Дон Жуан (Молиер)
Дон Жуан (француски: Dom Juan ou Le Festin de Pierre) — драма (од жанрот комедија) од Молиер.
Ликови во драмата
уредиВо драмата се појавуваат следниве ликови:[1]
- Дон Жуан
- Зганарел, неговиот слуга
- Елвира, неговата жена
- Гусман, штитоносецот на Елвира
- Дон Карлос, брат на Елвира
- Дон Алонзо, брат на Елвира
- Дон Луј, татко на Дон Жуан
- Франциско, питач
- Шарлота, селанка
- Матурина, селанка
- Пјеро, селанец
- Статуата на командантот
- Ла Виолет, слугинка на Дон Жуан
- Раготен, слуга на Дон Жуан
- Г-н Диманш, трговец
- Ла Раме, платен убиец
- Придружбата на Дон Жуан
- Придружбата на браќата на Елвира
- Привидението
Содржина
уредиДејството на драмата се одвива на Сицилија.
Прв чин
уредиЗганарел му кажува на Гусман дека Дон Жуан е никаквец и дека повеќе не ја сака својата жена Елвира. Дон Жуан му ги соопштува своите животни погледи на Зганарел, изјавувајќи дека лесно се вљубува, но за брзо време секоја жена му станува здодевна. Зганарел го критикува однесувањето на својот господар. Во градот во кој отпатувал Дон Жуан доаѓа и Елвира, која го обвинува својот маж, но тој воопшто не се кае поради својот грев.[2] 109-124
Втор чин
уредиСеланецот Пјеро ѝ раскажува на селанката Шарлота како спасил еден убав благородник, кој за малку ќе се удавел во морето. Всушност, станува збор за Дон Жуан, кој со својата придружба сакал да грабне една убава девојка, но поради бурата неговиот обид пропаднал. Тогаш доаѓа Дон Жуан, кој ѝ се додворува на Шарлота, ветувајќи дека ќе се ожени со неа. Кога Пјеро ќе му каже дека Шарлота е неговата девојка, Дон Жуан безмилосно го тепа. Но, во меѓувреме доаѓа селанката Матурина на која претходно Дон Жуан ѝ ветил дека ќе ја земе за жена. Така, Дон Жуан се наоѓа во стапица, а двете селанки меѓусебно се караат. За време на расправата пристигнува платениот убиец Ла Раме, кој му кажува на Дон Жуан дека го бара вооружена потера. Дон Жуан мора набрзина да побегне при што тој и Зганарел се преоблекуваат во туѓа облека.[3]
Трет чин
уредиЗганарел, облечен како лекар, му раскажува на Дон Жуан како луѓето започнале да го гледаат со почит. Во шумата, барајќи го патот кон градот, тие среќаваат еден питач кон кого Дон Жуан се однесува многу грубо. Дон Жуан му помага на Дон Карлос, кого го нападнале тројца разбојници. Но, тогаш пристигнува Дон Алонзо кој го препознава Дон Жуан и го повикува својот брат да го убијат поради срамот што ѝ го нанесол на нивната сестра Елвира. Дон Карлос му е благодарен на Дон Жуан за помошта и ја одложува одмаздата за некоја друга средба. Дон Жуан и Зганарел ја посетуваат гробницата на командантот кого неправедно го убил Дон Жуан, при што статуата на командантот ја помрднува главата.[4]
Трет чин
уредиВо домот на Дон Жуан пристигнува трговецот Диманш, кој сака да си го наплати своето побарување, но со помош на своето лицемерно однесување Дон Жуан успева да се ослободи од него. Потоа пристигнува и Дон Луј кој го прекорува својот син за неморалното однесување, но Дон Жуан е сосема безгрижен. Исто така, него го посетува и Елвира која му ја соопштува својата одлука да замине во манастир. Најпосле, доаѓа и статуата на командантот, канејќи го Дон Жуан на вечера.[5]
Четврти чин
уредиДон Луј повторно го посетува својот син, кој му кажува дека се кае за своето однесување и дека во иднина ќе живее побожен живот. Меѓутоа, Дон Жуан е само лицемерен и така се однесува и кон Дон Карлос, кажувајќи му дека решил да оди во манастир. Потоа, во домот на Дон Жуан доаѓа Привидението, со прекор за сторените гревови, заканувајќи му се со божјиот гнев, но Дон Жуан воопшто не е исплашен. Но, токму тогаш пристигнува статуата на командантот и му подава рака на Дон Жуан, а тогаш него го погаѓа гром и се отвора земјата под него. Така, Дон Жуан е казнет за грешниот живот.[6]
За делото
уредиВо 1665 година, Молиер набрзина ја напишал комедијата „Дон Жуан“, која по петнаесет претстави, била забранета, а повторно била поставена дури по смртта на авторот.[7]
Со „Дон Жуан“ Молиер ѝ задал удар на дворската аристократија. Со оваа комедија, тој се свртел кон оние маркизи кои ја употребиле целата своја сила за да го забранат „Тартиф“ и кои не му ја оставале на мир жената со своите додворувања. Преку ликот на Дон Жуан тој ги разоткрива лицемерноста, циничноста, подмолноста и развратот на благородниците, кои се недостојни за високите титули кои ги носат. Низ зборовите на Зганарел и на дон Луј, Молиер ја исмеал моралната празнина и лекомисленоста на благородниците, кои немаат никаква цел во животот освен да уживаат во раскошот.[8]
Наводи
уреди- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962.
- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 109-124.
- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 125-150.
- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 151-170.
- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 171-190.
- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 191-201.
- ↑ N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 206.
- ↑ Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 116.
Надворешни врски
уреди- Excerpt from Molière's Dom Juan, Act IV Scenes iv-vii, in English translation. Архивирано на 1 март 2012 г.