Вак’в

село во Општина Куманово
(Пренасочено од Вакав)

Вак’в (познато и како Вакав) — село во Општина Куманово, во областа Блатија, во околината на градот Куманово.

Вак’в
Вакав

Воздушен поглед на селото Вак’в

Вак’в во рамките на Македонија
Вак’в
Местоположба на Вак’в во Македонија
Вак’в на карта

Карта

Координати 42°1′22″N 21°44′49″E / 42.02278° СГШ; 21.74694° ИГД / 42.02278; 21.74694
Регион  Североисточен
Општина  Куманово
Област Блатија
Население 61 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1323
Повик. бр. 031
Шифра на КО 17014
Надм. вис. 280 м
Слава Духовден
Вак’в на општинската карта

Атарот на Вак’в во рамките на општината
Вак’в на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на селото

Селото се наоѓа речиси во најјужниот дел на територијата на Општина Куманово, недалеку од брегот на реката Пчиња.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 280 метри. Од градот Куманово е оддалечено 18 километри.[2]

Селото е поврзано со асфалтиран локален пат, кој води од селото Пчиња, додека од селото Винце води макадам.

Селото се развило на земјиште лево од коритото на реката Пчиња, сместено помеѓу пониското земјиште на запад и повисокото земјиште на исток. Околни села се Пчиња, Студена Бара, Винце, Д’лга и други. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари и летно време вода имало само во еден бунар.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Рујно, Островица, Закашљив Камен, Плоча, Дрезга, Кука, Стојанџиково Лозје, Дупник, Карпа, Преслап, Блага Крушка, Три Крушки, Цер и Расје.[3]

Вак’в е збиен тип на село, поделено на две маала: Горно и Долно. Првото го основале жителите на родот Краварци, додека втората ја основале жителите на родот Корењаци.[3]

Историја

уреди

Преданието говори дека селото најпрвин било „манастирско село“, односно припаѓало на познатиот средновековен манастир „Св. Богородица“ над селото Матејче на Скопска Црна Гора. Тогаш, во селото зимувала бројна манастирска стока, додека лете се одгледувале пчели и се обработувала земјата. Во тоа време селото имало и друг назив. Меѓутоа, подоцна, по одлука на некој турски суд од Скопје, селото било одземено на манастирот и било поклонето на една софиска џамија. Потоа, поради некоја причина селото било раселено.[3]

Западно од Вак’в, во месноста Три Крушки селаните при орање наоѓале камен од некогашни куќни ѕидови и мислеле дека таму се наоѓало првичното село. Остатоци од старини и тоа стари гробови со крстови се наоѓаат и на местото на денешното село.[3]

Околу средината на XIX век, некој Турчин за 40 лири ја купил земјата на селото од софиската џамија. На таа земја тој населил македонски доселеници и го основал денешното село. Но, наскоро потоа, Турчинот го продал селото на Албанецот Бејта од Тетово. Бејта го оставил селото на синовите Асип-ефенди и Мурат-ефенди, кои живееле во Скопје. Синовите останале земјопоседници до 1912 година. Тогаш, Вак’в имало само 10 македонски куќи.[3]

Стопанство

уреди

Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 3,2 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 156,5 хектари, на пасиштата отпаѓаат 148,4 хектари, а на шумите само 1,1 хектар.[2]

Во основа, селото има полјоделска функција.[2]

По 1912 година, селаните на Вак’в поголемиот дел од земјата ја купиле од чифлиг-сахабиите, а помал дел од земјата им бил доделен при аграрната реформа. Сепак, по отоманскиот период, една третина од атарот на селото го присвоиле селаните на Винце и Пчиња.[3]

Во минатото, западно од селото во нивите се одгледувало жито, тутун и бостан, додека на пострмното земјиште на исток биле ливадите и шумата.[3]

До 1947 година, најмногу се одгледувале кози, но во голем број биле и овците и говедата.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948219—    
1953239+9.1%
1961259+8.4%
1971234−9.7%
1981164−29.9%
ГодинаНас.±%
1991131−20.1%
1994122−6.9%
2002108−11.5%
202161−43.5%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Вак’в живееле 60 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Вак’в имало 56 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 100 Македонци.[6]

Селото е мало и во 1961 година броело 259 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 122 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Вак’в живееле 108 жители, сите Македонци.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 61 жител, од кои 57 Македонци и 4 лица без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 60 56 219 239 259 234 164 131 122 108 61
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови

уреди

Вак’в е македонско село.[3]

Според истражувањата од 1953 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Краваровци (10 к.), основачи на денешното село, доселени се од селото Винце околу 1850 година. Таму имале роднини наречени Богданчевци. Уште подалечно потекло имале од Прилепско. Го знаат следното родословие: Трајан (жив на 75 г. во 1953 година) Арсо-Стојан, кој се доселил во селото; Корењаци или Божиновци (5 к.), доселени се однекаде после претходниот род. Го знаат следното родословие: Спиро (жив на 55 г. во 1953 година) Димитрија-Божин-Јанко, кој се доселил во селото со синот Божин; Тингинци (1 к.), доселени се кон крајот на XIX век од селото Винце; Богдановци (2 к.), доселени се од селото Довезенце; Зарковци или Китановци (1 к.), доселени се од селото Живиње; Јовановци (3 к.), најпрво од Бучинци се иселиле во Винце. Па од таму во 1910 година дошле во денешното село; Ристевци (1 к.), доселени се пред крајот на турското владеење од селото Пчиња. Таму се викале Режановци, подалечното потекло им е непознато и Шоповци (1 к.), доселени се во 1931 година од селото Аљинце.

Иселеништво

уреди

Родот Павкови (3 к.) се иселиле во соседното село Пчиња.[3]

Самоуправа и политика

уреди

Кон крајот на XIX век, Вак’в било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Куманово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Во перидот од 1955 до 1965 година селото припаѓало на поранешната општина Орашац.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Орашац, во која покрај селото Вак’в, се наоѓале и селата Алакинце, Винце, Д'лга, Доброшане, Живиње, Колицко, Малино, Орашац, Пчиња, Скачковце и Шупли Камен. Во периодот 1950-1952 година селото влегувало во рамки на некогашната Општина Пчиња, во која влегувале селата Вак’в, Пчиња и Студена Бара.

Избирачко место

уреди

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1092 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Пчиња. Во ова избирачко место влегуваат селата Вак’в и Д’лга.[13]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 83 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Поглед на главната селска црква „Св. Троица“
Археолошки наоѓалишта[15]
Цркви

Редовни настани

уреди
Селски слави[3]

Личности

уреди
Родени во или по потекло од Вак’в

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 46.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски, Јован (1964). Сеоска насеља скопске котлине. Скопје: САНУ. стр. 53–54.
  4. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 215
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 128-129.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 12 ноември 2022.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-11-12. Посетено на 12 ноември 2023.
  15. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 206. ISBN 9989-649-28-6.

Надворешни врски

уреди