Македонија.
Димитар Андонов Папрадишки, во својот долг и плоден творечки живот насликал повеќе од 1200 икони за околу 100-тина цркви во Македонија и Србија, со што се смета за еден од најпродуктивните наши зографи. Воедно, неговиот ангажман и во профаното сликарство го издига на пидесталот како последен македонски зограф и прв современ сликар во поновата македонска уметност.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди„Димитар Папрадишки“ на Ризницата ? |
- Утрински Весник - Дарко Николовски: „Папрадишки: Автор со впечатливо долг и богат творечки живот“ Архивирано на 9 јуни 2008 г.
- „Последниот зограф-првиот сликар“[мртва врска]
- „Последниот македонски зограф“ Архивирано на 9 јуни 2008 г.
- Ретроспектива на творештвото на последниот македонски зограф Архивирано на 17 август 2016 г.