Свети Ѓорѓи Кратовски
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Свети маченик Георгиј Кратовски — македонски[1] православен светител со потекло од Македонија кој маченички пострадал за Христовата вера во осумнаесеттата година од својот живот во почетокот на XVI век.
Свети маченик Георгиј Кратовски | |
---|---|
Фреска на Св. Ѓорѓи Кратовски од манастирот „Св. Атанасиј“ во с. Журче | |
Роден(а) | 1497, Кратово |
Починал(а) | 11 февруари 1515, Софија |
Почитуван(а) во | Источната православна црква |
Слава | 24 февруари |
Ѓорѓи Кратовски се смета и за Бугарин[2] во Бугарија и Србин[3] во Србија.
Житие
уредиГеоргиј е роден во градот Кратово во 1497 година, во семејството на сиромашните Димитриј и Цара. Започнал со школување на шест години, кога неговите родители го дале на училиште, кое било црковно. По добивање на основно образование, неговиот татко го пратил да го изучува златарскиот занает.
Како што Георгиј имал надворешна убавина, тој исто така поседувал и внатрешна интелектуална способност и многу брзо го научил занаетот. Татко му умрел додека Георгиј бил млад, а него го оставил на неговата мајка. Во турската империја, на секоја петта година, турскиот султан испраќал свои луѓе по земјите христијански, кои ги одбирале најубавите и најумните момчиња, а потоа ги потурчувале, pревоспитувале и од нив создавале многу силна армија, позната под името - јаничари. Заради тоа, мајката на Георгиј сакала својот син да го засолни во поголем град, како би можела да го одмине оваа чаша на злото. Златарот Георгиј заминал од Кратово во Софија и таму се настанил кај отец Петар, учен и побожен свештеник, каде уште повеќе ја запознал својата вера, утврдувајќи се во љубовта Христова. Но и таму, младиот Георгиј, многу брзо паднал во очи на мухамеданците, кои сакале ова прекрасно момче да го потурчат. За таа цел избрале еден учен учител да води разговор со Георгиј, да го превоспита, убеди и доброволно да го прими исламот.
Лукавиот законик дошол кај Георгиј, божем да порача нешто од занаетот, меѓутоа, неговата намера била сосема друга. Почнал да го убедува да го остави Христа и да помине во исламот, а за возврат ќе се ожени со ќерката на агата, првиот човек на градот, ќе добие и големи богатства и почести, отколку да се измачува со занаетот. Георгиј на сето тоа му заблагодарил и го прашал: “Дали земната слава е вечна?” Учениот законик одговорил: “Се разбира, сѐ што е земно е пропадливо и времено, но Мухамед има ветено рајски задоволства на оние кои ги исполнуваат неговите заповеди”.
-Во што се состојат заповедите? Прашал Георгиј. - “Во вистинската вера и телесната чистота: а чистотата бара редовно миење и молитви”, одговорил законикот. -Но ако човек, прашал Георгиј, живее блудно и ненаситно, се предава на телесните и стомачни задоволства, дали ќе биде примен во рајот?
Соговорникот бил приморан да признае дека човек со извалкана совест и нечисто срце не ќе го наследи рајот, туку вечните пеколни маки. Одговорите и држењето на младиот светител го загрижиле турскиот законик, кој сметал дека тој по секоја цена треба да биде преведен во исламот или погубен. Свети Георгиј пак, исполнет со Божја сила ликувал со своите одговори и прашања. Кадијата ветувал бегатство, убав и развратен живот, но сето тоа Георгиј го осудил дека е од ѓаволот, а не од Бога, и дека сè што е на земјата е од привремен карактер. “Знаете ли вие кога Мојсеј го примил Законот од Бога, дека Синајската Гора се тресела од грмотевици; сиот народ разбрал дека Мојсеј е Божји пратеник, кој предавал на народот не свои, туку Божји пораки и закони. Дали Мухамед има нешто слично на ова, ако е Божји пророк?”
Слушајќи го сето ова, мухамеданците станале нервозни и барале Свети георгиј веднаш да се затвори оти е многу опасен човек. “Убијте го безбожникот! Тој ја срамоти нашата вера” - извикувале мухамеданците. Тогаш судијата наредил младичот да биде врзан и одведен во затвор. Свештеникот Петар понудил кауција на стражар за да го пуштат младиот исповедник. По долги молби и барања младиот маченик го пуштиле, а тој во сонот на свештеникот уште повеќе се збогатил в Христа Господа. Свештеникот го прегрнал и целивал и му рекол: “Георгиј, ти сега го прослави Господа како првомаченик Стефан. Биди цврст и во иднина. Мачениците се слават во вселената, а каква ли награда ги очекува на Последниот суд!” Исповедникот одговорил: - Се плашам, оче дали ќе издржам оган. - Помисли на вечниот пеколен оган кој е многу пострашен. - советувал свештеникот. Георгиј го замолил свештеникот, ако е можно, да го откупи, како би можел подолго време да го прославува Господа на земјата.
Утредента нови турски интелектуалци се обиделе да го разубедат младиот маченик да се одрекне од Христа, но сето тоа било попусто. Така повторно окован го вратиле во затворот. По недела дена, повторно бил изведен на суд. Судијата, покажувајќи на својот роден син, го молел Георгиј да се откаже од својата вера, да прими ислам и дека во ништо не ќе биде помал од неговиот роден син. „Ако така ме сакаш, тогаш остави ме да бидам христијанин, инаку на мене не ми се потребни ниту богатство, ниту, пак слава“, велел светителот - Не барам од тебе да се одрекнеш од Христа. И јас го ценам Христос како пророк, кој ќе им суди на луѓето; но ние уште го цениме и Мухамеда, бидејќи Бог му предал клучеви од рајот, му возвратил судијата.
- Да му благодариме на Бога, рекол Георгиј, бидејќи признаваш дека е Христос Божји пратеник, Кој треба да ѝ суди на вселената. Но, Мухамед со ништо не пророкувал не докажал дека тој е пратеник Божји. Пророците никогаш не пророкувале за него. Коранот е полн со басни. Зарем сетилниот рај, што го нуди коранот, е вистински рај?
Мухамеданците исполнети со злоба биле едногласни: “Запалете го, зашто тој го навреди Мухамед, султанот и сите правоверни”. Судијата, свртувајќи се кон Георгиј му рекол: “Правдај се! Слушал ли што ти велат за тебе овие што те оптужуваат.“ Исповедникот одговорил дека тој не хули на Божји созданија, туку само ја кажал вистината за тоа што ги очекува луѓето кое се слични на незнабошците; и дека е готов да пострада за вистината. „Зарем е тоа хула?“ - ги прашал судијата и насобраните. Тие одговориле: „ние порано ги слушнавме неговите навреди: ако го пуштиш ќе се жалиме на султанот.“ Судијата, обрнувајќи се кон народот рекол: „Гревот нека биде на душите ваши: правете што сакате!“
Навредените се нафрлиле на исповедникот: едни го плукале, други удирале, некои се подсмевале. Некој, пак, повикувал: Правоверни, донесете дрва, за да се запали оној што го навредува нашиот закон! Маченикот Георгиј го повеле кон неговата голгота. Минувајќи покрај црквата Света Софија, свештеникот Петар се доближил и му рекол: - Не ќе биде за долго, Ѓорѓи, стрпи се уште малку! Ѓорѓи одговорил: Помоли се оче, Господ да ме закрепне во овие маки. Свештеникот ги замолил сите христијани да се молат за Христовиот исповедник за да издржи докрај и да го прослави Спасителот Христос.
Поворката пристигнала на градскиот плоштад, среде Софија, каде биле подготвени куп дрва за спалување. Се правеле последни разговори со маченикот, повторно ветувања, но Георгиј бил цврст и верен во својата прадедовска вера: “Јас еднаш изјавив дека никогаш нема да се откажам од својата вера”. Потоа го соблекле оставајќи му само кошула и ѕверски го фрлиле во пламените јазици. Повторно го извадиле од огнот и пак го прашале: - Како ти е Георгиј, дали чувствуваш горештини? - Тој им одговорил: “Ништо не чувствувам, верувајте ми, но за вас несреќници готов е вечниот оган!” Побеснети од ваквиот одговор, повторно го фрлиле во огнот. Неговото лице било свтрено кон исток, конците со кои биле врзани неговите раце прегореле, маченикот се прекрстил и тивко во молитва рекол: “Господи Исусе Христе, во Твоите раце го предавам својот дух!”
Еден од присутните со дрво го удрил по главата, и маченикот го испуштил својот дух. Веднаш потоа, иако времето било сончево, наеднаш се појавил облак и изобилел дожд. Христијаните го праславиле Бога и се помолиле да им се предаде телото на маченикот. - Не надевајте се, одговориле Турците, телото ќе го изгориме и во прашина ќе го разнесеме. И исполнети со злоба, покрај маченичкото тело, во оганот фрлиле и животински тела, како не би ги распознале коските на светителот. Моѓутоа, животните изгореле, а телото на страдалникот останало цело. Христијаните, за да ја осуетат намерата на мачителите, си заминале по своите домови, а вечерта тајно ги земале коските на маченикот, прво во еден дом, потоа ги пренеле во соборниот храм “Свети Георгиј”. Утредента, свештеникот Петар се појавил кај судијата за информација дека телото на свети Георгиј го нашол во храмот и побарал дозвола за да го погребат согласно со христијанските обичаи.
Судијата признал дека, сепак, Свети Георгиј Кратовски е светител. Тие штом го чувале неговото тело сведочеле дека, иако нагрлал дрва во огнот, неговото тело останало цело. Судијата дал дозвола телото да се погребе. Светиот маченик пострадал на 18 години во недела месопусна, 11 февруари 1515 година за време на царот Селим. Инаку, бил висок и теник по раст, високи густи веѓи, нос малку повиен надолу; долги и тенки прсти, по карактер смирен и срдечен; никогаш не се смеел напразно, и од неговите усти никогаш не ислегувале празни зборови; со ништо не се гордеел и на никого не му завидувал.
Прославување на споменот
уредиСлужбата на маченикот Ѓорѓи се наоѓа во Минејот на 26 мај, а тоа е денот кога се пренесени моштите на светителот од гробот во црквата. Оттогаш св. Ѓорѓи двапати се празнува: денот на неговата маченичка смрт и денот на пренесувањето на неговите мошти. Во некои градови и земји златарскиот еснаф го почитува како свој патрон и заштитник. На неговото име се песветени повеќе храмови, а неговиот светителски култ полека се шири од Кратово, родниот крај, и Софија каде што пострадал, во сета земја македонска и пошироко. Се организираат црковни општини, кои го нсат неговото име и во дијаспората каде живеат наши сонародници. Овој млад и нов страдалник за верата наша христијанска, кој го жртвувал својот млад и невин живот во цутот на својата најубава возраст и кој се откажал од се она што е светско, од славата и почестите, како и земното богатство, е уште една потврда дека сè што е земно е минливо, а дека нашата вистинска и вечна татковина е на небесата. Македонската православна црква и народ, овој маченик ги задолжил со својот живот, со својата храброст, оставакќи ни прекрасен пример за подражавање и следување. Славејќи го и чествувајќи го неговиот светителски лик и спомен, се наложува како императив на сите нас, неговите следбеници и поклоненици, уште повеќе да го збогатиме неговиот култ, зашто тој е наш, од нашиот род и краишта, а кој и најмногу ќе се грижи и застапува пред Севишниот за сите свои и Божји чеда.
Бугарската православна црква го слави на 11 февруари наедно со Св. свештеномаченик Власиј Севастијски.
Химнографија
уреди- глас четврти
- Од рана возраст со света желба на Господа си Му се предал,
- со сета душа Христа Единиот си Го засакал и Него,
- Кој е вистинскиот Бог во Троица почитуван, пред нечестивите Турци си Го проповедал.
- Со венец маченички си се украсил, славен,
- и кон небеските жители си се придружил.
- Премудри Георгиј, моли Го Христа Бога
- да ја сочува татковината твоја и да ги спаси Православните
- и градот, кои секогаш ги прославуваат твоите подвизи.
Наводи
уреди- ↑ Пребарување на Свети Ѓорѓи Кратовски
- ↑ Св. мъченик Георги Софийски Нови (Кратовски)
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-08-23. Посетено на 2009-08-11.
Надворешни врски
уреди„Свети Ѓорѓи Кратовски“ на Ризницата ? |
- Свети Ѓорѓи Кратовски (македонски)
- Св. мъченик Георги Софийски Нови (Кратовски) (бугарски)