Александар Поповски (режисер)
- За луѓе со истото име и презиме видете тука
Александар Поповски (1969, Скопје) — македонски театарски и филмски режисер.
Александар Поповски | ||
Роден | 13 август 1969 Скопје, СР Македонија, СФРЈ | |
---|---|---|
Националност | Македонец | |
Народност | Македонец | |
Занимање | режисер |
Животопис
уредиПоповски дипломирал на Отсекот за театарска и филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1994). Заедно со Дарко Митревски, тој е основач на алтернативната група „Црв“ (1989-1991) и на филмската продуцентска куќа „Мирко и Славко - прва партизанска продукција“.
Творештво
уредиФилмови
уредиВо 1998 година, Александар Поповски го режирал својот прв игран филм „Збогум на 20. век“. Покрај него, Поповски е автор и на филмот „Балканот не е мртов“.
Театарски претстави
уредиПоповски ја започнал режисерската кариера во 1992 година со претставата „Џинот и седумте џуџуња“, според текстот на Дејан Дуковски, а во изведба на „Градски театар“ од Скопје. Потоа, на театарските сцени во Скопје, тој режирал поголем прој претстави, од кои најпознати се: „Туку така, под облака“, „Циркус Принтимпрам“ на Данил Хармс, „Маме му ебам кој прв почна“ на Дејан Дуковски, „Дон Жуан“ на Молиер, „Три сестри“ на Чехов, „Балканот не е мртов“ на Дејан Дуковски, „Диво месо“ на Горан Стефановски, итн.[1] Во 2012 година, на сцената на МНТ, Поповски ја режирал претставата „Животот на Молиер“ на Булгаков.[2]
Поповски режирал и во театрите во Хрватска: Така, на 7 март 2014 година, во загрепскиот сатиричен театар „Керемпух“, Поповски ја поставил претставата „Да живее Хармс. Чудата постојат“, работена според избор од дела на Данил Хармс. Поповски бил автор и на сценографијата, заедно со Нина Бачун и Роберта Братовиќ. Музиката за претставата била дело на битолската група „Фолтин“, а улогите ги толкувале: Линда Бегоња, Иван Ѓуричиќ, Тарик Филиповиќ, Хрвоје Кечкеш, Лука Петрушиќ, Маја Посавец, Ракан Русхаидат, Бранка Трлин и Миа Аночиќ-Валентиќ. Инаку, токму на сцената на овој театар, Поповски за првпат режирал во Загреб, претставувајќи се со драмата „Буре барут“ на Дејан Дуковски.[3] Исто така, на сцената на Градскиот театар „Гавела“ ги режирал и претставите „Сон на летната ноќ“ на Шекспир[1] и „Ричард Трети“ на Шекспир.[4]
Поповски поставил и неколку претстави во театрите во Словенија: На 16 октомври 2014 година, на сцената на „Словенско народно гледалишче“ во Љубљана, Поповски ја поставил драмата на Горан Стефановски „Figurea Veneris Historiae“,[5] а на истата сцена ја поставил и претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ.[1] На 8 март 2018 година, на сцената на „Месно гледалиште љубљанско“, Поповски ја поставил претставата „Дантоновата смрт“ на Бихнер,[2]
Во театрите во Србија ги режирал претставите: „Алиса во земјата на чудата“ на Билјана Србљановиќ (на сцената на „Ателје 212“), „Метаморфози“ и „Кандид или оптимизам“ на Волтер (Југословенско драмско позориште).[1]
Поповски ја режирал и претставата „Градители на империјата или Шмурц“, во изведба на театарот „Хајал Пердеси“ од Истанбул, која на 4 ноември 2014 година била прикажана на фестивалот „Скупи-фест“ во Скопје.[6][7] Во Берлин ја режирал драмата „Три сестри“ по мотивите на Чехов чија претходна верзија била прикажана на фестивалот во Авињон, во 2016 година.[8] Исто така, Поповски ја режирал претставата „Одисеј“, според текстот на Горан Стефановски, а во копродукција на театрите: „Гавела“ и „Улис“ од Загреб, „Српско народно позориште“ и „Стеријино позорје“ од Нови Сад, „Словенско младинско гледалишче“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград и „Навигаторот Цветко“ од Скопје. Оваа претстава ја добила главната награда на средоземниот театарски фестивал „Пургаторија“ во Тиват.[9]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Театар на црвена линија. Скопје: МОТ и МКЦ, 2013, стр. 56
- ↑ 2,0 2,1 Ивана Тасев, „Уметност е да живееме со ова сега и со она напред“ (Интервју со Александар Поповски), Економија и бизнис, година XX, број 238, април 2018, стр. 13.
- ↑ „Поповски му го носи Хармс на загрепскиот „Керемпух“, Дневник, година XVIII, број 5409, петок, 7 март 2014, стр. 20.
- ↑ Ивана Тасев, „Уметност е да живееме со ова сега и со она напред“ (Интервју со Александар Поповски), Економија и бизнис, година XX, број 238, април 2018, стр. 14.
- ↑ „Александар Поповски режира текст на Стефановски во Љубљана“, Дневник, година XVIII, број 5593, четврток, 16 октомври 2014, стр. 20.
- ↑ „Контроверзната Гробница за Борис Давидовиќ во Скопје“, Дневник, година XVIII, број 5604, четврток, 30 октомври 2014, стр. 18.
- ↑ „Истанбулската претстава на Ацо Поповски во Скопје“, Дневник, година XVIII, број 5608, вторник, 4 ноември 2014, стр. 20.
- ↑ Ивана Тасев, „Уметност е да живееме со ова сега и со она напред“ (Интервју со Александар Поповски), Економија и бизнис, година XX, број 238, април 2018, стр. 17.
- ↑ „Одисеј на Поповски најдобра средоземна претстава“, Дневник, петок, 6 септември 2013, стр. 25.